Христијанска умереност
Облекување
Модата владее со светот; таа е една тиранска господарка која своите обожаватели често ги принудува да се изложуваат на најголеми незгоди и неудобности. Модата претставува данок кој се наметнува без разум и се наплаќа и собира без милост. Таа има маѓепсничка моќ и секогаш е поодготвена да ги критикува и исмејува оние кои не сакаат будно да ја следат. {ХУ 85.1}
Сатаната како поттикнувач и главен зачетник на модата, која постојано се менува и никогаш не може да го задоволи вкусот, секогаш измислува нешто ново на штета на физичкото и моралното здравје на човекот; и ликува кога секоја замисла толку добро му успева. Смртта се смее што обожавателите на модата, кои во својата лудост и слепа ревност го уништуваат своето здравје, така лесно ги доведува под своја контрола – во гроб. Среќата и Божјото одобрување се ставаат на нејзиниот олтар. {ХУ 85.2}
Светот е сосема обземен со суетни задоволства. Првите и најдобрите мисли на најголемиот број на жителите на земјата им се посветуваат на облекувањето, а образованието на умот и срцето е запоставено. Дури и помеѓу оние кои тврдат дека Го љубат Бога и ги држат Неговите заповеди има такви кои колку е тоа можно и се прилагодуваат на модата, а го задржуваат името христијани. Некои од младите толку задржуваат името христијани. Некои од младите толку копнеат за расфрлување што се спремни да го жртвуваат дури и христијанското име само за да ја задоволат својата суета. {ХУ 85.3}
Многу популарни цркви во недела повеќе наликуваат на театар отколку на богослуженија. Тука, како на некаква изложба можат да се видат секакви модели на фустани по последна мода. Многу од посиромашните немаат храброст да влезат во ваквите молитвени домови. Нивните едноставни фустани, иако можат да бидат уредни и прикладни, упадливо се разликуваат од фустаните на нивните побогати сестри и таа разлика во нив создава чувство на мачна нелагодност. Некои, во настојувањето да изгледаат послични со богатите, ги накитуваат своите фустани од полош квалитет, имитирајќи ги така оние од скапоцен материјал. Сиромашните девојки, кои добиваат многу мала плата, често и последната пара ја трошат на облекување само за да бидат послични со оние што не живеат од својата заработка. Поради тоа, тие не можат да заштедат ништо за случај на болест, ништо не можат да приложат во Божјата ризница, немаат време за развивање на нивните умови, за проучување на Божјата Реч, за тајна молитва, ниту за присуствување на молитвените состаноци. {ХУ 85.4}
Жална вистина е дека многу таканаречени христијанки се први во прилагодувањето кон модата; и оние кои не тврдат дека се верни, го следат нивниот пример. Некои што се наоѓаат во поскромна материјална положба, во настојувањето да држат чекор со модата која постојано се менува, трпат немаштија и работат преку границите на своите сили, за некако да се одржат во модерното друштво. Ова искушение е толку силно, што некои, во настојување по секоја цена да ја остварат својата цел, се заплеткуваат дури и во нечесност и кражба. Мнозина желбата за самоукрасување ги одвела во пропаст. Таканаречените христијанки кои со својот пример ја отвориле вратата на искушението за нивните сестри ќе мораат да поднесат страшна сметка на денот на конечната пресметка. Неискусните души, маѓепсани со уважувањето кон некого кој е отмено облечен, стануваат толку залудени што за нив ништо не е толку скапоцено за да не го дадат за еден вештачки украс. {ХУ 86.1}
Додека одвишното украсување и накитот треба да ги одбегнуваме како нешто што не му доликува на нашиот повик како следбеници на смерниот и понизен Исус, ние не сме против добриот вкус, прикладноста и уредноста во облекувањето. Има и такви кои се немарни во поглед на својата облека и постојано зборуваат за горделивост во облекувањето. Сметајќи дека е доблест да се биде неуреден и да се облекува без никаков вкус, тие пристојноста и уредноста ги мешаат со горделивост; а својата немарност да се облечат пристојно барем во сабота ја оправдуваат со божемно извршување на барањето содржано во Божјата Реч: Неговиот народ да се оддели и разликува од овој свет. Кога таквите 6и имале закажана средба со некој свој пријател кој ужива почести и углед и чија наклоност тие посебно би сакале да ја имаат, тие би се потрудиле пред него да се појават во најдобрата и најуредна облека што ја имаат. Меѓутоа, кога во сабота доаѓаат да Му се поклонат на Највозвишениот, сметаат дека не е важно во каква облека се појавуваат или како изгледаат од надвор. Во Неговиот дом, кој претставува просторија за прием кај Највисокиот, каде се присутни небесни ангели, таквите се собираат со малку обѕири и стравопочитување. Сите кои во сабота доаѓаат да Му се поклонат на Господа треба, по можност, да имаат уредна и соодветна облека, да изгледаат пристојно во молитвениот дом. Оние што тврдат дека веруваат дека саботата е свет ден за Господовиот одмор, а тој ден ја облечат валканата облека во која работат во текот на седмицата, а би можеле да имаат нешто посоодветно, со тоа ги обесчестуваат и саботата и Господа и Неговиот дом. {ХУ 86.2}
Христос Своите следбеници ги прикажува како сол на земјата и светлина на светот. Кога не би постоело спасоносното христијанско влијание, светот веќе би пропаднал во својата расипаност. Погледнете ги тие таканаречени христијани кои се немарни во поглед на нивното облекување и во поглед на својата личност. Тие се такви и во своите деловни односи. Дали мислите дека Спасителот, кога сега би бил на оваа земја, за ваквите би рекол дека се сол на земјата и светлина на светот? – Не, никогаш! Вистинските христијани се достоинствени во своите разговори; и иако сметаат дека е грев да се согласи на непромислено ласкање, тие се учтиви, љубезни и добродушни. Зборовите им се искрени и вистинити. Во своите деловни односи и со браќата и со светот тие се верни. Во облекувањето го одбегнуваат раскошот и се што е одвишно, но облеката им е прикладна и оддава личности кои имаат смисол за уредност и она што навистина е убаво. Многу повеќе се грижат за тоа да го одржат своето тело во таква состојба за да можат да Го слават Бога, отколку да се облекуваат по последна мода. {ХУ 87.1}
Нездравиот начин на облекување му донесува на женскиот род непроценливи страдања. Покорувајќи им се на барањата на модата, многу од нив стануваат доживотни инвалиди. Животот и здравјето и се жртвуваат на една толку ненаситна божица. Мнозина, се чини, сметаат дека имаат право со своите тела да постапуваат онака како што им се допаѓа; меѓутоа, тие забораваат дека телото не е нивна сопственост. Создателот, Кој тоа тело го создал полага право на него и тие тоа не можат да го оспорат. Секој непотребен престап на законите што владеат со нашето битие, всушност е кршење на Божјиот Закон и во очите на небото претставува грев. Создателот знаел како треба да го обликува телото и не Му било потребно да ги прашува кројачите на женска облека што е, според нивното мислење, убаво. Бог, Кој во природата се создал толку милно и прекрасно, знаел како треба да го вообличи човековото тело за тоа да биде и убаво и здраво. Модерните „дотерувања” и „украсувања” на Неговото дело претставуваат навреда за Творецот и го деформираат она што Тој го создал како совршено. {ХУ 87.2}
Сатаната настојува секоја функција на нашето битие да ја изопачи за да го направи животот несреќен и за Бог да биде обесчестен во неговите созданија. Ако жените за свое мерило ги земат обичаите од овој свет, тие ќе станат и физички и умно неспособни да ги извршуваат своите животни должности. Многу од нив со стегање на телото си нанеле непроценливи штети. Нивната сила да прават добро во семејството и општеството е многу ослабната, а ако уште се и мајки, нивните деца се лишени од сила и способности за животот. Стегањето на телото му пречи на крвотокот и внатрешните органи, онака стеснети, не можат правилно да ја извршуваат својата задача. Под такви услови длабокото дишење е сосема оневозможено. Така се стекнува штетна навика на дишење само со горниот дел од белите дробови, а последиците често се слабост и болест. {ХУ 88.1}
Мнозинството од жените не е свесно за последиците предизвикани со стегање на телата, иако тоа прашање веќе го разработиле многу способни писатели. Мнозина тврдат дека цврстото стегање на телото на класичен начин денес речиси сосема е изоставено и така овие забелешки ги сметаат за непотребни; но, вистина е дека денес поголемиот дел од жените носат облека која е толку припиена до телото што животните органи не можат правилно да функционираат. Секој дел од облеката би требал да биде толку комотен да ја подигнува и облеката со подигањето на раката. {ХУ 88.2}
Друга грешка во денешното женско облекување е носење здолништа чија тежина се потпира само на колковите. Под постојан притисок на тој товар цревата се опуштаат, желудникот ослабнува, доаѓа до чувство на малаксаност и таквите страдалнички се принудени да одат поднаведнати. Освен тоа, тоа доведува до стеснување на белите дробови и го попречува нивното правилно работење. Крвта станува нечиста, порите на кожата ја откажуваат нивната улога и последиците се бледило и болест, а убавината и здравјето ги снемува. Прибегнувајќи кон козметички средства дамите можат привидно да ја дотераат бојата на лицето, но не можат да го повратат природното црвенило на здравјето. Она што ја предизвикало бледоста на лицето и направило кожата да потемни, исто така го помрачува и духот и ги уништува расположението и мирот на душата. Секоја жена која се грижи за своето здравје треба на секој начин да одбегнува се што ги оптоварува колковите. Тежината на секој дел од облеката треба да се потпира само врз рамениците. Тоа во голема мерка ќе придонесе да се спречат слабостите кои земаат замав до загрижувачка мерка во женскиот свет. {ХУ 88.3}
Екстремитетите кои, поради нивната оддалеченост од центарот на крвотокот, би требале да се затоплуваат дури и повеќе од останатите делови на телото, често не се соодветно заштитени; додека премногу се облекуваат оние делови од телото во кои се наоѓаат органите и кои, природно, имаат повеќе топлина. Деловите од облеката од тешко платно, кои често се носат на грбот создаваат одвишна топлина и поттикнуваат наплив на крвта во чувствителните органи што се наоѓаат во тој предел. Современиот начин на облекување е една од најголемите причини за заболувања кај жените. Совршеното здравје зависи од совршениот крвоток. Ако долните делови од телото доволно се затоплат, тогаш нема да има потреба да се облекуваат по неколку здолништа. Фустаните не треба да бидат толку тешки за да го попречуваат слободното движење на нозете, ниту толку долги за да собираат влага и нечистотија од подот, а со целата тежина треба да висат само на рамениците. Облеката треба да биде така подесена што нема да ја попречува циркулацијата на крвта, ниту слободното, длабоко природно дишење. Нозете треба соодветно да се заштитат од студ и влага. Така облечени, можеме слободно да се движиме на свеж воздух, и наутро и навечер дури и по роса, или штом ќе престанат дождот или снегот, без никаков страв од настинка. Движењето на свеж воздух е неопходно за здрава циркулација на крвта. Тоа е најдобро обезбедување против настинки, кашлици и внатрешна презаситеност со крв, кои полагаат темел на многу болести. Вистинската реформа во облекувањето го опфаќа секој дел од облеката. Кога тие дами што веќе го загубиле здравјето би ја отфрлиле модерната облека и би се облекувале прикладно, удобно за движење надвор од дома на свеж воздух, отпрвин внимателно, а потоа се повеќе, колку што можат да издржат, мнозина од нив би можеле да го повратат здравјето и да живеат на благослов на светот со својот пример и работата. {ХУ 89.1}
Не е Божја волја мажите и жените да умираат пред време, оставајќи ја недовршена својата животна задача. Тој сака да ја доживееме полната мерка на нашите денови и секој наш орган слободно да ја извршува задачата што му е одредена. Мнозина се жалат на Божјото провидение кога смртта и болестите ќе им земат некој член на семејството; меѓутоа, неправедно е да Му се припишува на Бога она што сигурно е последица на прекршувањето на природните закони. {ХУ 90.1}
Мајките кои во облекувањето се поведуваат по нездравата мода, исто толку нездраво ги облекуваат и своите девојчиња. Тие почнуваат да ги стегаат нивните тела, а нозете ги оставаат сосема незаштитени уште од рана младост, кога на силите на природата треба да им се овозможи секоја предност за физичкиот состав на детето да може совршено да се развие. Нозете не се создадени да можат да бидат толку незаштитени како лицето. Децата кои се облекуваат според барањата на модата не можат подолго време да бидат надвор од дома, освен ако времето е благо. Затоа, ги чуваат во лошо проветрени соби, страхувајќи да не настинат; уште и добро поминуваат со својот модерен начин на облекување. Меѓутоа, кога би биле добро облечени, на тие деца воопшто не би им штетело слободното движење на свеж воздух ни лете ни зиме. Нездравото облекување на многу деца им донесува доживотна онеспособеност и рана смрт, што во многу случаеви може да биде и подобро од таквиот живот. Така модата ги полни домовите на своите робови со инвалиди, а гробиштата со гробови на малечки деца. {ХУ 90.2}
Мајко, дали сакаш твојата ќерка да живее и на своето лице да го носи руменилото на здравјето? Тогаш, учи ја да се облекува така што ќе го заштитува а не поткопува своето здравје. Ако ја сакаш и ѝ посакуваш добро, зошто со својот пример ја учиш дека не е грев да се унакажува божествениот образ на своето тело? Каква причина ќе можеш да Му наведеш на Создателот за деформирање не телото кое претставува дело на Неговите раце? Одврати се од модните измислици и проучувај го човечкиот организам. Ние сме чудесно и прекрасно создадени и своето тело треба да Му го дадеме на Бога, како жива жртва. Како една мајка, како христијанка, може да се поклонува пред олтарот на модата и во исто време да ја сочува својата предаденост на небесниот Бог? Тоа е невозможно. „…Не можете да Му служите и на Бога и на мамона” (Лука 16:13). Не можеш своето време и талентите да му ги посветиш на светот, а во исто време својот ум и телото да ги одржиш во состојба да ја извршат задачата што Бог ти ја доверил: да ги воспитуваш своите деца и да им помагаш во нивниот физички развој, што за нив треба да претставува благослов до крајот на нивниот живот. {ХУ 91.1}
И малите момчиња исто се облекуваат така што нозете им се многу помалку заштитени од горниот дел на телото. Наспроти тоа, нозете – бидејќи се најоддалечени од центарот на крвотокот, треба да бидат повеќе затоплени. Крвните садови што ја доведуваат крвта во тие делови од телото се широки и овозможуваат проток на доволно количество крв за снабдување на тие екстремитети со топлина и неопходни хранливи состојки. Меѓутоа, кога крвта во тие од срцето толку оддалечени делови ќе се олади, крвните садови се стеснуваат и крвотокот забавува. Така, нозете на детето не само што страдаат од студ, туку поради недостиг на хранливи состојки не го достигнуваат својот природен развој. Добрата циркулација ја чисти крвта и обезбедува здравје, додека слабата циркулација ја прави крвта нечиста и доведува до нејзино натрупување во животните органи. {ХУ 91.2}
Мајки, зошто своите девојчиња и момчиња не ги облекувате удобно и здраво? Нивната облека нека биде секогаш едноставна, комотна и удобна; затоплете ги добро и рамномерно нивните екстремитети, особено стапалата и зглобовите на нозете; потоа пуштете ги слободно да се движат на чист воздух и да уживаат во здравјето и среќата. Потребна е морална сила за да ги раскинете прангите на модата и да ги воспитувате и облекувате своите деца во согласност со здравствените закони; но, резултатите изобилно ќе ги наградат сите напори, самооткажувања и непријатности. {ХУ 91.3}
Од Бога даденото време кое 6и требало да го посветат на вообличување на карактерот на своите деца, мајките често и го жртвуваат на модата. Наведнати над својата работа, најчесто над шиењето, зад затворени врати, лишени од сончева светлина и свеж воздух, тие го нарушуваат своето здравје. Се пропуштаат приликите кои би требале да се исползуваат за образование на умот и стекнување на полезни знаења. На тој начин тие стануваат неспособни на своите деца да им го овозможат она воспитание што би ги направило полезни во овој свет и достојни за подобар живот во иднина. Така, жените ги свиткуваат своите плешки под товарот на тешкиот крст. Меѓутоа, кога Христос од нив како од Негови следбеници би барал толку голема жртва, тие би сметале дека од нив се бара премногу и дека тој крст е премногу тежок. Од ниту еден Свој следбеник Христос не бара да носи толку тешко бреме како што е товарот на кој робовите на модата самоволно се изложуваат. {ХУ 92.1}
Кога христијанките би биле први во добри дела, давајќи пример на уреден, едноставен и здрав начин на облекување, би дошло до општа реформа во овој поглед. Кога би се раководеле според повисоки сфаќања, тие би ги ускладиле своите животни навики со законите на своето битие и 6и им се покорувале на физичките и моралните прописи на Божјиот Закон. Тогаш 6и се трошеле помалку средства, нерви и физичка сила за украсувањето на кое му се жртвува природната убавина. Кога повеќе наши домаќинки и мајки би биле практични жени, во многу семејства кои поради погрешните идеи за животот сега се несреќни, 6и дошло до промена на подобро. {ХУ 92.2}
Човечкото срце не се согласувало со Божјите барања. Според своите заклучоци, човекот секогаш настојувал да ги отфрли едноставните, директни упатства на Божјата Реч или на некој начин да ги избегне. Тие прописи кои бараат самооткажување и смерност, умереност и едноставност во разговорот, однесувањето и надворешниот изглед, мнозинството од оние што тврдат дека се Христови следбеници ги занемарувале во сите векови. Последиците секогаш биле исти – прилагодување на модата, обичаите и принципите на овој свет. {ХУ 92.3}
Малкумина се оние што го познаваат своето срце. Суетните и несериозни љубители на модата можат да тврдат дека се Христови следбеници, но нивната облека и разговори покажуваат со што е обземен нивниот ум и што ги привлекува нивните чувства. Надворешниот изглед е показател на она што се наоѓа во срцето. Вистински благородна личност не наоѓа задоволство во украсување на телото, за да се расфрла со тоа. Една смерна и побожна жена секогаш пристојно ќе се облекува. Едноставноста во облекувањето му овозможува на изгледот на разумната жена најмногу предности. Изборот на едноставна и прикладна облека открива благородност и посветеност на умот. Во посветеното срце нема место за мисли за непотребно украсување. {ХУ 93.1}
Помалку размислувајте за модата, а повеќе изучувајте го Христовиот карактер. Највозвишениот и Најсветиот помеѓу луѓето, во исто време бил и најскромен. Во Неговиот карактер се соединети и ускладени величественоста и скромноста. Сите војски на небото можел да ги повикува по Своја волја; сите светови во вселената биле под Негова власт; па сепак, заради нас станал сиромав, за ние да се збогатиме со неговата сиромаштија. Привлечностите, славата и сјајот на овој свет за Него немале никаква убавина. Во гроздот христијански доблести, им дал најистакнато место на скромноста и умереноста. Исус забележал колкаво внимание му се посветува на облекувањето, затоа ги предупредил Своите следбеници и, повеќе од тоа, им наредил да не размислуваат премногу за тоа: „Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат; не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив” (Матеј 6:28,29). {ХУ 93.2}
Украсите кон кои христијанките треба да се стремат, апостолите ги опишуваат вака: „Вашата убавина да не биде надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку – внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаниот и тих дух, што е драгоцено пред Бога” (1. Петрово З:3,4). „Исто така и жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жени, што и се посветуваат на побожноста” (1. Тимотеј 2:9,10). Горделивоста и раскошот во облекувањето се гревови на кои жените им се особено наклонети; затоа овие предупредувања се однесуваат директно на нив. {ХУ 93.3}
О, колку мала вредност имаат златото, бисерите и скапоцените облеки кога ќе се споредат со смерноста и љубовта Христова! Убавината на телото се состои во неговата пропорционалност – во складниот меѓусебен однос на неговите делови; меѓутоа, духовната убавина се огледува во хармонијата на душата со Христа – во потполната сличност со Него. Христовата милност навистина е бесценет украс. Таа го воздигнува и го облагородува оној што ја поседува, а исто така влијае и врз другите, привлекувајќи ги кон Изворот на светлината и благословите. {ХУ 94.1}
Христијанки, сестри мои, не трудете се толку да држите чекор со модата на овој свет, која постојано се менува. Попрво изучувајте го големиот Пример – животот на Исуса Христа, за да не се одвоите од Него. Определете се и тоа одлучно да останете на Лозата. Ако останете во Христа, ќе донесете голем род. Христос вели: „Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене” (Јован 15;4). {ХУ 94.2}
Постепениот развој на душата во милоста, чистотата и убавината претставува процес во кој мора непрекинато да се напредува. Родот станува сѐ посовршен; христијанинот ги прифаќа Христовите навики и волја. Меѓутоа, жална е вистината дека многу од оние што тврдат дека се христијани не напредуваат кон небото, туку тежнеат кон обичаите и праксата на овој свет. Тие се подготвени да го прифатат и она што е најгрдо, најнездраво и најспротивно на законите на природата, ако модата тоа го бара. Набљудувајќи ги модните модели со желба, тие и самите му стануваат слични на она на што толку му се восхитуваат. На тој начин, тие бргу го усвојуваат мерилото на овој свет, модата и горделивоста во нив ја надополнуваат промената на која сатаната и се радува и тие стануваат непостојани како бранови на вода. Постојаното, тивко делување на вистинската побожност ја губи својата животворна моќ и доследност; „И така, верата ако нема дела, сама по себе е мртва” (Јаков 2:17). {ХУ 94.3}
Постои облека кон која секое дете и секое младо суштество може да копнее без опасност. Тоа е „правдата на светиите” (Откровение 19:8). Само, кога тие тоа би го сакале и кога за тоа би се залагале толку колку што се трудат својата облека да ја усогласат со мерилата што ги пропишува модата на овој свет, набргу би се облекле во Христовата облека на правдата и нивните имиња не би биле избришани од книгата на животот. И мајките, како младината и децата, треба да се молат: „Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене” (Псалм 51:10). Таа чистота на срцето и милноста на духот се повредни од злато и за овој живот и за вечноста. Само оние со чисто срце ќе го видат Бога. {ХУ 95.1}
Затоа, мајки, „заповед по заповед, правило по правило”, поучувајте ги своите деца дека Христовата правда е единствената облека што ќе им овозможи пристап на небото и дека – облечени во неа – и тука ќе бидат во состојба верно да ги извршуваат своите секојдневни животни должности славејќи Го Бога. {ХУ 95.2}
