За чувањето и негувањето на здравјето воопшто

Жена проветрува светол и уреден дом додека маж работи во градината – грижа за здравјето преку свеж воздух, сонце и умерена активност

Христијанска умереност

За чувањето и негувањето на здравјето воопшто

Сподели го ова:

Според Божјата намера, човекот треба да биде активен и полезен; па, сепак, животот на мнозина значи одвај малку повеќе отколку да го нема. Тие никогаш не ја осветлуваат патеката на другите ниту претставуваат благослов за оние што се околу нив; напротив, тие се само товар за другите. Нивното влијание на страната на правдата е малку поголемо од нула. Одвај да постои некој случај на небесна добродетел кој би го осветлил извештајот за нивниот живот. Ниту еден пријатен спомен не ги надживува по смртта; зашто, во нивните животи немало вистинска добрина која 6и оставила љубезен впечаток дури ни на срцата на нивните пријатели. Таквиот живот претставува еден жален неуспех. Тоа е живот на еден неверен пристав кој заборавил дека Создателот полага право над него. Неговиот ум го обземаат себични интереси и тоа го наведува да не се грижи ниту за Господа ниту за Неговата намера во врска со човекот, намера со која Тој се раководел и при создавањето. {ХУ 96.1}

Бог Адам и Ева ги сместил во рај и ги опколил со сѐ што е убаво и милно. Тој за нив засадил една прекрасна градина во која немало ниту едно растение, цвет или дрво, кое не би можело корисно да се употреби или да послужи како украс. Рајот овозможувал или да послужи како украс. Рајот овозможувал уживање, радост и насладување на нивните чувства, но тоа не било доволно; морале да имаат нешто со што ќе го вработат чудесниот склоп на својот организам. Кога среќата би се состоела во тоа да не се работи ништо, тогаш човекот додека се наоѓал во силата на невиноста и светоста би бил оставен без никаква работа. Меѓутоа, Оној што го создал и го вообличил човекот, знаел што најдобро би ѝ одговарало на неговата среќа и набргу по создавањето му ја одредил и работата. Работењето физичка работа е неопходно за физичкото, умствено и морално добро на човекот. {ХУ 96.2}

На секој од нас Бог му доделил извесна задача; извршувањето на тие должности го прави нашиот живот полезен и ни донесува благослов. „Во усрдноста да не сте мрзливи” (Римјаните 12:11), е налогот на апостол Павле. Да се очекува спасение во мрзливост и немарност, е исто како да се очекува жетва таму каде што не сте сееле. Трката не е секогаш до брзите, ниту војната до силните, но сепак, „мрзливата рака донесува сиромаштија” (Изреки 10:4). Можеби оние што се вредни и претприемчиви во работата нема секогаш да имаат успех; дремливоста и мрзата, меѓутоа, сигурно Го жалостат Господа и ја уништуваат вистинската побожност. Мочуришната вода која не истекува станува одвратна и штетна, додека чистата вода од еден поток што тече секаде шири здравје и радост. {ХУ 96.3}

Мнозина сметаат дека богатството и неработењето претставуваат благослов; но многу посреќни и поздрави се оние што постојано работат и што секој ден весело заминуваат на својата работна должност. Здравиот замор што се јавува по правилно искористениот ден го условува благословот на закрепувачкиот сон. Пресудата дека човекот мора со мака да го заработува насушниот леб, како и ветувањето за среќа и слава во иднината, дошле од истиот престол – и едното и другото претставуваат благослов. {ХУ 97.1}

Од оние што живеат во изобилство, а не работат ништо и немаат никаква цел во животот, ретко кој се разбудува и поттикнува на некаква умна или физичка активност. На тој начин многу жени го губат здравјето и се принудени да бараат помош во некоја здравствена установа. Тука, со големи издатоци, се изнајмува послуга за масирање, протегање и увежбување на мускулите кои станале немоќни поради неактвиност. Тие изнајмуваат послуга која ќе работи наместо нив, за тие да можат да безделничат, а потоа изнајмуваат друга послуга (во болниците) за да им ги увежбува мускулите кои се ослабнати токму поради тоа што не биле употребувани. Какво безумно однесување! Колку попаметно и подобро би сториле жените, и младите и старите, кога одважно и храбро би ги исмеале обожавателите на модата и би го послушале налагањето на здравиот разум и законите на животот. Со расположено извршување на домашните обврски, неработните ќерки на нашата земја би можеле да станат корисни и среќни членови на општеството. Ваквата работа, „кура на движење”, за мнозина претставува подобар и поуспешен лек од најдобрите изуми на медицината. {ХУ 97.2}

Младите често покажуваат жален недостаток на сериозност во намерата и моралната независност. Облекувањето, пушењето, бесмислените нешта, попуштањето на страстите и препуштањето на задоволствата, претставува идеал на среќата дури и за мнозина кои тврдат дека се христијани. Но, и самата помисла на така поминато толкаво време е болна. Часовите кои би требале да се посветат на проучување на Библијата или на ревна работа за Христа се трошат полошо отколку залудно. Животот кој ни е подарен во искрена и света цел е премногу скапоцен за така лесно да се пропушти. Вие што Го носите Христовото име, јас ве преколнувам да го испитате своето срце и самите да искажете суд за себеси. Зарем не ги љубите задоволствата повеќе отколку Господа и своите ближни? Пред вас се задачи што треба да се извршат, души што треба да се спасуваат, борби што треба да се извојуваат и спасение што треба да се задобие. Умот, со сите негови способности, мора да се зајакнува и да се снабдува со богатства и скапоцености од божествената мудрост. Во силата добиена од Бога ќе можете да извршите благородно дело за Учителот. {ХУ 97.3}

Според Божјата намера, секој треба да работи. Врз оние чии способности и можности се најголеми почиваат и најголеми одговорности; а врз нив ќе падне и најтешката осуда ако не бидат верни во она што им е доверено. Дури и домашните животни за влеча го посрамуваат мрзливецот, кој, иако надарен со разум и познавање на божествената волја, одбива да го изврши својот дел во големиот Божји план. {ХУ 98.1}

Заради тоа што мнозина се мрзливи и не работат речиси ништо, некои се принудени да работат прекумерно. Мнозина не сакаат да работат, ниту да се грижат за себе. Тие не се склони да излезат од стариот колосек на предрасуди и заблуди; со својата изопаченост, тие претставуваат препрека на патот на напредокот и оние што го носат знамето на правдата и вистината ги принудуваат во својата борба херојски да вложуваат уште поголеми напори. Усрдните и предадени работници омалаксуваат поради тоа што не им се подава рака на помош и паѓаат совладани под удвоениот товар. На стрмната патека на реформата, нивните гробови остануваат како крајпатни знаци. {ХУ 98.2}

Вистинска слава и радост во животот наоѓаат само работните мажи и жени. Работата сама по себе е благотворна и колку е пријатен одморот по напорот на правилно поминатиот ден! Меѓутоа, премногу тешката работа наметната од себичност е сосема несоодветна за здравјето и многу е штетна. Тука спаѓаат напорите што се вложуваат за да се задоволи несветото самољубие и стремежот за истакнување пред јавноста. Љубовта кон богатството и личното украсување наведува илјадници нив да претеруваат во нешта кои сами по себе не се погрешни – да ги посветат сите сили на телото и умот на нешто што би требало да одземе само безначаен дел од нивното време. Сите свои сили тие ги сосредоточуваат на стекнување на богатство и слава, а сѐ друго за нив е од споредна важност; со години не престануваат да вложуваат мачни напори за да ја остварат својата цел; и токму кога ќе стасаат до целта и ќе ја грабнат наградата за која толку копнееле, таа при допирот на нивните прсти се претвора во пепел; таа, всушност, е само една сенка. Тие својот живот го даваат за нешто од што нема никаква корист. {ХУ 98.3}

Па сепак, секоја професија што не е во спротивност со Божјиот Закон може безбедно да се извршува, ако духот е ослободен од себични посакувања и неизвалкан со измама и завист. Деловниот живот на христијанинот треба да го одбележува истата онаа чистота која владеела во работилницата на светиот Назареец. Работните мажи и жени – оние што се подготвени со вера и надеж да се нафатат на одговорност – ќе го откријат она што е големо и добро во животот. Трпеливи работници, имајте на ум дека и оние што Христос помеѓу галилејските рибари и коринтски изработувачи на шатори – ги избрал да соработуваат со Него во делото на спасението, исто така биле силни и постојани работници. Со тие едноставни луѓе почнала да се развива силата која ќе се чувствува низ целата вечност. {ХУ 99.1}

И ангелите се работници; тие се Божји слуги во давање помош и заштита на човечките синови. Оние што очекуваат на небото да не работат ништо, како мрзливи слуги, имаат погрешна слика за небесното устројство. Создателот не подготвил место за оние што се оддаваат на грешна немарност и мрзливост. На небото владее заинтересираност и жива активност; сепак, за оние што се изморени и тешко оптоварени, кои морале да се борат во тешката борба на верата, тоа ќе претставува прекрасен одмор, бидејќи ќе ги имаат младоста и силата на бесмртноста и нема повеќе да мораат да се борат против гревот и сатаната. Состојбата на вечна неактивност за овие енергични работници би претставувала здодевност. Тоа за нив не 6и било небо. Патот на напорна работа, кој им е определен на христијаните додека се на оваа земја, може да биде тежок и макотрпен, но е почестен со отпечатокот од стапалата на Спасителот и секој што оди по тој свет пат е сигурен. {ХУ 99.2}

Мислењето дека оние што ги преоптовариле своите умни и физички сили, или што телесно и умно сосема малаксале, мораат да ја изостават секоја активност за да го повратат здравјето, претставува голема заблуда. Можеби во некои случаеви е неопходен потполн одмор за извесно време, но таквите примери се ретки. Во многу случаеви, промената исто така би била благотворна. {ХУ 100.1}

Оние што малаксале поради непрекинати умствени напрегања треба да се одморат од макотрпното размислување; но кога им се зборува дека за нив не е добро или дека е дури и опасно да ги напрегаат сите свои умни сили, тоа наведува на заклучок дека нивната состојба, всушност е полоша од она што, навистина е. Тие се нервозни и стануваат тешки и самите на себе и на оние што мораат да се грижат за нив. Во таква состојба на духот, нивното оздравување навистина е неизвесно. {ХУ 100.2}

На оние кои ги преоптовариле своите физички сили не треба да им се советува да го одбегнуваат секој напор. Престанокот на секаква активност и движење во многу случаеви би го спречил нивното оздравување. Работата ја поттикнува волјата, а кога моќта на волјата ќе ослабне, фантазијата станува необична и тоа на болниот му оневозможува да и се спротивстави на болеста. Неактивноста е најголемо проклетство што може да го снајде болниот во таква состојба. {ХУ 100.3}

Совршениот и чудесен склоп на човечката природа треба постојано да се одржува во движење за да биде во состојба да одговори на секоја намена. Неактивноста во секој случај е опасна. Полезната физичка работа го развеселува духот, ги зајакнува мускулите, ја подобрува циркулацијата на крвта, му претставува задоволство на болниот, со тоа што го уверува дека може да издржи одредени напори и дека во овој деловен свет не е сосема бескорисен; меѓутоа, кога сево ова 6и му било ускратено, болниот се би се изложил на постојана опасност да мисли само на себе и своите тешкотии постојано да ги преувеличува. Кога оние што поради болест станале изнемоштени би се нафатиле за некоја соодветна физичка работа, при тоа употребувајќи ја, но не и злоупотребувајќи ја својата физичка сила, тие би нашле успешно средство за нивно излекување. {ХУ 100.4}

Кога времето го дозволува тоа, оние што работат седејќи треба, по можност, секој ден да излегуваат на прошетка и лете и зиме. Облеката треба да биде соодветна, а нозете добро заштитени. Пешачењето често може да биде покорисно за здравјето од сите лекови што лекарот би можел да ги препише. Пешачењето за оние што се подвижни е подобро од јавање или возење, затоа што ги става во движење сите мускули. Белите дробови се принудени на длабоко и здраво дишење, зашто е невозможно да се пешачи на свежиот утрински зимски воздух, а белите дробови при тоа да не се полнат со полн капацитет. {ХУ 100.5}

Подобрувајќи ја работата на органите за варење, движењето им помага и на оние што страдаат од лошо варење на храната. Премногу напорната работа, умствена или физичка сеедно, преземена непосредно по јадење, го попречува процесот на варење; бидејќи крвта која, како животна сила на организмот е неопходна во тој процес, заминува во другите делови на телото. Меѓутоа, умерените вежби, кусо пешачење по јадењето со крената глава и раменици повлечени наназад, претставува голема благодат. Умот се ослободува од обичните мисли и се разонодува со убавината на природата. Колку помалку се мисли на стомакот, толку подобро. Ако постојано стравувате дека храната што ја јадете е штетна за вас, тогаш, навистина и ќе биде така. Заборавете ги своите неволји; размислувајте за нешто што развеселува и го поттикнува расположението. {ХУ 101.1}

Повеќе луѓе умираат од недоволно отколку од прекумерно движење; зачмаеноста е многу почеста причина за смртта од истрошеноста. Кога телото е неактивно, крвта не циркулира слободно и во организмот не доаѓа до размена на материи, што е толку неопходно за животот и здравјето. Ситните пори на кожата преку кои телото дише се затвораат, а тоа го оневозможува излачувањето на нечистотијата низ овие канали. Тоа двојно ги оптоварува останатите органи за излачување и набргу доведува до заболување. Оние што имаат навика да се движат на свеж воздух обично имаат добра циркулација на крвта. Мажите и жените, младите и старите, и сите што сакаат да живеат и да бидат здрави, треба да имаат на ум дека не можат да го имаат тоа ако крвотокот не им е во ред. Без оглед на нивната професија или склоностите, тие мораат да вложуваат смислени напори, за да се ослободат од болеста што ги врзува за затворени простории и тоа треба да го сметаат за своја света должност. {ХУ 101.2}

Влијанието на умот

Господ ми покажа дека состојбата на мнозина кои постојано се жалат и изгледаат слабо, не е толку лоша како што тие мислат. Некои од нив имаат силна волја која, кога правилно би се насочила, би можела да ја запре сугестијата и да биде морално оружје во спречувањето на болестите; меѓутоа, премногу чест е случајот волјата да биде на погрешна страна и упорно да одбива да му се покори на разумот. Таквата волја заклучува вака: тие се немоќни, а на немоќните треба да им се обрне внимание, без оглед на мислењето и расудувањето на другите. {ХУ 102.1}

Околу нас боледуваат и умираат илјадници луѓе кои, кога би сакале, би можеле уште да живеат и добро да се чувствуваат. Меѓутоа, тие дозволуваат со нив да владее сугестијата. Тие страхуваат дека состојбата ќе им се влоши ако се изложат на некакви физички напори, а токму таква промена им е неопходна. Со силата на волјата тие треба да се издигнат над своите тешкотии, посветувајќи се на некоја корисна работа кој и одговара на нивната сила и ќе заборават да се жалат на болките во грбот, слабините, белите дробови и главата. {ХУ 102.2}

Оние што се изнемоштени, нека си постават висока цел во животот, трудејќи се да бидат корисни и делотворни во своето семејство; нека не бараат вниманието на целото семејство да се сосредоточи само на нив и сите да им укажуваат сочувство; нека ја извршуваат својата христијанска должност покажувајќи љубов и наклонетост кон несреќните, имајќи на ум дека секој има страдања и неволји својствени само за него. Во таквото настојување да им послужат на благослов на другите, и тие самите ќе бидат изобилно благословени. {ХУ 102.3}

Оние што, колку е тоа можно, се залагаат да прават добро на другите со практично покажување на интерес за нив, со тоа не само што им ја ублажуваат болката на другите олеснувајќи го нивното животно бреме, туку во исто време придонесуваат и за своето душевно и телесно здравје. Добродетелта е благослов и за оној што ја прави и за оној кому му е упатена. Ако во интересот за другите заборавите на себе, ќе извојувате победа над својата слабост. Добродетелта го подигнува и развеселува духот, а оддекот од тоа се чувствува во целиот организам. „Раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол – облечи го, и од еднокрвниот не се криј. Тогаш, твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути…” (Исаија 58:7,8) {ХУ 102.4}

Значењето на чистиот воздух

Некои болни не сакаат да се осведочат за тоа од колкаво значење е постојаното вдишување на чист воздух. Од страв да не настинат, тие од година во година упорно продолжуваат да ја вдишуваат атмосферата која е речиси сосема лишена од животна сила. Таквите не можат да имаат здрава циркулација на крвта. Кожата им заслабнува и тие стануваат чувствителни на секоја промена на времето. Првото навестување на студот ги нагонува да навлекуваат врз себе додатни делови облека и да ја зголемуваат топлината во станот. Следниот ден бараат уште малку повисока собна температура и уште малку облека за потполно да се стоплат и така ri угодуваат на секоја промена на нивните чувства се додека имаат барем малку животна сила. Кога оние, кои тоа можат да го издржат, наместо додавањето облека и зголемувањето на температурата во и онака прегреаните простории, би се посветиле на некоја корисна работа, тие воопшто не би се ни сетиле дека им студи и ништо не 6и им пречело. За слаби бели дробови е многу штетна атмосферата во прегреани простории. {ХУ 103.1}

За оние што мораат да бидат со вакви болни, зимата е ужасна. Надвор е студено, а во куќата здодевно и непријатно. Под изговор дека зимскиот воздух штетно влијае на нивните бели дробови и главата, тие жртви на болната сугестија се вовлекуваат во собата и внимателно ги затвораат сите прозорци. Тие страхуваат дека од секое, па и најмало изложување на воздух ќе настинат, па така и им се случува: „Зарем веќе не сме го пробале тоа и не сме го провериле?” – велат тие, и со никакви причини не можат да се уверат дека, всушност не ја сфаќаат филозофијата на целиот тој предмет. Вистина е дека тие настинуваат штом ќе се изложат на воздух; меѓутоа, причината за тоа се наоѓа во нивниот начин на живеење поради што станале нежни како новороденчиња и не можат ништо да поднесат. Па сепак, тие и понатаму продолжуваат да живеат зад затворени врати и прозорци, наведнати над печката и задоволни со својата беда. Зошто таквите не се обидат да се движат на свеж воздух, кога за тоа постојат толку убедливи причини? {ХУ 103.2}

Мнозина се научени дека ноќниот воздух е многу штетен за здравјето и затоа не смеат да дозволат да им влегува во собата. Една есенска вечер патував со воз преполн со патници. Поради дишењето на толку голем број луѓе и испарувањето на толку многу тела, воздухот во вагонот стана толку нечист што ми се слоши. Го отворив прозорецот и со задоволство почнав да го вдишувам свежиот воздух, кога една госпоѓа сериозно и со молбен глас викна: „Затворете го тој прозорец! Ќе настинете и ќе се разболите; ноќниот воздух е толку нездрав! Госпоѓо” – одговорив јас – „ние сега немаме друг воздух освен ноќниот и во овој вагон и надвор од него. Ако не сакате да го вдишувате ноќниот воздух ќе морате да престанете да дишете.” Кога ноќите се студени може да биде неопходно да облечеме нешто потопло за да се заштитиме од настинка; но во текот на спиењето во спалната соба треба постојано и слободно да ни влегува свеж воздух. Вдишувањето на свеж воздух и дење и ноќе е еден од најважните небесни благослови во кои можеме да уживаме. {ХУ 104.1}

Свежиот воздух ја прочистува крвта, го освежува телото и го прави посилно и поздраво. Тоа поволно се одразува на умот, давајќи му енергија и јасност, исто како и сталоженост и спокојност. Свежиот воздух го поттикнува здравиот апетит, го потпомага варењето и предизвикува длабок и сладок сон. Од постојано задржување во затворени и непроветрени простории организмот изнемоштува, умот станува мрачен, кожата побледува, а крвотокот заслабнува. Крвта бавно протекува низ крвните садови, варењето е отежнато и организмот станува премногу чувствителен на студ. Организмот треба да се привикне на свеж и студен воздух и тогаш нема да биде склон на настинки при секоја промена на температурата. Се разбира, човекот треба да биде внимателен и да не седи на провев или во студена просторија кога е изморен или испотен. {ХУ 104.2} Раководени од погрешно сфаќање, мнозина сметаат дека, кога се настинати, мораат строго да се чуваат од надворешниот воздух, а температурата во собата да ја зголемуваат се додека не стане прекумерна. Меѓутоа, во текот на настинката, во организмот на болниот настапува нарушување, оштетените материи ги затвораат порите на кожата и доаѓа до посилно или послабо воспаление на внатрешните органи откако во нив ќе напливне крвта која, поради студот, се повлекува од површинските предели. Во тоа време белите дробови никако не смеат да се лишуваат од свеж воздух. Разумното движење повторно би ја навело крвта кон површинските предели и би ги растеретило внатрешните органи. Голема помош во давањето отпор на настинката и јакнењето на нервниот систем претставува силата на волјата. Да се лишат белите дробови од воздух, е исто како на желудникот да му се ускрати храната. Да го вдишуваме со задоволство и да го вреднуваме тоа како скапоцен благослов од небото. {ХУ 104.3}

Домашно негување на здравјето

Престапувањето на животните закони во поглед на личните навики претставува една од најчестите причини за болест. Упатствата што Господ во тој правец му ги дал на Мојсеј, кога имал намера да го објави Својот Закон на Синајската гора, биле многу строги: „И му рече Господ на Мојсеја: ‘слези од гората при народот и објасни им и очисти го денес и утре, и нека ги исперат облеките свои” (Излез 19:10). Им било наредено да го сторат тоа за на нив да не се најде никаква нечистотија кога ќе излезат пред Господа. Тој е Бог на редот, и Тој од Својот народ бара ред и чистота. {ХУ 105.1}

Израелците во никој случај не смееле да дозволат на нивната облека или телото да остане било каква нечистотија. Оние, на кои би се нашла некаква нечистотија од личен карактер морале тој ден да бидат одделени од народот до заоѓање на сонцето; и тогаш, за да можат да се вратат, морале да се избањаат и да си ги исперат облеките. Исто така им било наредено сите отпадоци, ѓубре и нечистотија да ги закопуваат далеку од логорот. Ова била не само верска одредба туку и санитарна мерка. И денес Господ од Својот народ не бара помалку отколку што барал во тоа дамнешно време. Запоставувањето на чистотијата донесува болест. Болеста не доаѓа без причина. Силни епидемии на треска, која му донесува смрт и малаксаност на целиот организам, зафаќаат населби и градови кои се сметаат за совршено здрави. Во многу случаи гореспоменатата нечистотија токму на оние што се чувствуваат како жртви на тие епидемии содржи во себе уништувачки супстанции, кои со смртоносен отров го загадуваат воздухот што потоа го вдишуваат членовите на нивното семејство и соседите. Тоа изненадувачки потврдува колку малку се знае за влијанието на неактивноста и немарноста врз здравјето. {ХУ 105.2}

Кога свештенството на Шкотска му упатило молба на премиерот на Англија, лорд Палмерстон, да одреди ден за молитва и пост за да се запре колерата, тој одговорил: „Исчистете ги и дезинфицирајте ги своите улици и куќите, подобрете ги условите за одржување на хигиената и здравјето помеѓу сиромасите и погрижете се да имаат доволно добра храна и облека, преземете добри санитарни мерки воопшто, и нема да имате причина за пост и молитва. Ниту, пак, Господ 6и ги услишил вашите молитви додека не ги преземете мерките за предострожност, заштита и спречување на болестите што Тој ги одредил.” {ХУ 106.1}

Многу страдања што денес ги снаоѓаат смртниците не доаѓаат од Бога. Сопствените лудости не лишуваат од толку скапоцените предности и благослови кои, кога правилно би ги употребувале, би претставувале непроценлива вредност во зачувувањето и одржувањето на здравјето. Ако сакате домот да ви биде пријатен и привлечен, пуштете во него слободно да влегуваат воздух и светлите сончеви зраци. Тргнете ги тешките завеси, отворете ги прозорците, подигнете ги ролетните и уживајте во прекрасната светлина на сончевите зраци, дури иако поради тоа може да избледи бојата на вашите ќилими. {ХУ 106.2}

Некои куќи се украсени со скапоцен мебел, купен повеќе за да ја задоволи суетата отколку удобноста, ползата или здравјето на семејството. Најдобрите соби се држат постојано затворени и затемнети, за сончевата светлина да не го оштети богатиот мебел, бојата на килимите и рамките на сликите. Посетителите на кои им се „дозволува” да седат во тие скапоцено наместени соби полни со влажна атмосфера, се изложуваат на опасност од настинка. Приемните и гостинските соби се држат затворени од истите причини. Собите за спиење треба да бидат широки и така наместени што во нив непречено и дење и ноќе ќе протекува свеж воздух. Оние што спијат во непроветрени соби стануваат со чувство на трескавичност и изнемоштеност. Тоа доаѓа оттаму што во просторијата немало животворен свеж воздух, поради што страда целиот организам. Да се спие во просторија која не е изложена на влијание на воздухот и сонцето значи да се изложува на опасност здравјето, а често и самиот живот. Сите простории во куќата би требало секој ден по неколку пати да се проветруваат и да се изложуваат на сонце. Ако со вас е Бог и ако срцето ви е исполнето со искреност и љубов, тогаш вашиот дом – иако скромен и осветлен од сончевите зраци, свежината на воздухот и ведрината на срдечната и несебична гостопримливост – за вашето семејство и за изморениот патник ќе претставува делче од небото на овој свет. {ХУ 106.3}

Утринското капење и масирање на телото со сунѓер веднаш по станувањето, за мнозина би било многу корисно. Тоа би ја отстранило целата нечистотија од кожата и би и овозможило да ја задржи својата природна еластичност, а би го подобрило и крвотокот. Капењето никако не смеат да го занемаруваат ни оние што се здрави. Кога ќе се искапе, човекот дише послободно и попотполно, без оглед на тоа дали е болен или здрав. Закрепнуваат и умот и телото. Мускулите стануваат поподвижни, а мозокот појасен. Капењето ги смирува нервите и, наместо да ја зголемува склоноста кон настинки, тоа ја зголемува отпорноста на организмот против неа, зашто го забрзува крвотокот; крвта продира во површинските делови на телото и полесно и поправилно го снабдува организмот со животворни сокови. {ХУ 107.1}

Малку зеленило, украсено со дрвја и украсни грмушки, на соодветно растојание од куќата, ќе делува благотворно врз членовите на семејството и, ако уредно се одржува, нема да биде воопшто штетно за здравјето. Меѓутоа, ако дрвјата и украсните грмушки се насадени така што со својата сенка како со некој непробоен ѕид ја затвораат куќата, тоа ја прави куќата нездрава, зашто го попречува слободното струење на воздухот и продорот на сончевите зраци. Поради тоа куќата станува многу влажна, особено кога времето е дождливо. Оние што спијат во така влажни соби страдаат од ревматизам, неуралгија (заболување и слабост на нервите) и болести на белите дробови. Големите количества лисја што паѓаат од тие дрвја, ако веднаш не се исчистат, се распаѓаат и ја трујат атмосферата. Станбените згради, ако е тоа возможно, треба да се градат на повисок терен. Ако куќата се подигне на такво место каде што околу неа ќе се таложи вода и тука ќе се задржува се додека полека не се исуши, од таа влажна почва постојано се подига отров на заразни испарувања кои предизвикуваат болести на грлото, треска, маларија и болести на белите дробови. {ХУ 107.2}

Мнозина очекуваат Господ да ги сочува од болести само затоа што Му се молат да ги поштеди. Меѓутоа, Господ не може да ги услиши молитвите на оние кои не ги почитуваат законите на животот, зашто нивната вера не е усовршена со соодветни дела. Кога ние од наша страна ќе сториме се за зачувување на нашето здравје, тогаш можеме да очекуваме добри резултати и во вера да Го молиме Господа да ги благослови нашите напори. И Тој ќе ги услиши нашите молитви ако тоа служи на слава на Неговото име. Меѓутоа, сите нека сфатат дека постои задача која, секој за себе, мораат да ја извршат. Бог нема да направи чудо за да го поштеди здравјето на оние кои, ни малку не внимавајќи на законите на здравјето, се изложуваат на сигурна болест. {ХУ 108.1}

Господ ми покажа дека оние што ја празнуваат саботата обично премногу се оптоваруваат со работа и немаат време за одмор. Одморот и освежувањето им се неопходни на оние кои работат физички, а на оние кои исклучиво се занимаваат со умствена работа им се уште понеопходни. За нашето спасение не е важно, ниту пак Му служи на слава на Бога нашиот ум непрекинато прекумерно да го напрегаме, дури ни со верски предмети. Постојат забави кои се наменети за разонода, како што се: играњето карти, игранките, театрите и слично, што не можеме да го одобриме, зашто небото тоа го осудува. Тоа отвора врати на многу зла. Со својата возбудливост, овие игри во срцата на поединци создаваат неодолива склоност кон коцката и раскалашниот живот. Сите вакви забави христијаните треба да ги отфрлат и наместо тоа треба да се освежуваат со нешто што е сосема наивно и не е штетно. Постојат поприкладни можности за освежување и закрепнување, кои се далеку поблаготворни и за умот и за телото. Просветлениот и изострен ум, умот кој е во состојба да ја согледува разликата ќе најде доволно занимливости и разонода во дејности кои се не само наивни, туку и поучни. Закрепнувањето и разонодата на свеж воздух и набљудувањето на Божјите дела во природата донесуваат најголема благодат. {ХУ 108.2}

Сподели го ова:

Поврзани статии