Божествениот повик

Сподели го ова:

2. БОЖЕСТВЕНИОТ ПОВИК

Понеделник, 27 јули 2026

а. Од што мораме да се откажеме ако сакаме да бидеме Христови ученици?

Лука 14:33; Матеј 6:24.

„Давајќи му се себеси на Бога, ние безусловно мораме да го отфрлиме сето она што би можело да нè одвои од Него. Затоа Спасителот вели: „Така, секој од вас кој нема да се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик”. (Лука 14:33). Мораме да се откажеме од сето она што би можело нашето срце да го одврати од Бога. Мамонот е идол на мнозина. Љубовта кон парите, желбата за богатство, е златен синџир што ги врзува за сатаната. Други обожуваат углед и световна чест. Животот исполнет со себично безделничење и неоптоварен со одговорности е идол на трети. Но овие ропски окови мораат да се раскинат. Не можеме половично да му припаѓаме на Господа, а половично на светот. Ние не сме Божји деца ако не сме тоа во целост.“

Извор: Патот кон Христа, стр. 44.

б. Каков божествен повик Господ им упатува на сите што посакуваат обновување на срцето и животот?

Исаија 1:18; Еремија 29:13; Јаков 4:7–10.

„Божјото владеење не е втемелено, како што тоа би сакал да го прикаже сатаната, на слепо покорување, на неразумно ограничување. Тоа повикува на разумот и совеста. ’Ајде дојдете да резонираме заедно’, (Исаија 1:18) е повикот на Творецот кон суштествата што ги создал. Бог не влијае насилно врз волјата на своите суштества. Тој не може да ги прифати изразите на почитување кои не се поттикнати доброволно и свесно. Изнудената потчинетост би го спречила вистинскиот развој на умот или карактерот; би направила од човекот најобичен автомат. Тоа не е целта на Творецот. Тој сака човекот, врвното дело на Неговата творечка сила, да го достигне највисокиот степен на развој. Тој пред нас ја поставува височината на благословот до кој сака да нè воздигне преку Својата благодат. Тој нè повикува да му се предадеме, за да може да ја оствари Својата волја во нас.“

Извор: Патот кон Христа, стр. 43, 44.

„Христос се открил како Спасител на луѓето. Луѓето не требало да се потпираат на своите дела, на својата праведност или на себе на каков било начин, туку на Божјото Јагне, Кое ги зема врз Себе гревовите на светот. Тој е откриен како Застапник пред Отецот. Преку Него е упатен повикот: ’Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели.’ Овој повик на сличен начин одекнува и до нас денес. Да не дозволиме гордоста, самодовербата или самоправедноста да спречат некого да го признае својот грев, за да може да се повика на ветувањето.

Извор: Fundamentals of Christian Education, стр. 239.

Сподели го ова:

Поврзани статии