3. СЕКОЈДНЕВНО ПОСВЕТУВАЊЕ
Вторник, 18 август 2026
а. Која е првата должност на Божјите деца на почетокот од секој ден?
„Наутро посветете му се на Бога; тоа нека ви биде прва работа. Вашата молитва нека ви биде: Земи ме, о Господе, потполно да бидам твој! Сите мои планови ги ставам пред Твоите нозе. Употреби ме денес во Твоја служба. Биди со мене и целото мое дело нека се врши во Тебе! Така треба да биде секој ден. Секое утро посветувајте му се себеси на Бога за тој ден. Изнесете му ги сите свои планови со цел Неговото провидение да покаже дали треба да ги оствариме или отфрлиме. И така, од ден на ден, својот живот ќе го предавате во Божјите раце; така вашиот живот ќе се обликува да биде сè посличен на Христовиот живот.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 70.
б. Кој повик Христос ни го упатува секој ден?
„Животот во Христа е живот исполнет со спокојство. Можеби во него нема да има занес на чувствата, но ќе има постојана, спокојна доверба. Вие не се надевате во себе туку во Христа! Вашата слабост е соединета со Неговата сила, вашето незнаење со Неговата мудрост, вашата кревкост со Неговата издржливост. И така не треба да гледате на себе, не треба да се занимавате со себе, туку гледајте на Христа! Вашите мисли нека се занимаваат со Неговата љубов, убавина и совршенство на Неговиот карактер. Христос во своето самооткажување, Христос во своето понижување, Христос во својата чистота и светост, Христос со својата неспоредлива љубов, е тема за која треба да размислувате. Сакајќи го Него, следејќи го Него, целосно потпирајќи се на Него, вие ќе се преобразите и ќе му станете слични Нему.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 70.
в. Што е клучот за стекнување душевен мир?
„Оние кои се држат за Христовата Реч и ја предаваат својата душа на Негова грижа и својот живот на Неговото водство ќе најдат мир и спокојство. Ништо од овој свет не може да ги растажи, бидејќи Исус ги прави радосни со Своето присуство. Во совршеното помирување се наоѓа совршен мир… Нашиот живот може да ни изгледа многу замрсен, но ако се довериме на грижата на мудриот Бог, Тој ќе креира модел на живот и карактер, кои ќе бидат на Негова слава… Кога ќе примиме мир преку Христа, овде за нас започнува Небото. Ние одговараме на Неговиот повик: ’Дојдете, и поучете се од мене’ и така Доаѓајќи ние го започнуваме вечниот живот..“
Извор: Копнежот на вековите, стр. 331.
