Гласник на реформацијата · 2025 · јули
Божјото завршно зајакнување
Молитвена седмица · Читајте, размислувајте и проучувајте


Приоритети
Постојат моменти во животот кога се соочуваме со итни ситуации. Во последните часови пред излегувањето на синовите Израелови од Египет, времето беше ограничено. Во врска со пасхалната вечера, тие добија божествени упатства:
„А вака јадете го: опашани околу половината, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова “ (Излез 12:11)
Немаше време за чекање, ниту луксуз за опуштено лежење без обувки, немаше ни можност за одложување на работите. Народот мораше да ја јаде оваа симболична вечера во брзина. Зошто?
Бог објасни:
„Зашто ќе поминам низ земјата египетска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата египетска, од човек до добиток, и ќе им се одмаздам на сите египетски богови, зашто Јас сум Господ. А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја казнам египетската земја“ (Излез 12:12,13)
Стануваше збор за живот или смрт. Тие мораа сериозно да го организираат своето време, давајќи му приоритет на она што Бог го заповедал.
Зар не се наоѓаме и ние денес во слична ситуација?
„Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак -народите“ (Исаија 60:2).
Зар денес не се соочуваме со густа темнина, во која се наоѓаат мнозина, потонати во вавилонската збунетост?
„И извика силно, зборувајќи со висок глас: ‘Падна, падна великиот Вавилон, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; зашто со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи. И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош! И чув друг глас од небото како вели: ‘Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини; бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини ’“ (Откровение 18:2–5).
Повторно, станува збор за прашање на живот или смрт. Царевите и трговците кои го водат општеството се заплеткани во изопачената мрежа на незаконска врска со оние што ја одржуваат вавилонската збунетост. Како можеме да бидеме сигурни дека целосно ќе ја избегнеме таа замка? И како можеме дополнително да им помогнеме и на другите да се ослободат од неа?
Веќе сме присутни 100 години. Благодарение на Божјата благодат, многу е постигнато. Но, исто така, многу останува непостигнато. Затоа, времето навистина е кратко.
„Делото што црквата ќе пропушти да го изврши во време на мир и благосостојба ќе мора да го изврши во страшна криза, под најтешки околности. Предупредувањата кои се замолкнати и спречени заради прилагоденоста кон светот ќе мора да се објавуваат во најтешката борба со непријателот на верата.“ – 5. Сведоштво, 463.
Да, мораме да побрзаме.
„Па така, внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри“ (Ефесјаните 5:16).
Излевањето на Светиот Дух во полна мера веќе долго доцни — не поради некаков недостаток кај нашиот совршен Бог, туку поради нашата сопствена мрзливост во жедта и гладта по Духот — и, да, во подготвеноста за полно излевање преку Неговата благодат.
„Дали ја отвораме вратата на нашето срце за Исуса, и ги затвораме сите можности сатаната да влезе? Дали секојдневно добиваме појасна светлина и поголема сила за да можеме да стоиме во Христовата праведност? Дали ги празниме нашите срца од себичност, чистејќи ги и подготвувајќи ги за да го примиме доцниот дожд од небото?“ – Historical Sketches, стр. 155.
Христос милостиво ни го отвори патот преку Своето распнување, воскресение и вознесение. Сега, повеќе од кога било досега, очајно ни е потребен Светиот Дух. Срдечната молитва за Неговото излевање треба да стане наш највисок приоритет.

Божјото завршно зајакнување
Кога нешто е засилено, тоа значи дека е дополнително зајакнато за да не се скрши, дури и тогаш кога природно би имало тенденција да попушти под екстремен притисок. Дали сега се чувствувате особено силни — физички, ментално и духовно? Во оваа кревка и неизвесна фаза од историјата, секој верник треба длабоко да биде свесен за човечката слабост и ограниченост — и за нашата голема потреба од Семоќниот Бог.
Бог, во Својата милост, знае колку многу би ни користело дополнително зајакнување токму сега. Затоа, во оваа година кога ја одбележуваме стогодишнината од основањето на Реформното движење на Адвентистите на седмиот ден, ја препознаваме нашата потреба од Неговото дополнително зајакнување, за да го довршиме делото што ни е доверено во овие последни денови.
Додека понизно се собираме во оваа посебна Молитвена седмица, треба усрдно да се молиме за излевањето на Светиот Дух во полна мера. Ова „освежување“ претставува чудесно зајакнување ветено од Небото, и тоа милостиво ќе се исполни под едноставни услови.
Читањата за оваа посебна Молитвена седмица ги опишуваат условите и изобилните благослови што се добиваат со примањето на Светиот Дух во силата на доцниот дожд.
Додека ги читаме овие текстови на тема Божјото завршно зајакнување, со цел навистина да ги исполнеме тие услови — отворени и подготвени да го примиме тоа излевање — нашата вера ќе биде богато наградена. Да направиме напор да ги споделиме овие големи благослови и со оние кои се осамени или врзани за своите домови.
Нека Господ милостиво одговори на искрената копнежлива молитва на сите што усрдно ја посакуваат оваа поткрепа и нека го примат Неговиот Свет Дух во силата на доцниот дожд за време на оваа посебна Молитвена седмица!

Постојано течење на маслото
„Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте неразумни. Неразумните ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло; а мудрите, заедно со светилките, зедоа во садовите свои и масло; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање:,Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!‘ Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилки. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите:,Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат.‘ Мудрите им одговорија и рекоа:,Но, може да не ни стигне и нам и вам: подобро одете кај продавачите и купете си!‘ А кога тие отидоа да купат, пристигна младоженецот и приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа:,Господаре, господаре, отвори ни!‘ А тој им одговори и рече:,Вистина, ви велам: не ве познавам!‘ И така, бидете будни, зашто не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 25:1-13).
Златното масло
„Нека ви биде половината препашана и светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и почука. Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи. А ако дојде и на втора или на трета ноќна стража, и ги затекне така, блазе на тие слуги… Затоа и вие, бидете подготвени, зашто Синот Човечки ќе дојде во часот кога не се надевате“ (Лука 12: 35-38,40).
Тука сме предупредени да не ги лишуваме своите души од привилегиите што ни ги подарил Господ, за да бидеме богати во верата и наследници според ветувањето. Треба будно да стражиме и да го очекуваме Господовото доаѓање. Првите знаци на духовна заспаност треба решително да се совладаат. На првите пројави на духовна мрзливост мора решително да им се спротивставиме. „Бидете трезвени, бидете будни“, нè поттикнува апостолот. Секој миг треба верно да се искористи. „А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен.“ Ни е кажано да го изградуваме своето спасение, а начинот како тоа да го правиме е јасно откриен: „Зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја.“
Оние што сакаат да бидат подготвени да се сретнат со својот Господ, мораат постојано да ги држат своите светилки наполнети со маслото на благодатта. Токму занемарувањето на оваа должност ги разликуваше неразумните девојки од разумните. Тие имале светилки, но немале масло; нивниот карактер не можел да ја издржи пробата. Разумните девојки не само што имале интелектуално познавање на вистината, туку преку Христовата милост нивната вера, трпение и љубов постојано се зголемувале. Нивните светилки биле постојано дополнувани преку нивната жива поврзаност со Светлината на светот. И додека неразумните девојки се разбудиле и сфатиле дека светилките едвај им светат или згаснуваат во темнината, разумните девојки, со светилки што јасно светеле, влегле на свадбената трпеза — и вратата се затворила.
Маслото на мудрите девојки
Маслото со кое разумните девојки ги наполнија своите светилки го претставува Светиот Дух.
„’И се врати оној ангел, кој зборуваше со мене’, пишува Захарија, ‘и ме разбуди, како што се разбудува човек од сон. Па ми рече: ‘Што гледаш?’ Одговорив: ‘Еве, гледам свеќник цел од злато и чашка за масло врз него, а и седум кандилца на него и по седум цевчиња за кандилцата, при врвот. И две маслинови дрвја на него -едно десно од чашката, а друго лево од неа… Потоа одговорив и му реков: ‘Што значат оние две маслинови дрвја од десната и од левата страна на свеќникот?’ И пак почнав да му зборувам и му реков: ‘Што треба да означуваат оние две маслинови гранчиња, што се наоѓаат меѓу двете златни цевчиња, кои долеваат масло?’ А тој ми рече: ‘Зар не ти е познато што е тоа?’ Му одговорив: ‘Не знам, господине мој.’ Тогаш тој ми рече: ‘Па тоа се двајцата помазаници кои стојат пред Господарот над целата земја’“ ( според Захарија 4:1–14 ).
Преку светите суштества што го опкружуваат Неговиот престол, Господ постојано одржува врска со жителите на земјата. Златното масло ја претставува благодатта преку која Бог ги снабдува светилките на верниците. Да не се излеваше ова свето масло од небото, преку пораките на Божјиот Дух, силите на злото би имале целосна власт над луѓето.
Бог е обесчестен кога ние не ги прифаќаме пораките што Тој ни ги испраќа. Така го одбиваме златното масло кое Тој сака да го излее во нашите души — за да може потоа да се пренесе светлината и на оние што се во темнина. Кога ќе го слушнеме повикот: „’Еве го младоженецот, излезете да го пречекате’, оние што не го примиле светото масло, што не ја негувале Христовата благодат во своите срца, ќе сфатат — како неразумните девојки — дека не се подготвени да го пречекаат својот Господ. Тие немаат во себе сила да набават масло, и нивниот живот е изгубен.
Но, ако го бараме Божјиот Дух, ако се молиме — како што се молеше Мојсеј: ‘Покажи ми ја славата Своја’ — Божјата љубов ќе се излее во нашите срца. Ќе ни биде дадено златното масло“ — The Review and Herald, 3 февруари 1903.
Излевањето на маслото
Божјиот народ треба да биде канал за остварување на највозвишеното влијание во универзумот. На пророкот Захарија, во визија, му беа прикажани две маслинови дрвја што стојат пред Господ, и од кои — преку златни цевчиња — златното масло постојано се излеваше во садот на светилиштето. Од тој сад, светилките на светилникот постојано се дополнуваат за да можат непрекинато да ја одразуваат сјајната и блескава светлина. Така, преку светите помазаници што стојат во Божјото присуство, полнотата на божествената светлина, љубов и сила се пренесува на Божјиот народ — за тие, примајќи светлина, радост и освежување, да можат да ги пренесат и на другите. На тој начин тие стануваат канали на божественото посредување, преку кои Божјата љубов се излева врз овој свет.
„Целта која денес Бог настојува да ја исполни преку Својот народ е иста како онаа која сакал да ја исполни преку Израел кога го извел од Египет. Набљудувајќи ја Божјата добрина, милост, правда и љубов откриена во црквата, светот треба да стекне една претстава за Божјиот карактер. Кога Божјиот закон така ќе се покаже со пример во животот, дури и светот ќе увиди дека оние кои се бојат од Него и Му служат, се повозвишени од секој друг народ на земјата. Господовото око почива на секој припадник на Неговиот народ; Тој за секого има Свој план.“ – 6. Сведоштво, 12.
Светлина што се излева
„Пораката на надеж и милост треба да се носи до краиштата на земјата, Секој што ќе посака, ќе може да посегне и да се фати за Божјата сила; ќе може да склучи и да има мир со Него. И незнабошците нема веќе да бидат обвиткани со полноќна темнина. Темнината мора да исчезне пред светлите зраци на Сонцето на правдата. Моќта на гробот ќе биде совладана.
Меѓутоа, никој не може да го даде она што самиот не го примил. Во Божјото дело ништо не може да се постигне со човечка сила. Ниту еден човек не може со свои напори да стане светлоносец за Бога. Единствено златното масло, кое небесните гласници преку златните цевки го спроведувале во златните садови во светилките на Светилиштето, било во состојба континуирано да ја одржува блескавата, сјајна светлина. Само Божјата љубов, која постојано се излева врз човекот, може да го оспособи човечкото орудие да пренесува светлина. Во срцата на сите кои со вера се поврзани со Бога, златното масло на љубовта тече слободно, за повторно да заблеска во добри дела, во вистинска, срдечна служба за Бога.
Во Големиот и неизмерен дар на Светиот Дух се содржани сите небесни ресурси. Ако врз човекот не се слева богатството на Божјата милост, тогаш тоа не е поради некакво ограничување од Бога. Кога сите би сакале да ја примат силата на Светиот Дух, сите би биле исполнети со неа.
Привилегија на секоја душа е да постане жив канал преку кој Бог ќе може да му ги пренесе на светот богатствата на Својата милост, неисцрпните Христови богатства. Нема ништо што Христос толку многу посакува како орудија кои на светот ќе му го претстават Неговиот Дух и карактер. Нема ништо што на светот му е толку потребно, колку што е манифестацијата на љубовта на Спасителот преку луѓето. Целото небо чека канали преку кои може да го излее светото масло да носи радост и благослов во човечкото срце.“ – Христовите поуки, 418, 419.
Секој човек е сад
„Ако верниците на Божјата црква денеска не одржуваат жива врска со Изворот на својот духовен развој, тие нема да бидат подготвени за жетвата. Ако нивните светилки не се постојано запалени и украсени, тие нема да ја примат оваа додатна благодат во времето кога тоа ќе им биде особено потребно.
Само оние кои постојано примаат ново изобилство благодат, ќе располагаат со сила сообразно со нивните секојдневни потреби и способност таа сила да ја употребат. Наместо да очекуваат некое време во иднина, кога со посебно завештание на духовна сила ќе добијат чудесна способност за придобивање на души, тие секојдневно му се предаваат на Бога за да ги престори во садови погодни за своја употреба. Тие користат секоја можност што им се дава за работа; каде и да се наоѓаат, тие предано работат за својот Учител – во некој скромен делокруг, во домот или на полето на јавната дејност.
На посветениот работник прекрасна утеха му дава сознанието дека дури и Христос за време на својот живот на земјата секој ден му се обраќал на Отецот за свежи изливи на благодат и, по еден таков разговор со Бога, заминувал да ги засилува и да ги благословува другите. Да го погледнеме Божјиот Син како наведен му се моли на Отецот!… Тој му ветува божествена помош секому кој целосно ќе ѝ се посвети на Неговата служба. Неговиот пример потврдува дека сесрдната и истрајна молитва, упатена на Бога со вера и со целосна сигурност и посветеност на неговото дело, на луѓето им носи помош од Светиот Дух во борбата против гревот.“ – Делата на апостолите, 55, 56.
На располагање токму сега!
„Сето богатство на небото чека на нашата молитва и нашето прифаќање; а кога ќе го примиме тој небесен благослов, наша должност е да го споделиме со другите. Така се полнат светите светилки, а црквата станува носител на светлината во светот.
Тоа е делото за кое Господ сака да го подготви секого токму сега — во времето кога четирите ангели ги задржуваат четирите ветрови, за да не дуваат додека слугите Божји не бидат запечатени на нивните чела. Нема време за уживања и себични задоволства. Светилките на душата мора да бидат украсени и снабдени со резерва од маслото на благодатта. Треба да се преземат сите мерки на претпазливост за да се спречи духовно опаѓање, за да не нè изненади големиот Господов ден како крадец во ноќта. Секој Божји сведок мора разумно и посветено да работи во полето што му го доверил Господ. Секој ден треба да стекнуваме живо и длабоко искуство во стремежот кон усовршување на христијанскиот карактер. Секој ден треба да примаме свето масло — за да можеме да го споделуваме со другите. Секој може да биде преносител на светлина во светот — ако го посака тоа. Своето „јас“ треба свесно да го потиснеме во втор план во Исус. Треба да ја примаме Господовата реч — преку совет и поука — и со радост да ја споделуваме. Денес, повеќе од кога било, неопходно е да се молиме. Христос заповеда: „Молете се постојано“ — односно, нека вашите мисли постојано бидат насочени кон небото, каде што е изворот на секоја наша сила и моќ.
„Можеби долго време сме го следеле тесниот пат, но тоа не е доволна гаранција дека ќе останеме на него до крајот. Ако сме оделе со Бога во заедништво со Духот, тоа е затоа што секојдневно сме Го барале со вера. Од двете маслинки, златното масло што тече преку златните цевчиња ни било пренесувано. Но оние што не го негуваат духот и навиката на молитва не можат да очекуваат да го примат тоа драгоцено масло на добрина, трпение, долготрпеливост, кроткост и љубов.
Секој треба да се чува од светот, кој е преполн со беззаконие. Не е доволно да одиме со Бога некое време, а потоа да се одвоиме од Неговото присуство и да продолжиме во светлината на искрите што самите ги распалуваме. Во нашата служба на Бога мора да има постојаност и истрајност во делата на верата.
Времето во кое живееме треба да биде, за оние што бараат, време на делување на Светиот Дух. Молете се и барајте го неговиот благослов. Време е да станеме поревносни во нашата посветеност. Нам ни е доверено тешко, но радосно и славно дело — да Го откриеме Христос на оние што живеат во темнина. Повикани сме да ги објавуваме посебните вистини за ова време. За сето тоа неопходно е излевањето на Духот. Треба да се молиме за тоа. Господ очекува да Му се обратиме. Ние досега не сме биле целосно посветени на ова дело.“ – Testimonies to Ministers, pp. 510–512.
Дали јас го попречувам протокот?
„Духот никогаш не може да се излее сè додека членовите на црквата се во меѓусебна неслога, и додека меѓу нив постои огорченост. Злобата, зависта, злите претпоставки и озборувањето му припаѓаат на сатаната и го попречуваат делувањето на Светиот Дух. Ништо на овој свет не му е толку драго на Бога како Неговата црква. Тој ништо не чува со толкава заштитничка грижливост. Ништо толку не го навредува Бога како постапката која нанесува штета на угледот на оние кои ја вршат Неговата служба. Тој ќе бара сметка од сите оние кои му помагаат на сатаната во неговото дело на критикување и обесхрабрување.
Оние кои се лишени од сочувство, нежност и љубов не можат да го вршат Христовото дело. За да може да се исполни пророштвото дека најслабите меѓу нив ќе бидат „како Давид“, а Давидовиот дом како „Господов ангел“ (Захарија 12:8), Божјите деца претходно мораат да ја отфрлат секоја сомнителна мисла во поглед на своите браќа. Срцата мораат да бидат единствени. Христијанската добродушност и братската љубов мораат многу пообилно да се манифестираат. Во моите уши звучат зборовите: „Зближете се меѓусебно, зближете се”. Светата вистина за ова време треба да го обедини Божјиот народ. Желбата за првенство мора да умре. Само во една работа сите треба со задоволство да се натпреваруваат кој најмногу ќе биде сличен на Христа по карактерот, кој најпотполно ќе го сокрие своето „јас“ во Христа…
Преобразувањето на карактерот треба да биде сведоштво на овој свет за Христовата љубов која престојува во нас. Господ очекува од Својот народ да покаже дека откупувачката моќ на благодатта може да влијае на лошиот карактер и да причини тој да се развие во склад и да стане изобилно плодоносен.
Меѓутоа, за да ги исполниме Божјите намери, мораме да се подготвиме за тоа. Господ нè повикува од своите срца да ја искорениме себичноста, која е корен на отуѓувањето. Тој копнее обилно да го излее на нас Својот Свет Дух, и бара од нас преку самооткажување да го израмниме патот за остварување на тоа. Кога сопственото „јас“ ќе му се потчини на Бога, тогаш нашите очи ќе се отворат и ќе го видиме каменот на сопнувањето кој, со своето нехристијанско однесување, сме го ставиле на патот на другите. Господ бара од нас сето тоа да го отстраниме. Тој кажува: „Исповедајте си ги грешките еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите“ (Јаков 5:16). Тогаш можеме да го чувствуваме она уверување кое го чувствувал Давид, кога по исповедањето на своите гревови, се молел: „Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и поткрепи ме со слободен дух. Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат“ (Псалм 51:12,13).
Кога Божјата благодат владее во душата, таа ќе биде опкружена со атмосфера на вера, храброст и Христова љубов, атмосфера која дава животна сила на духовниот живот на сите оние кои ја вдишуваат. Тогаш можеме да одиме на црковниот собор, не само за да примаме, туку и за да даваме. Секој оној кој станал учесник во Христовата љубов која простува, секој кој е просветлен со Божјиот Дух и кој е вистински обратен, чувствува дека тие благослови го обврзуваат кон секоја душа со која ќе дојде во допир. Господ ги употребува оние кои се понизни во срцето за да стигне до душите на кои не можат да им се приближат ракоположените проповедници. Тие ќе бидат поттикнати да зборуваат зборови кои ја откриваат спасоносната Христова благодат.
Донесувајќи благослов на другите, тие самите ќе бидат благословени. Бог ни пружа можност да ја делиме благодатта за повторно да нè исполни со уште поголема благодат. Кога Божјиот претставник се служи со талантите и можностите кои Бог Му ги подарил, надежта и верата ќе зајакнат и со него ќе соработуваат божествените битија.“ – 6. Сведоштво, 42-43.
Одржување на постојан проток
„Сега е времето за нашата проверка. На секој поединец му е доверен некој посебен дар или талент кој треба да се употреби во ширење на царството на Откупителот. На секој Свој претставник, од најмалечките и непознатите до оние кои се наоѓаат на високи положби во црквата, Господ им доверил Свои добра. На спасување на душите можат да работат и останатите, а не само проповедникот. И оние кои имаат помалку дарови должни се да ги користат на најдобар начин, бидејќи така можат да ги умножат талентите кои ги примиле. Да се омаловажат моралните одговорности и да ‘се презре денот на малите работи’ не е ниту малку безопасно. Во Своето провидение, Бог на секој поединец му доверува одговорности во склад со неговите способности. Никој не треба да се жали затоа што не може да Го слави Бога со таленти кои не ги примил и за кои не е одговорен.“ – 4. Сведоштво, 618.
„Способноста за примање на светото масло од двете маслинки постојано се зголемува ако примателот го празни својот сад, излевајќи го применото масло во зборови и дела за да ги задоволи потребите на другите. Работата, драгоцената работа која задоволува тоа значи постојано да се прима и постојано да се дава. {6С 117.1}
Нам секој ден ни е потребно ново масло и ние мораме да го имаме. На колку души можеме да им помогнеме ако им сведочиме! Целото небо чека на канали преку кои може да се излева светото масло кое ќе биде радост и благослов за другите. Јас не стравувам дека некој ќе изврши работа полна со грешки ако стане едно со Христа. Ако Тој живее во нас, ќе работиме постојано и ревносно, така што и нашето дело ќе биде трајно. Божествена полнина ќе се излева преку посветените човечки претставници кои ќе ја предаваат на други.“ – 6. Сведоштво, 117.
„Зошто не сме гладни и жедни за дарот на Духот, кога само преку Него можеме да добиеме сила? Зошто не зборуваме, не се молиме и не проповедаме за тоа?…
Духот ја обезбедува силата што ја поддржува душата која настојува и се бори во секоја неволја, среде непријателски настроени роднини, омразата на светот и свеста за сопственото несовршенство и грешки.“ – 8. Сведоштво, 22.
„’Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што му бараат?’ (Лука 11:13). Светиот Дух, Христовиот претставник, е најголемиот од сите дарови. Сите добри дарови се содржани во овој. Самиот Спасител не може да ни даде ништо поголемо, ништо подобро. Кога срдечно се молиме на Господа да ни се смилува во неволја, и да нè води со својот Свет Дух, Тој никогаш нема да ја одбие нашата молитва.“ – Мисли од гората, 132.

Небесниот гулаб
Присуството на Божеството
Целото Божество е вклучено во планот за нашето спасение. Читаме дека „Божеството било трогнато од сожалување кон човечкиот род, и Отецот, Синот и Светиот Дух се посветиле на создавање на планот за откуп.“ – Counsels on Health, 222.
„’Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да биде крстен од него. А Јован Го одвраќаше, велејќи: ‘Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?’ Но Исус му одговори и рече: ‘Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда’ (Матеј 3:13–15). Додека Исус се крштеваше во реката Јордан, небесните ангели со голем интерес го набљудуваа тој настан. Со Своето воплотување, Тој стана наш претставник.
Господ му вети на Јован Крстител дека ќе му даде знак по кој ќе може да Го препознае Месијата. И сега, додека Исус излегуваше од водата, ветениот знак беше даден; зашто тој ги виде небесата отворени и Божјиот Дух – во облик на гулаб од полирано злато – како се спушта над Христовата глава, и го слушна гласот од небото што велеше: ‘Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.’“ – Синови и ќерки Божји, 131.
„Христовата молитва во име на човекот ги отворила вратите на небото и Таткото одговорил прифаќајќи го Неговото залагање за паднатиот човечки род. Христос се молел како наша замена и како наш Влог и сега човечкиот род нашол пристап кон Таткото преку заслугите на Неговиот сакан Син.“ – Мојот живот денес, 260.
Значи, Отецот, Синот и Светиот Дух навистина беа присутни на тоа крштевање – симболиката на секое христијанско крштевање – поради што на сите верници им е дадена оваа заповед:
„Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“ (Матеј 28:19–20)
Зошто гулаб?
„Симболот во облик на гулаб што лебдеше над Исус за време на Неговото крштение го претставува кроткиот карактер на Неговата личност.“ – Selected Messages, bk. 2, p. 238.
Што значи ова за нас во ова време на човечката историја – дури и пред крајот на светот? Дали непријателот ни е зад пети?
„Дали некогаш сте гледале како грабливиот јастреб го напаѓа уплашениот гулаб? Гулабот инстинктивно чувствува дека може да стане жртва на грабливиот јастреб, само тогаш кога ќе дозволи во летот да биде понизок од него. Затоа тој, во борбата за живот, се воздига сѐ повисоко и повисоко во синиот бескрај. И јастребот исто така се обидува да го стекне тоа предимство, но залудно. Гулабот е безбеден сѐ додека не дозволи било што да го спречи во неговиот лет или да го привлече кон земјата, но штом ќе изгуби храброст и почне да се спушта пониско, неговиот буден непријател со сета своја сила напаѓа врз него како врз своја несреќна жртва. Ние оваа глетка ја следиме со најголемо внимание и скоро без здив, а нашите симпатии се потполно на страната на слабиот гулаб. И колку е жалосно кога гледаме дека тој паѓа како жртва на свирепиот јастреб!
Ние се наоѓаме во непрекината борба со сатаната и неговите лукаво подготвени искушенија. Со цел душата да ја фати во своите стапици, непријателот ги користи сите можни аргументи и измами; и ако сакаме да го добиеме венецот на животот, мораме непрекинато да вложуваме најодлучни напори. Не смееме да го одлагаме оружјето, ниту пак да ја напуштаме битката сѐ додека не извојуваме победа во силата на нашиот Искупител.
„Сѐ додека своите очи ги држиме насочени кон Зачетникот и Свршителот на нашата вера ќе бидеме сигурни. Но нашата љубов и нашите чувства мораат да бидат врзани за она што е горе, а не за она што е на оваа земја. Во стекнувањето на благодатта и добродетите Христови мораме со вера да се воздигаме сѐ повисоко и повисоко. Со секојдневното размислување за Неговата неспоредлива убавина и привлечност, мораме сѐ повеќе и повеќе да се преобразуваме во Неговото славно обличје. Додека живееме така во постојана врска со небото, сатаната залудно ќе ги плете своите мрежи и замки околу нас.“ – Мојот живот денес, 105.
Навистина – како што илустрацијата опишува – како што Отецот и Синот не отстапија од мисијата на искупување на нашиот паднат човечки род од вечната пропаст, така и Светиот Дух нема да претрпи пораз во овој чудесен план на нашето искупување. Силата на Светиот Дух ќе биде излеана врз нас без мерка, токму како што е ветено.
Светиот Дух на крајот на времето
Светиот Дух е главното средство на оваа земја преку кое ќе се подготви Божјиот народ за завршување на Неговото дело, затоа мора секојдневно да го бараме Неговото крштевање. „По часовите поминати со Бога, Тој излегувал секое утро за да им ја однесе небесната светлина на луѓето. Секојдневно добивал ново крштевање со Светиот Дух.“ – Христовите параболи, 139. Ако на Христос му беше потребно тоа освежување, колку повеќе ни е потребно нам во нашата падната состојба! Делото на Светиот Дух ни е неопходно во целиот процес на спасението, како и во исполнувањето на задачата за евангелизирање на целиот свет.
Христос им ја изнесе оваа вистина јасно на Своите ученици пред да се вознесе на небото.
„Но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата“ (Дела 1:8)
„И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24:49).
Кој нè крштава со Светиот Дух? Кога фарисеите и книжниците го прашаа за неговата мисија, Јован Крстител им зборуваше за Христос:
„Јас ве крштавам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган. Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне“ (Матеј 3:11,12)
Исус е Оној што ги крштава Своите деца со Светиот Дух.
Кога треба да бидеме крстени со небесниот гулаб? Тоа е навистина наша секојдневна потреба. Како што беше спомнато, овој дар на божествена сила ни е потребен секој ден – и за нашето лично обраќање, и за да допреме до нови души и да ги воведеме во небесното царство.
Пророк Захарија напиша:
„ Молете Го Господа за дожд во време пролетно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле “ (Захарија 10:1)
Кога е времето на доцниот дожд?
„Пораката на третиот ангел прераснува во гласен вик и не смеете да се чувствувате слободни да ја занемарите вашата сегашна должност, а сепак да негувате мисла дека во некој момент во иднина ќе го примите големиот благослов, кога без никаков напор од ваша страна ќе настапи прекрасно будење. Денес мора да Му се предадете на Бога за Тој да може да ве направи садови за чест и погодни за служба на Него. Денес треба да Му се предадете на Бога за да може да ве очисти од вашето ‘јас’, да ве исчисти од сомнеж, љубомора, завист, зли нагаѓања, расправии и сè што Го обесчестува Бога. Денес мора да ги исчистите своите садови за да бидат подготвени за небесната роса, подготвени за поројот на доцниот дожд; зашто доцниот дожд ќе дојде и Божјиот благослов ќе ја исполни секоја душа што е очистена од секоја нечистотија. Нашата задача денес е да му ги предадеме нашите души на Христос, за да бидеме подготвени за времињата на освежување што ќе дојдат од Господ – подготвени за крштевањето со Светиот Дух.“ – Selected Messages, bk. 1, pp. 190, 191.
Кои се условите за примање на крштевањето со Светиот Дух?
Пророкот Осија ни ги изнесува основните услови за примање на силата на Светиот Дух во времето на доцниот дожд:
„Ќе тргнам и ќе се вратам во Своето место, додека тие не признаат дека се виновни, и не го побараат лицето Мое. Можеби во својата мака ќе Ме побараат. Ќе велат: „Ајде да се вратиме кај Господ, зашто Тој нè рани и Тој ќе нè исцели, нè удри – и ќе ни ги преврзе раните наши; ќе нè оживее за два дена, а во третиот ќе нè подигне, и ние ќе живееме пред лицето Негово. И така, сега да се стремиме да Го познаеме Господа; а Тој сигурно ќе дојде кај нас, како утрена зора, ќе ни дојде како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја натопи земјата“ (Осија 5:15; 6:1-3).
Во овие стихови ги наоѓаме следниве услови што мора да ги исполниме за да го примиме доцниот дожд:
• Да ги признаеме нашите вистински престапи.
• Да Го бараме Господ со целото свое срце, во понизност и покајание.
• Да се вратиме кај Господ, за Тој да нè оживее.
• Да Го познаеме и да продолжиме да Го познаваме Господ. „Да се познава Бог значи да се љуби Бог.“ – Копнежот на вековите, стр. 22.
• Тогаш Тој ќе ни дојде како дожд, како позен и ран дожд на земјата.
Целосна предаденост
„Христос на Својата црква и го ветил дарот на Светиот Дух и тоа ветување не им припаѓа само на првите ученици туку и на нас. Меѓутоа, како и секое друго ветување, тоа е дадено под одредени услови. Многумина велат дека веруваат и полагаат право на Господовото ветување, тие зборуваат за Христа и за Светиот Дух, а Сепак немаат никаква полза од тоа. Тие не ја потчинуваат својата душа на контролата и водството на божествената сила. Ние не можеме да го употребуваме Светиот Дух, туку Тој треба да не употребува нас. Преку Него Бог влијае на Неговиот народ „да сака и да постапува според Неговата волја”. (Филипјаните 2:13) Меѓутоа, многумина не се подготвени да се покорат на тоа. Тие сакаат да управуваат сами со себе. Поради тоа тие не го примаат небесниот дар. Духот се дава само на оние кои понизно Го чекаат Бога и кои го очекуваат Неговото водство и благодат. Таа божествена сила подготвено чека да ја побараме и ќе ја примиме. Побаран со вера, овој ветен благослов ги донесува со себе и сите останати благослови. Тој се дава во сообразност со изобилството на Христовата благодат, а Тој е подготвен на секоја душа да и даде онолку колку што таа е способна да прими.“ – Копнежот на вековите, 672.
„Мнозина во голема мера занемариле да го примат раниот дожд. Поради тоа, не ги стекнале сите оние предности што Бог ги овозможува преку раниот дожд. Очекувале дека доцниот дожд ќе го надомести сето она што било пропуштено. Планираат да ги отворат своите срца дури тогаш, кога благодатта ќе се излее побогато и попотполно. Но таквите прават страшна грешка. Делото што Бог го започнал во човечкото срце со давање на светлина и познавање на вистината мора постојано да напредува. Секој поединечно мора да ја согледа својата лична потреба. Срцето мора да се испразни од секоја нечистотија и да се очисти за да биде подготвено за живеалиште на Светиот Дух. Признавање и напуштање на гревот, искрена молитва и предавање на Бог — тоа ги подготвило учениците за излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата. Истото, само уште подлабоко, мора да се направи и денес; дури тогаш човечките орудија можат да се молат за благослов и да чекаат Господ да го изврши своето дело врз нив. Бог е Оној што го започнал и Тој ќе го заврши своето дело, обновувајќи го целиот човек во Исус Христос. Но пред тоа, не смее да се занемари благодатта што го претставува раниот дожд. Само оние што живеат според светлината што веќе ја примиле можат да го очекуваат дарот на поголема светлина. Ако секојдневно не напредуваме во развивањето на христијанските доблести, нема да ја препознаеме манифестацијата на Светиот Дух во доцниот дожд. Можеби ќе се излева на сите срца околу нас, а ние ниту ќе го забележиме, ниту ќе ги примиме.
Во ниту една точка од нашето духовно искуство не смееме да се лишиме од помошта на Оној што нè оспособил да го направиме првиот чекор. Благословите примени преку раниот дожд ќе ни бидат потребни сè до крајот. Сепак, тие сами по себе нема да бидат доволни. И додека ги цениме благословите на раниот дожд, не смееме да ја изгубиме од вид вистината дека без доцниот дожд — кој ги исполнува класјата и овозможува зрното да зрее — жетвата нема да биде подготвена за српот, и трудот на сејачот ќе биде залуден. Божествената благодат е потребна на почетокот, потребна е на секој чекор од растењето, и само таа може да го доврши делото. Нема место ниту време за духовна незаинтересираност. Никогаш не смееме да ги заборавиме Христовите предупредувања: „Бидете будни и молете се“, „Бидете будни… молете се постојано.“ Поврзаноста со Божествениот Претставник е неопходна во секој момент од нашиот духовен напредок. Можеби сме имале одредена мера од Божјиот Дух, но со вера и молитва треба постојано да бараме уште повеќе од Духот. Не смее да има запирање во нашите напори. Ако не напредуваме, ако не се поставиме себеси во положба да го примиме и раниот и доцниот дожд, ќе ги изгубиме своите души — и самите ќе бидеме одговорни за тоа.“ – Testimonies to Ministers, pp. 507, 508.
Сега, кога како црква распространета низ целиот свет одбележуваме 100 години од нашето официјално организирање, крајно е време сериозно да ја сфатиме задачата што е пред нас. Крајно е време да го утврдиме својот избор и својата служба, и да ја одржуваме животворната врска со Господ, за „Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сè до Денот на Исус Христос“ (Филипјаните 1:6).
Време е да се збогуваме со овој злобен свет и да се подготвиме за скорото доаѓање на Исус за да можеме да одиме во нашиот небесен дом. Нека Господ го благослови Својот народ ширум светот со доцниот дожд!

Празни садови
Најголемиот евангелизатор и учител што некогаш се појавил во светот, токму што ја завршил Својата трииполгодишна служба на божествено поучување, проповедање и исцелување. Во параболите за сејачот и семето, и за пченицата и плевелот, Исус е опишан како сејач. Неговата главна задача била да го сее семето на вистината меѓу луѓето, бидејќи во параболите е претставен како сејач. (
„Така и Христос, небесниот сејач, излегол да сее“ – Христовите поуки, 36, а не да ја пожнее жетвата: „Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее“ (Марко 4:3). Од таа причина, „Како Откупител на светот, Христос постојано бил изложен на привиден неуспех.“ – Копнежот на вековите, 678.
Иако мноштво луѓе доаѓале кај Него за да Го слушаат во тој временски период, само неколкумина јавно ја прифатиле веста за спасението. Некои, како Никодим, Го прифатиле Месијата дури кога толпата Го водела кон крстот. Други чекале нешто повеќе.
Чекање
Можете ли да замислите дека, во време кога било неопходно да одат и да ги поучат сите народи и да го забрзаат Христовото доаѓање, Исус им вели на Своите ученици — да чекаат?
„И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24:49). И ние мораме да ја разбереме потребата да чекаме — во нашево време. „Ние треба да се молиме за излевање на Светиот Дух врз нас исто толку сесрдно како што се молеле учениците на Педесетница. Ако им бил потребен ним во тоа време, нам денес ни е уште попотребен. Морална темнина ја покрива земјата како мртвечки покрив. Секакви лажни учења, ереси и измами на сатаната ги заведуваат умовите на луѓето. Сите наши напори за ширење на вистината ќе бидат напразни без Духот и Божјата сила.“ – 5. Сведоштво, 158.
Но зошто да чекаме? Постои јасна врска меѓу повторното доаѓање на Исус и проповедањето на евангелието по целиот свет:
„И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
Зошто тогаш да чекаме? Која е целта на Светиот Дух? Ќе се фокусираме само на неколку точки, додека остатокот од ова специјално издание ќе ги опфати другите аспекти.
1. Што е тоа што ја осведочува душата?
„А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд“ (Јован 16:8).
Без делувањето на Светиот Дух, кој ги осведочува луѓето дека се грешници и дека им е потребен Спасител, можеме да проповедаме колку сакаме — и ништо нема да се случи.
2. Потребен ни е Светиот Дух затоа што Тој ни ги дава посебните Божји дарови.
„А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза. зашто, на еден му сè дава преку Духот да зборува со мудрост… Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака“ (1. Коринтјаните 12:7,8,11).
Црквата има потреба од сите овие дарови за да може на избалансиран начин да го исполни делото на евангелизација.
3. Точно е и тоа дека учениците мораа да чекаат за да бидат „облечени со сила одозгора.“ Светиот Дух ќе им даде сила од Бога кога тие ќе станат учесници во божествената природа. „Преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет“ (2. Петрово 1:4). А што се случува кога учествуваме во божествената природа? Што имаме чест да сведочиме додека се восхитуваме на божествената милост? „Соработувајќи со Христа, тие стануваат комплетни во Него и се оспособуваат во својата човечка слабост да ги вршат делата на Семоќниот.“ – Копнежот на вековите, 827.
Што претставуваат овие дела на Сѐмоќниот во овој контекст? Очигледно, тие не се човечки дела – за луѓето да не можат да си припишат никакви заслуги, бидејќи не се нивни заслуги.
„Сите оние кои со душа, тело и дух ќе Му се посветат на Бога, постојано ќе примаат нов дар на телесна и ментална сила. На располагање им се неисцрпните небесни извори. Христос им го дава здивот на Својот Дух, животот на Својот живот. Светиот Дух ја пренесува својата сила во срцето и умот. Божјата благодат ги проширува и ги умножува нивните способности и сето совршенство на божествената природа им доаѓа на помош во делото на спасување на душите.“ – Копнежот на вековите, 827.
Делата на Сѐмоќниот не ни се дадени за лична слава или возвишување. Тие се дадени за спасение на душите.
Верата како наука
Какви дела некого го прават верник?
„Зашто, ако со устата исповедаш дека Исус е Господ и во срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш“ (Римјаните 10:9).
Знаеме дека чинот на предавање води до обраќање. Поради тоа, ѓаволот никогаш нема да побегне сè додека не ја потчиниме својата волја на волјата на нашиот Творец и Искупител.
„Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7).
Ова спасоносно предавање произлегува од искрена вера дека Исус е Месијата, кого треба да Го исповедаме.
Исус проповедал три и пол години и луѓето можеле да разберат дека Тој е Месијата. Зошто толку многу од нив чекале до Педесетница? Зошто немало масовни обраќања за време на Христовата служба? Сите имале иста можност како и учениците и лесно можеле да посведочат:
„Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот“ (1. Јованово 1:1).
Но тие не го направиле тоа. Зошто се чекало учениците да крстат три илјади луѓе одеднаш и пет илјади друг пат? (Види Дела 2:41; 4:4).
Зошто резултатите станале видливи дури тогаш?
„Учениците требало да го започнат своето дело таму каде што Тој го посеал семето на вистината. Мнозина ги слушнале Неговите зборови и поверувале, но немале морална храброст да Го признаат како свој Спасител, за да не бидат исфрлени од синагогата. Кога Светиот Дух бил излеан, семето што Христос го посеал никнало и донело зрели плодови. Учениците биле охрабрени и исполнети со надеж, и биле подготвени да одат до најоддалечените краишта на земјата и да го проповедаат воскреснатиот Спасител.“ – The Signs of the Times, October 14, 1889.
Исус беше Богочовек, како што кажува и Неговото име:
„И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог“ (Матеј 1:23).
Божество мораше да го допре човечкиот род, така што „И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1:14).
Тој мораше да стане човек и да победи како човек.
„Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци; затоа Тој мораше во сè да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот“ (Евреите 2:16,17).
Во таа божествено-човечка природа, Тој беше без мана:
„Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос“ (1. Петрово 1:18-19).
Тоа значи дека Тој беше безгрешен и ни даде пример кој треба да го следиме.
„Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки: Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петрово 2:21-22).
Затоа Тој е наш Посредник и Помошник.
„Зашто, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да сочувствува во нашите слабости, туку таков Кој искусил сè како и ние, освен грев“ (Евреите 4:15).
Луѓето сето тоа можеа да го видат во Христос. Тој им го покажа патот на победата над гревот. Зошто тогаш тие чекале? Што уште сакале да видат? Луѓето по природа бараат некаков научен доказ – и ништо поинаку не е ни со спасението.
„Библијата е голем Божји учебник, негов голем воспитувач. Темелите на секоја вистинска наука се содржани во Библијата. Проучувајќи ја Божјата реч, ние можеме да се здобиеме со универзално знаење. И пред сè, ја содржи науката што ги надминува сите науки, науката за спасението. Библијата е рудник на неисцрпното Христово богатство.“ – Христовите поуки, 107.
Но што всушност ја дефинира науката? Апостол Павле не предупредува за „лажната наука“ (1. Тимотеј 6:20), односно знаење за кое се тврди дека е научно, но му недостига вистинска основа. Вистинската наука се темели на набљудување, демонстрација и повторливост. Научниците ги документираат своите методи, ги бележат сите чекори, а потоа проверуваат дали процесот може да се повтори со ист резултат. Резултатот станува научен кога некоја друга личност може да ги повтори истите чекори под исти услови и да дојде до ист заклучок. На сличен начин, спасението мора да биде повеќе од теорија — тоа мора да се да се живее и повторува во животот на верните.
Прикажете Го Исус
Исус покажа како треба да се живее свет живот. Сега, некој друг ќе живее како што живеел Тој – по истите начела. Тоа е причината поради која светот ќе поверува. Теоријата може да биде блескава; можеме да зборуваме за неа и да ја анализираме колку сакаме. Но да ја прикажеме – тоа е вистинската наука. Но да се прикаже – тоа е науката. А што се прикажува? Христос ни покажа дека различни националности, различни култури, различни личности, различни менталитети можат да станат едно.
„Денес, токму како и пред две илјади години, на светот му е потребно Христовото откровение.“ – Здравје и среќа, 143.
Од човечка перспектива, тоа е невозможно. Она што е природно за човека е:
„Ќе се крене народ против народ и царство против царство“ (Лука 21:10).
Тоа не се однесува само на војна. Само погледнете што се случува за време на фудбалски натпревар или некое друго меѓународно натпреварување. Да се биде христијанин значи токму она што Авраам мораше да го направи:
„Излези од својата земја, и од родот свој, и од домот на татко си, (па појди) во земјата што ќе ти ја покажам Јас“ (Создавање 12:1).
Тоа би било вистинско чудо – спротивно на човечката природа – и токму тоа е вистинската стварност. Во тоа искуство се крие силата на христијанството.
„За да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17:21).
Тоа е она што го прави човекот верник.
„Слогата и единството меѓу луѓето со разни карактери и склоности претставува најголем доказ дека Бог го испратил Својот Син во светот да ги спаси грешниците. Наша предност е тоа да го посведочиме. Но за тоа да можеме да го постигнеме мораме да се потчиниме на Христовата власт. Нашиот карактер мора да се прилагоди на Неговиот карактер и нашата волја мора да се потчини на Неговата волја. Тогаш ќе работиме во слога без ниедна помисла на судир.“ – 8. Сведоштво, 242.
Подготвеност: Земи го својот крст
Ако ја примевме полнотата на силата на Светиот Дух без да го разбереме ова искуство и неговото повторување, таа сила ќе се користеше за погрешни цели и намери. Затоа раниот дожд слезе врз учениците тогаш кога тие беа подготвени.
„Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место“ (Дела 2:1)
Дали тоа единство значи дека сите треба да мислиме исто по секое прашање?
„Многу работи што се однесуваат на надворешните форми воопшто не се определени во Светото писмо, туку се оставени нерешени; и често по овие прашања премногу силно се наметнуваат сопствени мислења и склоности. Кога секоја поединечна точка не е во склад со практиката на некој друг член на Заедницата, не дозволувајте мали разлики да прераснат во навреди и да доведат до неслога. Методите и мерките со кои доаѓаме до разни заклучоци не се секогаш сосема исти. Од нас се бара да го користиме разумот и расудувањето во однос на нашето дејствување. Искуството ќе покаже кој е најдобриот пат по кој треба да одиме во дадени околности. Не дозволувајте да се појават судири поради ситници. Духот на љубов и благост на нашиот Господ Исус Христос ќе ги поврзе срцата едно со друго ако секој го отвори прозорецот на своето срце кон небото и го затвори за она што е од овој свет.“ – The Ellen G. White 1888 Materials, 1698.
Коренот на единството лежи во чинот на предавање – целосното испразнување на нашите садови. Распнувањето било најсуров начин на погубување– секогаш спроведен насилно. Кога еднаш сте поставени на крстот, повеќе нема враќање. Вашата волја исчезнува, вашиот углед се губи. Вашето самопочитување, исто така, исчезнува. Тоа е најстрашното нешто што можело да ви се случи. А сепак, Исус вели:
„И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик“ (Лука 14:27).
Да, треба да го прифатиме тој најстрашен, најсуров начин на погубување, затоа што тој е нашето средство за влез во Божјото царство. Тоа вреди да се направи. Она што е смрт за светот, за верникот е живот и сила.
„Зашто словото за крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја“ (1. Коринтјаните 1:18).
Ние треба да го прифатиме токму тој крст.
„А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Галатјаните 6:14)
„Но за Павле крстот бил предмет на највозвишена почит. Откако бил запрен на својот пат како прогонувач на следбениците на распнатиот Назареќанец, Павле ниту за миг не престанал да ја воздига славата на крстот. Во тоа време му било дадено откровение за бесконечната Божја љубов како што се покажала во Христовата смрт; во неговиот живот настапила чудесна преобразба што ги довело во хармонија со она што е небесно. Од тој миг Павле станал нов човек во Христа. Од лично искуство знаел дека грешникот, кога еднаш ќе ја сфати љубовта на Отецот, која се гледа во жртвата на неговиот Син, и кога ќе му се потчини на божественото влијание, се преобразува во срцето и од тој миг Христос за него станува сè во сè.“ – Делата на апостолите, 245.
А што се случува ако го прегрнеме тој крст?
„Ако го издигнеме тој крст, ќе видиме дека и тој нас нè издига.“ – 8. Сведоштво, 45.
Јарем
Што претставува тој крст? Зошто тој е центарот на вистинската религија? Исус вели:
„А на сите им зборуваше: ‘Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи! Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, тој ќе го спаси“ (Лука 9:23,24). Носењето на крстот и самоодрекувањето всушност претставуваат едно исто. Мнозина кои се одрекуваат од себе, не се ништо подобри од порано. Тоа е затоа што тука не станува збор за било какво носење на крст. Треба да го земеме Христовиот крст и да го направиме свој. Со други зборови, треба да го понесеме крстот со Христос. „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28-30). Тој мир на душата ќе го најдеме дури кога ќе се впрегнеме со Христос во истиот јарем, а „тој јарем претставува целосно предавање.“ – In Heavenly Places, 236.
Што природно се случува кога доброволно се предаваме на тој крст?
„Тој вели дека Неговиот јарем е благ – и јас Му верувам. Тој вели дека товарот е лесен – и во тоа Му верувам. Кога ќе го прифатите Христовиот јарем, ќе престанат сите незадоволства и кавги.“ – The Ellen G. White 1888 Materials, 905.
Тоа значи дека целосно сме ги исполниле условите за доцниот дожд, затоа што сме се ослободиле од своето „јас“ и сме се исполниле со Христос.
„Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене“ (Галатјаните 2:19–20)
Позен дожд
Потребна ни е сила за да ја довршиме задачата што ни е доверена како поединци и како Заедница.
„Да го земеш Неговиот јарем врз себе е еден од првите услови за примање на Неговата сила.“ По распнувањето, учениците биле заедно десет дена во горната соба и потоа биле исполнети со сила. Зошто? Затоа што постигнале единство какво што имаат Исус и Отецот – и тоа во група луѓе кои дотогаш се натпреварувале за првенство. Како? Срцето мора да се испразни од секоја нечистотија и да се исчисти за да биде подготвено да стане престојувалиште на Светиот Дух. Признавање и напуштање на гревот, искрена молитва и целосно предавање на Бога – тоа ги подготвило учениците за излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетница. Истото, само уште подлабоко, мора да се направи и денес.“ – Testimonies to Ministers, p. 507.
Зошто како црква сè уште сме тука, по сто години? Многу поединци верно ја извршија задачата на која Бог ги повикал, и сега почиваат во гробовите, чекајќи го тоа посебно воскресение кога ќе го слушнат вечниот завет и конечно ќе Го видат Спасителот како доаѓа на небесните облаци.
Ние сè уште сме тука затоа што постои уште едно дело што треба да се изврши – не само поединечно, туку и како Заедница. Учениците мораа да се соберат заедно и во единство целосно да го предадат својот живот на Бога и еден на друг, мораа да се ослободат од своето „јас“ и да си исповедаат еден на друг. А како воопшто е тоа возможно?
„Учениците сесрдно се молеле за оспособување да истапат пред светот и со својот секојдневен допир со луѓето да изговараат зборови што се во состојба грешниците да ги доведат кај Христа. Отфрлајќи ги сите меѓусебни несогласија и секоја желба за превласт, тие присно се поврзале во христијанско братство. Сè повеќе се приближувале кон Бога и едновремено сè појасно сфаќале колку се среќни што им било дозволено да бидат во толку присен допир со Христа…
Тие денови на подготовка биле денови преполни со длабоко истражување и преиспитување на срцето. Учениците го чувствувале својот духовен недостиг и пекале пред Господа во молитва за свето помазание кое ќе ги оспособи за делото на спасување на душите. Не барале благослов само за себе. Ги притискал товарот за спасување на душите.“ – Делата на апостолите, 37.
Дали си го испразнил својот сад до таа мера што си подготвен да оставиш сè и да Му служиш на Учителот? Додека ја читаме оваа посебна Молитвена седмица, одбележувајќи сто години од постоењето на нашето движење, нека Господ ги запали нашите срца со желба за свет живот да го доживееме крстот лично – за да можеме да се обединиме во заедништво, да ја добиеме потребната сила за завршување на делото и конечно ќе се преселиме во нашиот дом и да бидеме со нашиот Спасител.

Подготовка во исхраната
Денес луѓето ширум светот сè повеќе се привлечени кон вегетаријанска исхрана. Според неодамнешни истражувања, во светот има над 640 милиони вегетаријанци. Поради овој растечки тренд, само во САД речиси половина од рестораните на своите гости им нудат менија базирани на растителна исхрана.
Луѓето се привлечени од вегетаријанството поради различни причини, од кои некои вклучуваат религија, етички мотиви, здравје, заштита на животната средина, економски фактори, култура или едноставно затоа што не сакаат месо.
Како народ што го очекува Христовото доаѓање, ние веќе долго време се храниме со растителна храна, како дел од подготовките за тој толку посакуван настан. Бог со љубов ја дал ваквата исхрана на Својот народ кој живее во изопачен свет. Планот на Господ е преку таквата исхрана да бидеме поздрави и да ги совладаме нашите недостатоци во карактерот. Тоа од нас бара решителна истрајност и умереност. Зошто ни е потребна умереност? Колку ќе биде опасно ако покажеме небрежност во нашиот апетит и неумереност во нашиот живот?
„Неумереноста била проклетство за светот речиси од неговото создавање. Синот на Ное со претерана употреба на вино толку се унижил што загубил секакво чувство за пристојност и проклетството предизвикано од неговиот грев никогаш не е повлечено од неговото потомство.
Надав и Авијуд биле луѓе во света служба, но со употреба на вино толку го помрачиле својот ум што не можеле да го разликуваат светото од обичното. Со тоа што принеле пред Господа „туѓ оган», ја занемариле Неговата заповед и ги стасала смртна казна.
„На Александар Македонски му било многу полесно да ги покори царствата на целиот свет отколку да ги совлада своите желби. И кога станал победник на светот, овој таканаречен великан поради попуштањата на апетитот паднал како жртва на неумереноста.“ – Христијанска умереност, 28,29.
Што мислите сега? Што е подобро за вас – да го освоите светот или да се победите себеси? Што вели Библијата за тоа?
„Кој владее со себе, подобар е и од освојувач на градови “ (Изреки 16:32).
Затоа Павле им пишува на верниците:
„ Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе “ ( Филипјаните 4:5).
Според дефиницијата, умереноста претставува постојана контрола врз сопствените постапки, мисли или чувства, за да се воздржуваме од прејадување, опивање и нагла лутина. Духот на пророштвото јасно објаснува:
„Вистинската умереност нè учи целосно да се откажеме од сè што е штетно, а разумно да го користиме она што е здраво.“ – Умереност, 138.
Постои ли поврзаност меѓу умереноста и прашањето за спасението? Дали умереноста во сè е дел од нашето библиско учење?
Еден од духовните родови
„А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон“ (Галатјаните 5:22,23).
Четвртата пречка на скалилото на посветувањето „Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов“ (2. Петрово 1:5-7).
Важна улога во нашето спасение
„Умереноста во сите нејзини облици зазема важно место во изградбата на нашето спасение. Поради лошите навики во исхраната, светот станува сè понеморален.“ – Evangelism, p. 265.
1. Умереност во исхраната
Една од точките што мора да ја разгледаме во врска со умереноста е умереноста во исхраната. Што мислите, која библиска приказна може да посведочи за вистинскиот пример на умереност во исхраната? Онаа на која најчесто прво се сеќаваме е примерот со Даниел. Што, всушност, одби Даниел?
„Даниил науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното што го пиеше царот, па затоа го замоли началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува… Тогаш Даниил му рече на чуварот, кого го беше поставил над Даниил, Ананија, Мисаил и Азарија началникот на дворјаните: ‘Обиди се со слугите свои – десет дни нека ни даваат зеленчук како храна и вода како пиење’“ (Даниел 1:8,11,12).
Бог сака да бидеме здрави. Тој сака да напредуваме и физички и духовно; токму поради тоа, на Адам и Ева по создавањето им дал растенија за исхрана.
„И Бог рече: ‘Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна’“ (Создавање 1:29)
„Нашите татковци во Египет не ги ценеа Твоите чудеса, не ги помнеа многуте милости Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море… Но тие набргу ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото решение; се занесоа од похотливоста во пустината, па Го искушуваа Бога во безводната земја“ (Псалм 106:7,13,14). „Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство“ (Псалм 78:18).
Значаен причинител зошто повеќе не е безбедно да се јаде месо е тоа што денес животните поминуваат низ страшни страдања и се погодени од разни болести. Во Еремија 45:5, пророкот најавува дека Бог „ќе испрати неволја врз секое суштество“, а во Својата милост, Господ ни дал план за исхрана за да нè заштити од различни болести. Сега е крајно време да се вратиме на првобитната исхрана што Бог му ја дал на човекот. „Зеленчукот, овошјето и житарките треба да ја сочинуваат нашата исхрана. Ниту еден грам месо не би требало да влезе во нашите желудници. Јадењето месо е неприродно. Ние треба да се вратиме кон Божјиот првичен план при создавањето на човекот.“ – Совети за животот и исхраната, 380.
Важни предупредувања
„Родителите кои ја знаат вистината во поглед на попуштањето на апетитот не треба да им дозволат на своите деца да јадат прекумерно или да се хранат со месо и други намирници кои ги поттикнуваат страстите. Човечкото тело е изградено од она што човек го внесува како храна. Употребата на месо ги зајакнува унижените страсти и ја поттикнува нивната претерана активност. Родителите треба да отстранат сè што го загрозува моралното и физичкото здравје на нивните деца. Тие не треба да ставаат месо на својата трпеза.“ – Pacific Union Recorder, October 9, 1902.
Пример од пустината
„Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето, и сите во Мојсеј се крстија во облакот и во морето; и сите јадеа иста духовна храна; и сите пиеја исто духовно пиење; зашто пиеја од духовната карпа, што ги придружуваше; а таа карпа беше Христос. Но повеќето од нив не беа по волјата Божја, затоа загинаа во пустината. А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи по злото, како што тие беа похотливи… Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите“ (1. Коринтјаните 10:1-6,11).
Во пустината, „Придојдените меѓу нив почнаа да негодуваат, а заедно со нив и синовите израелски седнаа, плачеа и велеа: ‘Кој ќе нè нахрани со месо?’“ (Броеви 11:4).
„Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство“ (Псалм 78:18).
Како одговорил Господ на нивното барање?
„Очистете се за утрешниот ден, и ќе јадете месо; зашто плачете пред Господ велејќи: – кој ќе не нахрани со месо; добро ни беше во Египет, – затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете месо; ќе јадете не ден, не два, не пет, не десет и не дваесет дена, но цел месец ќе јадете, додека не ви излезе од ноздрите и не ви омрзне, затоа што Го презревте Господа, Кој е меѓу вас, и плачете пред Него, велејќи: – што ни требаше да излегуваме од Египет… Месото беше уште во нивните заби и уште не беше изедено, кога се разгоре гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со мошне голем пораз. И го нарекоа тоа место: Киврот-Таава (гробишта на алчноста), зашто таму го погребаа народот, кој се покажа алчен“ (Броеви 11:18-20,33,34)
Што е со нас денес?
„Оние кои ги примиле упатствата во врска со штетноста од употребата на месна храна, чај, кафе и богата, нездраво приготвена храна и кои решиле со Бог да склучат завет на жртва, нема да продолжат да ѝ попуштаат на желбата за храна за која знаат дека е нездрава… Тоа е дело што мора да се изврши пред Неговиот народ да застане пред Него како совршен народ.“ – The Retirement Years, 129.
„Луѓето, можат да ги обесветат своите тела со грешни попуштања. Доколку се несвети, тогаш тие не се подесни за духовна служба и не се достојни за небото. Доколку човекот нежно внимава на светлината, која Бог во Својата милост ја дава да светли над здравствената реформа, ќе може да биде посветен со вистината и ќе биде подготвен за бесмртноста. Меѓутоа, доколку ја занемари светлината и живее кршејќи го природниот закон, ќе мора да ј прими казната.“ – Совети за животот и исхраната, 70.
„Гревови од најголема тежина се извршени преку попуштање на изопачениот апетит.“ – Совети за животот и исхраната, 44.
Како е опишан изопачениот апетит?
„Со постојаното јадење месо, на телото неизбежно му се нанесува штета. За тоа нема друг изговор освен ниските, изопачени желби.“ – Совети за животот и исхраната, 407.
„Доколку, после толку многу светлина, која што Бог ја дал, Божјиот народ негува лоши навики, попуштајќи си себеси и одбивајќи да се реформира, ќе претрпи неминовни последици од престапот. Доколку одлучат да по секоја цена го задоволуваат изопачениот апетит, Бог нема на чудесен начин да ги спаси нив од последиците на нивното попуштање. Тие ‘ќе лежат во маки’ (Исаија 50:11).“ – Совети за животот и исхраната, 25.
Консумирањето месо ќе доведе до смртоносни болести
Алармантното предупредување на Духот на пророштвото докажува дека употребата на месо во исхраната е опасна по нашето здравје.
„Месната храна претставува главен продукт на трпезата на некои семејства сè додека членовите на семејствата ќе ја затрујат потполно својата крв со бацили на рак. Телото на таквите е составено главно од она што го јадат. Меѓутоа, кога ќе ги снајдат страдања и болести, тие тоа го сметаат како удар на Провидението.“ – 3. Сведоштво, 563.
Во времето на Елена Вајт, многу лекари не знаеле дека консумирањето месо може да доведе до смртоносни болести во нашиот организам. Меѓутоа, денес науката го потврдува тоа. На пример, кога месото се пече или се става на скара, мастите од месото се топат и паѓаат врз загреаниот јаглен, создавајќи чад, а тој чад произведува метилхолантрен и бензопирен. Сушеното месо, како што се сланината и шунката, содржи нитрозамини. Кога ќе се внесат во телото, тие ја уништуваат ДНК-та на клетките, и наместо да умрат, клетките почнуваат забрзано да се размножуваат и формираат цисти и тумори. Месото, исто така, содржи заситени масти во форма на холестерол. https://www.sciencedirect.com/ topics/earth-and-planetary-sciences/nitrosamine „Светската здравствена организација го вброи преработеното месо — вклучувајќи шунка, сланина, салами и колбаси — во група 1 на канцерогени материи (познати како предизвикувачи на рак), што значи дека постојат силни докази дека преработеното месо предизвикува карцином. Консумирањето преработено месо го зголемува ризикот од карцином на желудникот и цревата. Црвеното месо, како што се говедско, јагнешко и свинско, спаѓа во група 2А, што значи дека веројатно предизвикува карцином.” – https://www. sciencedirect.com/topics/earth-and-planetary-sciences/ nitrosamine
Освен за консумирањето месо, постојат и совети од Духот на пророштвото во врска со одредени навики во исхраната и погрешниот животен стил кои можат да го уништат нашето здравје. Иако тие не се услов за членство во црквата, корисно е да ги почитуваме за да го зачуваме нашето здравје.
2. Мешањето овошје и зеленчук за време на оброк не е добра комбинација
„Зеленчук и овошје не треба да се јадат во ист оброк. За еден оброк јадете леб и овошје, а за друг леб и зеленчук.“ – The Signs of the Times, September 30, 1897.
Научниците откриле дека желудникот користи различни ензими за варење овошје и зеленчук. Кога јадеме овошје, најдобро е да се јаде само, на празен стомак, бидејќи се вари побрзо од другата храна. Сепак, комбинирањето на овошје и зеленчук (за чие варење е потребно различно време) може да доведе до гасови. Истото се случува и со соковите; тоа може да предизвика надуеност, рефлукс на желудочна киселина, па дури и мигрена. – https://timesofindia. indiatimes.com/life-style/health-fitness/diet/fruits-you-should-not-have-together/articleshow/58459356.cms
3. Треба да се избегнува јадење помеѓу оброците
„Откако е земен редовниот оброк, на желудникот треба да му се овозможи одмор од пет часови. Ниту трошка храна не треба да се внесе во желудникот до следниот оброк. Во овој временски интервал тој ќе ја изврши својата работа и ќе биде во состојба да прими повеќе храна.“ – Совети за животот и исхраната, 179.
„За мнозина два оброка се многу поздрави отколку три; други, поради одредени околности можеби мораат да земат нешто за вечера; но тоа треба да биде сосема лесно.“ – Хртистијанска умереност, 58.
Интересно е како денешната наука го открива ризикот од често внесување храна: „Влијанието на фреквенцијата и времето на внесување оброци врз здравјето и појавата на болести е веќе долго време предмет на интерес. Додека епидемиолошките докази укажуваат на поврзаност меѓу почести оброци и помал ризик од болести, експерименталните истражувања покажале спротивни резултати. Понатаму, одредени проспективни истражувања покажале значајно зголемување на ризикот од појава на болести кај оние што имале почести оброци (6 или повеќе оброци дневно), во споредба со оние што јаделе поретко (1–2 оброци дневно).” – https://pmc.ncbi.nlm.nih.gov/ articles/PMC6520689/
Денешните здравствени работници ја сфаќаат вредноста на диетата со повремено гладување. „Аутофагијата е фундаментален процес што се одвива на клеточно ниво, и преку него се отстрануваат отпадни материи, се поправаат постојните оштетувања, клетките се обновуваат и подмладуваат. По шеснаесет часа гладување, телото ќе започне да ги напаѓа лошите клетки. Организмот секогаш ќе се храни од оштетени клетки и ткива, извлекувајќи енергија од нив. Како последица на тоа, вашето тело ќе има можност да се ослободи од клеточниот отпад и абнормалните клетки, како што се малигните клетки.” – https://drpompa.com/ fasting/fasting-autophagy/
„Консумирањето само појадок и ручек ја намалува телесната тежина, масните наслаги во црниот дроб, нивото на гликоза во крвта на празен стомак, а ја зголемува чувствителноста на инсулин. Овие резултати укажуваат на тоа дека, за оние што се грижат за нивото на шеќер во крвта, земањето побогат појадок и ручек ќе биде покорисно отколку шест помали оброци во текот на денот.” – https://lifespa.com/diet-detox/diet/6-meals-a-day/
4. Избегнување прејадување
„Какво влијание има прејадувањето кон желудникот? Тој ослабува, органите за варење се ослабени, а резултат на сето тоа е болеста, со сето свое зло кое таа го донесува.“ – Совети за животот и исхраната, 101.
Според истражувањата на клиниката Мејо, вишокот на јаглехидрати или калории се претвора во триглицериди, што предизвикува висок крвен притисок, атеросклероза и воспаление на панкреасот.
Постојаното прејадување претставува големо зло што ги зајакнува унижените склоности и ја отапува совеста. Надминувањето на оваа навика значи:
„стави си нож под грлото ако си ненаситник“ (Изреки 23:2).
Тоа може да се постигне само со цврста решителност да бидеме умерени – со помош на Светиот Дух.
5. Умереност во сè
„Вашата кротост да им биде позната на сите луѓе! Господ е близу“ (Филипјаните 4:5).
„Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот се крие во срцето на безумните“ (Проповедник 7:9).
„И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1. Коринтјаните 10:31).
„Туку го истоштувам и го поробувам телото (го држам покорно).“ (1. Коринтјаните 9:27).
„Умереноста во сите нешта од овој живот треба да ја учиме и во теорија и во пракса. Умереноста во јадење, пиење, спиење и облекување е едно од возвишените начела на верскиот живот.“ – Совети за детето, 396.
Секој ден треба да пиеме доволно вода. Недостатокот на вода ќе ги уништи бубрезите и ќе ги оштети телесните функции. Да не пиеме вештачки обоени, газирани течности полни со шеќер или алкохол! Најмудриот цар во историјата објасни:
„Виното е потсмевка, ракијата – бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен“ (Проповедник 20:1)
Исто така, треба да се облекуваме за слава и чест на Бога. Ние сме народ кој тврди дека секојдневно оди со Бога. Ако сакаме да одиме уште поблиску со Исус, важно е и нашето облекување да биде во склад со Божјата волја. Серафимите и херувимите се покриваат во Божјото присуство. Нашиот принцип за облекување го наоѓаме во Второзаконие 22:5.
Што е со спиењето? Најдоброто време за спиење би требало да биде помеѓу 22 часот навечер и 6 часот наутро. Кои се опасностите од лишување од сон?
„Најновите истражувања на Државниот универзитет во Ајова откриваат дека луѓе лишени од неколку часа ноќен сон во текот на ноќта се пораздразливи и помалку способни да се справуваат со фрустрирачки ситуации од оние кои доволно се одмараат.” – https://www.healthline.com/health-news/why-a-lack-of-sleep-can-make-you-angry
Кога се соочуваме со проблеми во црквата или во семејството, најчесто ги обвинуваме ближните, можеби брачниот другар, но коренот на сè често лежи во нашата неумереност. Таа нè наведува на критикување, оговарање, а најлошо од сè – на негување дух на не проштевање. Додека чекориме во обновениот живот, да се фокусираме на самоконтрола. Наместо да ги обвинуваме другите, подобро е да се преиспитаме и да утврдиме во што ни недостасува умереност. Можеби не се храниме како што треба. Стомакот ни е полн, а клетките сепак се гладни. Зошто? Затоа што нашата исхрана е неурамнотежена. Запомнете: незадоволен желудник создава раздразнет ум. Обидете се да пиете доволно вода и да спиете квалитетно за вашите емоции да бидат избалансирани.
6. Умереноста и доцниот дожд
„Малку луѓе има кои правилно сфаќаат во колкава мера нивните навики во јадењето влијаат врз нивното здравје и карактер, врз нивната корисност во овој свет и врз нивната вечна судбина.“ – Патријарси и пророци, 562.
„Божјиот народ треба да научи што значи да се биде умерен во сè… Пред да можат вистински да го разберат значењето на вистинската посветеност и усогласеност со Христовата волја, тие мора, во соработка со Бога, да извојуваат победа над лошите навики.“ – Совети за детето, 396.
„Никој од нас нема да го прими Божјиот печат сѐ додека на својот карактер има барем и една дамка. Ние треба да ги исправиме недостатоците на нашиот карактер, да го очистиме храмот на нашата душа од секоја нечистотија. Тогаш доцниот дожд ќе се излие на нас како што раниот дожд се излеал на учениците на Педесетница.“ – 5. Сведоштво, 214.
Заклучок
Сега разбираме дека, ако сакаме да го примиме доцниот дожд, мора да го имаме искуството на посветување кое Бог го бара од нас. За да го постигнеме тоа посветување, мора да ги надвладееме сите грешни навики во исхраната и во животот.
Како грешни човечки суштества, тоа не можеме да го постигнеме со сопствени напори.
„Најтешко е да се одвикнеме од навиките на кои им сме попуштале цел живот и кои го обликувале нашиот апетит. Демонот на неумереноста не се победува лесно. Тој има џиновска сила и тешко се совладува.“ – Совети за детето, 408.
Единствената опција што ја имаме е да одговориме на повикот на Исус:
„Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11:28)
Ние треба да го направиме она што е наша должност и да му дозволиме на Исус целосно да дејствува во нас.
„Со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Филипјаните 2:12,13)
Да, угодувањето на себеси е тешко, но лесно се надминува – тешко е ако тоа го правиме сами, но лесно е ако ни помага Исус. Дали навистина сакаш да бидеш победник? Веруваш ли дека Исус може да ти помогне? Како црква на оваа земја постоиме веќе сто години. Уморни сме и сите копнееме да се вратиме дома, нели? Затоа мора да соработуваме со Бога во сите Негови поуки – преку силата што Тој е подготвен да ни ја даде – и срдечно да се молиме Исус наскоро да дојде и да нè одведе дома на небеските облаци.

Од големата неволја
Имаме особена привилегија да ја збогатиме оваа специјална Молитвена седмица со осврт кон историјата, особено сега, кога многумина радосно ја слават стогодишнината од нашето постоење, а други изразуваат длабока загриженост за нашиот духовен напредок.
За навистина да го измериме пулсот на нашата духовна состојба – и како поединци и како обединето тело на верници – најпрво мора да препознаеме Кој е изворот на сите позитивни промени, суштината на сите благородни дела, Оној кој Себеси се откри како „патот, вистината и животот.“
Без Него како совршен пример, не можеме да ја разбереме нашата вистинска духовна состојба.
Нашата проценка ќе зависи од објективот низ кој се гледаме себеси. Можеме да гледаме или низ очите на Спасителот, барајќи ја Неговата вистина, или преку искривениот објектив на нашата себична природа, која често е толку слепа за сопствените недостатоци, што оди дури до тоа да се потпре на репутацијата, мислејќи дека таа го претставува карактерот. Но, репутацијата е впечатокот што го оставаме врз луѓето за нашата личност; карактерот, пак, е Божјата реалност за тоа кои сме и што навистина сме.
Поради тоа, вистината е толку важна. Како што повеќето од нас знаат, ВИСТИНАТА поминува низ три фази:
Прво се соочува со остро спротивставување; потоа следува потсмев; а на крај – општо прифаќање. Оваа тековна „дебата“ ни носи неколку опции – дали да прославуваме 100 години успех, или да размислиме за 100 години „успех“ измешан со разочарувања. Тоа нè води до следната точка на нашата анализа:
Помеѓу 1914 и 1945 година, добар дел од адвентистите негувал длабока увереност дека светските војни што беснееле во тој период ќе го означат крајот на цивилизацијата и ќе го подготват патот за скорешното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. Во есента 1913 и во првите месеци од 1914 година, многумина дополнително верувале дека боиштата исполнети со хаос и насилство не се места каде искрените и чесни души можат да се подготват за вечноста. Всушност, ова разумно уверување не го споделувале само членовите на црквата кои го очекувале Христовото доаѓање, туку и многу атеисти, агностици и луѓе со различни верски убедувања.
Зар мачениците не пролеаја доволно крв за да ги задоволат скептиците кои го негираат легитимитетот на ова движење?
Во книгата „Вклучување на силите“ („Engaging the Powers“), стр. 217, теологот Валтер Винк (Walter Wink) забележува дека „црквата, иако заземала ненасилна позиција во однос на бруталното угнетување од страна на Римското Царство, на чуден начин сепак извојувала победа“… Меѓутоа, цената што ја платила црквата била прифаќањето на насилството како средство за зачувување на царството. Со отстранувањето на ненасилството од евангелието, всушност бил отстранет клучниот камен од неговата структура – и така христијанството се претворило во религија фокусирана на лично спасение и живот по смртта, под надзор на строг и гневен Бог. Целиот систем бил внимателно контролиран од елитна свештеничка класа, со поддршка од световните власти, кои сега биле сметани за избрани орудија на Божјата промисла низ историјата.” – https://thirdwaycafe.com/prepare-for-peace/living-peace/pacifism/
Карл фон Клаузевиц (Carl von Clausewitz), авторот на делото „За војната“ ( Vom Kriege ) – книга за воената стратегија – се смета за еден од најкомпетентните воени гении кој го претставил концептот на војната како насилен чин со кој противникот се принудува да ја прифати нашата волја. Според него, војната се открива како гротескно (чудно, изобличено) тројство – составено од примитивно насилство, омраза и непријателство – на кое треба да се гледа како на слепа природна сила.
Сепак, спротивно на оваа реалност, прогресивните теолози се натпреваруваат во обидите да го помират карактерот на Исус Христос со военото насилство.
Под притисокот од губење на контролата, водачите кои негувале менталитет сличен на Кајафин, раздразливо изјавуваат:
„Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот“ (Јован 11:47,48)
Исус никогаш не учествувал во војна, никогаш физички или емоционално не злоупотребил ниту еден поединец или група луѓе. Наспроти воениот менталитет кој бил толку присутен во Неговото време, Тој го дефинирал вистинското човечко однесување во такви кризни времиња:
„Сте слушале дека е кажано: ‘Љуби го својот ближен, а мрази го непријателот.‘ А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат“ (Матеј 5:43,44)
Значи, адвентистичките пионери, а подоцна и реформаторите кои го следеле Христовиот пример, сфатиле дека ако сакаат да имаат таков карактер и љубов кон непријателите, ќе треба да ја жртвуваат својата слобода, да бидат фрлени во затвори, мачени, па дури и убиени. Адвентистите кои навистина го сакале Исус, ја сфаќале цената што мора да ја платат поради тоа што јавно сведочеле за својата вера.
Во лето сите уживаат во аплаузи. Но во зима – во време на криза – дури и ако само размислуваш гласно за својата вера, можеш да станеш неприфатен во општеството. Токму тогаш нашата вера ќе биде ставена на најтешко искушение, бидејќи нашите поранешни пријатели ќе станат најжестоки непријатели.
Во извештајот од третото годишно заседание на Генералната конференција на адвентистите на седмиот ден, објавен во The Review and Herald на 23 мај 1865 година, општиот став бил следниот: „Принудени сме да одбиеме какво било учество во војна и крвопролевање.“ Сепак, за време на Првата светска војна, помеѓу 1914 и 1918 година, поголемиот дел од адвентистите – според некои проценки дури и 98 проценти – биле принудени да се приклучат во борбените редови, станувајќи дел од глобалната машина за убивање, иако јасно знаеле дека таквото однесување е спротивно на нивното верување.
Еден мал дел, околу 2%, се определија за поинаков пат. Тие доброволно избраа подобро да бидат прогонувани и сметани за проклетници од страна на општеството, отколку да се откажат од Христа и да ги престапат Божјите заповеди. Исполнети со непоколебливоста на Христовиот Дух, го издржаа испитот на тоа време, додека нивниот поглед беше насочен кон онаа друга земја – вечниот татков дом. Јасно разбраа дека филозофијата на војната никогаш не може да се усогласи со заповедта „љубете ги непријателите свои.“
Неизбежниот судир меѓу Божјиот закон и законот на царот доведе до силни прогонства – сурова реалност што ќе ја стави на искушение одлучноста на верните.
Времето и просторот често се здружувале како сојузници за да ги вовлечат во војна младите луѓе – оние кои ниту се познавале ниту се мразеле меѓусебно – терајќи ги да се убиваат едни со други заради целите на неколкумина старци. Тие, пак, иако добро се познавале и негувале меѓусебна нетрпеливост, никогаш не се осмелиле самите да посегнат по оружје.
Не е тешко да се увиди дека оваа идеологија стои во потполна спротивност со Божјиот карактер. Во неа се открива самото потекло на гревот. Чинот на присилување на разумни битија да изговорат или направат нешто што се спротивставува на нивната совест го отсликува почетокот на големата војна на небото – бунтот чиишто корен лежи во принудата и спротивставувањето на божествената слобода.
Храброст во криза
Во лето, сите дрвја се зелени – но кога ќе пристигне зимата, само зимзелените дрвја ја задржуваат својата боја. Така е и со луѓето: во време на духовна и општествена криза се открива вистинскиот карактер. Дури кога пламенот ќе ги допре нашите нозе, навистина сфаќаме кои сме. Оние што потклекнуваат под притисок може да се наречат „христијани додека им е удобно.
Сè додека не дојдат тешки времиња, лесно е да сведочиме за вистината кога светот не ѝ се спротивставува – но кога гонењето ќе се појави, малкумина ќе бидат подготвени да ја платат цената на своето сведоштво. Многумина го следеа Исус кога делеше бесплатен леб на ридовите крај Ерусалим, но колкумина од нив, кои собраа од преостанатите дванаесет кошници, беа подготвени да ја жртвуваат својата чест и да застанат на страната на понижениот Син Божји, распнат меѓу Небото и Земјата?
Учениците беа длабоко разочарани што Исус не се откри како семоќен Бог со величествена сила и небесен авторитет. Тие би биле пресреќни да Го видат како победоносен Цар на Израел, но не и како оној што е означен како криминалец,
„бунтовник против римската власт.“ – Копнежот на вековите, 773.
Едно е да се чита Книгата за Јов, а никогаш да не се искусат неговите страдања, а сосема поинаку е да се чита со празен стомак, по многу дена пост и молитва, во време на тешки страдања. Едно е да Му пееш на Христос, а друго е да умреш за Христос. Едно е да пливаш во базен, а сосема друго е да пливаш во океан и да се бориш со струите.
Тешките времиња создаваат силни луѓе; силните луѓе носат добри времиња. Но добрите времиња создаваат слаби луѓе, а слабите луѓе носат тешки времиња. И еве нè тука, по сто години постоење, се соочуваме со криза на идентитетот и со нови предизвици; гледаме како нови идеолошки струи „ја веат својата срамота“ пред вратите на црквата.
Генерацијата на реформатори родена во тешки времиња ја предаде штафетата на следната генерација – онаа што беше родена во добри времиња, создадени од силни луѓе. Но денес, кога светот го водат слаби луѓе, повторно се приближуваат тешки времиња. Новите генерации на реформатори се соочуваат со искушенија и провокации посуптилни од кога било досега, додека нивната историја бледнее. Претходната генерација почива во мир, на заборавени гробишта, а нивните деца и внуци едвај се сеќаваат на битките што тие ги воделе.
Повеќе од две илјади години Рим и светот, преку својот „Цезар“, ги предизвикуваат верните христијани да направат компромис со својата вера во Исуса и да ги прекршат Божјите заповеди. Уште од времето на Исуса Христа, доминантен закон бил римскиот закон. Под острата наредба „Non licet et vos“ – „Не ти е дозволено да постоиш!“ – раните христијани го жртвувале своето име, углед, удобност, а на крај и својот живот за својот возљубен Христос. Денес, „модерниот Цезар“ има слично барање: безусловна покорност. Во спротивно, не си подобен да постоиш. Под таков притисок започнала реформата меѓу адвентистите на седмиот ден.
Вистина е дека Божјиот дар – животот – доаѓа во пакет со личен „крст“. Бог го дава крстот, но човекот ги заковува клинците. Затоа постојат две верзии на историјата – едната ја пишуваат прогонителите со мастило на суровост, а другата мачениците, со својата крв.
Искрена проценка
Нашите предци, пионерите на реформацијата, ја запишале својата историја со сопствената крв, затоа што ја ценеле вистината повеќе од минливата слава на овој свет. Во комунистичките земји, како Романија, на нашиот народ му биле ускратени основното образование, слободата и сите човекови права. Во тие мрачни времиња, многу власти се фалеле: „Само почекајте уште неколку години, и ќе ве снема.“ Но Бог секогаш се грижел за Својот народ, и на крајот, токму тие што ги угнетувале, исчезнале – замолчени од сопствената ароганција.
Не мораме да ги критикуваме и напаѓаме другите со нашите зборови и дела за да би блескале. Да му дозволиме на Христовиот карактер да засвети во нас, и дебатата за тоа „кој е посвет од кого“ ќе престане. Нека нè следи атмосферата на небото каде и да одиме, за луѓето не само да го забележат нашето присуство како Движење, туку и да ја разберат разликата меѓу доброто и злото. Тие ќе го почувствуваат влијанието на нашето присуство во општеството. На тој начин ќе направиме вистинска разлика.
На нас е: дали ќе ја негираме реалноста, или ќе го прифатиме исцелувањето? Треба да запаметиме дека успехот не се мери со висината на планината на која ќе успееме да се искачиме, туку со бројот на луѓе кои ќе ги поведеме со нас на врвот.
Ако судиме само според бројките, растот на црквата може да ни изгледа како неуспех. Но ако судиме според квалитетот, а не според квантитетот, ќе имаме сосема поинаква перспектива за дејствувањето на црквата. Во Софонија 3:12, Господ му ветува на остатокот во последната генерација:
„Но ќе оставам среде тебе народ скромен и понизен, и тие ќе бараат закрила во името Господово.“
Оваа изјава ни открива дека на крајот од светот Божјиот народ нема да биде огромно, победничко мноштво што триумфално ќе кликне, туку измачена и понизна група која се надева само на Неговото име.
Како што можеме да видиме, при второто Христово доаѓање нема величие и претерано манифестирање на сила. Наместо тоа, гледаме еден верен остаток – измачени луѓе, незабележани од општеството, неупадливи според светските мерила или по бројност. Сепак, токму тие го носат светлото на Неговата вистина.
Што се наоѓа на хоризонтот?
Само тогаш кога ќе нѐ осветли славата на Господ, можеме да покажеме зрело совршенство на карактерот кое нѐ води до тоа да се гнасиме од себеси и да се откажеме од постојаното удоволување на сопствените желби, на кое нѐ поттикнувала нашата грешна внатрешна природа.
„Кога Неговиот карактер совршено ќе се репродуцира во Неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги земе како свои.“ – Христовите поуки, 69.
Додека размислуваме за нашето минато, можеме со сигурност да потврдиме дека Христос секогаш бил присутен во страдањата и искушенијата низ кои минувал Неговиот народ. Во секој агол на светот, каде и да се соочувале нашите браќа со жестоко противење, Исус бил таму како сведок на нивната верност и ги осветлувал со Својата слава. Во секоја судница, во секоја темна ќелија на далечни затвори, Исус стоел покрај Својата невеста. Тоталитарните режими предизвикале големи страдања на членовите на црквата, затворајќи ги, замолчувајќи ги и лишувајќи ги од слободата и правото слободно да зборуваат. Реформното движење со генерации крварело за вистината. Издигнувајќи го Божјиот закон над човечките декрети, остатокот се нашол во срцето на непријателството, предизвикувајќи гнев кај моќниците на овој свет.
Изгледа дека ниту едно достигнување кое можеме да го наведеме не го задоволило небото доволно за да ја поттикне Христовата рака да го заврши Своето дело на посредување во небесното светилиште и да препознае дека Неговиот карактер е целосно откриен во нас. Сè уште сме овде на земјата, се соочуваме со истите борби, завршуваме во истите болници, боледуваме од истите болести, па дури и сме погребувани на истите гробишта како и остатокот од светот. Нешто суштинско недостасува во оваа сложувалка и нè потсетува на прашањето што Исус му го постави на богатиот младич во Матеј 19:20:
„Уште што ми недостига?“
Божјата математика
Ние често сме склони премногу да се фокусираме на бројот на членовите и да ги возвишуваме статистиките – но Господ нè потсетува дека победата може да ја извојува и само мал број луѓе.
Обратете внимание на статистичкиот извештај од полето Дура: три верни луѓе стоеја спроти огромното Вавилонско царство. Во лавовската јама беше само еден човек – Даниел – наспроти здружените сили на Медо-Персија. Во времето на царицата Естира, Мардохеј и Естира се спротивставија на безбројните прогонители на Евреите.
А на Голгота, го наоѓаме Симон Киринеецот, стотникот и разбојникот на крстот како се соочуваат со немилосрдната, разгневена толпа. Сепак, во секој од тие настани, овие осамени луѓе станаа вистинското мнозинство.
Научив дека бројките само сведочат за постоењето на брод или чамец на океанот. Самите бројки немаат голема вредност ако Бог не е присутен, но кога тие бројки се здружени со нашиот Спасител, тогаш добиваат исклучителна вредност. Еден човек, ако е со Бог, претставува мнозинство.
Божјата вдахновена реч вели:
„Бог има Свои деца, многу деца, во протестантските цркви, а голем број и во католичката црква, кои би биле поспремни да ѝ бидат послушни на светлината и да го прават најдоброто што можат според нивното знаење, отколку многумина адвентисти што ја пазат саботата, но не одат во светлината.“ – Selected Messages 3, 386.
Илија бил многу добар секретар. Во својот внатрешен статистички извештај, тој ја евидентирал црквата како зголемена за само еден член. Но тоа бил извештај според човечката перспектива. Историјата нè учи дека треба да ја следиме и небесната статистика. Бог бил записничарот на небесниот извештај. Илија го водел земниот извештај. Според човечките проценки, црквата броела само еден член; според Божјата проценка, таа броела 7000 членови.
Внатрешниот секретар, Илија, бил длабоко изненаден од извештајот на небесниот секретар, кој ги изброил тие 7000. Проблемот што го имал Илија не бил само поврзан со бројката, туку можеби уште поважно – зошто Бог, како пророк, не му ја открил таа тајна. Оттука гледаме дека дури ни пророците не можат да ја разберат Божјата волја и другата страна на вистината, ако самиот Бог не им ја открие.
Ние денес сме склони да ја направиме истата грешка како Илија. Искрено верувам дека Реформното движење го претставува пророкот Илија. Поради тоа сме склони да мислиме дека сме единствените луѓе што останале во овој свет и, како што мислел и Илија, единствените што му останале верни на Господ. Сепак, постојат и други браќа и сестри кои сè уште не се изброени, и ќе бидеме навистина изненадени кога ќе ги видиме како доаѓаат од сите страни на светот и се приклонуваат кон вистината што ја прифатило Реформното движење.
Сè додека Божјото дело не се заврши во силата на Светиот Дух, некои од нас ќе го напуштат овој свет. Пораката ќе ги раздели и пренасочи луѓето според она што го носат во своето срце. Некои, со послободоумни сфаќања, радосно ќе го прифатат светот; други, воспитани во духот на студен, ортодоксен легализам, ќе западнат во фанатизам. Само оние што се сосредоточени на Христос ќе ја зачуваат духовната рамнотежа и ќе го следат вистинскиот пример на Христовата совршена рамнотежа помеѓу правдата и милоста.
Две спротивставени агенди
Постои група луѓе кои ја познаваа вистината, но не беа посветени на неа. Со модерен јазик, тоа го нарекуваме „либерализам“ – односно слобода да се живее во грев без грижа на совест.
„Штом ќе се приближи бурата, мнозина кои тврдат дека веруваат во третата ангелска вест, но не биле посветени со послушност кон вистината, ќе се откажат од своите ставови и ќе преминат во редовите на противниците. Соединувајќи се со светот и учествувајќи во неговиот дух, тие работите ги посматраат речиси во иста светлина, а кога ќе настапи искушението, ќе бидат готови да ја изберат полесната, популарната страна. Луѓе, надарени и со привлечно однесување, кои некогаш и се радувале на вистината, ќе вложат максимални напори да ги измамат и да ги заведат душите. Тие ќе станат најголеми непријатели на своите некогашни браќа.“ – Големата борба, 608.
Либерализмот ги истакнува таканаречените прогресивни идеи и на тој начин го турка бродот налево. Од друга страна, конзервативните умови, познати и како легалисти, го туркаат бродот надесно. Но и на левата и на десната страна, ако се оддалечиме од Христовиот пат, ќе доживееме бродолом.
„Сатаната ако не може да ги држи душите оковани во ледот на рамнодушноста, тогаш ги турка во оганот на фанатизмот.“ – 5. Сведоштво, 644.
Остатокот на Божјиот народ нема да ги прифати ниту изопачените либерални идеи, ниту студените, од Христос лишени толкувања на Неговата волја какви што нудат легалистите. Наместо тоа, по Божја милост, треба да одиме по средниот пат и да останеме верни на вистината, следејќи ја упатството:
„Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата твоја од злото“ (Изреки 4:27)
Бог ќе го употреби Својот остаток – спасените – како Свои садови, носители на божественото масло (Светиот Дух), како дел од возвишената задача да ја пренесат последната порака на светот, пред да истечат последните секунди што ќе го означат крајот на човечката историја.
Поуки што треба да ги научиме
Како црква, научивме нешто од една неодамнешна глобална криза. Ги почувствувавме наивните поделби во мислењата. Тоа беше само благ бран, а сепак на некои места предизвика сериозни превирања. Замислете само што ќе се случи кога ќе дојде следниот бран. Дали сè уште ќе останеме пријатели – или некои повторно ќе се однесуваат на ист начин како во времето на таа глобална криза?
Изгледа како да ни недостасува неволја, ни недостасува вистински прогон. Со текот на годините забележав дека сме склони да развиваме „апетит“ за чувствителни теми во рамките на длабоки теолошки дебати, а притоа ги губиме од вид оние драгоцени души за кои мислиме дека нема надеж. Во исто време, Исус ги гледа токму нив како предмет на Својата љубов и внимание.
Не можеме да се бориме против времето. Колку подолго остануваме овде на земјата, толку помалку небото ќе ни биде привлечно. Колку подолго престојуваме овде, толку повеќе ќе се преправаме дека припаѓаме овде. Како што Евреите се преправаа дека се поврзани со таткото Авраам, така и ние може да се повикуваме на врската со пионерите на реформацијата од 1914 година – без да го искусиме нивното искуство. Една мудра изрека вели: „Колку повеќе тврдиш дека си нешто, толку помалку навистина си тоа што го тврдиш.
За жал,
„жителите на овој свет во голема мера ѝ се предадоа на сатанската власт. Тој се однесува како бог на оваа земја. Човечките суштества, целосно предадени на злото, соработуваат со него во неговите заговори, помагајќи му да ги оствари своите планови против Божјото владеење.“ – Letters and Manuscripts 16, Lt 153, 1901.
Целта на големиот бунтовник отсекогаш била да се оправда себеси и да докаже дека божественото владеење било причина за неговиот бунт, наведувајќи ги масите да ја прифатат неговата верзија на Големата борба што трае веќе толку долго. Илјадници години овој заговорник изнесувал лаги наместо вистина. Сите сме ја прочитале „Големата борба“, но без молитва за помазание со Светиот Дух, „другата верзија“ ќе го наведе читателот токму до спротивниот заклучок.
Кога ќе се осврнеме на стоте години наши достигнувања и неуспеси, можеме да забележиме дека како народ сме имале и успони и падови. Ако воопшто имало некакви достигнувања, тие му припаѓаат на Бог. Искрено, многу имаме да научиме и од успесите и од разочарувањата.
За наше размислување
Ако ги погледнеме учениците и нивното минато, многумина од нив денес не би се квалификувале да бидат наши соработници. Матеј бил цариник, Петар — заслепен и неук, Јован — наглата личност, Тома — скептик, а Јуда — лукав и префинет интелектуалец. И списокот продолжува.
Кога ќе погледнеме во Стариот завет, и Мојсеј не би се квалификувал да биде наш соработник, бидејќи го убил Египќанинот без Божје одобрение.
Што можеме да кажеме за неговиот брат Арон, на кого му беа доверени црковните должности – особено по тоа што го поведе народот во идолопоклонство, топејќи го златото и повикувајќи ги да му се поклонат на идолот, златното теле?
Што можеме да кажеме за Илија, кој не би се квалификувал да биде наш соработник поради тоа што, во еден момент на слабост, го изневери Божјото дело и побегна од Езавела?
Во Новиот завет, истото се повторува кај други големи јунаци: Јован Крстител, кој по тоа што проповедал за Божјото царство, во затворот изјавил:
„Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“ (Лука 7:19)
Петар, кој по своите претерани тврдења се одрекува од Христос на најлош можен начин, или можеби Савле од Тарс, кој ја прогонуваше црквата? Ниту еден од нив не би се квалификувал да биде наш соработник.
Затоа, драги браќа, да го следиме примерот на Исус и да се подготвиме заедно со тим од млади луѓе кои ќе ја примат двојната мера од Светиот Дух, за да ставиме крај на страдањата и бедата на овој свет кој не знае каде оди.
Гледајќи кон минатото или иднината, почнуваме јасно да разбираме зошто сè уште сме тука: сто години поуки што некои ги научиле, а други ги занемариле – и сепак, ние сè уште сме овде.
Дали ова е момент за славење или време за да ги излекуваме раните – на читателот му останува да одлучи.
Ги поттикнувам сите да го молат Господа Исуса Христа за спасение на нашите деца и младината, за спасение на нашите проповедници и членови, и за неопходното единство во Христос кое ќе доведе до излевање на Светиот Дух. Последно време е – и ако навистина не станеме она што тврдиме дека сме, никогаш нема да ги оствариме нашите тврдења. Колку повеќе се фалиме, толку повеќе се открива нашата вистинска состојба; колку помалку тврдиме нешто, толку подобро го претставуваме. Нека ни помогне Господ, нашиот Бог, да ја прифатиме реалноста на Верниот Сведок и да нè спаси од илузијата за нашата сопствена праведност.
На небото ќе доживееме три изненадувања:
„Еден христијанин еднаш рекол дека кога ќе стигне на небото, очекува да доживее три изненадувања: прво, ќе се зачуди кога ќе види луѓе за кои никогаш не би помислил дека ќе бидат таму; второ, ќе биде изненаден што нема да види некои за кои сигурно верувал дека ќе ги сретне; и на крајот, најголемото изненадување ќе биде тоа што еден недостоен грешник како него се нашол во Божјиот рај.“ – The Faith I Live By, 370.
Никогаш да не заборавиме дека Бог нè повикува да негуваме вера што ги надминува бројките и изгледите — вера со таков квалитет и длабочина што вистински го одразува Христовиот карактер. Нашата мисија не е да бидеме видени од светот како големо и силно мноштво, туку како оние кои, дури и во едноставност и понизност, ја зрачат светлината на Спасителот.
Како што генерациите пред нас се соочувале со огромни предизвици, така и ние сме повикани да останеме верни во време на неволја, потпирајќи се на силата што само Бог може да ни ја даде.
И додека го очекуваме повторното доаѓање на нашиот Господ, нека нашата молитва биде непрестајна: „Господи, помогни ни да го одразуваме Твојот карактер во секој збор, во секое дело, за светот во нас да ја види надежта што не исчезнува.“
Сега е длабока ноќ и светот треба да ја види светлината што ни ја дал Христос. Да бидеме таа светлина. Да бидеме тие што прават разлика!

Сила во единството
Низ целата Библија, верниците биле поттикнувани на единство. Псалмистот вели:
„Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно!“ (Псалм 133:1).
А Исус се молеше за Своите ученици:
„За да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17:21).
Единството меѓу верниците претставува едно од најмоќните сведоштва во прилог на евангелската вистина. Тоа го прикажува Божјиот карактер, привлекува искрени души кон Христос и на светот му ја прикажува преобразувачката сила на евангелието.
Во свет исполнет со поделби и војни, каде што преовладуваат недостаток на сочувство, разводи и себично отуѓување, единството на Божјиот народ претставува светилник на надежта и сведоштво за силата што извира од божествената љубов. Многу искрени души, во потрага по нешто подобро од она што овој стар свет може да го понуди, ќе бидат убедени во вистинитоста на Божјата порака преку љубовта и единството на Неговите следбеници, и црквата успешно ќе ја исполни својата задача — да го проповеда евангелието на целиот свет.
„Тајната на нашиот успех во Божјото дело се наоѓа во складното делување на нашиот народ.“ – The Review and Herald, December 2, 1890.
Единството меѓу Божјите деца не е предлог, туку начело воспоставено од самиот Бог:
„Моите браќа се свесни дека Божјата реч го претставува прашањето за единството во црквата како начело; оние кои се обединети со Христос преку вистината со небесно потекло ќе покажуваат силно меѓусебно братство и пријателство.“ – The 1888 Ellen G. White Materials, 1141.
Сепак, ова единство не е само организациско и површно. Тоа е длабока духовна поврзаност што произлегува од единството со Христос и одразувањето на Неговиот карактер. Затоа, да истражиме што велат Библијата и Духот на пророштвото за силата што се наоѓа во единството, за пречките во неговото остварување и за тоа како можеме да го негуваме во овие кризни времиња.
Библискиот повик на единство
Исусовата молитва во Јован 17:20–23 за единство меѓу верниците беше една од Неговите најусрдни молитви. И таа молитва, која ја упати пред Своето распнување, не се однесуваше само на Неговите ученици, туку и на сите оние кои преку нивното сведоштво ќе поверуваат во Него – вклучувајќи го и секој од нас денес:
„Да бидат во сè едно, и да дознае светот дека Ти си Ме испратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби“ (Јован 17:23).
Оваа молитва открива дека Христовата желба била Неговите ученици да бидат обединети во целта, во мисијата и во љубовта. Таквото единство го одразува единството што постои меѓу Таткото и Синот. Тоа единство претставува сведоштво за светот дека евангелието е вистинито и дека има сила да го промени човекот.
Апостол Павле го повторува овој силен повик за единство во своите посланија, нагласувајќи дека тоа е суштински елемент на духовниот живот. Во посланието до Ефесјаните, тој ги охрабрува верниците да живеат во склад и слога, истакнувајќи:
„трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден Господ, една вера и едно крштение, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас“ (Ефесјаните 4:3-6)
Павловото нагласување на „едно“ ја истакнува меѓусебната поврзаност на верниците преку нивната заедничка вера во Христа. Единството не е прашање на избор; тоа претставува темел на идентитетот и мисијата на Реформното движење и на развојот на карактерот на секој од нас како членови на Христовото тело.
„Совршенство на христијанскиот карактер се постигнува само со постојан стремеж на христијанинот да им помогне на другите и да им послужи на благослов. Ако душата на верникот е обвиена со атмосфера на таква љубов, тогаш тој станува животен мирис за живот и Бог ќе го благослови неговиот труд.“ – Делата на апостолите, 551.
Единството извира од срце преобразено од Христос — срце што се стреми да ги благослови и воздигне другите, наместо себеси да си угоди.
Единството како сведоштво пред светот
Еден од најубедливите аспекти на христијанското единство е неговата способност да биде сведоштво пред светот. Исус директно го поврза единството на учениците со веродостојноста на Својата мисија:
„По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35).
Кога верниците покажуваат вистинска љубов, трпеливост и понизност еден кон друг, тоа ќе биде непобитен доказ за силата на евангелието. Единството и мирот што го карактеризираат Божјиот народ привлекуваат внимание во свет исполнет со поделби и конфликти.
Првата црква претставувала вистински пример на ова начело. Во Дела 2:42–47, верниците се опишани како „еднодушни“, радосно и со едноставност на срцето делејќи ја храната и другите добра. Нивното единство и меѓусебната љубов не само што ја зајакнале нивната вера, туку и ги привлекле другите кон Христос. Како резултат на тоа, „Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво“ (Дела 2:47)
Духот на пророштвото го коментира ова единство и вели дека „Божја волја и желба е меѓу неговиот народ да владее единство и братска љубов.“ – Патријарси и пророци, 520.
Само на тој начин црквата може да биде живо, активно орудие во ширењето на светлината во светот.
Евангелската моќ на вистинското единство не може да се прецени. Тоа е жива демонстрација на евангелието; тоа е проповед многу поефикасна од зборовите.
Пречки за единството
Иако единството е од суштинско значење, луѓето често, поради своите слабости и недостатоци, го попречуваат неговото изразување. Гордоста, себичноста, предрасудите и недостатокот на дух на простување претставуваат сериозни пречки. Елена Вајт предупредува:
„Одвојувањето од Христа е причина за поделба и раздор во семејството и црквата.“ – Адвентен дом, 179.
Кога верниците ќе го изгубат Христос од вид и ќе се фокусираат на самите себе, раздорот се јавува како неизбежна последица. Непријателот на душите со задоволство сее раздор, знаејќи дека поделбите го ослабуваат сведоштвото на Заедницата.
Апостол Павле ги спомнал овие предизвици во своите посланија до раните цркви. На пример, црквата во Коринт се соочувала со поделби околу раководството и духовните дарби. Павле ги советува:
„Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате исто, и меѓу вас да нема раздори, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во исто мислење“ (1. Коринтјаните 1:10).
Отстранувањето на пречките за единство бара решителен напор, понизност и подготвеност Христовото дело да ни биде приоритет, а не личните желби.
Клучот за единството: да останеме во Христос
Правото единство меѓу верниците е невозможно без длабока и жива врска со Христос. Исус вели:
„Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо “ (Јован 15:5).
Кога верниците пребиваат во Христос, тие се преобразуваат според Неговиот образ. Тие ги носат плодовите на Духот – љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост и воздржливост (Галатјаните 5:22,23) – кои придонесуваат за единство. За да се постигне оваа цел, неопходно е да има единство со Христос. Ако сме во заедништво со Бога, ќе бидеме канали низ кои Неговата љубов ќе се излева врз другите.
Кога верниците ќе ја искусат Божјата љубов, тие добиваат сила да ги љубат ближните и да им служат. Таа несебична љубов е како лепак што ја држи црквата обединета.
Советот на апостол Павле во Филипјаните 2:2-4 ни открива практични чекори за постигнување единство:
„Исполнете ја мојата радост: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите.“
Единството бара понизност, несебичност и подготвеност за служење. Овие особини се развиваат преку секојдневно заедништво со Христос и преку Светиот Дух Кој живее во нас.
„Стремете се усрдно кон единството. Молете се за единство, залагајте се за него. Тоа ќе ви донесе духовно здравје, возвишеност на мислите, благородност на карактерот, наклонетост кон небесното, ќе ве оспособи да ја надминете себичноста и злите претпоставки и да станете повеќе од победници преку Оној Кој ве љубеше и се жртвуваше за вас. Распнете го своето ‘јас’, почитувајте ги другите повеќе од самите себе. Така ќе станете едно со Христос. Пред небесниот универзум, пред заедницата и пред светот, вие ќе дадете непобитен доказ дека сте Божји синови и ќерки. Со вашиот пример ќе Го прославите Бога.“ – Counsels to the Church, 290.
Единство во последните денови
Додека се приближува крајот на времето, единството меѓу Божјиот народ ќе стане уште поважно:
„Единството со Христа и меѓусебната слога претставуваат единствена безбедност за нас во овие последни денови.“ – 8. Сведоштво, 240.
Предизвиците и противењата со кои ќе се соочат верниците во последните денови ќе бараат од нас повисок степен на единство. Поделбите во црквата ќе ја ослабат нејзината способност цврсто да им се спротивстави на силите на злото. Единството во Заедницата ќе ја направи непобедлива сила за добро во моќното проповедање на вечната евангелска вест. Таквото единство ќе ги поттикне верниците да му покажат на светот дека Го љубат Бога и дека се подготвени да Му бидат послушни дури и во најтешките околности што ќе го снајдат Божјиот народ.
Откровение 14:6–12 ја опишува задачата на црквата на остатокот во последните денови: да ја објави веста на третиот ангел на секое племе и колено, јазик и народ. Оваа глобална задача бара усогласени и насочени напори од сите верници, обединети во намера и дејствување.
Светот со внимание набљудува какви дела ќе произлезат од нашата вера, а нашата љубов кон другите е доказ за вистината кој никој не може да го побие. Бог ја повикува Заедницата да се обедини, да биде подготвена да ги води Неговите битки и да ги издржи искушенијата со кои ќе се соочи во овие последни денови.
Освен подготовката за последните настани што ќе ја снајдат Заедницата, ова единство ќе биде и најсилен доказ за светот за вистинитоста на нашата порака и за Христовата љубов што нè обединува.
Практични чекори за одржување единство во црквата
Единството е темелниот камен на напредна и духовно здрава црква. Во свет исполнет со поделби и индивидуализам, црквата е повикана да биде светилник на љубов, слога и соработка. Но, негувањето на единството бара одлучност во намерата, кротост и практично дејствување. Ќе наведеме неколку клучни чекори за изградба и одржување на единство во рамките на Заедницата.
1. Фокусирајте се на заедништвото чиј центар е Христос
Единството започнува од заедничкиот темел – Исус Христос.
„Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15:5).
Кога верниците го ставаат својот однос со Христос на прво место, тие природно ќе се приближуваат еден кон друг. Поттикнувајте редовни можности за заедништво чиј центар е Христос – преку проучување на Библијата, молитвени средби и мисионска работа.
2. Негувајте култура на понизност и простување
Гордоста и нерешените конфликти претставуваат сериозна закана за единството. Изворот на најголемиот број судири во Заедницата денес е проблемот на фокусирање на себеси – „што јас сакам“, „што мене ми одговара“ и „тоа е моето мислење.“ Да се поучуваме во понизност и да ја покажеме со сопствен пример – ставајќи ги потребите на другите пред сопствените желби:
„Не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите“ (Филипјаните 2:3,4).
Понатаму, треба да негуваме култура на простување преку брзо и со благост решавање на приговорите. Поттикнувајте ги членовите да се стремат кон помирување и да простуваат, како што и Бог им простил ним:
„Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете“ (Колосјаните 3:13)
3. Поттикнувајте отворена и искрена комуникација
Неразбирањето може брзо да прерасне во поделба ако недостига комуникација. Создајте услови за отворен дијалог каде што членовите ќе чувствуваат дека нивниот глас се слуша и се почитува. Во тоа можат да спаѓаат црковни собири со прашања и одговори, дискусии во мали групи, периодични состаноци со членството или анонимни анкети.
„Нека прават добро, нека се збогатуваат со добри дела, да бидат штедри и сочувствителни“ (1. Тимотеј 6:18).
Водачите треба да дадат пример така што ќе бидат пристапни и отворени во комуникацијата.
4. Ценете ја разновидноста на даровите
Единството не значи еднаквост. Искрено ценете ја разновидноста на даровите, потеклото и гледиштата во Заедницата. Прегрнете ја вистината од 1. Коринтјаните 12:12-14:
„Зашто, како што е телото едно, а има многу членови, и сите членови на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос: зашто ние сите сме крстени преку еден Дух во едно тело – било Јудејци, или Грци, било робови, или слободни. И сите сме напоени во еден Дух. Зашто телото не се состои од еден член, туку од многу.“
Овој библиски запис нè потсетува дека телото на црквата е составено од многу различни делови, од кои секој има своја единствена улога. Да се биде обединет не значи дека на сите ќе ни се допаѓа иста боја или дека ќе имаме ист вкус за сè. На Заедницата ѝ се потребни луѓе чии мислења и вкусови се разликуваат од моите, но кои веруваат во истата доктрина, се согласуваат околу неа и имаат иста цел – да Му служат на Бога и да ги доведуваат луѓето кај Христос. Ценејќи и негувајќи ја различноста, Заедницата станува посилна и поуспешна во својата мисија.
5. Служете заедно
Заедничкото служење развива чувство на цел и пријателство. Создавањето можности за верниците да служат – како во самата црква, така и во заедницата надвор од црквата – ќе донесе вакви благослови. Без разлика дали станува збор за локална мисионска активност на терен, мисионско патување, волонтирање во црковната служба, заедничката работа кон иста цел ќе ги зајакне меѓучовечките односи и ќе го продлабочи единството.
„Секој му помага на својот другар, и на својот брат му вели: ‘Храбро!’ Леарот го насрчува златарот, тој кој кове со чекан го бодри оној кој удира на наковалната. Тој зборува за спојувањето: ‘Добро е’, и со клинци го зацврстува кипот за да не се помрднува“ (Исаија 41:6,7).
Ако служиме заедно, ќе се охрабруваме меѓусебно и нашата вера ќе биде зајакната.
6. Обезбедете силно водство
Водачите играат клучна улога во негувањето на единството:
„И со свештеникот ќе биде како и со народот.“ (Осија 4:9).
Тие мораат доследно да ја промовираат визијата за заедништво, брзо да ги решаваат конфликтите и да бидат пример за понизност и љубов. Раководителите исто така треба да ги оспособат и другите да станат водачи, грижејќи се никој да не се чувствува како да не придонесува за развојот на црквата.
7. Молете се за единство
Постои една изрека која вели:
„парот што се моли заедно, останува заедно.“ Ова важи и за членовите на црквата кои се молат заедно за единство.
Молејќи се за единство, ние го следиме примерот на Исус, Кој, како што видовме, се молеше за единството меѓу верниците (Јован 17:21-23).
Молитвата е клучна за одржување на единството. Охрабрувајте ги верниците да се молат едни за други и за целата црква. Заедничките молитвени собири со фокус на единството можат да бидат моќни, бидејќи ќе ги доведат срцата на учесниците во склад со Божјата волја.
8. Поучувајте ги на библиските начела за единство
Треба цврсто да стоиме на библиските начела и да бидеме подготвени, да бидеме подготвени да го дадеме својот живот ако е потребно за да останеме верни на Бога. Во исто време, треба да бидеме подготвени да се приклониме кон желбите и мислењата на другите, сè додека тоа не е во спротивност со начелата. (Треба себичноста да ја изгониме од нашите срца.)
Редовно поучувајте што вели Светото писмо за единството, љубовта и заедништвото. Проповеди, работилници и библиски проучувања можат да бидат извор на теолошка основа што ни е потребна за да разбереме зошто единството е важно и како практично да го изразиме, врз основа на Божјата реч.
9. Мудро решавајте спорни прашања
Црквите не се имуни на несогласувања. Кога ќе се појават спорни прашања, решавајте ги брзо и со мудрост. Придржувајте се до библиските начела при решавање на конфликти, како што се истакнати во Матеј 18:15–17:
„Ако згреши братот твој против тебе, оди и укори го насамо, меѓу тебе и него. Ако те послуша, си го придобил брата си. Но ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, и од устата на двајца или тројца сведоци да се потврди секој збор. А ако не ги послуша нив, кажи и на црквата; па ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како народите и како цариникот.“
На кој начин се однесуваме со незнабошците или цариниците кога ќе дојдат во нашата црква? Да го задржиме истиот дух на благост и љубезност и кон оние што згрешиле, и да се стремиме кон решение што ќе му донесе слава на Христос и ќе го зачува единството на Неговото тело.
10. Поттикнувајте меѓугенерациски односи
Меѓугенерациските односи ќе ја збогатат црквата. Создавајте можности за менторство, организирајте заеднички активности и односи кои ќе го надминат генерацискиот јаз. Помладите членови можат многу да научат од мудроста на постарите, додека постарите можат да бидат охрабрени и инспирирани од енергијата и свежата перспектива на помладата генерација.
Бог сака да види како различни генерации, со нивната различна енергија, знаење и искуство, работат заедно:
„Ви пишувам, дечиња… “
„Ви пишувам, татковци… “
„Ви напишав, млади… “ (1. Јованово 2:12-14).
Заклучок
Мојот пријател, кој скоро ја изгуби својата вера откако имаше одредени недоразбирања со браќата во црквата, ми рече: „Не верувам дека луѓето го напуштаат Реформното движење поради доктрината.“
Неговиот случај ме наведе да се запрашам колку души ја изгубиле својата вера – без разлика на тоа што тие велат – токму поради неслогата меѓу браќата. Неслогата може да ја уништи црквата; единството ѝ овозможува на црквата успешно да ја изврши својата задача – доведување на души кај Христос.
Негувањето на единството во црквата не е еднократен напор, туку постојана обврска. Тоа бара решителност, трпеливост и потпирање на Светиот Дух. Со применување на овие практични чекори, црквата може да создаде средина во која ќе цветаат љубовта и слогата, правејќи ја моќен сведок за преобразувачката благодат Божја. Како што нè потсетува и Псалмот 133:1:
„Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно!“
Преку Своето слово, Христос сега апелира до тебе и до мене да донесеме одлука во срцето – со Неговата милост – да направиме сѐ што е во наша моќ за да ја исполниме Неговата молитва и да бидеме соединети со нашите браќа.
„Не негодувајте и не барајте грешки. Додека го гледаме Исуса, Неговиот лик ќе се врежи во душата и ќе се одрази во духот, во зборовите и во вистинска служба кон нашите ближни. Христовата радост го исполнува нашето срце, и нашата радост е потполна. Тоа е вистинската религија. Да се погрижиме да ја поседуваме – да бидеме љубезни, учтиви, да негуваме љубов во срцето – таква љубов што извира и се изразува преку добри дела, чија светлина го осветлува светот и да ја исполни нашата радост.“ – The Upward Look, 268.
Ве молам, нека овие зборови бидат и ваши:
„Од овој момент, со Христовата милост, нема повеќе да негодувам ниту да барам грешки кај своите браќа. Ќе бидам љубезен, ќе бидам учтив, ќе негувам љубов во срцето и нема да озборувам, ширaм гласини или клеветам никого. Ќе бидам во единство и слога со своите браќа и, колку што е можно, ќе живеам во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18).
Во името на Исус. Амин.

Победувајќи и за да победи
Зборот „победи“ може да има различни значења. Тоа може да значи порази, заплени, потчини, надвлада, уништи или да извојува победа.
Во Библијата, изразот „победувајќи и за да победи“ се среќава само еднаш — во Откровение 6:2. Тоа се однесува на јавачот на белиот коњ во пророштвото за првиот печат, што го опишува периодот на првата христијанска црква. Овој опис е соодветен приказ на животот и делото на нашиот Господ Исус Христос, Кој навистина победувал во Својата земна служба.
Разговарајќи со Своите ученици, Исус потврди:
„Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16:33).
Во Својата секојдневна служба, за време од три и пол години на земјата, како Син Човечки, нашиот Спасител секогаш победи. На пример, веднаш по Своето крштевање, Тој ја извојува победата во пустината, кога беше искушуван од сатаната.
„’Зашто иде кнезот на овој свет и во Мене Тој нема ништо’ (Јован 14:30). Во Него немало ништо што би одговорило на вештото лукавство на сатаната. Тој не се согласувал на грев. Не им попуштал на искушенијата, дури ни во своите мисли…
Христос ни покажал како се постигнува тоа. Со што победил Тој во судирот со сатаната? Со Божјата Реч. Само преку Речта можел да се спротивстави на искушението. ‘Пишано е,’ рекол Тој.“ – Копнежот на вековите, 123.
Во текот на целата Своја земна служба, Христос „победуваше“, но Неговата конечна победа беше извојувана кога ги изговори зборовите:
„Се сврши“ (Јован 19:30).
Зборовите „Јас го победив светот“ буквално се исполнија кога Спасителот на крстот го доврши делото на искупувањето. Тој го победи сатаната и го надвлада светот кој бил измамнички присвоен, сурово одземен од рацете на Адам и Ева. Сега „стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите векови“ (Откровение 11:15).
По Своето воскресение, нашиот Господ победоносно изјави:
„Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18).
Тој вети дека на Своите претставници на земјата ќе им даде сила да победуваат. Рече:
„И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:7,8).
За да може Христовото ветување да се исполни, верниците мораа да бидат надарени со посебна сила од Светиот Дух. Не требаше ниту да се обидуваат да го вршат Господовото дело без таа сила. Без неа, тие не би биле способни да победуваат. Требаше трпеливо да чекаат во Ерусалим десет дена за да ја примат ветената сила. Исус им рече:
„И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24:49).
Исполнето на денот на Педесетница
Библијата ни дава извештај за еден особено важен настан:
„Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под небото“ (Дела 2:1-5).
Духот на пророштвото ни дава уште повеќе информации за она што се случило откако учениците биле исполнети со Светиот Дух:
„На денот Педесетница Светиот Дух слегол врз луѓето. Христовите сведоци ја објавувале силата на воскреснатиот Спасител. Небесната светлина навлезе во затемнетиот ум на оние што биле измамени од Христовите непријатели. Тие сега го виделе на возвишена положба ‘Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел’ (Дела 5:31). Го виделе опкружен со небесна слава, со бесконечни богатства во Неговите раце да им го даде на сите што се одвратиле од својот бунт. Кога апостолите ја објавиле славата на Единородниот од Отецот, три илјади души се преобратиле, на кои им помогнале да се видат себеси во вистинска светлина, грешни и расипани, а Христа како нивен пријател и Откупител. Христос бил издигнат и прославен со силата на Светиот Дух кој почивал врз луѓето. Со вера, овие верници го виделе Христа кој претрпел понижување, страдања и смрт, за да не загинат, туку да имаат вечен живот. Откривајќи им го Христа преку Духот тие им помигнале да ја сфатат Неговата моќ и величина, и тие со вера ги испружиле рацете кон Него, велејќи: ‘Јас верувам!’“
Тогаш радосната вест за воскреснатиот Спасител била однесена до најдалечните места на населениот свет. Црквата гледала како и пристапуваат обратеници од сите страни. Верниците навистина биле преобратени. Грешниците се обединиле со христијаните во потрага по бисерот со голема вредност.“ – Христовите поуки, 120.
„На денот на Педесетница, Бесконечниот се открил Себеси на црквата во сила. Со Својот Дух, Тој се симнал од небесните висини како налетнички, силен ветар, во собата во која се собрале учениците. Се чинело како ова влијание да е попречувано со векови и дека сега Небото се радува што може да го излее на црквата богатството на силата на Духот. Под дејство на Духот, зборовите на покајание и исповед се измешале со зборовите на благодарност за простените гревови. Се слушнале зборови на благодарност и пророштво. Цело небо се наведнало да ја гледа и да се воодушевува на мудроста на неспоредливата, несфатлива Љубов. Изгубени во восхитувањето, апостолите и учениците извикале: ‘Љубовта е во ова’ (1. Јованово 4:10). Тие го примија пратениот дар. И што се случило потоа? Илјадници луѓе се обратиле за еден ден. Мечот на Духот, наострен со сила и прекален со молњите од Небото, го расчистувал својот пат низ неверието.“ – 7. Сведоштво, 31.
По Педесетница
Ветувањето за победоносна сила не им било дадено само на првите ученици. Тоа се дава и на сите следбеници на Исус низ сите векови. Тоа е достапно за секој вистински обратен Христов следбеник. Иако нивната работа е проследена со проблеми и тешкотии, тие не се предаваат. Тие напредуваат кон победата. Во тоа дело не се сами. Тие ја добиваат помошта од Оној Кој што вети дека ќе биде со нив „до свршетокот на светот“ (Матеј 28:20)
Перото на вдахновението ни ги открива условите за постигнување на победата:
„Божјите работници мора да поседуваат многу подлабоко духовно искуство. Ако сè му предадат на Него, Тој ќе делува чудесно преку нив. Тие ќе го подигнат знамето на вистината на тврдините што до тој момент биле под контрола на сатаната, и со победнички извик ќе ги освојат. Ќе ги носат лузните од борбата, но ќе ја примат пораката на утеха дека Господ ќе ги води понатаму – победувајќи, за да победат.“ – The Review and Herald, September 17, 1903.
„Господ сака Неговите претставници да ги извршуваат своите должности верно, во Негово име и со Неговата сила. Верувајќи во Неговата реч и постапувајќи според нејзините поуки, тие можат да одат напред — победувајќи, за да победат.“ – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 353.
Големата борба
Во жестоката духовна борба „против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефесјаните 6:12),
Божјите слуги понекогаш ќе доживуваат порази; тие нема секогаш да бидат надмоќни. Но она што во моментот изгледа како пораз, на крајот ќе се покаже како величествена победа. Читаме:
„Во видение ми беа покажани две војски во страшна борба. Едната имаше знамиња на кои се наоѓаа обележјата на овој свет; а другата го носеше знамето попрскано со крвта на Кнезот Емануел. Знамиња паѓаа едно по едно и се влечеа по прашината, бидејќи група по група од Господовата страна преминуваат на страната на непријателот, додека племиња едно по друго се соединуваат со Божјиот народ кој ги држи Божјите заповеди. Видов ангел како лета среде небото и знамето на кнезот Емануел го става во рацете на мнозина, додека еден моќен војсководец вика со силен глас: ‘Наредете се во редови. Оние што се верни на Божјите заповеди и сведоштвото Христово нека ја заземат својата положба. Излезете од нив, и одвојте се, и не допирајте се до ништо што е нечисто, и јас ќе ве примам, и ќе ви бидам Татко, а вие ќе бидете Мои синови и ќерки. Сите што сакаат нека дојдат во помош на Господа, во помош на Господа против силните.’
Битката сè повеќе се заострува. Победата навалува де на едната де на другата страна. Војниците на крстот моментално се повлекуваат, „како знаменосец кога ќе изнемошти“ (Исаија 10:18). Но целта на нивното привидно повлекување е да заземат уште поповолна положба. Се слушаат радосни извикувања. Се ори песна на благодарност кон Бога и гласовите на ангелите се придружуваат на оваа песна бидејќи Христовите војници го веат Неговото знаме на ѕидините на тврдината која досега ја држел непријателот. Водачот на нашето спасение лично ја води битката и им праќа помош на Своите војници. Неговата моќ силно се покажува, храбрејќи ги Своите борци да ја сузбијат борбата до вратите. Тој ги учел чудесни работи во праведност додека ги водел чекор по чекор, победувајќи и да победат.
Најпосле победата е задобиена. Војската на чие знаме е напишано ‘Божјите заповеди и верата Исусова’ величествено триумфира.“ – 8. Сведоштво, 41, 42.
„Исходот на борбата не зависи од смртниот човек. ‘Господ ќе излезе како јунак, ревноста ќе ја побуди како војник; ќе извика и ќе подигне војнички вик; ќе се покаже силен против непријателите Свои.’ Со силата на Оној што излезе победувајќи за да победи, слабиот и ограничен човек може да ја здобие победата.“ – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, p. 1146.
Под доцниот дожд
„Адвентното движење од 1840. до 1844. година претставуваше прекрасна манифестација на Божјата моќ; првата ангелска вест беше однесена до секоја мисионерска станица во светот, и во некои земји настана толку голем интерес за верата каков што не се видел ниту во една земја од реформацијата во шеснаесеттиот век; но сето тоа ќе биде надминато со силното движење предизвикано од последната опомена на третиот ангел. Ова дело ќе биде слично на она на денот на Педесетница. Божјите слуги, со лица осветлени од свето помазание, ќе брзаат од едно до друго место да ја објават небесната вест. Илјадници гласови низ целата земја ќе ја објавуваат опомената. Ќе се прават чуда, болни ќе оздравуваат, а верните ќе ги придружуваат знаци и чуда. И сатаната ќе прави лажни чуда; ќе стори и оган да падне од небото пред луѓето На овој начин жителите на земјата ќе бидат присилени да се решат за кого ќе се определат.“ – The Spirit of Prophecy 4, 429, 430.
„Во ноќните виденија ми беше покажано големото реформаторско движење меѓу Божјиот народ. Мнозина го фалеа Бога. Болните беа излечени, а имаш и други чуда. Сите се залагаа како што тоа го правеле учениците во пресрет на големиот ден на Педесетницата. Стотици и илјадници посетуваа семејства и ги запознаваа со Божјата Реч. Силата на Светиот Дух ги уверуваше срцата и насекаде се чувствуваше дух на вистинско обратување. На сите страни се отвораа вратите за зборот на вистината. Се чинеше дека целиот свет е осветлен со небесна светлина. Големи благослови се излеваа на верниот и понизен Божји народ. Слушнав зборови на благодарност и фалење, како да се повтори реформацијата што ја доживеавме во 1844 година.“ – 9. Сведоштво, 126.
„Облечена во сета одбранбена опрема, во Христовата правда, Црквата во својот финален судир ќе влезе ‘прекрасна како месечина, сјајна како сонце, страшна како војска под знамињата’, таа ќе помине низ целиот свет победувајќи и за да победи.’“ – Мојот живот денес, 311.
„Јас слушнав дека тие облечените во „сето оружје Божјо” ја објавуваа вистината со голема сила и силен ефект. Многумина беа врзани; некои жени за своите мажи и некои деца за своите родители. Искрените кои порано биле спречени да ја слушнат вистината сега жедно ја прифаќаат. Сиот страв од нивните роднини исчезнува, затоа што вистината им станала поважна од тоа. Тие беа гладни и жедни за вистината; таа беше помила за нив отколку животот. Запрашав што е причина за оваа голема промена. Еден ангел одговори: ‘Доцниот дожд, освежувањето од лицето Господово, гласниот вик на третиот ангел’.
Голема сила ги следеше овие одбрани.“ – Рани списи, 271.
„Божјите слуги, со лица осветлени од свето помазание, ќе брзаат од едно до друго место да ја објават небесната вест. Илјадници гласови низ целата земја ќе ја објавуваат опомената. Ќе се прават чуда, болни ќе оздравуваат, а верните ќе ги придружуваат знаци и чуда. И сатаната ќе прави лажни чуда; ќе стори и оган да падне од небото пред луѓето (Откровение 13:13). На овој начин жителите на земјата ќе бидат присилени да се решат за кого ќе се определат.
Веста ќе се шири не толку со докажување колку со длабоко осведочување на Божјиот Дух. Доказите се изнесени. Семето е посеано и сега ќе никне и ќе донесе плод. Списите што ги распространиле мисионерските соработници го извршиле своето влијание, но мнозина врз кои вистината имала длабок впечаток, биле спречени вистината потполно да ја сфатат или да ја послушаат. Меѓутоа, сега зраците на светлината проникнуваат насекаде и вистината се гледа кристално јасна, а искрените Божји деца ги кинат врските што ги задржувале до сега. Семејните и црковните врски сега се немоќни да ги задржат. Вистината им е подрагоцена од сè друго. И покрај силите што се здружиле против вистината, голем е бројот на оние што ќе застанат на Господова страна.“ – Големата борба, 612.
„Љубовта кон Христа, љубовта кон нашите браќа ќе биде сведоштво на светот дека сме биле со Исуса и дека сме се научиле од Него. Тогаш веста на Третиот ангел ќе прерасне во гласен восклик и цела Земја ќе биде осветлена од Господовата слава.“ – 6. Сведоштво, 401.
Апел во вистинско време
„Должностите кои се непосредно пред нас, кои некој мора да ги изврши, треба да ги прифатиме и да не ги избегнуваме, ниту да отстапуваме од нив затоа што не ни се по волја. Душата може да се увежба да вложува напор, да носи товари и да ги исполнува должностите што нè опкружуваат – да стане силна во совладувањето на себеси преку надминување на тешкотиите. Наместо да бидеме суштества управувани од околностите, можеме да станеме господари на околностите и да победиме во совладувањето на пречките.” – Manuscript Releases, vol. 15, pp. 240, 241.
„Сега се наоѓаме на бојно поле. Нема време за одмор, нема време за удобност, нема време за себично препуштање на уживања. Откако ќе се стекне една предност, мора повторно да се води борба; мора постојано да се победува, за да се победи, собирајќи нова сила за нови битки. Секоја извојувана победа носи зголемување на храброста, верата и одлучноста. Преку божествената сила ќе се покажете посилни од своите непријатели.“ – The Signs of the Times, September 7, 1891.
„Бог посакувал Неговиот народ да Му биде послушен, затоа што ќе сфати дека послушноста ќе ги направи разумни мажи и жени. Тој ги привлекувал подготвените и послушните кон Себе со врски на љубов. Посакувал Неговиот народ да оди напред — победувајќи, за да победи. Им била дадена привилегија со својот живот да го откријат карактерот на својот Водач. Душите на мажите и жените се неизмерно драгоцени во Божјите очи — не затоа што, како што некои тврдат, тие поседуваат природна бесмртност, туку затоа што преку верата во Христа можат да добијат бесмртност. Само Христос има бесмртност. Верата во Него е за покајаната душа семе на нов живот.“ – The Review and Herald, July 10, 1900.
„Божјите работници мора да поседуваат многу подлабоко искуство. Ако сè Му предадат Нему, Тој ќе дејствува чудесно за нив. Тие ќе го подигнат знамето на вистината на тврдините кои дотогаш биле под контрола на сатаната и со победнички повици ќе ги освојат. На себе ќе ги носат лузните од борбата, но ќе ја добијат пораката на утеха дека Господ и понатаму ќе ги води — победувајќи, за да победат.“ – The Review and Herald, September 17, 1903.
„Господ сака Неговите претставници верно да ги извршуваат своите должности, во Негово име и со Неговата сила. Верувајќи на Неговото слово и постапувајќи според него, тие можат да одат напред — победувајќи, за да победат.“ – Manuscript Releases 8, 161.
„Децата на небесниот Цар се борат пред очите и во присуство на целиот Божји универзум, и таа вистина треба да нè охрабри за борбата, поттикнувајќи нè да продолжиме — победувајќи, за да победиме.“ – The Signs of the Times, April 4, 1895.
Сто години од реформацијата
ИСТОРИСКИ ПРЕГЛЕД
околу 2000 г. п. н. е.
Аврамов завет
Бог го повикува Авраам, основајќи го избраниот народ кој ќе ја зачува Неговата вистина.
околу 1446 г. п. н. е.
Излезот и заветот на Синај
Бог го избавува Израел од Египет и им ги дава Десетте заповеди, вклучувајќи ја и саботата (Излез 20:8–11).
околу 1000 г. п. н. е.
Израелското царство
Цар Давид, а потоа и Соломон, го утврдуваат Израел како значајно царство, со храмот како центар на богослужението.
722 и 586 г. п. н. е.
Расејување
Асирија и Вавилон ги прогонуваат Израел и Јуда поради отпадништвото.
538 г. п. н. е.
Враќање и повторна изградба на Ерусалим
Под водство на Ездра и Неемија, Израел се враќа за повторно да го изгради храмот и да го обнови Божјиот закон.
околу 4 г. п. н. е.
Службата на Исус Христос
Исус ги исполнува пророштвата од Стариот завет, поучува за Божјиот закон, вклучувајќи ја и саботата, и ја воспоставува ранохристијанската вера.
31 година
Распнувањето и Педесетница
Христовата смрт и воскресение го воведуваат Новиот завет, а христијанската црква добива сила на денот на Педесетница.
70 година
Разурнување на Ерусалим
Еврејскиот систем се укинува, а евангелието почнува да се проповеда на незнабошците.
I–IV век
Апостолска и прогонувана црква
Апостолите го шират христијанството, но со засилувањето на прогонот, црквата почнува да отстапува од библиските начела.
313 година
Константин и легализирањето на христијанството
Римскиот император Константин го легализира христијанството, но воведува одредени пагански елементи.
321 година
Закон за недела
Константин го донесува првиот закон за празнување на недела, со што се отстапува од библиското светкување на саботата.
IV–XV век
Папска надмоќ и отпадништво
Тие што ја светкуваат саботата според Библијата се прогонувани поради својата вера.
1517 година
Реформацијата на Мартин Лутер
Лутер протестира против небиблиските доктрини, ставајќи акцент на спасението по вера.
XVI–XVII век
Продолжување на реформацијата
Други реформатори, како Калвин и Весли, обновуваат библиски вистини, но светкувањето на саботата во голема мера останува занемарено.
1831–1844 година
Милерово движење
Вилијам Милер проповеда за скорото доаѓање на Христос. Големото разочарување од 1844 година ги поттикнува луѓето понатаму да ја проучуваат Библијата.
1844 година
Истражен суд и обновување на саботата
Адвентистичките пионери, вклучувајќи ги Елен Г. Вајт, Џозеф Бејтс и Џејмс Вајт, ја прифаќаат саботата како седми ден и го разбираат Христовото дело во небесното светилиште.
1863 година
Организирање на Црквата на Адвентистите на седмиот ден
Адвентистичката црква е официјално организирана со цел да ги шири трите ангелски пораки (Откровение 14).
1914–1918 година
Првата светска војна и криза во адвентизмот
За време на Првата светска војна, некои адвентистички водачи во Европа ја поддржуваат воената служба, што доведува до поделба меѓу верниците кои одбиваат да носат оружје во сабота.
1925 година
Официјално организирање на Реформното движење на АСД
Верните членови го организираат Реформното движење на АСД, кое цврсто стои на темелот на библиското ненасилство, држењето на саботата и здравствените начела.
1929 година
Основање на Генералната конференција на Реформното движење на АСД
Движењето се проширува на интернационално ниво и се организира за глобална мисионска дејност.
XX век
Раст и прогон
Реформното движење на АСД се шири и покрај прогонствата под комунистички и фашистички режими.
XXI век
Продолжување на евангелизирањето
Движењето останува верно на наследството на првобитните начела на адвентизмот, нагласувајќи ја важноста на здравствената реформа, умереноста и пророштвата за последните денови.

