Христијанска умереност
Обраќање за совет на спиритистички лекари
Од време на време и проповедниците и членовите на Заедницата ме прашуваат за мислење дали е погрешно да се бара совет од спиритистички лекари и видовити луѓе. Овие помагачи на сатаната стануваат толку бројни, а барањето совети од нив прераснува во општа пракса, така што станува неопходно да се упати збор на предупредување. {ХУ 111.1}
На секој од нас Бог му дал можност да го стекне неопходното знаење за здравствените закони. Тој ни дава задача своите физички сили да ги сочуваме во најдобра состојба, за да можеме да извршуваме служба која Нему Му е угодна. Оние што одбиваат да се користат со светлината и сознанијата кои така милостиво им се ставени на дофат, отфрлаат едно од средствата кои Господ им ги подарил како помош во духовниот и телесниот живот. Тие самите себеси се доведуваат во положба каде ќе бидат изложени на измамите на сатаната. {ХУ 111.2}
Во ова време кое се смета за ера на христијанството и во таканаречениот христијански свет, не се малкумина оние кои – наместо да имаат доверба во силата на живиот Бог – им се обраќаат за помош на злите духови. Бдеејќи над постелата на своето болно дете, мајката повикува: „Веќе ништо не можам да сторам! Постои ли некаде лекар кој има моќ да му го поврати здравјето на моето дете?” Таа слушнала за чудотворното лекување што го извршува некој видовит човек или хипнотизер и, кога своето мило чедо му го доверува на грижа на една таква личност, исто како да го става во рацете на сатаната кој стои покрај неа. Со идниот живот на тоа дете, во многу случаеви, преовладува силата на сатаната која, се чини, не може да се скрши. {ХУ 111.3}
Слушнав една мајка како бара од неверен лекар да му го спаси животот на нејзиното дете; меѓутоа, кога ја предупредив да Му се обрати за помош на Големиот Лекар Кој најсигурно може да ги спаси сите што Му се обраќаат со вера, таа нетрпеливо се сврте на друга страна. {ХУ 111.4}
Кога Охозија, израелскиот цар, се разболел зашто, „падна низ решетката на својата горна соба”, тој „испрати пратеници и им рече: ‘одете, прашајте го Веелзевула, акаронското божество: ќе оздравам ли од оваа болест?’” Нив на патот ги пресретнал пророкот Илија и, наместо очекуваната порака од акаронскиот идол, царот ја слушнал страшната закана од израилскиот Бог: „Од постелата, на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш” (2. Цареви 1:2,4). Ангелот што му наредил на Илија да му ги упати овие зборови на отпадничкиот цар бил самиот Христос. Јехова Емануел имал причини да биде многу незадоволен и разгневен од безбожништвото и непочитувањето на Охозија. Што сѐ Христос не сторил за да ги придобие срцата на Израелците и во нив да влее непоколеблива доверба кон Себе? Со векови ги посетувал со најусрдна пристапност и со љубов која не може да се спореди. Од времето на патријарсите покажал дека „…радоста Моја беше со синовите човечки” (Изреки 8:31). Секогаш бил подготвен веднаш да му укаже помош на секој што искрено ќе Му се обрател. „Во секоја нивна жалост Он не ги оставаше и Ангелот на Неговото лице ги спасуваше…” (Исаија 63:9). Покрај сето тоа Израилот се одметнувал од Господа и им се обраќал за помош на неговите најлоши непријатели. {ХУ 112.1}
Евреите биле единствената нација почестена со познавање на вистинскиот Бог. Кога израелскиот цар ги испратил слугите во едно незнабожечко светилиште да се распрашаат за неговото оздравување, тој со тоа на незнабошците јавно им ставил до знаење дека има поголема доверба во нивниот идол отколку во Бог на својот народ, Создателот на небото и земјата. На ист начин и оние што тврдат дека ја познаваат Божјата Реч го обесчестуваат Неговото име кога се одвратуваат од Изворот на сила и мудрост, барајќи помош и совет од силите на темнината. Кога ваквата постапка, сторена од страна на еден безбожен и идолопоклонички цар, до таа мерка го разгорела Господовиот гнев, како тогаш Тој гледа на сличните престапи на оние луѓе кои тврдат дека се Негови слуги? {ХУ 112.2}
Мнозина не сакаат да ги вложат потребните напори за да ги запознаат законите на животот и едноставните средства со кои здравјето може да се поврати. Тие заземаат неправилен став кон животот. Кога, како последица на кршењето на природните закони, ќе се појави болест, тие не настојуваат да ги отклонат грешките и потоа да бараат благослов од Бога, туку им се обраќаат на вакви лекари. Ако оздрават, тие сите почести и благодарност им ги оддаваат на лекарите и нивните лекови, секогаш се подготвени да ги обожуваат човечката сила и мудрост, како да не знаат друг Бог освен тоа суштество од прав и пепел. {ХУ 112.3}
Не е безопасно да им се доверуваме на лекари кои пред себе го немаат стравот Божји. Срцето на човекот, ако се наоѓа под влијание на божествената милост, „лукаво е повеќе од сѐ и наполно расипано” (Еремија 17:9). Големината и самовоздигнувањето се негови цели. Какви недела и какви измами се кријат под закрилата на лекарската професија! Лекарот може да тврди дека поседува голема мудрост и извонредна вештина, а во исто време да биде бескарактерен и неморален и да постапува спротивно на здравствените закони. Господ, нашиот Бог, не уверува дека е подготвен да ни укаже милост; тој не повикува да Му се обратиме кога ќе се најдеме во неволја. Освен тоа, упатствата на тие лекари постојано не одвратуваат од принципите кои самиот Бог ни ги дал во поглед на здравјето, особено во врска со исхраната. Тие велат дека не живееме како што треба и ни пропишуваат нешто што е во спротивност со светлината кој Бог ни ја испраќа. Браќа, како можеме да очекуваме над нас да биде Господовиот благослов кога се упатуваме право кон територијата на непријателот? {ХУ 113.1}
Зошто луѓето се толку несклони кон тоа да Му се доверат на Оној што го создал човекот и Кој со еден допир, со еден збор и еден поглед може да излекува од секоја болест? Кој е подостоен за нашата доверба од Оној што поднел толкава жртва за нашето спасение? Господ, преку апостолот Јаков ни дава сосема одредено упатство во врска со нашата должност во случај на болест. Кога човечката помош ќе откаже, Господ ќе му биде помошник на овој народ. „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене…” (Јаков 5:14,15). Кога оние што тврдат дека се Христови следбеници со искрено срце, би имале толку вера во Божјите ветувања колку што имаат доверба во помагачите на сатаната, тие 6и ја почувствувале животворната сила на Светиот Дух во душата и телото. {ХУ 113.2}
Бог на Својот народ му дал голема светлина; меѓутоа, ние сепак не се наоѓаме надвор од дофатот на искушенијата. Кој меѓу нас им се обраќа за помош на боговите акаронски? Да му обрнеме внимание на овој приказ – приказ кој не е плод на фантазијата. Неговите главни карактеристики можеме да ги видиме кај многу адвентисти на седмиот ден. Една личност изнемоштена од болест, на изглед многу совесна, е толку тврдоглава и самоуверена што отворено изразува презир и непочитување кон законите на животот и здравјето, законите кои ние како народ, со Божјата милост, сме ги прифатиле. Нејзината храна мора да биде подготвена на таков начин што ќе ги задоволи болните желби. Наместо да седнува на маса на која се наоѓа здрава храна, таа оди во ресторан, зашто таму може да си ги задоволи желбите без никакви ограничувања. На зборови, таа застапува умереност, а ги занемарува нејзините основни принципи. Таа сака да оздрави, но не сака да го постигне тоа по цена на самооткажување. Таквата личност е поклоник на олтарот на изопачениот апетит и тоа е идолопоклонство. Способностие кои – кога би биле посветени и облагородени – 6и можеле да Му се посветат на слава на Бога, слабеат и извршуваат несовршена служба. Раздразливиот темперамент, сметениот ум и ослабнатите нерви претставуваат само некои од последиците на непочитувањето на природните закони. Таквата личност е неделотворна и несигурна. Секој кој би имал доволно смелост таквата личност најдобронамерно да ја предупреди и да и укаже на некоја опасност, би се изложил на нејзиното незадоволство. И најмалиот приговор или спротивставување се доволни да го разбудат нејзиниот воинствен дух. Меѓутоа, кога ќе се укаже прилика да се побара помош од оние чија моќ потекнува од вражања, ваквата личност желно му се обраќа на таквиот извор и без штедење троши пари и време за да ја овозможи понудената среќа. Таа е измамена и залудена. Моќта на волшебникот станува тема на разговори и воздигнувања, што ги наведува и другите да бараат помош на тој извор. Така Израилевиот Бог е обесчестен, додека силата на сатаната се воздигнува и и се укажува почитување. {ХУ 114.1}
На секој што тврди дека е Христов следбеник, му ги упатувам во Негово име следните зборови: „А од непристојни и празни зборови клони се…” (2Тим.2:16). Наместо својата доверба да им ја подаруваш на вражањата, имај доверба во Бог на животот. Проклета е патеката што води во Ендор или Акарон. Оние кои се изложуваат на опасност да стапнат на таа, забранета почва, ќе се сопнат и ќе паднат. Има Бог во Израилот Кој може да ги ослободи сите оние кои нешто ги загрозува и мачи. Правдата е темел на неговиот престол. {ХУ 115.1}
Опасно е и најмалото застранување од упатствата што ги дал Господ. Ако скршнеме од јасната патека на должноста, ќе се појави цела низа околности кои, на изглед незадржливо, ќе нѐ одвлекуваат се подалеку и подалеку од вистинскиот пат. Непотребната блискост со оние кои немаат почитување кон Бога ќе не заведе, а нема да бидеме ни свесни за тоа. Стравувањето да не ги навредиме тие неверни пријатели не спречува слободно да ја изразиме својата благодарност на Господа и да ја признаеме нашата потполна зависност од Него. {ХУ 115.2}
Мораме цврсто да се држиме за Речта Божја. Нам ни се неопходни предупредувањата, охрабрувањата, заканите и советите кои се наоѓаат во неа. Потребен ни е совршен пример кој може да се најде само во животот и карактерот на нашиот Спасител. Божјите ангели го чуваат и бранат Неговиот народ се додека се држи за патеката на должноста; но за оние кои самоволно се изложуваат на опасност да стапнат на почвата на сатаната, не е ветена таква заштита. Еден претставник на големиот измамник ќе рече и направи сешто за да ја оствари целта на својот господар. Тој ретко кога ќе рече за себе дека е спиритист, волшебник или дека лекува со помош на таканаречениот „животински магнетизам” (сила за која се претпоставува дека постои во животинскиот, а особено во човечкиот организам, со чија помош еден човек може да извршува значително влијание врз волјата и телесната состојба на некој друг). Со привидно убаво однесување, и преправајќи се дека знае многу, тој ја стекнува довербата на невнимателните. Се прикажува дека ја чита историјата на животот и ги познава сите потешкотии и страдања на оние што му се обраќаат за помош. Преправен во ангел на светлината, додека во срцето му лежи гробна темнина, тој покажува особено голем интерес за жените кои копнеат за неговиот совет. Им става до знаење дека сите нивни потешкотии се последица на несреќниот брак. Тоа навистина може да биде така, но ваквиот совет и сознание нема да ја поправи нивната состојба. Им зборува дека им се потребни љубов и сочувство. Преправајќи се дека нивната добросостојба му е многу важна, тој стекнува маѓепсничка моќ над своите жртви кои многу често тоа и не го претчувствуваат, а ги маѓепсува како што змијата ја привлекува растреперената птица. Набргу, тие паѓаат потполно под негова власт; и гревот, губењето на честа и пропаста претставуваат страшен исход од сето тоа. {ХУ 115.3}
Нашата единствена безбедност се наоѓа во тоа да ги чуваме „старите меѓи”; „Допрашај се до Законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина” (Исаија 8:20). {ХУ 116.1}
