3. СВЕДОШТВОТО НА ПРОВИДЕНИЕТО
Вторник, 1 септември 2026
а. Кои драгоцени поуки можеме да ги научиме од пророците, кои ќе нè охрабрат во време на обесхрабрување и искушенија?
Јаков 5:17; Римјаните 8:28; 1 Јованово 5:14.
„Од состојбите и околностите, од промените што секојдневно се случуваат околу нас, можеме да извлечеме скапоцени поуки, ако нашето срце е отворено да ги сфати… Патријарсите и пророците биле луѓе ’подложни на слабости како и ние’ (Јаков 5:17). Ние ги гледаме како се борат со истото обесхpaбрување што нè обзема и нас, како паѓаат во искушенија како и ние што паѓаме, и како сепак храбро стануваат и победуваат со Божјата благодат: и гледајќи, стекнуваат храброст во своето тежнеење за праведноста.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 87.
б. Ако Бог се грижи за природата, колку повеќе се грижи за Своите деца?
„И природата и откровението ни сведочат за Божјата љубов. Нашиот небесен Отец е извор на животот, на мудроста и радоста. Погледнете ги само чудесата и убавините на природата! Мислете на нивната прекрасна прилагоденост кон потребите и среќата, не само на човекот, туку и на сите живи созданија! Сончевата светлина и дождот кои ја оживуваат и ја освежуваат Земјата, ритчињата, морињата и рамнините – сето тоа ни зборува за љубовта на Творецот.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 9.
в. На што треба да се насочи нашето внимание кога веруваме во ветувањето за Божјата грижа за нас?
„Кога ние во свои раце ќе го преземеме управувањето со работите кои ни се доверени, и кога потпирајќи се на својата мудрост, сакаме да постигнеме успех, го преземаме товарот кој Господ не ни го дал и се обидуваме да го носиме без Негова помош. Ние на себе ја преземаме одговорноста која му припаѓа на Бога и така всушност се ставаме на Неговото место. Тогаш со право можеме да бидеме загрижени и да очекуваме опасности и загуби, бидејќи тие сигурно ќе нè снајдат. Но, ако вистински веруваме дека Бог нè љуби и ни посакува само добро, тогаш ќе престанеме да се грижиме за иднината. Ќе се надеваме на Бога како што детето се надева на своите родители, кои ги сака. Тогаш ќе престанат нашите грижи и маки, бидејќи нашата волја целосно се соединила со Божјата волја.“
Извор: Мисли од Гората на блаженствата, стр. 100.
