Христијанска умереност
Нашата духовна служба
„Браќа, во името на милоста Божја, ве молам, подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба, и не управувајте се според овој век, туку преобразете се според вашиот обновен ум, за да можете да познавате која е добрата, угодна и совршена волја Божја” (Римјаните 12:1,2). {ХУ 15.1}
Во старозаветната служба се барало секоја жртва да биде без мана; според горенаведените стихови, ние треба нашето тело да го дадеме на жртва жива, света и угодна на Бога, што ја претставува нашата духовна служба. Ние сме посебна творба на Божјите раце. Размислувајќи за прекрасното Божјо дело во обликувањето на човекот, псалмистот вели: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден” (Псалм 139:14). Има многу луѓе кои се образовани и ја познаваат теоријата на вистината, но не ги разбираат законите што владеат со нивното битие. Бог нѐ надарил со способности и таленти, а ние како синови и ќерки Божји сме должни нив да ги употребиме на најдобар можен начин. Ако ги ослабнеме силите на нашиот ум и телото со лоши навики или со попуштање на изопачениот апетит, нема да бидеме во можност да Го прославиме Бога како што би требало. {ХУ 15.2}
Вредноста на човечката душа можеме да ја разбереме само ако ја разбереме големината на жртвата која е поднесена за спасението на човекот. Речта Божја вели дека ние не сме свои, туку дека сме откупени по многу висока цена. За да ни се овозможи ослободување од робувањето на гревот произлезено од падот на човекот уште во Едем, платена е неизмерна цена. Г ревот на Адам го втурнал целиот човечки род во несреќа и безнадежност; но со жртвата на Божјиот Син на човекот му е дадено уште едно време на проба и милост. Со планот на спасението е предвиден пат на ослободување за сите кои сакаат да се служат со него. Бог знаел дека за човекот не е можно да извојува победа со сопствени сили и се погрижил да му пружи помош. Колку треба да бидеме благодарни што е отворен пат по кој треба да Му пристапуваме на Отецот и што вратата останала подотворена така што зраците на божествената слава можат да зрачат врз оние што сакаат да ги примат. {ХУ 15.3}
Христос го започнал делото на откупувањето токму онаму каде што започнал и падот на човекот. Прво бил искушуван токму во она во што Адам изневерил. Со искушение насочено кон желбата за јадење сатаната совладал поголем дел од човечкиот род и поради тој успех тој се чувствувал како господар на оваа падната планета, сметајќи дека таа е во негови раце. Меѓутоа, во Христа сретнал Еден способен да му се спротивстави и сатаната бил принуден од бојното поле да замине како поразен непријател. Христос вели: „Во мене нема ништо” (Јован 14:30). Неговата победа претставува гаранција дека и ние, исто така, од секој судир со непријателот можеме да излеземе како победници. Но, нашиот небесен Татко нема намера да не спаси без никакви напори направени од наша страна во желба да соработуваме со Христа. Ние мораме да го направиме својот дел, а божествената сила, соединета со нашите напори, ќе ја извојува победата. {ХУ 16.1}
Каде и да се свртиме, на секој чекор се соочуваме со неумереност; и треба да се запрашаме што правиме ние за да ги спасиме тие души од канџите на искушувачот. Сатаната будно и постојано настојува да го доведе човечкиот род потполно под своја власт. Тој најсилно го држи човекот под своја контрола со помош на желбата за јадење и затоа се труди таа желба да ја поттикнува и раздразнува на секој можен начин. Секое неприродно надразнување е штетно и поттикнува желба за употреба на алкохолни пијалаци. Како можеме да ги просветлиме луѓето и да ги спречиме ужасните зла што произлегуваат од употребувањето на нездрави јадења и пијалаци? Дали сме сториле се што би можеле да сториме во таа насока? {ХУ 16.2}
Некој ќе рече дека е невозможно пијаницата да се врати на вистинскиот пат и дека напорите направени во таа насока постојано би доживувале неуспех. Меѓутоа, иако не можеме да ги поправиме сите што отишле толку далеку, сепак, можеме да сториме нешто за да го спречиме ширењето на тоа зло. Родители, јас ве повикувам да помогнете во оваа задача; почнете прво со своите деца, пружете им вистинско воспитување. Трудете се да ги воспитате така што ќе бидат морално силни, за да можат да му се спротивстават на злото што ги опкружува. Лекцијата за самоконтрола детето на мора да започне уште додека тоа се наоѓа во прегратките на мајката. Детето мора да се учи да го смирува карактерот, да ја потчинува својата волја на волјата на постарите и на воздржување од нездрави желби и постојани барања. {ХУ 16.3}
Учете ги своите деца да им биде одвратно се што на било кој начин може да ги раздразни. Мнозина од незнаење поттикнуваат кај своите деца желба за такви средства. Во Европа сум видела како негувателките ставаат чаша со вино или пиво во устите на невините малечки, негувајќи на тој начин во нив склоност и желба за она што раздразнува. Како што растат и стануваат постари, тие деца сѐ повеќе и повеќе им се оддаваат на таквите навики, додека конечно – малку по малку – не бидат совладани до таа мерка што повеќе не може да им се помогне и, на крај, заминуваат во гроб како пијаници. {ХУ 17.1}
Меѓутоа, ова не е единствениот начин кој станува стапица и со кој се изопачува апетитот. И самата храна често е таква што поттикнува желба за пиење, кое раздразнува уште повеќе. Пред децата се става раскошен оброк- многу зачинети јадења, богато печено месо, слатки и торти. Многу зачинетата храна го надразнува желудникот и поттикнува желба за нешто што уште повеќе надразнува. Децата се изложуваат на искушение во поглед на апетитот не само со нездрава храна која премногу обилно им се дава за време на оброците, туку им се дава да јадат и помеѓу нив и тие во својата дванаесетта или четиринаесетта година неизлечиво заболуваат од диспепсија (нарушување во органите за варење). {ХУ 17.2}
Можеби сте имале прилика да видите снимка од желудникот на некој алкохоличар. До слична состојба доведува и надразливото влијание на силните зачини. Кога желудникот е во таква состојба се јавува неодолива желба за нешто уште посилно за да му се удоволи на апетитот и со тоа се оди се подалеку и подалеку. Набргу потоа, ги гледате своите синови на улица како учат да пушат. Тоа е една болна навика која им донесува болест и смрт. Па сепак, тие продолжуваат со тоа со таква истрајност што би можела да биде достојна за пофалба кога 6и се манифестирала во некоја подобра цел. Тутунот ја затапува острината на мозокот и ја умртвува неговата чувствителност. Пушењето предизвикува жед и желба за жесток пијалак и во многу случаеви го поставува темелот на пијанството. {ХУ 17.3}
Употребата на тутунот е една непријатна, скапа и валкана навика. Христовото учење, укажувајќи на чистота, самооткажување и умереност, ги погодува сите обележја на оваа одвратна навика. Кога ќе помислиме на долгиот пост што Исус го издржал за време на искушението во пустината за да ја скрши моќта што апетитот ја има врз човекот, тогаш навистина мораме да се зачудиме што и оние кои тврдат дека се Негови следбеници и се оддаваат на таа навика. Дали луѓето Г о прославуваат Бога кога му се оддаваат на тоа опојно труење кое ги ослабнува силите на нивното тело и им го заматува мозокот? Какво право имаат тие да го расипуваат Божјиот образ? Што вели апостолот? – „Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба” (Римјаните 12:1). {ХУ 17.4}
Врз нас лежи голема одговорност. Нашата служба на Бога не може да биде правилна ако своето тело не го предадеме на жива жртва. Никој не може да најде оправдување за осквернувањето и расипувањето на чудесно составениот човечки организам. Ако го правиме тоа, не страдаме само ние. Злото, преку наследство се пренесува и врз децата. Треба ли, тогаш, да се чудиме зошто децата кои се обременети со такво наследство не се плашат од Бога? Колку често гледаме момчиња од осум години како пушат! Ако ги прашате зошто го прават тоа, секој од нив ќе каже: „Татко ми пуши, па ако е тоа добро за него, добро е и за мене”. Ќе укажат и на проповедникот или надгледникот на неделното училиште (нешто слично на нашата саботна школа) и ќе речат: „Кога толку добри луѓе како што се тие можат да пушат, сигурно можам и јас”. Што друго и можеме да очекуваме од деца со наследени склоности, кога возрасните им даваат таков пример? Бог нека им се смилува на овие кутри робови на лошите навики! {ХУ 18.1}
И пушењето и оддавањето на алкохолот ја поткопуваат и уништуваат силата на нервниот систем и ја ослабнуваат неговата чувствителност, така што робовите на овие навики не можат да направат разлика помеѓу она што е свето и она што е несвето. Јасен пример за тоа колку опијанувањето влијае врз унижувањето на моралот, гледаме во случајот на Надав и Авијуд. Тие се изложиле на опасност пиејќи вино пред да пристапат кон извршување на свештеничката служба во шаторот и заради тоа не биле во состојба да направат разлика помеѓу обичниот оган и оној што бил наменет за оваа света служба. Поради тој прекршок тие ги загубиле животите. Некој ќе рече: „Ако тие биле пијани и поради тоа не можеле да ја согледаат разликата помеѓу тие два огна, зошто, тогаш, морале да бидат казнети?” Кога ја ставиле чашата врз своите усни, тие примиле на себе одговорност за се што ќе сторат додека се наоѓаат под влијание на тој пијалак. {ХУ 18.2}
Како стои работата во овој поглед со денешните законодавци и оние кои треба да делат правда во судниците? Ако било неопходно разумот на оние кои служеле во светата служба да биде чист и непоматен и тие потполно да владеат со себе, зарем тоа не е исто толку важно и за оние кои ги создаваат и применуваат законите на една голема нација? Како тука стојат судиите и поротниците во чии раце често се наоѓа судбината на човечкиот живот и со чија одлука невин човек може да се прогласи за виновен или злосторникот да се ослободи од обвинението? Зарем не е неопходно тие потполно да владеат со своите умни способности? Ако не се умерени во своите животни навики, тие не се достојни за такви одговорни места. Кога таквите луѓе му попуштаат на изопачениот апетит, нивните умни сили ослабнуваат и тие се наоѓаат во опасност да не раководат со правдата. Зарем оддавањето на алкохолот кој го замрачува умот е помалку опасно денес отколку тогаш кога Бог им го ускратил на оние што биле во светата служба? {ХУ 19.1}
Христос бил искушан во поглед на апетитот, но Тој од таа борба излегол како победник; со Неговата сила и ние можеме да станеме победници. Кој ќе влезе во Градот низ вратата? – Не оние што велат дека не можат да ја скршат моќта на апетитот. Христос и се спротивставил на силата на оној кој сака да не задржи во ропство; иако ослабнат со долгиот пост од четириесет дена Тој му одолеал на искушението и со тоа покажал дека нашата положба не е безнадежна. Знам дека со свои сили не можеме да ја извојуваме победата; и колку треба да бидеме благодарни што имаме жив Спасител Кој е подготвен и сака да ни помогне! {ХУ 19.2}
Се сеќавам на еден човек на кој во една прилика му упатив неколку збора во собранието. Оддавајќи им се на пушењето и алкохолот, тој и телесно и умно се наоѓаше на работ на пропаста. Како последица на раскалашниот живот, одеше подгрбавено, а неговата облека соодветствуваше на состојбата на пореметеност и на положбата во која се наоѓаше. Според се изгледаше дека отишол премногу далеку за да може да се врати на подобриот пат. Меѓутоа, кога љубезно го повикав да му се спротивстави на искушението со силата на воскреснатиот Спасител, тој стана и треперејќи рече: „Кога вие се интересирате за мене, тогаш и јас ќе се заинтересирам за себе”. Шест месеци подоцна тој човек дојде во мојата куќа, но јас не го препознав. Со лице на кое се читаше радост, додека очите му беа полни со солзи, тој ме фати зарака и рече: „Вие не ме познавате, но спомнете си за оној човек во дотраен, стар капут кој стана во вашата црква и рече: ’Ќе се потрудам да се реформирам’”. Бев изненадена. Тој сега стоеше сосема исправен и изгледаше десет години помлад. Тој заминал дома по оној состанок во црквата и поминал долги часови во молитва и борба сѐ додека не изгреало сонцето. Тоа била ноќ на борба; но, фала Му на Бога, тој од неа излегол како победник. Тој човек сега може да раскажува колку е жалосно робувањето на лошите навики затоа што го преживеал тоа. Тој знае како треба да се предупредуваат младите и да им се укажува на опасноста од се што го валка и расипува човекот; а на оние кои што, како и тој самиот, биле совладани, може да им укажува на Христа како на единствен извор на помош. {ХУ 19.3}
За време на патувањата сум била сведок на гозби, насладувања со јадења и пиења и бучни веселби; и кога, како јасни последици на таквото попуштање, слушнав богохулно смеење и видов омаловажување, па дури и јасен презир на се што е свето, помислив на богохулната гозба на Валтазар, на која биле повикани илјадници негови кнезови, жени и дворјани – на гозба на која дрско се пиело вино од светите садови земени од Божјиот храм, додека развратниците правеле оргии и ги славеле своите богови од сребро и злато. Тие не биле свесни за фактот дека еден невидлив стражар го слушнал секој богохулен збор и ја видел секоја нивна постапка. {ХУ 20.1}
Среде веселбата, Валтазар ја здогледал бескрвната рака на еден непоканет гостин како на ѕидот од дворецот ги испишува зборовите кои светкале како оган – зборови кои, иако непознати и неразбирливи за таа раскалашна толпа, ја навестувале судбината на сега стаписаните развратници. Бучната веселба престанала, замолкнала богохулната смеа, а учесниците на оргиите, опфатени со неизмерен страв, не го симнувале погледот од зборовите испишани на ѕидот. Таму, каде пред само неколку мигови имало веселба и каде што се слушале богохулни зборови и шеги, сега се гледаат бледи лица и се слушаат застрашувачки крици на страв и ужас. Споулавеното викање на избезумениот цар одекнува во целиот двор, повикувајќи да дојде некој и да го прочита напишаното. Се повикуваат мудреците од целото царство, но тие таинствени букви им се непознати и ним исто како и на другите. {ХУ 20.2}
Тогаш, царицата-мајка се сетила на Даниел, кој пред многу години на царот Навуходоносор му го раскажал сосема заборавениот сон и му го протолкувал. Стоејќи пред таа преплашена толпа на развратници, Божјиот пророк го потсетил царот на гревот и падот на Навуходоносор и го укорил поради неговиот злостор. Потоа, се завртел кон ѕидот на кој биле испишани зборовите и ја прочитал пораката испратена од небото. Раката веќе ја немало, но на ѕидот останале четири страшни збора. Задржувајќи го здивот, присатните напнато следеле додека Даниел ги читал зборовите и го изговорал нивното значење: „МЕНЕ, МЕНЕ, ТЕКЕЛ, УФАРСИН” – Го изброи Бог царството твое и му стави крај;’’ „Измерен си на кантар и се најде многу лесен;” „Царството ти е разделено и им е дадено на Мидијаните и Персијците”; (Даниел 5:25-28). {ХУ 21.1}
Како што е сигурно дека на гозбата на Валтазар присуствувал еден невидлив сведок, исто така е сигурно дека на секоја богохулна веселба присуствува еден таков сведок и исто така запишува: „Измерен си на кантар и се најде многу лесен”.{ХУ 21.2}
Неумереноста се повеќе зема замав и покрај сите напори таа да се намали. Никогаш не можеме да бидеме премногу ревни во настојувањето да го спречиме нејзиното ширење, да ги подигнуваме паднатите и слабите да ги заштитуваме од искушението. Со своите слаби раце, ние не можеме да сториме многу, но имаме сигурен Помошник. Не смееме да заборавиме дека Христовата рака може да допре и до најголемите длабочини на човековата беда и униженост. Тој може да ни пружи помош да го совладаме дури и тој ужасен демон кој се вика неумереност. {ХУ 21.3}
Оваа задача, меѓутоа, мора да се започне во домот. Најголем товар лежи врз оние кои се одговорни за воспитување на младите и вообличување на нивните карактери. Ова е задача на мајката, таа треба да им помага на своите деца во стекнувањето на правилни навики, чисти склоности, морални сили и вистински доблести. Учете ги да не се поведуваат по другите, да не потпаѓаат под лошо влијание, туку со своето влијание и пример и другите да ги наведуваат на добро, да облагородуваат и да ги воздигнуваат оние со кои се дружат. Објаснете им дека, ако одржуваат заедница со Бога, од Него ќе примат сила да им се спротивстават и на најжестоките искушенија. {ХУ 21.4}
Даниел на вавилонскиот двор бил опколен со привлечни работи кои наведуваат на грев, но со Христова помош тој ја задржал својата чест. Оној, кој и покрај сите можности што му се дадени не е во состојба да му се спротивстави на искушението, нема во небесните книги да биде запишан како јунак. Господ никогаш не дозволува луѓето да дојдат во толку тешка положба, за навистина да не можат да му се спротивстават на злото. Божествената сила секогаш е подготвена да потпомогне и да го зајакне оној кој учествува во божествената природа. {ХУ 22.1}
Искушението во поглед на попуштањето на апетитот има толкава моќ што можеме да му се спротивставиме единствено со силата што Бог може да ни ја даде. Но, за секое искушение имаме Божјо ветување дека ќе се најде пат по кој можеме да го избегнеме. Зошто, тогаш, толку многу луѓе стануваат совладани? Затоа што немаат доверба во Бога. Тие не се служат со средствата предвидени за нивно добро и безбедност. Изговорите за задоволување на изопачените желби, затоа, немаат никаква тежина ниту вредност пред Бога. {ХУ 22.2}
Даниел се служел со своите способности и ги ценел, но не верувал во нив. Тој верувал во силата што Бог им ја ветува на сите кои Му се обраќаат во понизност и потполна зависност, потпирајќи се потполно врз Неговата сила. {ХУ 22.3}
Тој во своето срце наумил да не се осквернува со царското јадење, ниту со виното што царот го пиел, затоа што знаел дека таквата храна не би ги зголемила неговите физички сили ниту, пак, би ги засилила неговите умни способности. Тој не употребувал вино ниту било какво надразнувачко средство; не сакал со ништо да го замрачува својот ум; и Бог му дарувал „знаење и разбирање на секаква книга и мудрост”, а исто така и „Да толкува секакви виденија и соништа” (Даниел 1:17). {ХУ 22.4}
Во подоцнежните години му биле доверувани тешки државнички одговорности и грижи и бил оптеретен до крајните граници на своите можности, но во судир со тешкотиите, тој се повеќе се развивал во силата. Цврсто се држел за раката на бескрајната сила и не бил совладан. Знаел дека само со Божја помош може добро да ја изврши својата задача. Сфатил дека во неволјите и искушенијата со кои бил опколен, не би издржал ни еден час кога Бог не би бил со него. Се молел три пати на ден и Бог ја услишил неговата молитва. На небесниот Стражар Му биле познати неговите намери и бидејќи тој застанал на Божјата страна, за да оди по Господовите патишта и Господ се ставил на страната на својот слуга за да го одржи. {ХУ 23.1}
Во родителскиот дом, Даниел од детство бил привикнуван на строга умереност. Го учеле дека со своите навики мора да им се покорува на законите на природата; дека неговите навики во јадењето и пиењето директно влијаат на неговата физичка, умна и морална природа и дека за своите способности Му одговара на Бога; а бидејќи тој сите ги сметал за дар примен од Бога, не смеел со ништо да ги намали или ослабне. Така воспитан, тој имал високо мислење за Божјиот закон и го почитувал во своето срце. Во првите години од своето робување, Даниел поминал низ една тешка проба во која ја запознал величественоста на царскиот двор, но и лицемерството и незнабоштвото кои во него владееле. Тоа била необична школа која требала да го оспособи за живот на трезвеност, трудољубивост и верност. И покрај атмосферата на зло со која постојано бил опкружен, тој останал сосема праведен во својот живот. {ХУ 23.2}
Искуството на Даниел и неговите млади другари ги илустрира благословите кои се јавуваат како последица од умереност во исхраната и покажува што ќе стори Бог за оние кои сакаат да соработуваат со Него во делото на очистување и облагородување на душата. Тие Го прославувале Бога и претставувале блескава светлина на вавилонскиот двор. {ХУ 23.3}
Во овој настан го слушаме Божјиот глас, кој се упатува кон секого од нас поединечно и нѐ моли да го собереме секој зрак од скапоцената светлина за здравствената реформа и да заземеме правилен став во врска со законите за здравјето. {ХУ 23.4}
Ние сакаме да учествуваме во вечното наследство. Сакаме место во Божјиот Град во кој нема да влезе ништо нечисто. Целото небо со најголемо внимание го следи текот на нашата борба со искушенијата. Сите кои го исповедаат Христовото име нека живеат така што со својот живот и поука, ќе ги проповедаат вистинските начела на животот. „Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба” (Римјаните 12:1). {ХУ 24.1}
