Гласник на реформацијата · 2026
Црквата пред последната криза
Молитвена седмица · Читајте, размислувајте и проучувајте


„На Божјиот народ му претстои голема криза. На светот исто така му претстои криза. Најзначајната борба на сите времиња е токму пред нас.“ – 5 Сведоштво, 711.
Кога размислуваме за кризата, многумина се во искушение да паничат. Но зар токму затоа не ни се откриени однапред толку многу подробности за неа? Зар не би сакале да бидете свесни за претстојната тешкотија, наместо таа да ве затекне ненадејно? Бог не ни дал толку многу светлина за последните настани за да нè парализира со страв.
Напротив, „Господ сака да се искачиме на гората — поблиску во Неговото присуство. Се приближуваме кон криза која, повеќе од кое било претходно време откако постои светот, ќе бара целосна посветеност од секој што го носи Христовото име.“ – Gospel Workers, p. 323.
„Сега, браќа, се приближуваме кон кризата. Да ја издржиме пробата храбро, држејќи се за раката на Бесконечната Сила. Бог ќе работи за нас. Треба само да живееме ден по ден, и ако Го запознаеме Бога, Тој ќе ни даде сила за она што ќе дојде утре, благодат доволна за секој ден; и секој ден ќе има свои победи, како што има и свои искушенија. Со нас ќе биде силата на Севишниот, зашто ќе бидеме облечени во оклопот на Христовата праведност. Го имаме истиот Бог Кој дејствувал за Својот народ во минатите векови. Исус стои покрај нас, па зар ќе се поколебаме? — Не. Како што ќе доаѓаат искушенијата, така со нив ќе доаѓа и Божјата сила. Бог ќе ни помогне да стоиме цврсто во верата во Неговата Реч, и кога ќе бидеме обединети, Тој со особена сила ќе дејствува во наша полза.“ – The Review and Herald, 29 април 1890.
Заштита на нашите души
„Додека грешникот гледа во законот, неговата вина му станува јасна; таа се врежува во неговата совест и тој е осуден. Неговата единствена утеха и надеж ги наоѓа во погледот кон крстот на Голгота. Додека се повикува на ветувањата и Му верува на Бога според Неговиот збор, олеснување и мир ја исполнуваат неговата душа. Тој извикува: ‘Господи, Ти си ветил дека ќе ги спасиш сите што ќе дојдат кај Тебе во името на Твојот Син. Јас сум изгубена, беспомошна и безнадежна душа. Господи, спаси ме, или ќе пропаднам.’ Неговата вера се фаќа за Христа и тој е оправдан пред Бога.
Но, иако Бог може да биде праведен и истовремено да го оправда грешникот преку Христовите заслуги, ниту еден човек не може да ја облече својата душа во облеката на Христовата праведност додека свесно прави гревови или ги занемарува познатите должности. Бог бара целосно предавање на срцето пред да може да дојде оправдувањето; а за човекот да го задржи оправдувањето, мора да постои постојана послушност преку активна, жива вера која дејствува преку љубов и ја очистува душата.“ – Selected Messages, bk. 1, pp. 365, 366.
„Злата што постепено се вовлекле меѓу нас незабележливо ги оддалечиле поединците и црквите од стравопочитувањето кон Бога и ги лишиле од силата што Тој сака да им ја даде.
Браќа мои, оставете ја Божјата Реч онаква каква што е. Нека човечката мудрост не се осмелува да ја намали силата на ниеден навод од Светото писмо. Свечените предупредувања во книгата на Откровението треба да ни служат како предупредување да не стапнуваме на таа почва. Во името на Учителот, јас ве повикувам: ’Собуј си ги обувките од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја’ (Излез 3:5)“ – 5 Сведоштво, 711.

Претстојната криза
На хоризонтот…
„Кризата е токму пред нас. Битката ќе се води меѓу библиското христијанство и христијанството на човечките традиции.“ – Review and Herald, 1 јануари 1889 г.
„Во иднина многу таканаречени Христови претставници ќе заземат став сличен на оној што го заземале еврејските свештеници и поглавари спрема Христа и апостолите. Во големата криза низ која наскоро ќе мора да поминат, верните Божји слуги ќе наидат на иста упорност, на иста свирепост, на решителна и непреодолива омраза.
На сите кои во тие тешки денови бестрашно ќе му служат на Бога според своја сопствена совест, ќе им биде потребна храброст, решителност и познавање на Бога и на Неговата Реч, зашто сите што ќе му останат верни на Бога ќе бидат гонети. Нивните најчисти побуди и нивните најблагородни напори ќе бидат погрешно толкувани, а нивното име озлогласено и презрено. Сатаната со сета своја измамничка сила ќе настојува да влијае врз срцето и да го затемни умот за злото да го претстави како добро, а доброто како зло. Доколку е посилна и почиста верата на Христовите следбеници и порешителна нивната послушност кон Бога, сатаната сè повеќе ќе се труди против нив да ги поттикне оние што го газат Божјиот закон, а тврдат дека се на вистинскиот пат. Ќе биде потребно најсилно надевање и најголемо јунаштво и одлука за да се одржи верата која еднаш им е дадена на светите.“ – Делата на апостолите, 430,431.
„Оние кои сега толку малку се вежбаат во верата, се наоѓаат во најголема опасност да и подлегнат на моќта на сатанските измами и на декретот со кој ќе се врши насилство над совеста. Па дури и ако ја издржат пробата, сепак, тие во времето на неволјата ќе западнат во подлабока потиштеност и страв, бидејќи не навикнале да се потпираат на Бога. Лекциите на верата што ги занемариле, ќе бидат принудени да ги учат под страшниот притисок на обесхрабрувањето.
Сега треба да се запознаеме со Бога проверувајќи ги Неговите ветувања. Ангелите ја бележат секоја сериозна и искрена молитва. Ние попрво треба да се откажеме од себичните задоволства, отколку да ја занемариме заедницата со Бога. Најголемото сиромаштво и самооткажување со Него се подобри од сите богатства, почести, удобности и од сите пријателства без Него. Мораме да најдеме време за молитва. Ако дозволиме световните интереси да го окупираат нашиот ум, Бог можеби ќе ни даде време така што ќе ни ги одземе нашите идоли кои се состојат од злато, од куќи и од плодна земја…
Наскоро ќе настапи ’време тешко, какво што немало откако постојат луѓето’ (Даниел 12:1), и тогаш ќе ни биде потребно искуство што сега го немаме, а кое мнозина занемаруваат да го стекнат. Често се случува очекуваната неволја да ја преувеличуваме, отколку што е во стварноста, но тоа не е случај со кризата што е пред нас. Ниту најбујната мечта не може да замисли колку тешко ќе биде искушението. Во тоа време на искушение секоја душа ќе мора да стои сама за себе пред Бога.“ – Големата борба, 621,622.
Проблемот што е пред нас
„Господ ми откри што ќе се случи во последните денови, за Неговиот народ да се подготви да издржи во борбата со бурата од противење и гнев. Тие што се опоменати за настаните кои доаѓаат не смеат да седат рамнодушно очекувајќи ја бурата која доаѓа и да се тешат дека Бог ќе ги штити Своите верни во денот на неволи. Ние треба да се однесуваме како луѓе кои го чекаат својот Господ, но не во безделнично чекање, туку со најсесрдно работење и со непоколеблива вера. Ние сега немаме време на нашите мисли да им дозволуваме да се занимаваат со помалку важни нешта. Додека луѓето спијат сатаната работи за Господовиот народ да остане без милост и оправдување. Неделното движење сега тајно го подготвува патот за себе. Неговите водачи ја прикриваат неговата вистинска цел и мнозина кои му пристапуваат на тоа движење не согледуваат каде всушност ги води тоа. Оние кои го поддржуваат тоа движење, навидум се благи и христијани; но кога ќе прозборуваат, ќе се покаже духот на змевот. Наша должност е да направиме сѐ што е во наша моќ за да ја спречиме опасноста која се заканува. Ние треба да се трудиме да ги разоружаме предрасудите и пред народот да се покажеме во вистинска светлина. Треба да им покажеме за што всушност се работи овде и на тој начин да подигнеме најенергичен протест против мерките насочени за ограничување на слободата на совеста. Ние треба да го проучуваме Светото писмо за да можеме да ги покажеме причините за нашата вера. Пророкот кажува: ’Безбожниците ќе си останат безбожни, и никој од нив нема тоа да го разбере, само мудрите ќе разберат’ (Даниел 12:10).
На оние кои преку Христа имаат пристап кон Бога им претстои значајно дело. Сега е вистинско време цврсто да се фатиме за раката на нашата сила. И пастирите и останатите верници треба да се молат со молитвата на Давид: ’Време е, Господи да се дејствува: Твојот закон го осквернија’ (Псалм 118:126). Господовите слуги нека плачат меѓу тремот и олтарот, пекајќи: ’Смилувај се, Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Твое на срам’ (Јоил 2:17). Бог секогаш го штител Својот народ во најголемите неволи и тогаш кога се чинело дека нема ниту најмала надеж да се избегне пропаста. Намерите на безбожните луѓе, непријателите на црквата, се потчинети на Неговата сила и Неговото провидение кое управува со сѐ. Тој може да го трогне срцето на државникот; гневот, разбрануваноста и омразата на оние што го мразат Бога, Неговата вистина и Неговиот народ Тој може да ги сврти на друга страна како што ги свиткува водените потоци, ако така намисли. Молитвата ја придвижува раката на Семожниот. Тој што го одредува патот на ѕвездите на небото, чиишто зборови владеат со брановите на длабокото море – истиот бесконечен Создател ќе го заштити Својот народ кога тој ќе Го повика со вера. Тој ќе ги заузда силите на темнината додека на светот не му се даде опомена и сите кои ќе ја прифатат ќе бидат подготвени за борба.
’Зашто и преку човековиот бес Ти ќе се прославиш, а и остатокот од нив ќе Те прославува’ (Псалм 76:10), кажува Псалмистот. Божја намера е вистината да се изнесе на виделина и да стане предмет на испитување и проучување, дури ако тоа биде и со помош на презирот на кој е изложена. Мора да се пробуди интересот на народот. Секоја расправија, секој прекор и секоја клевета ќе бидат средства што Бог ќе ги употреби за да поттикне истражување и да ги разбуди умовите на оние што инаку би спиеле.“ – 5 Сведоштво, 453, 454.
„Само оние кои вредно го проучуваат Светото писмо и кои имаат љубов кон вистината, ќе бидат заштитени од оваа моќна измама што ќе го зароби сиот свет. Со помош на сведоштвата на Светото писмо тие ќе го откријат маскираниот измамник. Сите ќе бидат ставени на проба. Решетањето предизвикано од ова искушение ќе ги открие вистинските христијани. Дали Божјиот народ денес е толку цврсто втемелен во Неговото слово за да не се потпира врз своите сетила? Дали во таквата криза ќе се потпира врз Библијата, и само врз Библијата? Сатаната ќе се обидува, ако е можно, да ги спречи од толку неопходната подготовка за да се одржат во оној ден. Тој така ќе ги организира животните околности за да им го затворат патот, ќе ги зароби со земни богатства, ќе ги натовари со тежок и мачен товар така што нивните срца да бидат оптовари со световни грижи и денот на искушението да ги затече како крадец.“ – Големата борба, 625.
Како треба да одговориме?
„Бог на секој човек му го одредил неговото дело. Секој од нас треба да се потпира на Бога, и Тој ќе нè поучи како да работиме и за која работа сме најсоодветни. Но никој не треба да дејствува во дух на независност ниту да шири нови учења. Работниците треба да бидат во хармонија со вистината и со своите браќа. Треба меѓусебно да се советуваат и да соработуваат. Но не треба да сметаат дека на секој чекор мора да застанат и да побараат дозвола од некој повисок службеник дали смеат да го направат ова или она. Не барајте водство од човек, туку од Израилевиот Бог.“ – 5 Сведоштво, 463.
„Колку помалку директно ги обвинуваме властите и носителите на моќ, толку поголемо дело ќе можеме да оствариме и во Америка и во другите земји. Странските земји ќе го следат примерот на Соединетите Држави. Иако Соединетите Држави први ќе тргнат по тој пат, истата криза ќе го зафати нашиот народ во сите делови на светот.
Наша должност е да го величаме и издигнуваме Божјиот закон. Вистината на Божјата света Реч треба јасно да се објави. Светото писмо треба да го истакнуваме како правило на живот. Со сета понизност, во дух на благодат и во Божја љубов, треба да им укажуваме на луѓето дека Господ Бог е Творец на небото и земјата и дека седмиот ден е Господовата сабота.
Во Господово име треба да одиме напред, развевајќи го Неговото знаме и застапувајќи ја Неговата Реч.“ – 6 Сведоштво, 395.
„При завршувањето на Божјото дело на земјата, знамето на Неговиот закон повторно ќе биде воздигнато. Лажната вера може да преовладува, беззаконието може да се умножи, љубовта на мнозина да олади, крстот на Голгота да се изгуби од вид, а мракот, како покров на смртта, да се рашири над светот. Целата сила на општото течение може да се сврти против вистината; можат да се коваат сплетка по сплетка за да се собори Божјиот народ. Но во часот на најголема опасност, Богот на Илија ќе подигне човечки орудија што ќе објавуваат вест која нема да може да биде замолкната.
Во густо населените градови и во местата каде што луѓето отишле најдалеку во говорењето против Севишниот, ќе се слушне глас на строг укор. Луѓето што Бог ги назначил смело ќе го осудуваат сојузот на црквата со светот. Тие сериозно ќе ги повикуваат луѓето да ја отфрлат човечката установа и да ја празнуваат вистинската сабота.“ – Пророци и цареви, 186.
„Божјиот укор е врз нас поради занемарувањето на нашите сериозни одговорности. Неговите благослови се повлечени затоа што Сведоштвата што Тој ги дал не биле прифатени од оние што тврдат дека веруваат во нив. О, кога би дошло до вистинско духовно будење! Божјите ангели одат од црква до црква, извршувајќи ја својата задача, а Христос чука на вратата на вашето срце, сакајќи да влезе.
Но средствата што Бог ги определил за да ја разбудат црквата и да ѝ укажат на нејзината духовна сиромаштија не биле прифатени. Гласот на Верниот Сведок се слуша во укор и опомена, но не му се послушува. Луѓето избрале да одат по својот пат наместо по Божјиот, затоа што нивното сопствено „јас“ не било распнато. Затоа светлината имала толку мало влијание врз умот и срцето…
Ако чекате светлината да дојде на начин што ќе му угоди на секого, залудно ќе чекате. Ако чекате погласни повици или поповолни прилики, светлината ќе се повлече и ќе останете во темнина. Прифатете го секој зрак светлина што Бог го испраќа. Луѓето што ги занемаруваат повиците на Духот и Божјата Реч, затоа што послушноста подразбира носење крст, ќе ги изгубат своите души.
Кога ќе се отворат книгите и кога Судијата на целата земја ќе ги испитува делата на секој човек и побудите што го навеле на нив, тогаш ќе увидат каква загуба претрпеле. Секогаш треба да го негуваме стравот Господов и да бидеме свесни дека, како поединци, стоиме пред Господа над војските; и ниту една мисла, ниту еден збор, ниту една постапка поврзана со Божјото дело не треба да носи белег на себичност или рамнодушност.“ – 5 Сведоштво, 719.
„Во секое значајно дело доаѓа време на криза, кога е особено важно оние што се вклучени во него да имаат бистар ум. Потребни се луѓе кои, како апостол Павле, ја разбираат важноста на умереноста во сè. Пред нас стои дело што мораме да го извршиме — сериозна работа за нашиот Учител.
Сите наши навики, вкусови и склоности треба да бидат обликувани во согласност со законите на животот и здравјето. На тој начин можеме да го одржуваме телото во најдобра можна состојба и да имаме бистар ум, способен јасно да разликува добро од зло.“ – Temperance, 148.
„Бог сака Неговиот народ да се подготви за кризата што наскоро ќе настапи. Подготвени или не, сите ќе мора да се соочат со неа; а во времето на искушението и проверката ќе опстанат само оние што целосно го усогласиле својот живот со божественото мерило.
Кога световните владетели ќе се обединат со верските и црковните водачи за да донесуваат прописи во прашањата на совеста, тогаш ќе се види кој навистина се бои од Бога и Му служи.
Кога темнината ќе биде најгуста, тогаш светлината на вистинскиот христијански карактер ќе блесне најјасно. Кога ќе пропадне секоја друга потпора, тогаш ќе се види кој навистина има сигурна потпора во Господа.“ – Делата на апостолите, 431.
„Делото што црквата пропуштила да го изврши во време на мир и благосостојба ќе мора да го изврши во страшна криза, под мошне обесхрабрувачки и тешки околности. Предупредувањата што приспособувањето кон светот ги замолкнало или задржало ќе мора да бидат објавени среде најжестокото противење од непријателите на верата…
Членовите на црквата ќе бидат поединечно испитани и проверени. Ќе се најдат во околности во кои ќе бидат принудени да сведочат за вистината. Мнозина ќе бидат повикани да зборуваат пред собори и во судници, можеби одвоени од другите и сосема сами. Искуството што би им помогнало во таквата ненадејна потреба пропуштиле да го стекнат, па нивните души ќе бидат оптоварени со каење поради пропуштените можности и занемарените предимства.
Брате мој, сестро моја, ве молам, размислувајте за овие нешта. Секој од вас има дело што треба да го изврши.“ – 5 Сведоштво, 463.
„Големата криза е токму пред нас. За да се соочиме со нејзините проби и искушенија и за да ги извршиме своите должности, ќе ни биде потребна истрајна вера. Но можеме славно да победиме. Ниту една душа што бдее, се моли и верува нема да биде фатена во стапицата на непријателот…
Сега никој нека не си поигрува со гревот, изворот на сите страдања во овој свет. Не останувајте повеќе во летаргија и тапа рамнодушност. Не ја оставајте судбината на својата душа во неизвесност. Бидете сигурни дека сте на Господовата страна. Со искрени срца и треперливи усни поставете си го прашањето: „Кој може да опстане?“…
Дали вашата светлина блеска и ги осветлува народите што пропаѓаат во своите гревови? Дали сфаќате дека треба да застанете во одбрана на Божјите заповеди пред оние што ги газат?
Можно е некој да биде само делумен и формален верник, а сепак да биде пронајден лесен и да го изгуби вечниот живот. Можно е да се придржува до одредени библиски налози и да се смета за христијанин, а сепак да пропадне поради недостаток на суштинските особини на христијанскиот карактер.
Ако ги занемарувате опомените што Бог ги дал или рамнодушно се однесувате кон нив, негувајќи го или оправдувајќи го гревот, со тоа ја запечатувате судбината на својата душа. Ќе бидете измерени на мерилата и ќе бидете пронајдени лесни. Благодатта, мирот и простувањето ќе ви бидат засекогаш ускратени. Исус ќе помине покрај вас, а вашите молитви и сесрдни молби веќе нема да можат да допрат до Него.
Додека милоста сè уште трае и додека Спасителот се застапува за нас, треба да се подготвуваме за вечноста.“ – 6 Сведоштво, 404, 405.
„Преку ангелите ќе се одржува непрекината врска меѓу небото и земјата. А сатаната, опкружен со злите ангели, ќе тврди дека е Бог и ќе прави секакви чуда за, ако е можно, да ги измами дури и избраните. Божјиот народ нема да ја наоѓа својата сигурност во чудата, зашто сатаната ќе ги имитира чудата што ќе се прават. Испитаниот и проверен Божји народ ќе ја најде својата сила во знакот за кој се зборува во Излез 31:12–18. Божјиот народ мора да се потпира на живата Реч: „Пишано е.“ Тоа е единствениот темел на кој може безбедно да стои. Оние што го раскинале својот завет со Бога во тој ден ќе бидат без Бога и без надеж.
„Поклониците на вистинскиот Бог особено ќе се одликуваат со држењето на четвртата заповед, бидејќи таа е знак на Божјата создавачка сила и сведоштво за Неговото право на стравопочитување и почит од страна на човекот. Безбожниците ќе се препознаваат по своето настојување да го урнат споменикот на Творецот и да ја издигнат институцијата на Рим. Во исходот од борбата, целото христијанство ќе биде поделено на две големи групи — на оние што ги држат Божјите заповеди и верата Исусова, и на оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик и го примаат неговиот жиг. Иако црквата и државата ќе ги соединат своите сили за да ги присилат сите — „мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови“ — да го примат жигот на ѕверот, Божјиот народ сепак нема да го прими…
Страшни искушенија и проби го очекуваат Божјиот народ. Духот на војна ги потресува народите од едниот крај на земјата до другиот. Но среде времето на неволја што доаѓа — време на неволја какво што немало откако постои народ — избраниот Божји народ ќе стои непоколебливо. Сатаната и неговите ангели нема да можат да го уништат, бидејќи ќе го штитат ангели ненадминливи по сила.“ – 9 Сведоштво, 16, 17.
Подготовка на срцето
„Иако Бог може да биде праведен и истовремено да го оправда грешникот преку Христовите заслуги, ниту еден човек не може да ја облече својата душа во облеката на Христовата праведност додека свесно прави гревови или ги занемарува познатите должности. Бог бара целосно предавање на срцето пред да може да дојде оправдувањето; а за човекот да го задржи оправдувањето, мора да постои постојана послушност преку активна, жива вера која дејствува преку љубов и ја очистува душата.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 366.
„Живата вера нека се проткајува како златни нишки и низ извршувањето на најмалите должности. Тогаш секојдневната работа ќе придонесува за нашето христијанско растење. Постојано ќе гледаме кон Исуса. Љубовта кон Него ќе му дава животворна сила на сето она што го правиме. Така, со правилна употреба на нашите таланти, можеме со златен ланец да се поврземе со повисокиот свет.
Тоа е вистинско посветување, зашто посветувањето се состои во радосно извршување на секојдневните должности во совршена послушност кон Божјата волја.“ – Христовите очигледни поуки, 360.
„Како што се приближуваме кон последната криза, од животна важност е меѓу Господовите орудија да постојат хармонија и единство. Светот е полн со бури, војни и судири. Меѓутоа, под едно раководство — под папската сила — луѓето ќе се обединат против Бога во лицето на Неговите сведоци. Тоа единство го зацврстува големиот отпадник. Додека се труди да ги обедини своите претставници во борбата против вистината, тој истовремено настојува да ги разедини и растури нејзините поборници. Тој ги поттикнува љубомората, злите претпоставки и оговарањето за да предизвика неслога и поделби.
Членовите на Христовата црква имаат моќ да го попречат остварувањето на намерата на непријателот на душите. Во време како ова, тие не смеат да бидат во меѓусебна неслога, ниту во неслога со кој и да е Господов работник. Среде општата неслога нека постои едно место каде што владеат хармонија и единство, затоа што Библијата е водич на животот. Божјиот народ мора да сфати дека има одговорност да ги поддржува и унапредува Божјите орудија…
Бог сака многу повеќе да се молиме, а многу помалку да зборуваме. Небесниот праг е облеан со светлината на Неговата слава и Тој ќе дозволи таа светлина да заблеска во срцето на секој што е во правилен однос со Него.“ – 7 Сведоштво, 182, 183.

Трите нечисти духови
Кога љубовта се мери со чувствата
За време на мојата претходна служба во Монтреал, Канада, бев повикан да се сретнам со група верници кои беа мошне воодушевени од темата за духовното оживување. Еден од нивните истакнати членови го познавав уште од детството — и иако израснал во сегашната вистина, сепак одлучил да ѝ се придружи на оваа група. Постојано зборуваа за тоа како го чувствуваат присуството на Духот, како нивните срца се загреваат за време на богослужението и за прекрасната атмосфера на љубов во која заедно уживаат. Кога слушна дека јас сè уште припаѓам на Црквата, на движењето што ги нагласува послушноста, доктрината и реформата, насмевката исчезна од неговото лице. „Вие немате љубов“, се пожали тој. „Кога сме со вас, не го чувствуваме Духот. Нема емоции, нема радост.“ Неговите зборови ме заболеа — не затоа што се сомневав во Божјата љубов меѓу нас, туку затоа што видов колку лесно чувствата ја замениле верата во оваа група. Тие немаа поука ниту цврста духовна храна, туку само моменти на славење. Божјото присуство го изедначуваа со емоционална возбуда, како вистината да се мери со чувствата. И бидејќи мојот пријател не можеше да го почувствува она што го нарекуваше „љубов“, заклучи дека ние не сме Божји народ. Таа средба ме наведе длабоко да размислам. Се запрашав: Дали е можно во последните денови цели движења да ја отфрлат вистината само затоа што поради неа не се чувствуваат добро? Книгата Откровение дава јасен одговор на тоа прашање. Јован видел како три таинствени сили се здружуваат за да го заведат светот пред конечната криза. „И видов кога од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегоа три нечисти духа, како жаби; зашто тоа се ѓаволски духови кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бог Седржителот“ (Откровение 16:13, 14).
Пророчката слика
Во овие неколку стихови Јован ја сумира завршната драма на човечката историја. Змевот ја претставува заводливоста на спиритизмот, отворениот бунт на сатаната преку лажни пројави на натприродното. Ѕверот го претставува папството, систем што ги обединува духовната и граѓанската власт за да го издигне човечкиот авторитет над Божјиот закон. Лажниот пророк го претставува отпаднатиот протестантизам, кој некогаш му се спротивставувал на Рим и на неговите митови и догми, но на крајот се соединува со него во издигнувањето на човечките идеи над послушноста кон Бога, како што е откриена во Неговата Реч. Заедно, овие „нечисти духови“ образуваат лажна тројка, обединувајќи го светот во лажно духовно оживување. Здравото библиско учење ќе биде изопачено: „Преку двете големи заблуди – бесмртноста на душата и светоста на неделата – сатаната ќе успее да го прелаже протестантскиот свет. Додека првата заблуда поставува темел за спиритизмот, втората создава врска на пријателство со Рим.“ – Големата борба, 588. Меѓутоа, овие симболи не се само прашање на теологија — тие откриваат три духа што се обидуваат да навлезат и во црквата и во срцето на секој верник. Затоа е важно да бидеме свесни за тоа како сето ова може негативно да влијае и врз нас.
Духот на змевот – заводливоста на чувствата
Духот на змевот е духот на спиритизмот, истата сила што ја измамила Ева во Едем со ветувањето: „ќе станете како богови“. Тој учи дека вистината се открива во нас, наместо да ја примаме од Божјата Реч — дека можеме повеќе да им веруваме на своите чувства отколку на божественото откровение. Умот е измамен: Дрвото изгледа убаво, змијата изгледа привлечно, плодот е вкусен, па како тогаш зборовите би можеле да бидат погрешни? Денес овој дух се пројавува на суптилен начин, дури и меѓу искрените верници. Тој се открива кога богослужението зависи од атмосферата наместо од осведочувањето, и кога верниците го проценуваат својот духовен живот според тоа колку уживаат во него, наместо според послушноста. Вдахновението нè предупредува: „Само исповедањето на вера во Христа и фалењето со познавање на вистината не го прават човекот христијанин. Религијата што настојува само да биде пријатна за окото, за увото и за вкусот, или која го одобрува самозадоволството, не е Христова религија.“ – Делата на апостолите, 317. Харизматската црква што ја запознав го замени Светото писмо со чувствата. Нивната љубов можеби била искрена, но, за жал, била погрешно насочена. Тие заборавиле дека Светиот Дух не прави секогаш да се чувствуваме удобно; Тој често мора да „изобличи, укори, опомени“ (2. Тимотеј 4:2), зашто „кога ќе дојде Тој, ќе го изобличи светот за грев, за правда и за суд“ (Јован 16:8), водејќи нè кон крстот пред да нè исполни со радост. Ако нашата вера зависи од она што го чувствуваме, таа ќе се урне штом ќе се променат нашите чувства. Но ако нашата вера почива на непроменливата Божја Реч, тогаш и во темнина можеме да кажеме: „И да ме убие, пак ќе се надевам на Него“ (Јов 13:15). Атеизмот е уште една сатанска стапица. Тој стои во директна спротивност со Светото писмо, кое објавува: „Безумникот рече во своето срце: ‘Нема Бог’“ (Псалм 14:1). Елена Вајт ја набљудувала духовната клима на своето време и јасно напишала: „Атеизмот и неверството преовладуваат во сите земји. Дрски богохулници се појавуваат на земјата, во домот на Божјата сопствена градба, го негираат постоењето на Творецот и го предизвикуваат небесниот Бог на самото место да ги убие ако нивното гледиште е погрешно. Погледнете ги здруженијата на неверници што се организираат насекаде и смислуваат начини за ширење на своите пеколни отрови!“ – The Review and Herald, 4 мај 1886. Оваа изјава нè потсетува дека неверувањето во Бога не е безопасно интелектуално гледиште, туку влијание што сè повеќе се засилува и ги оддалечува луѓето од Изворот на вистината. Денес мнозина ги издигнуваат своите чувства над Божјата Реч, верувајќи им на побудите на сопственото срце наместо на јасниот глас на Светото писмо. Сепак, Христос со љубов ја повикува секоја душа да го напушти широкиот и лесен пат и да тргне по тесниот пат што води во живот. Првиот нечист дух шепоти: „Следи го своето срце…“ Но Христос вели: „Следи Ме.“
Духот на ѕверот – искушението да им дозволиме на другите да размислуваат наместо нас
Ако змевот мами преку чувствата, ѕверот поробува преку авторитетот. Папскиот систем претставува религија што заповеда наместо да поучува, што ѝ наредува на совеста наместо да ја просветлува. Еднаш се сретнав со истиот тој дух — не во Рим, туку во самата наша Црква. Некои членови ми пријдоа и ми рекоа: „Пасторе, само кажи ни што да правиме. Ние ќе послушаме.“ На почетокот тоа ми звучеше како преданост. Но кога подлабоко размислив, сфатив дека тоа е опасно. Тие луѓе сакаа личното осведочување да го заменат со упатства од проповедникот. Секогаш е полесно некој друг да размислува наместо нас — да ѝ дозволиме на црквата или на некој водач да одлучува за секоја подробност. Меѓутоа, верата што не е вкоренета во лично осведочување станува механичка. Таа може да изгледа како послушност, но ѝ недостига срж. Кога ќе дојде прогонството, позајмената вера се руши, бидејќи никогаш не станала лична вера. „Прва и најголема должност на секое разумно суштество е да дознае од Светото писмо што е вистина и потоа да живее според светлината и други да храбри да го следат неговиот пример. Ние треба секој ден Библијата трудољубиво да ја проучуваме, одмерувајќи ја секоја нејзина мисла и споредувајќи стих со стих. Со Божја помош ние мораме сами да го формираме нашето мислење, зашто пред Бога ќе одговараме сами за себе.“ – Големата борба, 598. Вистинското христијанство не создава слепи следбеници, туку ученици што размислуваат. Кога бараме некој да ни каже што да правиме, несвесно го одразуваме духот на ѕверот, кој го наметнува богослужението со декрети. Се сеќавам на уште еден настан што ја покажува истата опасност. Некои верници инсистираа да ја избричам брадата затоа што, според локалните обичаи, брадата се сметала за знак на непочитување. Други, од еден соседен остров, ми рекоа дека ќе покажам поголема почит ако ја задржам, бидејќи сите патријарси во Библијата носеле брада! Трети, пак, расправаа за тоа како жените треба да ја носат косата: во една земја распуштената коса се сметала за скромна, бидејќи откривањето на вратот се сметало за нешто сензуално; во друга, пак, распуштената коса се сметала за неморална и само проститутките ја носеле неврзана. Јас израснав меѓу тие две култури и слушав проповедници од двете страни како зборуваат за тоа со силно уверување. Долго време бев збунет. Се прашував: „Кој е во право?“ На крајот сфатив дека самото прашање е погрешно. Не стануваше збор за имитирање правила, туку за разбирање на начелата — скромност, почит и едноставност во сите култури. Господовиот гласник нè советува: „Не поддржувајте ги оние што облекувањето го ставаат во средиштето на својата религија. Секој нека ги проучува јасните учења на Светото писмо за едноставноста и ненаметливоста во облекувањето и, со верна послушност кон тие учења, нека настојува да биде достоен пример за светот и за оние што се нови во верата… Само малкумина од моите браќа и сестри ја задржале едноставноста во облекувањето како мене. Во своите списи зборувам за оваа тема, но не ја ставам во преден план. Не треба да ѝ се придава поголема важност отколку на свечените вистини што претставуваат проба за ова време. Кај некои луѓе постои дух на критикување и тие го негуваат како нешто драгоцено. Ние мораме да ги истакнуваме начелата на вистината и да им дозволиме да дејствуваат врз срцата на луѓето. Од дрвото што не ни се допаѓа можеме колку сакаме да ги кинеме лисјата, но тоа нема да предизвика дрвото да умре; следната сезона лисјата повторно ќе израснат исто толку густо како и порано. Но ако со секира го удриме коренот на дрвото, не само што лисјата сами ќе отпаднат, туку и дрвото ќе умре. Оние што ја прифаќаат вистината затоа што ја љубат ќе станат мртви за светот, а во срцето ќе бидат кротки и понизни, слични на својот божествен Господ. Штом срцето ќе биде исправно, облеката, разговорите и целиот живот ќе бидат во согласност со Божјата Реч.“ – Historical Sketches, 122, 123. Духот на ѕверот ги наведува луѓето да ја предадат својата совест на обичаите или на човечкиот авторитет. Но Христовиот Дух нè учи да размислуваме, да проучуваме и мудро да ги применуваме вечните начела во секоја околност. За она што не произлегува од уверување, Павле вели: „Грев е“ (Римјаните 14:23). Послушноста без осведочување не е вера — туку страв.
Духот на лажниот пророк – илузијата на слободата
Лажниот пророк го претставува отпаднатиот протестантизам — религија што започнала со прогласување слобода, а завршува со отфрлање на Божјиот закон. Таа вели: „Ние не признаваме никаков авторитет“, но на крајот станува заробена од сопствената гордост. Во својот бунт против Божјото совршено владеење, Луцифер на небото го употребил истиот аргумент: „Сатаната завојувал против Божјиот закон затоа што се стремел да се издигне себеси и не сакал да му се потчини на авторитетот на Божјиот Син, големиот Заповедник на небото.“ – The Story of Redemption, 17, 18. „Уште од самиот почеток на големата борба на небото, целта на сатаната била да го собори Божјиот закон. За да ја постигне таа цел, тој се побунил против Творецот; и иако бил исфрлен од небото, истата борба ја продолжил на Земјата. Да ги измами луѓето и на тој начин да ги наведе да го прекршат Божјиот закон, е целта која тој упорно ја следи.“ – Големата борба, 582. Истата измама се појавила и во Едем, а подоцна и во современиот хуманизам. Вистинскиот протестантизам некогаш се залагал за слобода на совеста во послушност кон Бога, но неговиот отпаднат облик денес проповеда слобода од Божјите заповеди. Но ако моралниот закон, напишан со Божјиот прст, е укинат, како тогаш може да постои каква било стабилност? „Кога протестантизмот ќе ја испружи раката преку бездната за да се поврзе со римската сила, и кога таа ќе посегне преку бездната за да се поврзе со спиритизмот, и кога под влијание на овој троен совет нашата земја ќе го отфрли секое начело на нејзиниот устав, и кога ќе почне со подготовките да ги шири папските лаги и измами – тогаш знаеме дека е дојдено времето за сатанското дело на чуда и дека се приближува крајот.“ – 5 Сведоштво, 451. Овој дух ја заведува црквата и однатре: „Прави го она што ти изгледа исправно; не ти треба ниту укор ниту исправка.“ Последицата е морална анархија облечена во христијански зборови. Но вистинската слобода се наоѓа само во потчинетоста на Христа. Псалмистот вели: „Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди“ (Псалм 119:45). Слободата без послушност е анархија; послушноста без љубов е ропство; но послушноста што се раѓа од љубовта е вистинска слобода. Живееме во време кога авторитетот се презира, а личниот избор се велича. Мнозина тоа го нарекуваат самоизразување, но честопати тоа е само самообожување. Конечниот судир ќе биде меѓу оние што се издигнуваат себеси и оние што се предаваат себеси.
Собирањето кај Армагедон – конечното обединување на измамата
Јован вели дека овие три нечисти духови „одат кај царевите… за да ги соберат“. Што е тоа што ги обединува? Не е доктрина, туку емоционално искуство — заедничка возбуда, чувство на заедништво што делува духовно, но ја отфрла вистината. Преку медиумите, музиката, забавата, политиката, па дури и преку верските движења, истиот дух повикува на глобално заедништво без оглед на разликите во верувањето. Светот копнее по мир, но мир без покајание не е можен. „Разликата меѓу таканаречените христијани и неверниците, сега одвај може да се забележи. Членовите на црквите го сакаат она што светот го сака, и тие се подготвени да се соединат со него; а сатаната решил да ги поврзе во едно тело и со тоа да го зајакне своето дело собирајќи ги сите во редовите на спиритизмот. Католиците, кои се фалат со чудата како сигурен знак на вистинската црква, ќе бидат измамени од оваа сила што прави чуда, а протестантите, отфрлајќи го штитот на вистината, исто така ќе бидат измамени. Католиците, протестантите и световните луѓе ќе прифатат форма на побожност, без духовна сила, и тие во овој сојуз ќе видат големо движење за преобраќање на светот и за воспоставување на долго очекуваниот милениум (илјадагодишно царство).“ – Големата борба, 588. Ние веќе сме сведоци на вакви сојузи: мистичните искуства се претставуваат како духовно оживување, црквите се обединуваат околу чувствата, а граѓанските власти ја прифаќаат идејата за присилна државна религија што би доминирала во политиката. Но најголемата опасност не е надвор од нас, туку во нас. Секогаш кога на слогата ѝ даваме поголема вредност отколку на светоста, или на удобноста повеќе отколку на осведочувањето, ние ги повикуваме овие нечисти духови во своите срца. Црквата пред последната криза ќе биде испитана не само преку прогонство, туку и преку заведување. Ѓаволот повеќе не вели: „Откажи се од Христа.“ Тој вели: „Преобликувај Го. Направи Го да звучи потолерантно, попопуларно.“ Но Христос Кој повеќе не повикува на покајание не е библискиот Христос.
Повик на духовно расудување
Единствената заштита од измамата е жива поврзаност со Христа преку Неговата Реч. Не само да го читаме Светото писмо, туку да му дозволиме и тоа да нè чита нас. Не само да ги познаваме пророштвата, туку да им дозволиме да ги очистуваат нашите срца. „Само оние кои го утврдиле умот со библиските вистини ќе можат да се одржат во последниот голем судир.“ – Големата борба, 593. Расудувањето не е сомневање; тоа е духовна чувствителност што се развива преку послушноста. Кога Светиот Дух живее во нас, Тој внесува јасност, а не збунетост; храброст, а не компромис. Мораме да научиме да го испитуваме секој глас — без разлика дали им се обраќа на чувствата (змевот), бара послушност без размислување (ѕверот) или ја издигнува личната слобода без послушност (лажниот пророк). Наспроти сите овие влијанија, вистината води кон јасно препознатливи плодови: понизност, критичко размислување и послушност. Ова расудување започнува со покајание. Мнозина од нас треба да признаат дека понекогаш сме ги проценувале своите браќа според чувствата, сме почитувале правила без лично осведочување или сме отфрлале совет во име на слободата. Но Христос сака да нè очисти од секој лажен дух и да нè исполни со Својот Дух.
Христовиот Дух – небесниот противотров
Секој нечист дух има свој противник во Христовиот Дух: Вистинскиот Божји Дух не контролира ниту присилува; Тој просветлува. Тој не ги опива чувствата, туку го обновува умот. Тој не го укинува законот, туку го запишува во срцето. Кога Исус стоел пред Пилат, силите на змевот, ѕверот и лажниот пророк се обединиле против Него. Пилат, како пагански римски граѓанин, го слушал гласот на змевот. Фарисеите и садукеите, како верски водачи, биле навикнати да управуваат со совеста на луѓето, како што прави ѕверот. Народот, сакајќи да се ослободи од римската власт и првично очекувајќи Исус да го ослободи, сега се приклонил кон општоприфатениот повик да биде ослободен Варава, бунтовникот. Тоа бил гласот на лажниот пророк. Сепак, Исус не победил со сила, туку верно исполнувајќи ги Своите должности и љубејќи го човечкиот род толку многу што го положил Својот живот за нас. Истиот тој Дух ќе го одржи и Неговиот остаток во последната криза.
Последната проба – и запечатувањето
Доаѓа време кога секоја душа ќе биде запечатена — или со Духот на вистината или со духот на заблудата. Запечатувањето не е видлив знак, туку утврдување во вистината така што ништо не може да нè поколеба. „Токму во тоа време припадниците на Божјиот народ треба да бидат запечатени на своите чела — тоа нема да биде некаков видлив печат или знак, туку утврдување во вистината, и умствено и духовно, така што ништо повеќе нема да може да ги поколеба; и штом Божјиот народ ќе биде запечатен и подготвен за просејувањето, тоа ќе дојде. Всушност, тоа веќе започнало.“ – The SDA Bible Commentary, том 4, стр. 1161. Запечатувањето не може да се случи во атмосфера на плитки чувства или слепа послушност. Тоа се случува кога верникот лично ќе ги искуси обратувањето, осведочувањето и храбрата љубов кон Божјиот закон. Нашата најголема потреба не е за повеќе возбуда или повеќе правила, туку за повеќе од Христовиот Дух. Само Тој може да ни даде расудување за да ја препознаеме измамата и храброст да застанеме на страната на вистината.
Да стоиме со Јагнето
Кога ќе се навратам на моите три лични искуства — емоционалната црква што ја отфрли вистината, членовите што сакаа јас да донесувам одлуки наместо нив и културните расправи за надворешните обичаи — сфаќам дека сите тие биле мали проби за последниот судир. Во секое од тие искуства битката била иста: Ќе живееме ли според осведочувањето или според удобноста? Наскоро целиот свет ќе биде собран на едната или на другата страна. Трите нечисти духови ќе ги обединат народите под знамето на измамлива љубов и лажна слобода. Но среде тоа собирање ќе се издвои една друга група — оние што „одат по Јагнето каде и да оди“. Каде ќе бидеш ти? Што обично следиш? Дали си меѓу оние што денес го читаат овој текст од погрешни побуди? Го слушаш ли некој од трите нечисти духови? Се надевам дека, ако е така, сепак ќе можеш да го препознаеш Божјиот тивок и нежен глас покрај себе, кој сака да те оддалечи од непријателот. Не барај го духот на змевот, кој им ласка на чувствата, ниту духот на ѕверот, кој бара сообразување, ниту духот на лажниот пророк, кој ја велича слободата без послушност — туку Духот на Јагнето, Кое се понизило и Му било послушно на Својот небесен Отец до смрт. Црквата пред конечната криза мора да биде црква на расудување и храброст. Времето веќе истекува. Борбените редови се формираат. Просејувањето започнало. Но Христос сè уште го упатува повикот: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини“ (Откровение 18:4). Да одговориме на тој повик — не со страв, не со гордост, туку со мирно уверување дека вистината е посилна од измамата и дека следењето на Христовиот Дух е посилно од следењето на кој и да е нечист дух. Нека нè исполни Господ со тој Дух!

Божјиот закон и човечкиот закон
„Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето“ (Дела 5:29).
Во нашиот свет постојат околу 195 официјално признати држави. Секоја од нив донесува закони што треба да придонесат за уреден општествен живот и хармоничен соживот, да ги заштитат граѓаните, нивните права и имот, како и да помогнат во решавањето на споровите и обезбедувањето правда.
Кога ја разгледуваме историјата, забележуваме неколку важни пресвртници поврзани со кодифицираните закони. Еден познат пример е Хамурабиевиот законик, составен околу 1750 година пр. н. е. во Вавилон, чии закони подоцна се применувале низ целото негово царство. Еден од главните придонеси на овој законик бил тоа што законите повеќе не биле само усно пренесувана традиција, туку биле запишани и јавно достапни.
Во правото постојат различни видови закони — граѓански, даночни, трговски и многу други. Но се поставува прашањето: Дали сите тие закони се добри? Можно ли е некои од нив да бидат неправедни? Бидејќи ги донесуваат грешни луѓе, понекогаш тие можат да бидат несовршени. Некои можат да бидат деспотски, нееднакви, па дури и неправедни. Дали сепак треба да им се покоруваме на законите што ги донеле луѓето?
Одговорот е — да. Имаме морална обврска, зајакната со нашата вера, да им се покоруваме на човечките закони. Бог ги воспоставил властите:
„Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт што не е дадена од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога. Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, ќе паднат под осуда. Зашто, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите; сакаш ли, пак, да не се плашиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа“ (Римјаните 13:1–3).
Ние ги почитуваме властите и им се покоруваме на нивните закони, зашто ни е кажано:
„И така, покорувајте се на секоја човечка власт, поради Господ: било на цар, како на врховна власт, било на управители на Негови пратеници за да ги казнат злосторниците, а за да ги пофалат добротворците“ (1. Петрово 2:13, 14).
Ова е вистина дури и ако некој, на пример, смета дека даночните закони се неправедни. Но без оглед на нечие лично мислење, јас сум должен уредно да ги плаќам даноците, следејќи ги Исусовите зборови и Неговиот пример: „Давајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ (Марко 12:17).
Вдахновеното перо објаснува:
„Државната власт под која живеел Исус била изопачена и угнетувачка; насекаде можеле да се видат страшни злоупотреби — изнудување, нетрпеливост и сурова жестокост. Сепак, Спасителот не се обидувал да спроведува реформи од таков вид. Тој не ги критикувал националните злоупотреби, ниту ги осудувал непријателите на народот. Не се мешал во надлежностите или управувањето на оние што биле на власт. Оној Кој е наш пример се држел настрана од земните власти, не затоа што бил рамнодушен кон човечките страдања, туку затоа што лекот не се наоѓал во човечки и надворешни мерки. За да биде успешно, лекувањето мора да биде лично и мора да го преобрази срцето.“ – Копнежот на вековите, 509.
Но дали постои време или околност што би ја оправдала непослушноста кон човечките закони? Ова е исклучително важно прашање, бидејќи не се однесува само на моралниот, туку и на духовниот аспект. Сепак, пред да дадеме соодветен одговор, потребно е да нагласиме неколку историски факти за Божјиот закон.
Потеклото на Божјиот закон
Кога бев тинејџер, почна да ме мачи едно прашање: „Ако Божјиот закон постоел отсекогаш, како ангелите ја почитувале заповедта да ги почитуваат таткото и мајката или да не го посакуваат волот или жената на својот ближен?“ Ангелите немале родители ниту биле во брак. Ми беше тешко да го разберам сето тоа; не можев да ја сфатам природата на Божјиот закон.
Но еден ден ја споделив оваа грижа со татко ми, а тој ми одговори на едноставен, но длабоко просветлувачки начин:
„Божјиот закон е вечен, но заповедите на тој свет закон се приспособени; начелото е исто, но Десетте заповеди се приспособени на човекот.“
Тоа ми помогна подлабоко да го разберам Божјиот закон и почнав да сфаќам дека навистина:
„Божјиот закон постоел пред создавањето на човекот. Тој бил приспособен на состојбата во која се наоѓале светите суштества; управувал дури и со ангелите.“ – The Signs of the Times, 15 април 1886.
„Божјиот закон е препис на Неговиот карактер.“ – The Review and Herald, 15 март 1906.
Божјиот закон е вечен и ја одразува Неговата природа! Во Својата мудрост Бог го приспособил на состојбата на создадените суштества, за тие да можат да живеат во согласност со начелата на Неговото владеење.
Преиспитувањето на небото
Луцифер заземал возвишена положба меѓу ангелите. Тој бил херувим-заштитник, облечен во слава и обдарен со мудрост, широко ценет и почитуван во небесните дворови. Господ објавил: „Ти беше помазан херувим – заштитник, и Јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења“ (Езекиел 28:14). Сепак, во тајната на беззаконието, гревот почнал да се развива во неговото срце. Она што започнало како суптилно незадоволство се претворило во лукав бунт и измама, со кои се обидувал да посее сомнеж во Божјиот карактер, Неговиот авторитет и праведноста на Неговиот закон.
Неговите измамливи навестувања се сведувале на три главни приговори:
• Постои закон што управува со нас;
• Тој закон не е совршен и мора да се подобри;
• Јас, Луцифер, сум доволно мудар за да го подобрам.
„Одговорноста за неслогата што самиот ја предизвикал на небото, сатаната ѝ ја припишувал на Божјата власт. Тврдел дека сите зла се последица на божественото управување и дека неговата цел е да ги подобри Јеховините уредби. Затоа Бог му дозволил да ја покаже вистинската природа на своите барања и на дело да ги покаже предложените промени во божествениот закон.“ – Патријарси и пророци, 42.
Така, оној што бил создаден да ја возвишува и одразува Божјата светлина и слава, почнал да го доведува во прашање законот на својот Творец. Со тоа Му се спротивставил на самиот Бог, зашто Неговиот закон е израз на Неговиот карактер и Неговата волја.
„Луцифер дејствувал тајно и извесно време ги криел своите вистински намери под привид на стравопочитување кон Бога. Почнал да поттикнува сомнеж во врска со законите што управуваат со небесните суштества. Тврдел дека законите можеби се потребни за жителите на световите, но дека на ангелите, како повозвишени суштества, не им се потребни такви ограничувања, бидејќи нивната мудрост била доволен водич. Тие, наводно, не биле суштества што би можеле да Го обесчестат Бога; сите нивни мисли биле свети и затоа не можеле да згрешат повеќе отколку самиот Бог. Воздигнувањето на Божјиот Син на положба еднаква со Отецот било прикажувано како неправда кон Луцифер, кој и самиот полагал право на чест и обожавање.“ – Патријарси и пророци, 37. (Види Езекиел 28:17.)
Борбата меѓу Христа и сатаната се води околу непроменливоста на Божјиот закон и верноста кон Божјото владеење.
Противење на Божјиот закон
Луцифер дејствувал лукаво и суптилно, тајно настојувајќи да ги наведе ангелите на бунт против Бога и Неговиот закон. Неговото дејствување било толку вешто прикриено што на почетокот голем број ангели им поверувале на неговите зборови. Но она што изгледало како логична и основана загриженост набргу ја открило својата вистинска природа.
„Сатаната си ласкал себеси дека ќе ги придобие сите ангели на своја страна, дека ќе се изедначи со самиот Бог и дека неговиот заповеднички глас ќе се слуша како ѝ наредува на целата небесна војска…
Моќниот бунтовник тогаш изјавил дека го познава Божјиот закон и дека, ако се потчини на ропска послушност, ќе ја изгуби својата чест.“ – The Story of Redemption, 16.
Последицата од бунтот
Сомнежот што Луцифер го посеал довел до ширење незадоволство меѓу одредени ангели, поттикнувајќи судири и подготвувајќи го патот за бунт. Последиците од оваа измама биле катастрофални: оној што некогаш бил херувим-заштитник станал Божји непријател, а заедно со него една третина од ангелите отпаднале.
Бог бил трпелив. Милостиво им давал можности на сатаната и на ангелите што му се придружиле. Но тие упорно продолжиле со својот бунт, и на крајот:
„Бог изјавил дека бунтовниците повеќе не смеат да останат на небото. Нивната возвишена положба и среќа зависеле од послушноста кон законот што Бог го дал за да управува со овие возвишени суштества. Не била предвидена можност за спасение на оние што би се осмелиле да го престапат Неговиот закон. Сатаната станувал сè посмел во својот бунт и покажувал презир кон законот на Творецот. Тој не можел да го поднесе законот. Тврдел дека на ангелите не им е потребен и дека треба да бидат слободни да ја следат сопствената волја, која секогаш ќе ги води по вистинскиот пат; дека законот ја ограничува нивната слобода и дека укинувањето на законот станало негова голема цел…
„Потоа избувнала војна на небото. Божјиот Син, Кнезот на небото, и Неговите верни ангели влегле во борба со големиот бунтовник и со оние што му се придружиле. Божјиот Син и вистинските, верни ангели победиле, а сатаната и неговите приврзаници биле исфрлени од небото.“ – The Story of Redemption, 18, 19.
Кризата во Едем
По падот на сатаната и неговите ангели, бил спроведен божествениот план — делото на создавањето за Божја слава. Иако една третина од ангелите, кои престанале да Му бидат верни на Творецот, повеќе не припаѓале на небесните војски, испразнетото место на крајот било пополнето со нови суштества создадени според Неговиот лик. Божеството дејствувало во совршено единство во делото на создавањето, а резултатот бил величествен и прекрасен. Верните ангели и сите жители на непаднатите светови со восхит го набљудувале пројавувањето на Божјата мудрост и сила.
Но дали во ова совршено опкружување, каде што „И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (Создавање 1:31), сè уште имало потреба од закон? Дали некогаш сте размислувале за тоа? Невозможно е да се замисли совршена вселена што не се одржува и не се управува според Божјиот закон.
На Адам и Ева Божјиот закон им бил откриен во приспособен и поедноставен облик преку една единствена заповед: „И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: ’Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш’“ (Создавање 2:16, 17).
Дали таа заповед била тешка? Воопшто не. Тие живееле во совршено опкружување, каде што сè било усогласено и наменето за нивната благосостојба. Имале пристап до сè што можело да ги задоволи нивните потреби, но морале да ја положат оваа проба — пробата на верност и оданост кон Бога и Неговиот закон.
Адам и Ева не биле сами; тие живееле во постојано заедништво со небесните суштества. Често биле со Бога, а ги посетувале и ангели кои им давале упатства и предупредувања за непријателот на Бога и Неговиот закон. Затоа непријателот им се претставил во привлечен и впечатлив облик.
Дали некогаш сте забележале дека непријателот се обидува штетните, па дури и многу опасните работи да ги прикаже како нешто позитивно и добро? Тој шепоти: „Мора да бидеш слободен, зошто да не пробаш? Ако никогаш не си пробал, како знаеш дека е лошо? Не биди толку строг — тоа е само малку. Нема да те убие ако пробаш!“
И денес, на ист начин, сатаната се претставува поинаку од она што навистина е. Ни нуди предлози што наизглед се привлечни, но водат само кон престапување на Божјиот закон и конечно уништување.
Не смееме да паднеме во оваа стапица. Драги тинејџери, млади и возрасни, бегајте од овие шепотења и измами што ве поттикнуваат да го прекршувате Божјиот закон. Тие нема да ве одведат по добар пат.
Сатаната ќе рече: „Запали цигара; мора да изгледаш кул. Тоа ќе ти го подобри угледот“, или: „Испиј малку алкохол за да покажеш дека си возрасен. Зошто мора да бидеш поинаков?“ „Разбуди се! Живееме во 21 век. Не биди толку старомоден.“
Тоа се суптилни, но длабоко измамливи аргументи што ја водат душата кон непочитување на Бога и престапување на Неговиот закон.
Последиците од непослушноста
Сатаната ѝ пристапил на Ева преку едно од најубавите и најпривлечните животни во Едем — блескава змија со крилја. Измамена од лукавството на прекрасната змија, Ева дозволила сомнежот во Божјиот карактер да навлезе во нејзиното срце и ја престапила Божјата заповед.
„Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше“ (Создавање 3:6). „Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап“ (1. Тимотеј 2:14). Кога сфатил што се случило, Адам свесно и намерно решил да учествува во непослушноста, споделувајќи ја судбината на својата животна сопатничка.
Со таа одлука човечкиот род, создаден да го одразува Божјиот лик и да живее во совршена хармонија со Неговиот закон, паднал во грев. Последиците биле непосредни и неповратни: првиот човек и првата жена го изгубиле предимството на непосредното заедништво со Бога и им бил оневозможен пристапот до дрвото на животот.
Самиот Бог изјавил: „Но сега, да не ја испружи раката своја и да земе пак од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!… Господ Бог го изгони од Едемската градина“ (Создавање 3:22, 23). Така го изгубиле пристапот до дрвото на животот, кое би го овековечило нивниот живот.
Од тој момент Адам и Ева живееле во свет обележан со страдање, болка и тежок труд. (Види Создавање 3:16, 19.)
А денес?
Истата стратегија што сатаната ја употребил на небото и ја повторил во Едем ја користи и денес! Тој ја извртува вистината, го поткопува авторитетот на Божјиот закон и настојува да го поттикне човештвото на бунт против божествените начела. Да се вратиме на првобитното прашање: Постои ли време или околност кога е оправдана непослушноста кон човечките закони? Да — кога тие закони доаѓаат во директен судир со Божјиот закон. „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето“ (Дела 5:29).
„Во Господово име треба решително да одиме напред, развевајќи го Неговото знаме и застапувајќи ја Неговата Реч. Кога претставниците на власта ќе ни наредат повеќе да не го правиме тоа, кога ќе ни забранат да ги објавуваме Божјите заповеди и верата Исусова, тогаш ќе биде неопходно да им кажеме, како што рекле апостолите во свое време: ‘Просудете дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе отколку Бог; зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле’ (Дела 4:19, 20).“ – 6 Сведоштво, 395.
Тоа не е само претпоставка; тоа веќе се случува денес и од ден на ден ќе станува сè поизразено. Колку повеќе се приближуваме кон конечната криза, толку почести ќе стануваат нападите против Бога и Неговиот закон. Неговиот закон ќе биде систематски и отворено напаѓан, особено во однос на четвртата заповед — Господовата света сабота.
„Стоиме на прагот на големи и свечени настани. Пророштвата се исполнуваат.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 221.
„Светот денес ги покажува неизбежните последици од престапувањето на Божјиот закон. Кога го завршил Своето дело на создавање, Бог се одморил во седмиот ден и го посветил денот на Својот одмор, одвојувајќи го како ден што човекот треба да Му го посвети Нему. Но денес речиси целиот свет целосно го отфрла Јеховиниот закон. Друг ден е поставен наместо Божјиот ден за одмор. Човекот го поставил својот пат и својата волја наспроти јасните учења на Речта; светот потонал во бунт и грев.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 222.
„И Јас му сведочам на секого кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне казни опишани во оваа книга. Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му го одземе делот од книгата на животот, и од светиот град, и од она што е напишано во оваа книга“ (Откровение 22:18, 19). Тоа се предупредувања што самиот Бог им ги дал на луѓето строго да внимаваат на ниеден начин да не го менуваат она што Тој го открил или заповедал. Овие свечени и сериозни предупредувања се однесуваат на сите што со своето влијание ги наведуваат луѓето да го омаловажуваат Божјиот закон. Тие треба да предизвикаат страв и трепет кај сите што лесномислено тврдат дека е сеедно дали го држиме или не Божјиот закон. Сите што го издигнуваат своето лично мислење над божественото откровение и го менуваат јасното значење на Светото писмо само за да си угодат себеси или да се приспособат на светот, преземаат врз себе страшна одговорност. Пишаната Божја Реч, Божјиот закон, ќе биде мерило за карактерот на секој поединец и ќе ги осуди сите што според овој непогрешлив тест ќе бидат пронајдени лесни.“ – Големата борба, 268.
„Божјиот закон, бидејќи е откровение на Неговата волја и израз на Неговиот карактер, мора засекогаш да остане како ‘верен сведок на небото’. Ниту една заповед никогаш не е укината. Не е изменета ниту една буква, ниту една цртичка. Псалмистот вели: ‘Засекогаш, Господи, Твојата Реч е утврдена на небесата’ (Псалм 119:89). ‘Верни се сите Негови заповеди; утврдени се за вечни векови’ (Псалм 111:7, 8).“ – Големата борба, 434.
Заклучок: Повик
Во светлината на историјата, пророштвата и духовната стварност во која живееме, не треба да имаме никакво сомневање дека најсигурниот пат е да одиме со Бога, да ја следиме Неговата волја и да му бидеме послушни на Неговиот закон.
Библијата ни кажува дека „Непорочен е Законот Божји“ (Псалм 19:7).
„Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра“ (Римјаните 7:12).
Послушноста не треба да биде товар, туку одговор на љубов кон Божјиот карактер, кој е совршен во праведност, добрина и милост. Бог денес те повикува не само теоретски да го познаваш Неговиот закон, туку и да живееш верно на неговите начела.
Да не ја сметаме оваа тема за неважна; тоа е прашање од длабоко значење што непосредно се однесува на нашиот однос со Бога и е поврзано со нашата вечна судбина. Во свет што настојува сè да релативизира и ги напушта сите апсолутни вистини, мораме да стоиме цврсто и јасно да ја разбираме важноста на Божјиот закон. Нашиот Спасител ни вели: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14:15).
Единствениот начин на кој можеме да ја покажеме својата љубов кон Христа е преку послушност кон сите Негови заповеди. Постои една изрека: „Можно е да бидеш послушен без љубов, но невозможно е да љубиш без послушност.“ Само оние што Го љубат Бога со сето свое срце ќе ги почитуваат Неговите заповеди преку верата и Христовата благодат. Со други зборови, нема љубов без послушност — и тоа е лично прашање за секој од нас.
„Пред секоја душа силно се поставува прашањето: Ќе му бидам ли послушен на гласот од небото, ќе ги послушам ли оние десет зборови изговорени на Синај, или ќе му се придружам на мнозинството што го гази тој огнен закон? За оние што Го љубат Бога, најголемо задоволство ќе биде да ги држат Неговите заповеди и да го прават она што е угодно во Неговите очи.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 217.
Нека тоа „најголемо задоволство“ стане и наше искуство. Секој ден да избираме да Му бидеме послушни на Бога од љубов, да останеме верни од осведочување и да Му оддаваме чест во сè — и да останеме верни кога конечната криза ќе бара највисок степен на оданост од секој од нас.

Врвот на ледениот брег
Навистина живееме во свечено време од историјата, кога невидливата стварност станува сè појасна, а Божјиот повик сè погласно одекнува во нашите срца. Неговата милост сè уште нè опкружува, но Светото писмо нè поттикнува да бидеме будни, постојани и вкоренети во верата, за кога искушенијата ќе се умножат, да останеме цврсти во Христа. Апостол Павле ја изразува токму оваа желба:
„И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата“ (2. Солунјаните 1:11, 12).
Во ова време на милост повикани сме да се подготвиме за последните настани од земната историја, кои брзо ќе се нижaт еден по друг. Сега е време уште подлабоко да се вкорениме во Бога и да се молиме за Неговата сила за деновите што се пред нас. Исус често поминувал време во молитва. Се повлекувал во мирни места или на ридови за да го отвори Своето срце пред Отецот. Кога ќе завршеле грижите и обврските на денот и уморните луѓе ќе побарале одмор, Спасителот го посветувал Своето време на таен разговор со Бога.
Не смееме да ја занемариме молитвата, зашто и онака премалку се молиме; ни недостига будност во молитвата. Уште повеќе, не ја разбираме молитвата доволно длабоко и не ја доживуваме во духот во кој треба. Ни е потребна усрдна, искрена и делотворна молитва што ја зајакнува душата и го приближува небото до нашето срце. Таквата молитва никогаш нема да нè измори; напротив, ќе ги оживее, вдахнови и зајакне сите што ја љубат побожноста. Во ова свечено време Бог нè повикува повторно да се посветиме на длабока молитва, за преку Неговата милост да можеме цврсто да стоиме во времето на искушението.
Ледениот брег = непосредна опасност
Изразот „леден брег“ се однесува на огромна ледена маса што се одвоила од поларните ледени површини на Земјата и плови кон потоплите подрачја на планетата. Иако најголемиот дел од неговата структура е скриен под водата, ледениот брег може да влијае врз климата на подрачјата низ кои минува и претставува вистинска опасност за пловидбата.
Ледената маса на ледениот брег е исклучително компактна и цврста, доволно силна да нанесе сериозна штета на секој брод што ќе удри во неа, па дури и целосно да го уништи. Затоа ледените брегови се сметаат за едни од најопасните пречки во пловидбата: она што на површината изгледа мало и безопасно, всушност крие огромна и смртоносна опасност под водата.
Изразот „врвот на ледениот брег“ многу прецизно ја опишува разликата меѓу она што се гледа и вистинската стварност. Тој ни кажува дека видливото — малиот откриен дел — е само дел од една многу посложена, посериозна и често поопасна состојба. Вистинскиот проблем, вистинскиот размер на опасноста, останува скриен под површината — невидлив, занемарен или погрешно разбран. Како што морнарите можат да бидат измамени од малата големина на видливиот врв на ледениот брег, така и луѓето можат да бидат измамени од привидно мирната состојба, без да ги забележат невидливите опасности што се натрупуваат.
Пророчкиот леден брег
Господ Исус Христос нè предупредил на оваа духовна стварност. Видливите знаци на времето се само „врвот на ледениот брег“ — она што окото може да го види и светот да го препознае. Но вистинскиот судир, целосниот размер на последната битка, во голема мера останува невидлив и се одвива на духовно, морално и пророчко ниво. Затоа Исусовите зборови имаат толку голема тежина:
„А сето тоа е почеток на страдањата“ (Матеј 24:8).
Тој ни кажува дека она што денес го гледаме — превирања, кризи и немири — е само видливиот дел, почетокот, „врвот“ на еден многу подлабок процес што го води светот кон конечните настани. Вистинската опасност не е само во она што можеме да го видиме, туку и во она што се подготвува во тајност и што со сила ќе се открие кога човештвото одеднаш ќе стане свесно за вистинската стварност. Во овој контекст, метафората на ледениот брег станува свечен повик на будност, расудување и духовна подготовка.
Непосредна духовна опасност и фалсификатите на последното време
Господовиот гласник опишува:
„Ми беше покажана страшната состојба во која се наоѓа светот. Ангелот на милоста ги собира своите крилја, подготвен да замине. Господовата сила, која го задржува злото, се повлекува од земјата. Сатаната се труди да раздвижи разни елементи во верскиот свет, наведувајќи ги луѓето да се стават под влијанието на големиот измамник, кој дејствува со секаква измама на неправедноста меѓу синовите на непослушноста. Жителите на земјата веќе се постројуваат под знамето на кнезот на темнината, а тоа е само почетокот на крајот.“ – 8 Сведоштво, 49.
Божјиот народ низ историјата често морал да се соочува со фалсификати во облик на лажни пророци, лажни христоси и лажни реформаторски движења.
„Лажната светост и посветување сѐ уште го вршат своето измамничко дело. Во разни облици, и денес се покажува истиот дух како и во деновите на Лутер; тоа и денес го одвраќа вниманието на луѓето од Светото писмо и наместо да се покоруваат на Божјиот закон ги наведува луѓето да ги следат личните чувства и впечатоци. Ова е еден од најуспешните сатански пронајдоци за да фрли дамка на чистотата и вистината.“ – Големата борба, 193.
Денес на светот му се нуди навидум охрабрувачка порака за лажна сигурност и измамен оптимизам без библиска основа. Наместо луѓето да се подготвуваат за доаѓањето на Господ Исус Христос во слава, насекаде се проповедаат мир и благосостојба, во непосредна спротивност со Светото писмо: „И додека уште велат: ’Мир и безбедност!’, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат“ (1. Солунјаните 5:3).
Светот го гледа „врвот на ледениот брег“, но скриената духовна стварност е неспоредливо посериозна и поопасна. Фалсификатите, кризите и измамите не се само одделни настани, туку знаци на конечниот судир што тивко се засилува. Затоа Божјиот народ е повикан да бдее, да расудува и да остане длабоко вкоренет во библиската вистина, за да не биде фатен во стапицата на лажниот мир или фалсификуваната духовност.
Филозофските теории ги убедуваат луѓето дека повеќе не треба сериозно да ги сфаќаат Божјите предупредувања и судови; верските водачи тврдат дека човештвото забрзано се движи кон ера на мир и благосостојба. Светот, занесен со секојдневните активности и задоволства, непречено продолжува со своите работи — градење, земјоделство, прослави и свадби — игнорирајќи ги Божјите повици и исмевајќи ги оние што Бог ги испратил. Запишано е дека таквите на крајот ќе бидат затекнати од уништувањето од небото сосема неочекувано.
Сатаната сака да го прими обожавањето што му припаѓа само на Бога и ги употребува сите можни средства за да ги вовлече луѓето во своите измами. Мнозина ќе бидат измамени, а други ќе бидат принудени да тргнат по патишта што всушност не ги избрале. Тој широкиот пат што води во пропаст го поделил на повеќе правци — некои патеки се потесни, други пошироки — така што секој може да најде навидум „вистински избор“, не сфаќајќи дека крајната цел е иста за сите. Неговите помошници неуморно работат за да ги држат луѓето зафатени, да им го одвлекуваат вниманието и суптилно да ги водат токму таму каде што непријателот сака да бидат, додека тие веруваат дека самите слободно одлучуваат за својата судбина.
Полека, но сигурно, човештвото станува опчинето од технологијата. Луѓето се воспитуваат, ги обликуваат своите ставови и создаваат навики според обрасците на современото општество што постојано се менуваат. Наместо погледот да го насочуваат кон Бога, мнозина стануваат дел од потрошувачко општество во кое себичноста, удобноста и моменталното задоволување стануваат животни начела. Денес луксузот, удобноста и трката по задоволства се истакнуваат исто како и во времето на Ное, кога луѓето живееле само за себе, игнорирајќи ги Божјите предупредувања. Исус рекол: „Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки“ (Лука 17:26). Историјата се повторува пред нашите очи.
Чистота во грешен свет
Предизвикот да се остане чист во расипан свет претставува свечен повик. Бог подготвува народ кој, среде збунетоста и множеството фалсификати, ќе остане втемелен во вистината, цврст во верата и праведен во своите патишта.
Погледнете ги белите локвањи на површината на едно езерце. И покрај калта, нечистотијата и тињата околу нив, цветот останува чист, светол и прекрасен. Локвањот не е извалкан од својата околина; ги отвора своите ливчиња кон светлината и останува недопрен во својата чистота.
На ист начин, верната душа е повикана да живее во свет исполнет со грев, беззаконие, насилство, злоба и темнина — без да дозволи тие нешта да го извалкаат нејзиниот духовен живот. Бог не нè повикува да бегаме од светот, туку да не му дозволиме на светот да завладее со нашите срца. Можеби ќе се најдеме среде моралната кал на нашето време, но преку Христовата милост можеме да останеме чисти, свети и одвоени за Него.
Уште една важна вистина е дека стануваме слични на она кон што постојано ги насочуваме погледот и мислите.
Ако постојано гледаме во гревот, неправдата, злобата на другите, критикувањето и темнината, нашиот ум ќе се исполни со обесхрабреност и горчина. Но ако го подигнеме погледот кон Исуса, кон убавината на Неговиот карактер, кон Неговите ветувања и кон сè што е чисто и благородно, тогаш нашата душа ќе биде преобразена и возвишена. Апостол Павле вели: „Мислете за небесното, а не за земното“ (Колосјаните 3:2).
„Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете“ (Филипјаните 4:8).
Исполнети знаци
Вдахновеното перо ја опишува состојбата на светот на следниов начин:
„Ми беше покажана ужасна слика за состојбата во светот. Насекаде владее неморал. Развратноста е посебен грев на овој век. Никогаш порано гревот не ја подигал толку смело својата изопачена глава како денес. Совеста на луѓето е отапена, а оние што ја љубат моралната чистота и вистинската добрина речиси се обесхрабрени од дрскоста, силата и превласта на гревот.“ – Child Guidance, 440.
Римјаните 1:18–32 прецизно ја опишува состојбата на светот пред второто Христово доаѓање: морална деградација, изместени вредности, презир кон вистината и природниот поредок и возвишување на гревот.
Гревот – вистинската причина за одвоеноста од Бога
Ниту искушенијата, ниту сиромаштијата, ниту неволјите нè одделуваат од Бога, туку гревот.
Вдахновението објаснува:
„Токму гревот, а не искушенијата и страдањата, Го оддалечува Бога од Неговиот народ… Гревот е тој што ги уништува душите. Гревот и пороците постојат и во семејствата на оние што ја празнуваат саботата.“ – Child Guidance, 440.
Ова е сериозно предупредување за Божјиот народ; не надворешниот свет е нашата најголема опасност, туку компромисот меѓу нас. Во последните денови сатаната особено ги насочува своите напори кон младите:
„Ако родителите не ги држат своите деца постојано под цврста контрола и не им всадуваат во умот и срцето страв Господов, сатаната ќе го заземе нивниот млад ум и ќе ги расипе. Како што растат и се развиваат, така заедно со нив се развиваат и зајакнуваат и нивните телесни склоности и страсти.“ – Христијанска умереност, 133.
Младите се цел на сатаната, зашто ако успее да им го расипе умот, ќе успее да заведе и цело општество. Но Бог повикува генерација млади кои се храбри, чисти, вкоренети во Речта и исполнети со Светиот Дух. Неговите предупредувања не треба да нè исплашат, туку да нè повикаат на подготовка. Божјите деца ќе минуваат низ искушенија, сиромаштија, глад и страдања. Но Господ нема да ве остави во неволјите. Тој само ќе дозволи вашата вера да биде испитана.
Верскиот свет и знаците на последниот судир
Пред второто Христово доаѓање, верскиот свет ќе стане сцена на видливо раздвојување меѓу оние што живеат според Духот и оние што имаат само надворешен облик на побожност. Едните се посветуваат преку вистината, секојдневно го распнуваат своето „јас“ и го победуваат гревот. Другите се задоволуваат со површна религија, им попуштаат на своите желби и несвесно стануваат робови на сатаната. Разликата може да се види само преку благодатта што се покажува во животот, а не само преку зборовите.
„Луѓето го сметаа нашиот народ за премногу безначаен за да му посветуваат некакво внимание, но ова ќе се промени. Во христијанскиот свет сега се појавуваат движења што неизбежно ќе доведат до тоа народот што го држи Божјиот закон да биде истакнат.“ – 5 Сведоштво, 546.
Тоа значи дека доаѓа време кога верата во Библијата, саботата, Божјиот закон и вечното евангелие ќе станат централни теми во верските и политичките расправи. Секое учење ќе биде преиспитано, а секој верник ќе биде испитан. Ако не сме цврсти и постојани проучувачи на Библијата, мудроста на истакнатите луѓе и влијанието на светот ќе нè одведат во заблуда.
Промените во природата – пораки од Творецот до човештвото
Бог испраќа предупредувања преку несреќи, болести, слабости и превирања, но човекот, заплеткан во своите грешни навики, продолжува да му се спротивставува на создадениот поредок. Тоа води кон нарушено здравје, вознемирен ум, недостаток на мир и неспособност целосно да Му служиме на Бога.
Незнаењето и себичноста често се причина за страдања што би можеле да се избегнат, но ние не секогаш ја согледуваме врската меѓу причината и последицата.
Природните катастрофи – не обични несреќи, туку божествен повик
Живееме во свет во кој урагани, земјотреси, пожари, поплави и други несреќи се случуваат сè почесто. Мнозина ги сметаат за случајни појави, за последица на природни процеси или климатски промени. Но Господ ги употребува овие средства за да ги освести луѓето за она што доаѓа. Тој не е причинител на злото, но дозволува одредени природни настани да ја разбудат совеста на духовно отрпнатиот свет. Несреќите, како аларм, нè повикуваат да се разбудиме, да се покаеме и да живееме во согласност со нашиот Творец.
„Божјиот Дух постепено, но сигурно, се повлекува од земјата.“ – Мараната, 35.
Тоа не се случува одеднаш, туку постепено, а станува видливо преку сè поголемиот број природни катастрофи, засилувањето на насилството, општествените немири, политичката нестабилност и моралното пропаѓање.
Во впечатливите пророчки сцени на последното време постои еден критичен момент — завршувањето на Христовото посредување во небесното светилиште. Тоа не е настан видлив за светот, но неговите последици ќе се забележуваат насекаде. Додека Христос посредува, Неговата милост сè уште ги задржува силите на уништувањето и ја ограничува моќта на злото. Но кога Неговата првосвештеничка служба ќе заврши, светот ќе влезе во период во кој Божјите казни — долго задржувани — ќе бидат излеани.
Додека науката настојува сето тоа да го објасни со природни причини, Библијата и пророштвата зборуваат за друга стварност: Божјите ангели сè уште ги задржуваат четирите ветрови на уништувањето. Но ќе дојде време кога Бог ќе им заповеда на ангелите да ги пуштат — и тогаш светот ќе доживее невиден хаос.
Човечкиот род меѓу духовното слепило и небесната стварност
Во овој момент луѓето не можат да ги видат ангелите што ги штитат. Не ја сфаќаат милоста што сè уште го задржува ширењето на злото, ниту разбираат дека времето на милоста се приближува кон својот крај.
Кога непокајаните ќе го видат не само врвот, туку целиот леден брег на својот живот
Во секојдневниот живот грешникот го гледа само „врвот на ледениот брег“ — неколку надворешни последици од своите избори, мали сенки на вина и минливи предупредувања на совеста. Но вистинската тежина на животот без Бога останува скриена под површината — невидлива, занемарена или потценета.
Но доаѓа време, на крајот на историјата, кога целата скриена структура на неговиот живот — целиот леден брег — ќе биде изнесена на виделина во светлината на Христовото присуство. Грешникот конечно ќе се види себеси онака како што Бог го гледа.
Без изобличување. Без изговори. Без самооправдување.
Христовата светлина не осудува произволно — таа ја открива стварноста. Занемарените предупредувања се појавуваат „испишани со огнени букви“.
„Отфрлените предупредувања, брановите на милосрдие одбиени од страна на тврдоглавите и непокајани срца – сето тоа им е предочено како да е напишано со огнени букви.“ – Големата борба, 666.
Сè што изгледало мало, неважно или безначајно сега станува јасно: проповедите што ги слушале без искрен интерес, занемарените можности за покајание, потиснатите внатрешни укори и одложените одговори на повиците на Светиот Дух. Сега секој настан се открива јасно и со целосна одговорност; сега е време да се види целиот „глечер“, а не само врвот на ледениот брег.
На денот на судот сè ќе биде откриено. Ништо повеќе нема да остане скриено.
Но во денот на милоста Бог нè повикува уште денес да ја разбереме стварноста, пред да биде предоцна. Сега Светиот Дух ни ги покажува нашите скриени гревови, погрешните побуди, срцето што упорно останува тврдо и насоката во која оди нашиот живот. Тоа не е за наше уништување, туку за наше спасение. Бог денес нè повикува да не го гледаме само врвот, туку целата структура на нашиот живот — и да Му дозволиме да ја преобрази со Својата милост.
Надеж и спасение
Додека гледаме како се случува сето ова, Исус ни оставил ветување за времето кога светот ќе биде исполнет со превирања, страв, збунетост и несигурност:
„А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување“ (Лука 21:28).
Овие зборови се божествен противотров за стравот. Тие ни кажуваат дека, кога светот ќе потоне во темнина, Божјиот народ мора да гледа нагоре — не надолу, не наоколу, не кон светот исполнет со страв, туку кон Христа, Искупителот.
Знаците не се причина за паника, туку причина за надеж. Жетвата е подготвена, пишува вдахновеното перо:
„Подигнете ги очите и погледнете ги полињата како се веќе зрели за жетва. Славете го Бога што Неговата Реч се исполнила над сите наши очекувања.“ – 6 Сведоштво, 474.
Фактот што пророштвата се исполнуваат пред нашите очи не е само доказ дека Христовото доаѓање е близу, туку и повик да се вклучиме во Неговото дело. Пред да дојде избавувањето, пред да се затвори вратата на милоста, треба да се изврши едно важно дело: да се придобијат души, да се охрабрат семејствата, да се воспитуваат младите, да се зајакнат црквите и да се рашири светлината на евангелието. Бог веќе направил многу, а полињата се „зрели за жетва“ — подготвени.
Ова не е време за обесхрабрување, туку за мисија. Тешкотии? Да. Но не сме сами. Ќе има тешкотии што ќе ги стават на проба нашата вера и трпение, и со нив треба храбро да се соочиме, гледајќи ја и посветлата страна. Вистинската вера не се испитува во удобност, туку во неволја. Но неволјата не е знак дека сме напуштени; таа е средство за созревање: Бог нè зајакнува преку тешкотиите, нè очистува низ огнот и нè усовршува преку трпението.
Ако некој го попречува делото, погрижете се тоа да не сте вие; а потоа продолжете напред, радувајќи се во Господа.
Силата на волјата – пресуден фактор во духовниот живот
Додека гледаме како се случува сето ова, Исус ни оставил ветување за времето кога светот ќе биде исполнет со превирања, страв, збунетост и несигурност:
„А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување“ (Лука 21:28).
Овие зборови се божествен противотров за стравот. Тие ни кажуваат дека, кога светот ќе потоне во темнина, Божјиот народ мора да гледа нагоре — не надолу, не наоколу, не кон светот исполнет со страв, туку кон Христа, Искупителот.
Знаците не се причина за паника, туку причина за надеж. Жетвата е подготвена, пишува вдахновеното перо:
„Подигнете ги очите и погледнете ги полињата како се веќе зрели за жетва. Славете го Бога што Неговата Реч се исполнила над сите наши очекувања.“ – 6 Сведоштво, 474.
Фактот што пророштвата се исполнуваат пред нашите очи не е само доказ дека Христовото доаѓање е близу, туку и повик да се вклучиме во Неговото дело. Пред да дојде избавувањето, пред да се затвори вратата на милоста, треба да се изврши едно важно дело: да се придобијат души, да се охрабрат семејствата, да се воспитуваат младите, да се зајакнат црквите и да се рашири светлината на евангелието. Бог веќе направил многу, а полињата се „зрели за жетва“ — подготвени.
Ова не е време за обесхрабрување, туку за мисија. Тешкотии? Да. Но не сме сами. Ќе има тешкотии што ќе ги стават на проба нашата вера и трпение, и со нив треба храбро да се соочиме, гледајќи ја и посветлата страна. Вистинската вера не се испитува во удобност, туку во неволја. Но неволјата не е знак дека сме напуштени; таа е средство за созревање: Бог нè зајакнува преку тешкотиите, нè очистува низ огнот и нè усовршува преку трпението.
Ако некој го попречува делото, погрижете се тоа да не сте вие; а потоа продолжете напред, радувајќи се во Господа.
Заклучок и повик – да Му се приближиме на Бога
Возљубени браќа и сестри, гледајќи ги настаните што се одвиваат во светот и пророчките зборови што ни ги оставило вдахновението, јасно гледаме дека сè што вдахновеното перо напишало за последното време се исполнува пред нашите очи. Од падот на моралот, сè почестите природни катастрофи, состојбата на верскиот свет и притисоците врз верниците, па сè до духовните заблуди и подготовката за конечните настани — сето тоа ни кажува дека доаѓањето на Господ Исус на небесните облаци е многу поблиску отколку што мислиме.
Се наоѓаме на крајот на годината, а тоа е добро време за преиспитување. Не знаеме што нè очекува во блиската или подалечната иднина; не знаеме со какви предизвици, неволји или благослови ќе се соочиме. Но едно сигурно знаеме: Исусовата Реч ни кажува дека живееме во последните времиња и дека на секој од нас му е потребен подлабок, повистински и пожив однос со Бога.
Време е да погледнеме на својот живот и искрено да се запрашаме: Дали живеевме во согласност со Божјата Реч? Дали ја почитувавме Неговата волја во своите мисли, постапки и одлуки? Дали Му ја предадовме својата волја на Христа или одевме по сопствениот пат? Дали во изминатата година Му се приближивме повеќе или се оддалечивме од Него?
Ако сфатиме дека не сме оделе во добра насока, ако во својот живот препознаеме нешта што не биле во согласност со Божјата волја, да не се обесхрабруваме. Ова е време да се поклониме пред Господа и да Го молиме за простување, исцелување, сила и ново срце.
Апостол Петар на секој од нас му го упатува ова свечено прашање:
„И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат? Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда. Затоа, возљубени, додека го очекувате тоа, погрижете се пред Него да излезете спокојни, неосквернети и непорочни“ (2. Петрово 3:11–14).

Трпението на светиите
Разбирање на трпението
Трпението се дефинира како способност да останеме мирни и прибрани додека го очекуваме исходот, поднесуваме тешкотии или се соочуваме со одложувања без фрустрација и откажување. Тоа бара јасна и цврста цел, како и способност да се задржи постојан став во време на искушение, неизвесност или бавен напредок. Трпението вклучува самоконтрола и истрајност, па затоа претставува и лична сила и суштински важна доблест. Оваа особина им помага на луѓето да минуваат низ животните предизвици со издржливост и надеж.
Во време на искушение и служба
„Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба“ (Евреите 12:1).
Поставете ги своите цели и трчајте со трпение — зашто тоа е неопходно за нашиот христијански живот.
Трпението има особено значење за оние што долго време се соочуваат со искушенија или тешки предизвици. Луѓето што минуваат низ болести, неволји или периоди на неизвесност често се повикани да покажат извонредно трпение додека се соочуваат со тешкотии што ги ставаат на проба нивната сила и вера. Таквите искуства бараат цврста решителност и способност да се продолжи напред дури и кога напредокот изгледа бавен, а исходот останува неизвесен. Преку ваквото истрајно трпение, верниците учат подлабоко да се потпираат на Бога и да истраат со непоколеблива надеж.
Во секојдневниот живот, негувателите, учителите, родителите и духовните водачи зависат од трпението како од основна доблест. Нивните должности бараат да ги водат, поддржуваат и охрабруваат другите во периодите на раст и борба. Трпението им овозможува да се грижат за оние што им се доверени, останувајќи мирни и полни со поддршка дури и кога се соочуваат со пречки или отпор.
За оние што се посветени на духовни стремежи — како светите што настојуваат да ја зачуваат својата вера и да ги поддржуваат возвишените начела во општество што често е обележано со морално опаѓање — трпението е неопходно. Како што поучувал нашиот Господ: „Со трпение ќе си ги придобиете душите“ (Лука 21:19).
Трпението ги оспособува верниците цврсто да се држат за надежта, да останат послушни и да бидат цврсто втемелени дури и среде одложувања, разочарувања и искушенија. Тоа ја зајакнува нивната посветеност на духовните идеали, давајќи им ја потребната истрајност. Преку трпението тие можат да ги поднесуваат неволјите без да паднат во малодушност и да продолжат верно да живеат според вредностите што ги исповедаат.
На крајот, за сите што настојуваат да изградат карактер или да негуваат сочувство, трпението ќе биде и светлина водилка и тивка сила. Тоа не само што ќе им помогне да истраат во неволјите, туку ќе придонесе и за нивниот личен раст и ќе ја продлабочи нивната способност за емпатија и разбирање на сопствениот животен пат. „Но не само тоа, туку се гордееме и со маките, знаејќи дека од маката се раѓа трпението; од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж“ (Римјаните 5:3, 4).
Нам не ни е потребна само верата Исусова, туку и Неговото трпение за да ги поднесеме сè пожестоките искушенија што ја обележуваат последната фаза од големата борба меѓу доброто и злото. Карактерот што го градиме како христијани мора да биде сличен на карактерот на небесните жители и на нашиот Цар. Таков карактер можеме да развиеме само преку секојдневните проби и предизвици на животот.
Светото писмо вели: „Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14:22).
Овие зборови биле запишани во време на силно прогонство против Божјата црква. Да се остане постојан и трпелив во верата во таков период е токму онаа подготовка што ѝ е потребна на црквата за да се соочи со предизвиците што претстојат. Духот на пророштвото нè охрабрува со овие зборови:
„Ние градиме карактер за небото. Ниеден карактер не може да се усоврши без неволји и страдања. Мораме да поминеме низ проба, мораме да бидеме испитани. Христос ја поминал пробата на карактерот за нас, за и ние да можеме да ја поминеме истата проба со божествената сила што Тој ни ја обезбедил. Христос е наш пример во трпението, во долготрпението, во кротоста и смиреноста на духот. Тој бил во судир со целиот безбожен свет, а сепак не се предал на страстите и насилството во зборовите и постапките, иако за Своите добри дела често добивал срамно малтретирање. Бил мачен, отфрлен и презрен, а сепак не се одмаздувал. Поседувал самоконтрола, достоинство и возвишеност. Страдал мирно, а на злоупотребата возвраќал само со сочувство, сожалување и љубов.“ – This Day With God, 263.
Исчекување на Второто доаѓање
Трпението е неопходно и за Црквата додека го очекува второто Христово доаѓање.
„Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господ! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен“ (Јаков 5:7).
Како што земјоделецот чека со надеж и истрајност, така и верниците се повикани да чекаат со цврста вера, имајќи доверба дека Божјото време е совршено.
Христијанската црква долго време го очекува второто Христово доаѓање — надеж вкоренета во библиското пророштво и средиште на христијанската вера. Ова исчекување бара длабоко трпение, додека верниците се потпираат на Божјото време и остануваат цврсти низ генерации на чекање. Нивната истрајна вера во ова ветување служи како силен пример за трпение во духовниот живот и ги поттикнува верниците да истраат во надежта, богослужението и добрите дела додека со радост го очекуваат Христовото доаѓање.
Во самиот почеток на адвентното движење, од 1833 до 1844 година, сè изгледало блиску — Христос бил пред вратата. Но годините поминале — Бог знае зошто — и сега, околу 193 години подоцна, ние сè уште чекаме. Доцнењето на Младоженецот е вистинска проба за Божјиот народ. Светилките се гасат, девојките тонат во сон, маслото се намалува, а полноќната темнина станува сè погуста. Изгледа како црквата да е во својот најдлабок сон, а само мал број луѓе со копнеж го очекуваат полноќниот повик: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“ (Матеј 25:6).
На генерацијата верници што во ова време го очекува второто Христово доаѓање ѝ се потребни вера и трпение доволно силни за да го издржат продолженото чекање, сеприсутното зло на безбожното општество и, над сè, општествениот притисок да се прекрши Божјиот закон.
Трпение во време на неизвесност
Периодите на неизвесност — кога исходот е надвор од нашата контрола и кога ни се чини дека напредокот е бавен — често бараат подлабоко трпение. Периодите на промени, како започнување нова работа, преселување во друг град или приспособување кон променети околности, ја испитуваат нашата способност да останеме мирни, цврсти и истрајни.
Работењето со луѓе чии гледишта или темпо на работа се различни од нашите исто така бара дополнително трпение, кое ни помага да негуваме разбирање, слога и здрави меѓучовечки односи. На сличен начин, миговите на разочарување или назадување бараат трпение, овозможувајќи ни да истраеме, да учиме и да созреваме наместо да реагираме избрзано или да ја изгубиме надежта.
Апостол Јаков ни зборува за Јововото трпение:
„Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името Господово. Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јаков 5:10, 11).
На Јововите телесни страдања и болки им се придружила и тешката неизвесност дали неговиот сопствен грев е причината за сите неволји што ги претрпел. Уште повеќе, Божјото молчење како одговор на неговите усрдни молитви ги ставило неговата вера и трпение на крајна проба. Во својата болка тој извикал: „Колку престапи и гревови направив? Покажи ми ги мојот прекршок и вината. Зошто го криеш сега Своето лице од мене и зошто гледаш непријател во мене?“ (Јов 13:23, 24).
Разбирањето на она што се случува и сигурноста во нашата положба пред Бога претставуваат голема утеха во време на неволји и страдања. Но искуството станува многу потешко кога во такви околности не сме сигурни дали сме исправни пред Бога и дали Небото ни се насмевнува. Токму таквите околности ќе ги испитаат нашата вера и трпение.
Кога времето на милоста ќе заврши и прогонството ќе го достигне својот најсилен интензитет, верните нема да знаат дали нивните гревови биле простени и избришани во времето на истражниот суд. Токму таа неизвесност ќе ги направи искушенијата уште потешки. Вдахновеното перо објаснува:
„Бидејќи сатаната ги обвинува припадниците на Божјиот народ поради нивните гревови, Господ му дозволува да ги искуша до крајни граници. Нивната доверба во Бога, нивната вера и постојаност се ставаат на тешка проба. Кога ќе погледнат наназад на својот живот, нивната надеж слабее, зашто во целиот свој живот гледаат толку малку добро. Тие се целосно свесни за своите слабости и недостојност. Сатаната се обидува да ги заплаши со мислата дека нивниот случај е безнадежен, дека дамките на нивните недостатоци и осквернувања никогаш нема да можат да се измијат. Тој се надева дека на тој начин ќе ја уништи нивната вера до таа мера што ќе попуштат пред неговите искушенија и ќе се откажат од својата верност кон Бога.
„Иако Божјиот народ ќе биде опкружен со непријатели кои ќе настојуваат да го уништат, сепак, стравот што го поднесува не е страв од прогонство заради вистината; тој се плаши од тоа дека можеби не се покајал за секој свој грев и дека поради некоја своја грешка ќе биде лишен од ветувањето на Спасителот според кое ќе го ‘запази од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет’ (Откровение 3:10). Кога сигурно би знаеле дека гревовите им се простени, не би се плашеле од тортурата и од смртта; но, ако се покажат дека се недостојни и ако го загубат својот живот поради недостатоците во својот карактер, тогаш Господовото свето име ќе биде обесчестено…
Нивната вера не престанува затоа што на нивните молитви не им е веднаш одговорено. Иако поднесуваат најголем страв, ужас и неволја, сепак, не престануваат да се молат. Тие се потпираат на Божјата сила како што Јаков се држел за Ангелот, а зборови на нивната душа се: ’Нема да Те пуштам додека не ме благословиш’“ – Големата борба, 618, 619.
Духовната димензија на трпението
Чекањето и поднесувањето тешкотии може да биде болно, но трпението може да го заслади тоа искуство. Утеха можеме да најдеме во сознанието дека, ако Бог дозволува да нè снајдат овие предизвици, Тој го прави тоа со добра цел. Апостол Јаков нè потсетува: „Знаејќи дека проверката на вашата вера создава трпеливост“ (Јаков 1:3).
Елена Вајт прекрасно го илустрира ова начело:
„Бог ми покажа дека на Својот народ му дава горчлива чаша за да го очисти и прочисти. Тоа е горчлив напиток, а тие можат да го направат уште погорчлив со негодување, жалење и незадоволство. Но оние што така ја примаат чашата мора да добијат уште една, зашто првата не го постигнала посакуваното дејство врз срцето. Ако ни втората не го постигне посакуваното дејство, ќе мора да добијат уште една, па уште една, сè додека не се постигне посакуваниот резултат; во спротивно, ќе останат нечисти, со осквернето срце. Видов дека оваа горчлива чаша може да биде засладена со трпение, истрајност и молитва, и дека ќе го постигне посакуваното дејство врз срцата на оние што така ја примаат, а Бог ќе биде почестен и прославен.“ – Рани списи, 47.
Додека Божјата цел не се оствари целосно во нас, повторно сме повикани „трпеливоста, пак, нека биде совршено дело за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток“ (Јаков 1:4).
Трпението во Откровение 14:12
Во Откровение 14:12, трпението се однесува на истрајната верност и постојаноста на верниците што остануваат верни на Божјите заповеди и на верата Исусова, дури и среде прогонство и неволји. Овој стих нагласува дека трпението не е само пасивно чекање, туку вклучува активно и истрајно потпирање на Божјите ветувања, особено во време на тешкотии или неизвесност. Таквото трпение го оспособува верникот да истрае во праведноста и да ја зачува надежта, служејќи како сведоштво за неговата непоколеблива посветеност на духовните начела.
Трпението овде е прикажано како јасен знак на карактер посветен со Божјата сила — живо сведоштво за преобразувачкото дело на Христовото евангелие.
Изразот „Тука е трпението на светиите“ е даден како одговор на едно неизговорено обвинувачко прашање што би можело да гласи вака: „Каде се светиите? Каде се особините што сведочат за карактер преобразен во светиот Христов лик? Каде се луѓето што ја покажуваат силата на Твоето евангелие?“
А тогаш Бог одговара како што зборувал за Јов: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото, и сè уште цврсто се држи во својата непорочност; а ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина“ (Јов 2:3).
На ист начин, Тој сега не претставува само еден човек, туку цела црква, и вели: „Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14:12).
Тој ги претставува како живо сведоштво дека, кога човекот ќе се потчини на Неговата сила, може да биде преобразен и да стане свет како што е Бог свет, и дека Неговата сила е доволна да ги одржи верни и послушни на Неговите заповеди во време на најголеми неволји, прогонства, затворања, па дури и закани со смрт.
Изразот „тука е трпението на светиите“ се појавува двапати во Светото писмо — во Откровение 13:10 и 14:12 — и во двата случаи е поставен во контекст на силно прогонство на оние што ги држат Божјите заповеди. Ова прогонство го спроведува отпадната верска сила, а неговото целосно исполнување сè уште го очекуваме во иднината.
Според пророштвото, ќе дојде време кога земните сили, обединети околу заедничка цел, ќе се обидат да го угнетуваат Божјиот народ, користејќи ја граѓанската власт за да наметнат лажни учења и човечки заповеди, настојувајќи да го постигнат она што, според нивното мислење, ќе биде решителна победа над Божјите избраници.
Вдахновеното перо открива:
„Јован сега бил подготвен да ги види потресните сцени од големата борба меѓу оние што ги држат Божјите заповеди и оние што го обезвреднуваат Неговиот закон. Тој видел како се издига една чудотворна сила што ќе ги измами сите жители на земјата кои не се поврзани со Бога, ‘велејќи им на земните жители да му направат биста на ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив’ (Откровение 13:14). Види Откровение 13:15–17.
Пророкот слушнал свечено предупредување во врска со поклонувањето на оваа богохулна сила: ‘Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја’ (Откровение 14:9). Види Откровение 14:10, 11.
За верните и праведните, кои не им се покоруваат на декретите на земните владетели спротивни на авторитетот на небесниот Цар, Јован зборува: ‘Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус’ (Откровение 14:12). Види Откровение 14:1–3, 5; 15:2–4.“ – Letters and Manuscripts 8, Manuscript 100, 1893.
Во нашево време оваа изјава сè уште не може во целост да се примени на Божјата црква, зашто врвот на прореченото угнетување сè уште не настапил. Времето што сега го имаме ни е дадено за подготовка — за Божјиот народ да може да развие вера способна да издржи такво искушение и да негува трпение доволно силно за да ги издржи одложувањето, општествениот притисок и најтешките околности.
„Времето на неволја и страв, какво што е пред нас, ќе бара вера што може да поднесе премореност, одлагања и глад, вера која нема да се поколеба иако ќе биде жестоко испробана. Времето на милоста им се дава на сите за да се подготват за тоа време.“ – Големата борба, 621.
Преобразување преку трпението
Трпението претставува способност на човекот да остане прибран, постојан и исполнет со надеж и покрај одложувањата, неволјите или разочарувањата. Тоа сведочи за внатрешна сила и зрелост, откривајќи ја способноста на човекот да управува со своите чувства и да реагира промислено, а не импулсивно.
Оние што негуваат трпение често покажуваат издржливост, емпатија и мудрост, што ги оспособува да градат посилни меѓучовечки односи и со смиреност и благородност да се соочуваат со животните предизвици. Оваа особина не ни помага само да ги поднесуваме тешкотиите, туку го поттикнува и личниот развој и ни помага подобро да ги разбираме нашите ближни.
Во контекстот на третата ангелска вест, преобразувањето е конечната цел и претставува целосно обновување на карактерот и духовниот живот. Овој процес ги повикува верниците не само да истраат во верата и послушноста, туку и да ѝ дозволат на Божјата милост да ги преобрази нивните срца, овозможувајќи им да ја одразуваат Христовата љубов и праведност.
Додека трпението ги одржува надежта и истрајноста, преобразувањето преку третата ангелска вест води кон живот обележан со постојана вера, морална цврстина и подготвеност за Христовото доаѓање.
Последен повик
Бог подготвува црква што ќе го прослави и ќе ја одбрани честа на Неговото свето име пред да влезе во својот вечен одмор по долгата и исцрпувачка борба против злото. Она што сега може да изгледа како одложување на Христовото доаѓање е, всушност, дело на милост кон вас.
Овој миг — вашиот миг — е запишан во Божјиот календар. Тој нема да ја сврти страницата пред да ви ја даде оваа можност. Тој копнее да го придвижи вашето срце да го прифати Неговото евангелие на спасението.
Отворете ја вратата на своето срце и поканете Го возљубениот Спасител да влезе. Кога ќе го сторите тоа, ќе искусите преобразувачка сила поинаква од сè што сте доживеале досега.
Тој стои пред вашата врата и ве повикува. Доаѓа со ризница од благослови и копнее да ги сподели со вас. Тоа е вашата можност. Целото небо го набљудува и го очекува овој миг. Слушнете го Неговиот повик — и одговорете: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“ (Откровение 3:20).
Вечерата што Тој ја нуди е Неговата Реч — секојдневно заедништво и постојано одење со Исуса — сè додека не станете дел од Неговата очистена црква, подготвени да се соочите со конечната борба против злото и, конечно, да уживате во вечноста со светите во небесната светлина.
Мојата молитва за секој од нас е Божјиот Дух да ги осведочи нашите срца, да нè одржува на секој чекор од нашето патување со Исуса и да ни ја даде конечната победа, за да го примиме венецот на животот што Бог го ветил во Откровение 2:10. Амин.

Остатокот и смачканата глава на змијата
„Но ќе оставам среде тебе народ скромен и понизен, и тие ќе бараат закрила во името Господово. Остатоците од Израел нема да вршат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски. Тогаш ќе пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува“ (Софонија 3:12, 13).
Светото писмо го опишува подробниот план на спасението за човечкиот род. Особено го насочува нашето внимание кон последниот остаток на Божјиот народ, кој ќе стои како верен Божји сведок кога Христос, Царот над царевите, повторно ќе дојде во славата на Отецот и во славата на ангелите. Во сите векови имало луѓе што Му се поклонувале на Господа во согласност со Неговата света волја.
„Црквата е Божја тврдина, Божји град – прибежиште во овој вознемирен свет… Уште од почеток Божјата црква на земјата ја сочинувале верни и на Бога предани луѓе. Во секое време Господ имал свои будни стражари кои верно му сведочеле на поколението во кое живееле на земјата.“ – Делата на апостолите, 11.
Целиот свет ќе биде вклучен во последната борба меѓу вистината и заблудата — борба што ќе доведе до најтешката криза што светот некогаш ја доживеал. Настаните што водат кон тој момент веќе се развиваат во наше време. Наскоро остатокот на Божјиот народ ќе се соочи со својата последна проба.
Зборот „остаток“
Според речникот, „остаток“ е именка што означува мал дел или количество од нешто што останало од многу поголема првобитна целина.
Во еврејскиот јазик зборот she’erit означува остаток и често се употребува во пророчки контекст за оние што преживуваат несреќи или остануваат верни на Бога (Исаија 10:20). Ное и неговото семејство биле остатокот што бил спасен меѓу милионите жители на земјата пред Потопот (Создавање 6). Само Лот и неговите две ќерки го преживеале уништувањето на Содом и Гомор — навистина многу мал остаток (Создавање 19). Кога Илија се пожалил дека е единствениот што останал во Израел и не им се поклонил на идолите, Бог го уверил дека зачувал остаток од седум илјади — „сите тие не ги свиткувале колената пред Ваал, и устите нивни не го бакнувале“ (1. Царевите 19:18).
Во Новиот завет, грчкиот збор за остаток е leimma, изведен од зборот leipō, што значи „да остави“ или „да недостига“. Тој се однесува на преостанатата група, честопати на оние што остануваат верни среде широко распространет отпад (Римјаните 11:5).
„А Исаија извика за Израел: ’Кога Израеловите синови би биле бројни како морскиот песок, само остатокот ќе биде спасен’“ (Римјаните 9:27).
Тоа укажува на фактот дека од големото мноштво Израелци само остатокот ќе биде спасен. Ако само остатокот биде спасен, тогаш многумина ќе бидат изгубени — токму тоа е мислата што Павле сакал да ја пренесе. Иако зборот „остаток“ значи „она што преостанало“, особено по голема битка или несреќа, во овој стих тој означува „мал дел“. Од големото мноштво Израелци ќе останат толку малку што таа група со право може да се нарече мал остаток.
И еврејскиот и грчкиот израз ни пренесуваат слични идеи за преживување и зачувување; нивните мали разлики се забележуваат во контекстот. Еврејскиот израз често го нагласува физичкото преживување и верноста во време на национална криза или Божји судови. Грчкиот израз повеќе се однесува на духовната верност и на Божјата милост во зачувувањето на група верници среде неверството.
Во последните времиња
Исус му се обраќа на Својот остаток во последните денови:
„Оваа порака на милоста Јас ви ја доверувам вам, на Моите ученици. Таа најнапред треба да му се објави на Израел, а потоа на сите народи, јазици и племиња на земјата. Треба да им се проповеда и на Евреите и на незнабошците. Сите што ќе поверуваат треба да се соберат во една Црква.“ – Копнежот на вековите, 821.
„Па им рече: ’Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен’“ (Марко 16:15, 16).
„Црквата е Божјо орудие за спасение на луѓето… нејзина задача е да му го објави евангелието на светот.“ – Делата на апостолите, 9.
Мисијата на Божјата црква
„(Бог) ќе ја исчисти Својата црква исто како што го исчистил храмот на почетокот и на крајот на Својата мисија на Земјата. Сите искушенија и неволји кои Тој ги допушта на црквата, имаат за цел Неговиот народ да добие уште подлабока побожност и уште повеќе сили, за веста за победата на крстот да ја пренесат низ сите делови на светот.“ – 9 Сведоштво, 228.
Особините на еврејската црква
Господ го избрал еврејскиот народ за Своја црква и му заповедал:
„Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи, зашто Моја е целата земја. И вие ќе Ми бидете царство на свештеници и свет народ“ (Излез 19:5, 6).
Низ многуте години што следеле, тие биле запознаени со драгоцените ветувања што им биле дадени, но не успеале да ги исполнат условите за нивното остварување.
На почетокот на христијанскиот период, еврејскиот народ тврдел дека го очекува Месијата и навистина чекал Тој да дојде, да ги ослободи од римското ропство и да го воспостави Своето земно царство. Иако се сметал себеси за единствената вистинска црква, еврејскиот народ бил отфрлен затоа што неговиот живот не бил во согласност со она што го исповедал во врска со доаѓањето на Месијата, Кого толку ревносно Го проповедал.
Пред нив стоел Божјиот дар, но тие не обрнувале внимание на предупредувањата. Го отфрлале секој укор, а на крајот нивната омраза кон Божјиот Син станала толку силна што Го распнале. Нивната горда изјава била: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца“ (Матеј 27:25). Само остатокот Го прифатил.
Новозаветното исполнување
Во Новиот завет поимот остаток е проширен и ги опфаќа и незнабошците што покажале вера во Христа. Апостол Павле зборува за тоа во Римјаните 9–11:
„Така и во сегашно време има еден остаток избран по благодат“ (Римјаните 11:5).
Овој остаток не се заснова на национално потекло, туку на верата во Исуса Христа.
Поимот остаток нагласува дека Божјите ветувања кон Израел не биле укинати поради нивното неверство, туку се исполнуваат во мал, верен остаток што ги опфаќа и Евреите и незнабошците кои веруваат во Исуса Христа.
Во Откровение 12:17 ни е прикажан народот на остатокот од последните денови:
„И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.“
Во сегашно време на Божјиот народ му е доверена вистината за небесното светилиште, доверени му се Божјите заповеди, особено заповедта за саботата, и верата Исусова. Тој е благословен со дарот на Духот на пророштвото и со светлината на тројната ангелска вест. Со таква светлина, несомнено е дека тие се Божји избраници.
Меѓутоа, жалната вистина е дека нивната состојба е слична на состојбата на Евреите. Тие не успеале да ги исполнат условите и барањата поставени пред нив; не ги поседуваат особините што треба да бидат обележје на избраниот Божји народ.
„Зашто ние станавме соработници на Христос. Само ако ја задржиме цврсто до крај првобитната цврста подлога… И така, гледаме дека тие не можеа да влезат поради неверието“ (Евреите 3:14–19).
„Ние не знаеме колку големи интереси се во прашање кога Бог нè повикува. Единствена вистинска сигурност се наоѓа во целосната послушност кон Божјата Реч. Сите Негови ветувања се дадени под услов на вера и послушност; а ако пропуштиме да ги исполниме Неговите заповеди, оневозможуваме да се исполнат сите оние обилни благослови споменати во светите списи. Не смееме да се раководиме од чувствата, ниту да се потпираме врз мислењето на луѓето, туку секогаш треба да ја имаме пред себе откриената Божја волја и да живееме според јасните упатства на Неговите заповеди, без оглед на околностите во кои се наоѓаме. За последиците не треба да се грижиме, зашто за тоа се грижи Бог. Со вера во Неговиот збор во деновите на искушенија можеме да докажеме пред луѓето и пред ангелите дека Бог и во тешките животни околности може да ни довери сила да ја исполниме Божјата волја, дека и тогаш ќе го величаме Неговото име и ќе му бидеме на благослов на Неговиот народ.“ – Патријарси и пророци, 621.
Последниот остаток
Јован во Откровението опишува седум цркви што го опфаќаат периодот од Христовото вознесение до Неговото второ доаѓање. Ние живееме во седмиот период на христијанската црква — во ерата на Лаодикија.
Како што постоел остаток од секоја од претходните цркви, така ќе постои и остаток од оваа црква. Пророштвото ни открива дека верниот остаток ќе биде спасен, зашто нема да бидат спасени сите што исповедаат вера во лаодикискиот период (види Исаија 10:20–22).
Адвентното движење е пророчко. Нему му претходат духовниот Израел и остатокот од Филаделфиската црква, кои го следат Христа во Светињата над светињите по големото разочарување во 1844 година.
Тие нема да бидат задоволни да останат во лаодикиска или отпадничка состојба, богати и со мислење дека ништо не им е потребно. Но лаодикиската состојба се одржува во необратеното срце. Наместо во душата да се негува духот на братската љубов, неа ја проникнуваат млакост и рамнодушност сè додека не исчезне секоја надеж за Лаодикија.
Меѓутоа, Исус не ги напушта искрените баратели на вистината во ова време. Тој вели:
„Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“ (Откровение 3:20).
Овој повик на реформација не треба да нè изведе од седмиот период и да нè воведе во некаков осми, туку треба да ни помогне да излеземе од лаодикиската состојба и да станеме дел од вистинскиот остаток што ќе негува дух на несебична љубов.
Господовата слугинка предупредува:
„Видов дека остатокот не е подготвен за она што доаѓа на земјата. Нечувствителност слична на вкочанетост како да го обземала духот на повеќето од оние што тврдат дека ние сме носители на последната вест. Мојот ангел придружник извика со глас на застрашувачка сериозност: „Бидете подготвени! Бидете подготвени! Бидете подготвени! Зашто страшниот гнев на Господа наскоро надоаѓа. Неговиот гнев, непомешан со милост, набрзо ќе биде излеан, а вие сѐ уште не сте подготвени. Распарчете ги срцата ваши, а не облеките свои. За остатокот мора да се изврши едно големо дело. Многумина од нив се задржуваат на незначителни потешкотии. Легиони зли ангели ве опкружуваат“, вели ангелот, „и настојуваат да ве обземат со својата ужасна темнина, за да можат да ве измамат и да ве фатат во своите стапици.“ – Рани списи, 119.
На овој остаток во лаодикискиот период му е доверена веста за делото на темелна реформација — вест што треба да ѝ се пренесе на Лаодикија.
Тие ќе го исполнат стихот: „Но вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина“ (1. Петрово 2:9).
Во Откровение 14:12 Јован го опишува овој остаток што го очекува доаѓањето на Господа на небесните облаци. Нив ги има 144.000; тие се победници (Откровение 3:21) кои го следат Јагнето каде и да оди. Во својот живот биле пример за христијански карактер, покажувајќи преку своите плодови дека биле со Исуса. Во нивната уста нема измама.
Неволјите на црквата на остатокот
„Црквата на остатокот ќе биде изложена на тешки искушенија и неволји. Оние кои ги држат Божјите заповеди и верата Исусова, ќе ја почувствуваат на себе лутината на ламјата и нејзината војска. Сатаната целиот свет го вбројува во своите поданици. Тој ја задобил власта над отпадничките цркви; Меѓутоа, постои една мала група на верни кои не ја признаваат Неговата власт. Кога би можел и нив да ги збрише од лицето на земјата, Неговата победа би била целосна. Како што некогаш ги наведувал незнабожечките народи да го уништат Израел, така сатаната во блиска иднина ќе ги поттикнува силите на злото да го уништат Божјиот народ. Од секој поединец ќе се бара да се покори на човечките одредби и така да го прекрои Божјиот закон. Оние што ќе останат верни на Бога и должностите ќе бидат под закана, ќе бидат обвинувани и осудувани. Тие ќе бидат предавани ’и од родители, и од браќа и од роднини, и од пријатели’ (Лука 21:16).“ – 9 Сведоштво, 231.
Со брзи чекори се приближуваме кон времето кога таканаречените протестантски цркви ќе се обединат со световните сили во возвишувањето на лажната религија, спротивставувајќи се токму на она против што нивните предци ги претрпеле најжестоките прогонства.
Тогаш, со заедничкиот авторитет на црквата и државата, ќе биде наметната папската сабота. Ќе дојде до национален отпад што ќе доведе до национална пропаст.
Од 1844 година небесната светлина ја осветлува оваа земја преку отворената врата на Божјиот храм. Меѓутоа, треба да запомниме дека колку поголема светлина сме примиле, толку поголеми ќе бидат темнината и заблудата на оние што ја отфрлаат Божјата Реч и ги прифаќаат басните, учејќи човечки заповеди како доктрина.
Како во деновите на Естира
Указот што во блиска иднина ќе биде донесен против Божјиот народ во некои погледи ќе биде сличен на указот што Асвир го издал против Евреите во времето на Естира.
Персискиот указ бил последица на омразата на Аман кон Мардохеј. Мардохеј не му сторил никакво зло на Аман, но одбил да ѝ удоволи на неговата суета покажувајќи му почит што му припаѓа само на Бога.
Одлуката на царот против Евреите била донесена врз основа на лажни обвинувања. Сатаната ја поттикнал оваа измама за да се ослободи од оние што го зачувале знаењето за вистинскиот Бог.
Меѓутоа, неговата завера била осуетена од една друга сила што владее над човечките судбини. Ангели моќни во сила биле испратени да го заштитат Божјиот народ, а заверите на нивните непријатели се свртеле против нив самите.
Историјата се повторува. Истиот лукав ум што ковал завери против верните во минатото денес работи за да стекне контрола над таканаречениот христијански свет, за преку него да ги осуди и погуби сите што нема да сакаат да ја празнуваат идолската сабота.
Ние нема да се бориме против луѓе, иако понекогаш така може да изгледа. Нема да се бориме против тело и крв, туку против началствата и властите, против управителите на темнината на овој свет, против духовите на злобата под небото.
Но ако Божјиот народ се надева на Него, сатанските лукавства ќе бидат исто толку јасно осуетени како и во времето на Мардохеј.
Христос никогаш не купувал мир преку пријателство и компромис со злото. Иако Неговото срце било исполнето со љубов кон човечкиот род, Тој не можел да биде попустлив кон нивните гревови.
Токму затоа што ги љубел луѓето, Тој строго ги укорувал нивните пороци. Неговиот живот на страдање и понижувањето што го претрпел од расипаниот народ — сето тоа им покажува на Неговите следбеници дека начелата не смеат да се жртвуваат.
Треба да живееме во мир со сите луѓе (Римјаните 12:18), но постои граница по која единството и слогата не можат да се зачуваат без жртвување на начелата. Тогаш раздвојувањето станува безусловна должност.
„Вистинските Христови ученици поминуваат низ болни судири, поднесувајќи самооткажувања и горки разочарувања. Но тоа им ја покажува сета големина и тежина на гревот, кон кој тие чувствуваат гнасење и одвратност. Затоа што на земјата биле учесници во Христовите страдања и маки, избрани се да бидат учесници и во Неговата слава. Пророкот во видение ја видел конечната победа на остатокот на Божјата црква.“ – Делата на апостолите, 590.
Како припадници на Божјата црква на остатокот, треба со цврста вера да се молиме за дарот на благодатта на љубовта. Љубовта е исполнување на законот, а премногу ретко се гледа меѓу оние што биле осветлени со голема светлина.
Вистинската религија е живот и светлина за секој верник. Христијанското облекување и однесување се дарови што ни се дадени не како украси што ќе предизвикуваат восхит, туку како таланти што треба да се употребат во извршувањето на Божјото дело.
Во ова време на проба, кога треба да ги негуваме јасноста на умот и телесната сила, Господ, за доброто на црквата на остатокот, советува да се откажеме од алкохолот, тутунот, месната храна, чајот, кафето и другите штетни супстанции. Постојат многу други добри нешта со кои можеме да се храниме.
Смачканата глава на змијата
Сега доаѓаме до значењето на смачкувањето на главата — дело што ќе го изврши „породот нејзин“ (Создавање 3:15).
За змијата било проречено дека ќе Го касне Исуса за петицата, што значи дека најжестокиот удар што ќе Му го нанесе на Божјиот Син ќе биде само привремена „рана“ што ќе заздрави.
На ѓаволот ќе му биде дозволено да Го искушува Господа, да се обиде да Го наведе на грев и да Го убие — но ништо повеќе од тоа. Бог ја исцелил раната што Му била нанесена така што Го воскреснал Својот Син од мртвите.
Од друга страна, за Христа било проречено дека ќе му ја смачка главата на сатаната. Првиот дел од ова дело Тој го извршил уништувајќи ги делата на ѓаволот со Својот живот и смрт (1. Јованово 3:8; Евреите 2:14; Откровение 20:10).
Следниот чекор во овој план е Христовото враќање на земјата, кога со сила ќе ги ослободи луѓето од царството на злото (Откровение 19 и 20).
По илјада години, сатанската глава — односно неговото влијание — ќе биде целосно смачкана кога тој ќе биде фрлен во огненото езеро.
„А Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под нозете ваши“ (Римјаните 16:20).
Сите што ќе соработуваат со Искупителот во смачкувањето на главата на змијата ќе го извршуваат делото што Господ им го доверил.
„Сатаната навистина Го каснал Христа за петицата додека Христос висел на крстот во маки, кога злите духови ликувале, а злите луѓе Му се потсмевале. Но токму тогаш Христос ѝ ја смачкал главата на змијата. Со Својата смрт Тој го уништил ’оној кој имал власт над смртта, т.е. ѓаволот’. (Евреите 2:14). Со овој чин била одлучена судбината на водачот на буната и засекогаш обезбеден планот на спасението.“ – Пророци и цареви, 701.
„Сатанската глава наскоро ќе биде ранета и смачкана. Славниот спомен на Божјата чудесна сила наскоро ќе биде вратен на местото што му припаѓа. Тогаш изгубениот рај ќе стане обновен рај.“ – Lift Him Up, 373.
Мојата молитва, драги браќа и сестри, е додека Црквата на остатокот настојува да излезе од неволјите како славна и победничка црква, подготвена да го дочека појавувањето на нашиот Господ Исус Христос во слава, и ние да победиме заедно со неа. Амин.

Среќен крај
Неверојатно е да се размислува дека приказната полна со јад и страдање конечно се приближува кон својот крај… Уште поневеројатно е да се помисли дека станува збор за среќен крај! Да, крајот навистина ќе биде среќен и, по Божјата милост, и ти и јас можеме да го видиме. Со векови мнозинството жители на овој свет не верувале во тоа — и кога Божјото дете им зборува за тоа како ќе заврши историјата на овој свет и дека сè што постои ќе биде обновено во славна радост, тие со неверување им се потсмеваат на верниците.
Слична приказна
Приказната за Јов е приказна што нè претставува и нас како Божји народ. За Јов е запишано: „Имаше еден човек во земјата Уц, по име Јов; тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото. И му се родија седум синови и три ќерки. Имотот му беше: седум илјади ситен добиток, три илјади камили, петстотини чифта волови, петстотини магарици и голем број слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите луѓе на Исток“ (Јов 1:1–3).
Во овие стихови наоѓаме мошне интересни паралели, бидејќи, како Јов, и Адам бил совршен и праведен човек, кој се боел од Бога и се отстранувал од злото. Исто така, за Јов е кажано дека бил најбогатиот човек на Истокот, бидејќи Бог изобилно го благословил, како што и на Адам му биле доверени сите богатства на овој свет.
Слично како кај Адам, и почетокот на Јововиот живот ги содржел сите услови потребни за среќа, но вмешувањето на сатаната го расипало сето тоа.
„И Господ му рече на ѓаволот: ’Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото.’ Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: ’Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сè што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, а стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сè што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?’ И му рече Господ на ѓаволот: ’Еве, сè што е негово, е во твоја рака; само врз него не посегај!’ – И се оддалечи ѓаволот од Господ“ (Јов 1:8–12).
Таква била несреќата што сатаната ја донел во Јововиот живот. Му одзел речиси сè што имал; неговите десет деца загинале во еден ден, а истиот ден Јов го изгубил и целиот свој имот. Од најбогатиот и најуспешниот човек на Истокот, станал еден од најнесреќните.
Не знаеме колку траело неговото, навидум бескрајно, искушение — страдањето што самиот го опишува со зборовите: „Сега душата ми се топи во мене; мачни денови ме налегнаа. Ноќе ме вртат коските мои, жилите ми немаат мир“ (Јов 30:16, 17).
Слично било и во случајот на Адам. Во еден ден изгубил сè — својот едемски дом и пристапот до дрвото на животот. И неговото семејство било погодено, а тогаш започнала приказна каква што никогаш не можел ни да замисли — приказна исполнета со јад за него и за неговите потомци, приказна што навидум нема прекин ниту крај. По повеќе од шест илјади години историја, ние сè уште страдаме.
„По речиси илјада години, кога со свои очи морал да ги гледа последиците на гревот, се осведочил дека крајот на животните страдања и болки всушност е Божја милост.“ – Патријарси и пророци, 82.
Поради својот грев, тој повеќе не можел да биде среќен гледајќи како неговите потомци му се предаваат на злото и го претвораат овој свет во ужасна сцена на духовната борба меѓу доброто и злото.
Крајот на ужасната приказна
Додека живееме на овој свет, нема да можеме целосно да ја процениме штетата што ни ја нанел гревот. Од падот и бунтот на Луцифер, преку бунтот на ангелите, па сè до појавата и владеењето на гревот на овој свет, бројот на оние што го изгубиле животот, иако можеле да живеат вечно, е огромен. Во своето видение за ова огромно мноштво Јован го опишува како мноштво „нивниот број е колку морскиот песок“ (Откровение 20:8).
Се ужаснуваме кога ги гледаме или кога се потсетуваме на последиците од војните, свирепите дела, луѓето сурово убиени, децата што страдаат и оние што останале без родители, животите без надеж, уништените градови и многуте други ѕверства што тешко можат дури и да се опишат.
„И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“ (Создавање 6:5).
Овој запис се однесува на историјата на претпотопниот свет. „Бог му ги дал на човекот Своите заповеди за да му служат како патоказ во животот, но Неговиот закон бил погазен, а последица од тоа била појавата на сите можни гревови. Нечесноста и беззаконието на кои луѓето отворено им се предавале ја надминале секоја мерка; праведноста била погазена и фрлена во прав, а воплите на угнетените се издигнувале до небото.“
„Наспроти забраната што ја дал Господ уште на почетокот, многуженството било рано воведено. Господ на Адама му дал една жена и со тоа ја покажал својата волја во тој поглед. Меѓутоа, човекот по паѓањето во грев се раководел од своите грешни страсти и желби и поради тоа брзо се ширеле беззаконието, расипаноста и бедата. Не се почитувала ниту брачната врска ниту правото на своина. Секој што би ја посакал жената или имотот на својот ближен, би го отимал тоа насилно, и луѓето триумфирале во своите насилнички постапки и постапки на сквернавење. Се насладувале убивајќи ги животните, а употребата на месо како храна ги правела уште посвирепи и покрволочни додека еден ден не станале вчудовидувачки рамнодушни и кон човечкиот живот.“ – Патријарси и пророци, 91.
Многумина не сфаќаат дека најсвирепата борба во историјата е борбата меѓу доброто и злото. Тоа не е меч што го прободува телото; не е ниту куршум што одзема живот; ниту пак е најсмртоносното оружје или бомба што убива илјадници луѓе.
Тоа е гревот — тој ги изопачува мислите, го понижува моралот, ги расипува начелата и го умртвува умот во смртоносна летаргија, така што човекот не ја согледува неговата вистинска сила.
„Душата, која згрешила, ќе умре“ (Езекиел 18:20).
Како деца што се изложуваат на опасност сонувајќи дека ќе најдат среќа, така и многумина на овој свет живеат под опојното влијание на гревот. Замислуваат дека нивниот живот ги води кон некаква возвишена среќа, додека всушност одат по патот кон смртта.
Но како што таткото вложува решителни напори да го спаси своето дете од опасност, така и нашиот небесен Отец интервенирал во наша полза иако ние не сме Го замолиле за тоа, па дури и кога сме ја одбивале Неговата навремена помош.
Душо што спиеш во грев, разбуди се! Погледни кон Христа, својот Спасител. Тој е нашиот единствен излез. Јован Крстител бил вдахновен јасно да изјави: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1:29).
Да, Тој навистина го зема врз Себе гревот на светот. Само Тој може да ја запре смртоносната сила на гревот над нас. Тој е Оној што ќе ѝ стави крај на оваа ужасна приказна.
Најсреќни на светот?
Според статистичките податоци од 2025 година, Финска осма година по ред се смета за најсреќна земја во светот. По Финска следуваат и други нордиски земји, како Данска и Исланд, кои исто така се наоѓаат на врвот на листата. Ваквите резултати се поврзуваат со фактори како силниот систем на социјална заштита, високото ниво на доверба во владата, ниското ниво на корупција, добрата рамнотежа меѓу работата и приватниот живот и достапноста на квалитетно образование и здравствена заштита.
Но дури и во оваа „среќна“ земја во просек по две лица дневно извршуваат самоубиство. Стапката на самоубиства во Финска изнесува 13,65 на 100.000 жители, што е над светскиот просек од 9,14 на 100.000 жители. Земјата исто така се соочува со сериозна криза поради употребата на недозволени супстанции и алкохол.
Оттука, едно е јасно: дури и „најсреќната“ земја во светот е погодена од тага, депресија, болест и смрт. Восхитувачки е да се помисли дека доаѓа време кога „смрт нема да има веќе, ни плач, ни пискот, ни болка нема да има веќе“ (Откровение 21:4) — не само во една земја, туку никаде во целиот свет.
Почетокот на вечната среќа
Исус ни дава ветување: „Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев: ,Одам да ви приготвам место‘? Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:1–3).
„Сите што живеат според Божјата Реч ќе бидат богато благословени. Каков и да е крстот што мораат да го носат, каква и да е загубата што мораат да ја претрпат, низ какво и да е прогонство можеби ќе поминат, сето тоа ќе им биде многукратно надоместено, зашто си обезбедиле живот што може да се спореди со Божјиот живот. Губејќи го својот живот заради Христа, тие добиваат живот што ќе трае низ сите векови на вечноста. Тие одат под водството на Отецот на светлината, кај Кого нема промена ниту сенка од изменување. Ќе го видат Неговото лице, а Неговото име ќе биде напишано на нивните чела.“ – The Upward Look, 35.
Тешко е да се замисли колкава радост ќе донесе сознанието дека најлошата приказна што некогаш била раскажана конечно дошла до својот крај. Тоа е приказна запишана на страниците на времето и испишана со мастило — со крвта на нашиот Творец и со крвта на милиони маченици.
Мојсеј е само еден пример меѓу верниците, бидејќи повеќе сакал „да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади. Страдањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство, отколку ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата“ (Евреите 11:25, 26).
Колку е возвишена мислата дека вечноста секој ден ни е сè поблиску — славниот ден кога ќе Го видиме нашиот Господ лице в лице, денот кога „И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
Слепите за првпат ќе го видат лицето на својот Искупител, парализираните ќе потрчаат во прегратката на својот Творец, немите ќе Го слават својот Бог, а мачениците ќе ја согледаат смислата на своето мачеништво.
Радоста на откупените
Во Божјата Реч наоѓаме прекрасни описи на вечната слава во која светите ќе уживаат низ бескрајните векови.
„Пред спасеното мноштво е светиот град. Исус ширум ја отвора бисерната порта, и народот што ја одржал вистината влегува во него. Таму тие го гледаат Божјиот рај, домот на Адам во времето на неговата невиност. Тогаш се слуша глас, кој ја надминува секоја музика која некогаш ја слушнало смртното уво, велејќи: ’Вашата борба е завршена!’ ’Дојдете, благословени од мојот Отец, примете го царството што ви е подготвено од создавањето на светот.’“ – Големата борба, 646.
На Јован му било тешко со ограничениот човечки јазик да ја опише славата на вечното царство. Тоа е исполнето со чуда — улици од проѕирно злато, темели од скапоцени камења што блескаат со Божјата слава, прекрасни предели со неспоредлива убавина и радосни средби со роднини и пријатели што смртта ги разделила на оваа земја.
Но сите овие чуда се само како обвивка на уште повеличествен дар — присуството на Самиот Христос. Небото не би било небо кога Тој не би бил таму.
Среде сета небесна убавина, Христос стои како главниот скапоцен камен во круната. Неговата убавина и величество го привлекуваат вниманието на сите спасени. Да Го гледаат Оној преку Кого го добиле правото да бидат таму — тоа ќе биде највозвишениот призор што некогаш бил виден.
Исус е Оној Кој покажал сожалување кон состојбата во која се наоѓаме. Кога сме биле претепани, ранети и оставени полумртви, Христос не преминал на другата страна (Лука 10:31). Наместо тоа, Тој ги исцелил нашите рани и се погрижил за нас, преобразувајќи го нашиот живот сè додека не станеме подготвени да ја поминеме вечноста со Него.
Размислувајќи за Божјата милост, Давид извикнува: „Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име! Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини“ (Псалм 103:1, 2).
Еден возвишен призор го омекнува срцето додека го набљудуваме:
„Кога спасените ќе бидат поздравени со добредојде во Божјиот град, низ воздухот се разнесува радосен извик на воодушевување. Првиот и вториот Адам се среќаваат. Божјиот Син стои со раширени раце да го пречека таткото на нашиот род – суштеството што Тој го создал, кое згрешило против својот Творец и поради чијшто грев Спасителот ги носи знаците на распнувањето. Кога Адам ќе ги забележи трагите од страшните клинови, тој не паѓа на градите на својот Господ, туку понизно се фрла пред Неговите нозе, извикувајќи: ’Достојно, достојно е Јагнето што е заклано!’ Спасителот нежно го подига и го повикува повторно погледот да го насочи кон Едем од кој толку долго бил протеран.“ – Големата борба, 647.
Господовата гласничка опишува:
„Видов мноштво ангели како од градот донесуваат величествени круни — по една за секој спасен, а на секоја круна беше испишано името на оној кому му е наменета. На Исусово барање ангелите Му ја подаваат секоја од тие круни, а Тој со Својата десна рака ги става на главите на светите.“ – The Story of Redemption, 413.
Тогаш секој од нас ќе има можност да ужива во заедништвото со Исуса низ целата вечност: „Ќе се вратат избавените од Господ, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезна“ (Исаија 51:11).
Вселената во радост
Колку и да трае големата борба меѓу доброто и злото, секогаш кога еден грешник ќе се покае, „ќе има радост на небото“ (Лука 15:7). Но во вечноста радоста што ќе одекнува низ целата вселена ќе биде уште поголема, зашто повеќе нема да има грешници!
Жителите на другите светови со големо исчекување ја набљудувале катастрофата што ја погодила нашата планета. Но тогаш ќе се радуваат што сето тоа завршило и ќе ги отворат вратите на своите живеалишта за радосно да ги примат откупените и да им ги покажат своите прекрасни домови — светови што никогаш не биле погодени од гревот, места што низ безброј векови останале во беспрекорна чистота и невиност.
„Бог во сите времиња му помагал на Својот народ и го ослободувал преку Своите свети ангели. Небесните суштества активно учествувале во животот и во работата на луѓето. Ангелите се појавувале во облека која блескала како молња или доаѓале облечени во прашлива облека како патници. Тие им се јавувале во човечки облик на Божјите луѓе. На пладне се одморале под даб како да се уморни, прифаќале гостопримство по домовите на луѓето. Ноќе на задоцнети патници им служеле како водичи.“ – Големата борба, 631.
Но тогаш ќе можеме да ги слушаме прекрасните приказни за тоа како овие небесни гласници работеле за нас, како се грижеле за нас и го насочувале нашиот живот. И за нив ќе биде радост кога ќе видат како ги посетуваме во нивните домови!
По секоја раскажана приказна ќе следуваат топли прегратки. Од нашите усни ќе одекнуваат зборови на благодарност и заедно со ангелите ќе Го славиме Бога низ целата вечност!
Христовата радост
„Имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божј“ (Евреите 12:2).
Овој текст ни покажува зошто Христос страдал на Голгота. Поради радоста што Му била поставена пред Него, Тој не се сосредоточувал на страдањата на крстот. Наместо тоа, Тој те гледал тебе во небесната татковина.
Сфати дека ти си Му бил поттик да ја поднесе жртвата; ти си бил Неговата радост во смртниот час. Во Неговата агонија во Гетсиманската градина, моќен ангел Го зајакнал токму со оваа мисла:
„Ангелот не дошол да ја земе чашата од Христовата рака, туку да Го охрабри да ја испие, уверувајќи Го во љубовта на Таткото. Дошол да му подари сила на божественочовечкиот Молител. Му го покажал отвореното небо, зборувајќи му за душите што ќе бидат спасени со Неговите страдања. Го уверувал дека Неговиот Татко е поголем и помоќен од сатаната и дека царството на овој свет ќе им биде дадено на светците на Севишниот. Му рекол дека ќе го види трудот на Својата душа и ќе биде задоволен, зашто ќе види мноштво од човечката раса спасени, вечно спасени.“ – Копнежот на вековите, 693.
Христовата радост во тој миг е слична на радоста што ја чувствува татко при повторната средба со својот изгубен син. Тука нема прашања, нема укори ниту страдања — само цврста прегратка во која љубовта ја нашла својата полнота.
Заклучок
„Кога ќе го добиеме небото, кога ќе поминеме низ портите на Божјиот град и ќе ги чуеме зборовите: ‘Добро, добар и верен слуго! Влези во радоста на својот Господар’ — колку безначајни тогаш ќе изгледаат искушенијата и тешкотиите што овде се нашле на нашиот пат.“ – The Upward Look, 245.
По читањето на оваа статија, каков поголем благослов можеме да замислиме од небото? Ако вашиот одговор е „никаков“, тогаш добро размислете кон што се стремите и за што цврсто се држите, за да не изгубите сè поради нешто што е сосема безвредно.
Оваа страшна мисла живо е прикажана во вдахновените зборови:
„Грешниците согледуваат што загубиле поради својот бунтовен живот. Тие ја презреле неизмерната и вечна вредност на славата кога им била понудена; но колку сега им се чини посакувана! ’Сето ова’, извикува изгубената душа, ’можев да го имам, но со сопствениот избор сето тоа сето тоа го отфрлив далеку од себе. О, нечуена заблуденост! Го дадов мирот, среќата и славата во замена за несреќа, срам и очај.’“ – Големата борба, 668.
За човекот нема потажно чувство од сознанието дека изгубил нешто што некогаш го имал. Но уште потешко е да знае дека тоа е изгубено засекогаш! Единственото нешто што ќе ја направи разликата меѓу горчливиот и среќниот крај е твојата одлука за тоа Кој е Христос за тебе. Да се погрижиме да бидеме меѓу оние што ќе се радуваат со Исуса во таа вечна средба на откупените со нивниот Искупител. Амин!
Во часот на искушението
Во часот на искушение, Исусе, застапи се за мене, за да не Те напуштам со срамно одрекување;
кога ќе ме видиш како се колебам, врати ме, и не дозволувај да паднам поради страв или слава.
Со празни задоволства овој суетен свет ме мами, со своите минливи богатства сака да ми нанесе зло;
потсети ме на тажната Гетсиманија, на мрачната слика на Голгота, овенчана со крстот.
Ако Твојата милост ми испрати тага, труд и мака, или ако ме следи болка по земниот пат, не дозволувај да пропуштам да ја видам Твојата рака;
помогни ми на Тебе да ги доверувам сите свои грижи.
— Песна (Reformation Hymnal) #176
