Гласник на реформацијата · 2023
Познавање на Бога
Молитвена седмица · Читајте, размислувајте и проучувајте


Познавање на Бога
Одлуката со кого да разговара и да се дружи прави голема разлика во животот на една личност. Социјалните мрежи донекаде ги променија ставовите на многу луѓе, бидејќи тоа е начин на комуникација кој обично е брз и вообичаен. Во секој случај, без разлика дали тоа е преку социјалните мрежи, телефонските повици, СМС пораките, писмата, или лично, комуникацијата со добар, вистински пријател може да донесе вистинско охрабрување во животот. Од друга страна, лажниот пријател или токсичен познаник може да предизвика обесхрабрување или дури и депресија. Количината, интензитетот и зачестеноста на интеракцијата се важни.
Можеби имаме повеќе избор за ова прашање отколку што сфаќаме. Некои работи во животот се надвор од наша контрола, но за други работи можеме до одреден степен да одлучуваме. Апостол Павле предупредува:
„Не лажете се: ‘Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи’“ (1 Коринтјаните 15:33).
„Ништо не може поуспешно да ги осуети сериозните впечатоци и добри желби, како дружењето со суетни, безгрижни и изопачени поединци… Доколку се попривлечни во сè друго, дотолку е поопасно нивното влијание кое го шират на својата околина, бидејќи својата привлечност вешто ја користат за да влијаат на другите.” — 3. Сведоштво, 125.
ЧУДЕСНА СПРОТИВНОСТ
А што се случува ако разговараме со Оној кој е чист, свет и совршен — и многу добро Го запознаеме? Каков неспоредлив благослов! Преку блиска комуникација со нашиот Создател, нашиот духовен живот се активира и зајакнува, нашиот морален компас е правилно поставен и нашето срце е исчистено.
„Господ нè повика од светот да бидеме посебен, свет народ за Него. ‘Со вечна љубов те засакав и затоа останав милостив кон тебе’ (Еремија 31:3). Дали навистина се приближуваш кон Бога? Ако е така, биди уверен дека и Тој се приближува кон тебе.“ — Letters and Manuscripts, vol. 6, Letter 31, 1889.
„Ако постојано го имаме пред себе Господа, ако му дозволуваме на нашето срце да му се обраќа со фалба и благодарност, нашиот верски живот постојано ќе се освежува. Нашите молитви ќе имаат форма на разговор со Бога како што се разговара со пријател. Тој сам ќе ни ги открива Своите тајни. Честопати ќе уживаме во радоста која произлегува од свеста за Исусовото присуство. Честопати нашето срце ќе гори во нас кога Тој ќе се приближува да разговара со нас, како што правел со Енох. Кога тоа ќе стане дел на искуството на христијанинот, во неговиот живот ќе се забележи едноставност, скромност, кротост и понизност на срцето, особини што на сите со кои доаѓа во допир ќе им покажат дека бил со Исуса и дека се научил од Него.“ — Христовите поуки, 129.
Ова е она што светот е гладен и желен да го види. Ако ни недостасува овој близок однос со Христос, оваа лична врска со Него, тогаш нашите мисионерски напори во Негово име ќе бидат неплодни.
„Излевањето на Светиот Дух во времето на апостолите бил ‘ран дожд’, и резултатот бил величествен. Но ‘доцниот дожд’ ќе биде уште пообилен.“ — 8. Сведоштво, 21.
Нека денес се повтори искуството на оние кои живееле во времето на раниот дожд — и навистина, да биде многу пообилно:
„А кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, и дознаа дека тоа се неуки и прости луѓе, тие само се восхитуваа. Сфатија дека и тие беа со Исус“ (Дела 4:13).
„Кога Божјиот народ ќе ја понизи душата пред Него, поединечно барајќи го Неговиот Свет Дух, со сето срце, од човечки усни ќе се слушне такво сведоштво како што е претставено во писмото: ‘А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот.’ Ќе има лица осветлени од Божјата љубов; ќе има усни допрени од свет оган, и тие ќе речат: ‘Крвта на Исус Христос, Неговиот Син, нè очистува од секаков грев’.“ — The Ellen G. White 1888 Materials, 1008.

Разговор со Бога
„Искра од сопствениот Божји живот била вдахната во човековото тело, правејќи го човекот жива душа, која поседува морални дарови и волја да го насочи сопствениот тек на дејствување. Тој ја има привилегијата да стане учесник во божествената природа. Ова ќе му даде сила да го победи злото, да го сака и да го избере она што е добро. Тој има совест, која под Божја контрола, ќе го одобри правилното и ќе го суди погрешното. И тој може, ако сака, да има заедница со Бога. Тој може да оди и да разговара со Бога како Енох. Ова свето дружење не му е ускратено на никој што ќе верува во Христа како негов личен Спасител.“ — The Signs of the Times, August 26, 1897.
ОТВОРЕН ОДНОС
„Енох одел со Бога, и кога искушувачот го напаѓал, можел да разговара со Бога за тоа. Тој го немал она ‘напишано е’, како што имаме ние, но го познавал својот небесен Придружник. Тој го направил Бога свој советник, и бил тесно поврзан со Исуса. И Бог му укажал почест на Енох на неговиот животен пат. Тој беше пренесен на небото без да види смрт. Така и оние што ќе бидат пренесени на крајот на времето ќе бидат оние што ќе општат со Бога на земјата.“ — The Signs of the Times, November 11, 1897.
„Бог ни зборува преку природата и откровението, преку Своето провидение и влијанието на Својот Дух. Но сето тоа не е доволно; неопходно е ние пред Него да го отвориме и своето срце. За духовно да живееме и да имаме духовна сила, мораме да одржуваме вистинска врска со нашиот небесен Отец. Нашите мисли можат да се занимаваат со Него; можеме да размислуваме за Неговите дела, доказите на Неговата милост, Неговите благослови, но сето тоа сè уште не е во потполна смисла на зборот, одржување на врска со Него. За да стапиме во врска со Бога, мора да посакаме да Му раскажеме нешто од нашиот вистински живот.
Молитвата е отворање на срцето пред Бога како на пријател. Не затоа што би било неопходно да Му откриеме што сме, туку да се оспособиме себеси да Го примиме. Молитвата не Го симнува Бога кај нас, туку нас нè воздигнува кај Него.” — Патот кон Христа, 93.
„Нашиот небесен Татко чека да го излее врз нас изобилството на Свои благослови. Наша предност е што можеме обилно да пиеме од изворот на бескрајната љубов. Зарем не е тогаш чудно што толку малку се молиме?…
Зошто Божјите синови и ќерки би се двоумеле да се молат, кога молитвата е клуч во рацете на верата кој ги отвора небесните ризници во кои се чуваат неограничени резерви на Семоќниот? Ако секогаш будно не се молиме и вредно чуваме, ќе се изложиме на опасноста да станеме немарни и да скршнеме од вистинскиот пат…
Ако негуваме беззаконие во своето срце, доколку цврсто се држиме до било кој познат грев, Господ нема да нè услиши; но молитвата на потиштениот покајник секогаш ќе биде прифатена. Кога ќе ги исправиме сите зла за кои сме свесни, тогаш можеме да бидеме убедени дека Бог ќе одговори на нашите молби.” — Патот кон Христа, 94,95.
ПОСТОЈАН КОНТАКТ
„Не постои време ниту место непогодно да се поднесе молба до Бога. Не постои ништо што може да нè спречи да ги подигнеме нашите срца во духот на искрената молитва. Во гужвите на улицата, среде деловни работи, можеме да испратиме молитва до Бога и молиме за Божјо водство, како Неемија доставувајќи го барањето до крал Артаксеркс. Соба на заедница може да се најде каде и да сме.
Искажете ги своите желби, радости, жалости, грижи и стравови пред Бога. Не можете да Му бидете товар, ниту да го изморите. Оној кој ги брои влакната на вашата глава не е рамнодушен кон потребите на своите деца. „Господ е многумилостив и сочувствителен” Јаков 5: 11. Неговото срце од љубов е допрено од нашите жалости па дури и од нашето раскажување за нив. Сè што го заморува умот однесете го кај Него. Ништо не е преголемо за Него да поднесе, зашто тој држи светови, владее над сета вселена. Ништо, што било како го загрозува нашиот мир не е премало за Тој да не го забележи. Не постои поглавје од нашето искуство премногу мрачно за Тој да не го прочита, не постои забуна претешка за Тој да не ја разоткрие” — Патот кон Христа, 100.
ПОСАКАЈТЕ, БАРАЈТЕ, ЧУКАЈТЕ
„‘Посакајте’. Сакањето покажува дека сте свесни за својата потреба и ако барате со вера, ќе примите. Господ го дал својот збор, а тој не може да изневери. Ако му пријдете со вистинско каење, не треба да мислите дека сте дрски ако молите за она што Господ го ветил. Кога барате благослови кои ви се потребни за усовршување на својот карактер според Христовото подобие, Господ ве уверува дека вашата молба е во склад со ветувањето и дека ќе се исполни. Тоа што чувствувате и знаете дека сте грешни, е доволна причина да го молите за милост и сочувство. Услов да можете да дојдете кај Бога, не е да бидете свети, туку да сакате Тој да ве очисти од секој грев и да ве измие од секое беззаконие. Нашата голема потреба, нашата состојба на целосна беспомошност, која Бога и Неговата спасоносна сила ги прави толку неопходни, и сега и секогаш ни дава право да се молиме.
„’Барајте’. Немојте да го сакате само Неговиот благослов туку и Него самиот. ‘Зближи се со Него – и ќе бидеш спокоен’ (Јов 22:21). Барајте и ќе најдете. Бог копнее по вас, па и самата ваша желба да дојдете кај Него, всушност е само последица на привлечната сила на Неговиот Дух. Потчинете и се на таа привлечна сила. Христос се залага за искушаните, заблудените и маловерните. Тој сака да ги воздигне и да ги доведе во заедница со себе. ‘Ако го бараш, ќе го најдеш’ (1. Летописи 28:9).
‘Чукајте’. Ние доаѓаме кај Бога со специјален повик и Тој нè чека да ни посака добредојде во својата сала за прием… Нека оние кои копнеат по Божји благослов чукнат и почекаат пред вратата на милоста велејќи со цврсто убедување: Ти Господи рече: ‘Зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори”’ (Матеј 7:8).“ — Мисли од Гората на блаженствата, 130,131.
„Постариот Брат на нашиот род е покрај вечниот престол. Тој гледа на секоја душа, која го врти своето лице кон Него, како на Спасител. Тој од искуство знае какви се човечките слабости, какви се нашите потреби и каде лежи силата на нашите искушенија, бидејќи бил искушуван во сè како и ние, но без грев. Тој бдее над тебе, Божјо дете, кое трепериш. Дали си во искушение? Тој ќе те ослободи. Дали си слаб? Тој ќе те зајакне. Дали си во незнаење? Тој ќе те просветли. Дали си ранет? Тој ќе те исцели… Какви и да се вашите стравувања и неволји, изнесете го својот случај пред Господа. Вашиот дух ќе биде засилен да издржи. Пред вас ќе се отвори пат по кој ќе се спасите од засраменоста и тешкотиите. Колку повеќе се чувствувате слаби и немоќни, толку повеќе ќе станете посилни во Неговата сила. Колку се потешки вашите бремиња, толку поблагословен е одморот, кога ќе го ставите товарот врз Носителот на бремињата.” — Копнежот на вековите, 329.
НАЈГОЛЕМА СТРАХОПОЧИТ
„Однесувањето на сите оние што излегуваат пред Бога треба да го красат понизност и страхопочит. Во Исусово име ние можеме да излеземе пред него со полна доверба, но не смееме да му се приближиме со дрска вообразба како Тој да е еднаков со нас. Има и такви кои на семожниот и свет Бог, кој се наоѓа во недосеглива светлина, му се обраќаат така како што би ословиле некој на себеси рамен или дури на понизок од себе.” — Патријарси и пророци, 252.
„Постои сè поголем недостаток на почит кон нашиот Создател, растечко непочитување кон Неговата големина и Неговата величественост. Но Бог ни зборува во овие последни денови…
Кога ќе се слушне мирниот, тивок глас кој доаѓа по виорот и бурата, кој ги поместува карпите од нивната положба, сите нека ги покријат своите лица, зашто Бог е многу блиску. Нека се сокријат во Исус Христос; зашто Тој е нивното скривалиште. Расцепот во карпата е сокриен со Неговата сопствена прободена рака, додека скромниот трагач чека во наведнат став да слушне што му вели Господ на Својот слуга.” — Selected Messages, bk. 2, pp. 315, 316.
ГОЛЕМА ПРИВИЛЕГИЈА
„Прекрасно е што можеме ефективно да се молиме, што недостојните, грешни смртници поседуваат моќ да ги изнесат своите барања на Бога. Каква поголема моќ може човекот да посака од оваа — да биде поврзан со бесконечниот Бог? Слабиот, грешен човек ја има привилегијата да зборува со својот Создател. Можеме да изговориме зборови што ќе стигнат до престолот на Монархот на вселената. Можеме да разговараме со Исус додека одиме по патот, и Тој вели: Јас Сум од твојата десна страна.
Можеме да комуницираме со Бога во нашите срца; можеме да одиме во друштво со Христа. Кога сме ангажирани во нашата секојдневна работа, можеме да го излееме копнежот на нашето срце, нечуен за секое човечко уво; но тој збор не може да умре во тишина, ниту може да се изгуби. Ништо не може да го потопи копнежот на душата. Тој се издига над уличната врева, над вревата на машините. На Бога му зборуваме и нашата молитва се слуша.
Посакајте, тогаш; барајте и ќе добиете. Побарајте понизност, мудрост, храброст, зголемување на верата. На секоја искрена молитва ќе дојде одговор. Можеби нема да дојде како што сакаме, или во моментот кога го барате, но тој ќе дојде на начин и во време кое најдобро ќе ја задоволи вашата потреба. На молитвите што ги упатувате во осаменост, умор, искушение, Бог одговара, не секогаш според вашите очекувања, туку секогаш за ваше добро” — Messages to Young People, p. 250.
„Патот до Божјиот престол е секогаш отворен. Не можете секогаш да бидете на колена во молитва, но вашите тивки молби може постојано да се издигаат до Бога за сила и водство. Кога ќе бидете искушувани, како што ќе бидете, можете да бегате во тајното место на Севишниот. Неговите вечни раце ќе бидат под тебе… Молете се со понизно срце. Барајте го Господа често во молитва. На тајно место, сам, окото Го гледа Исуса и увото му се отвора на Исуса. Излегуваш од тајното место на молитва за да останеш под сенката на Семоќниот. Доаѓаат искушенија, но вие се приближувате сè поблиску до Исусовата страна и ја ставате раката во Неговата рака. Тогаш стекнувате богато искуство, почивајќи во Неговата љубов и радувајќи се на Неговата милост. Грижите, збунетоста и тешкотиите ги нема, а вие се радувате во Исуса Христа. Душата брзо го слуша гласот на Отецот, и вие ќе општите со Бога. Сите критики се протерани, сите осуди на другите се исфрлени од душата.” — In Heavenly Places, p. 86.
ЈАВНА МОЛИТВА
„Сите треба да чувствуваат дека нивна христијанска должност е да се молат кратко. Кажете му на Господ што сакате, не обиколувајќи го целиот свет. Во приватната молитва сите имаат привилегија да се молат и да бидат опширни колку што сакаат. Тие можат да се молат за сите свои роднини и пријатели. Со тајната молитва се изнесуваат сите лични тешкотии и искушенија. заедничкиот состанок не е место на кое се излеваат тајните на срцето…
Постојат луѓе кои не ги изнесуваат своите маки на Бога во приватна молитва, туку чекаат тоа да го соопштат на молитвените состаноци и таму надоместуваат за неколку дена без молитва. Таквите се вистинска опасност за состаноците. Тие не зрачат никаква светлина, никого не усовршуваат. Нивните студени молитви и долгите заостанати сведоштва фрлаат сенка на сè. Сите се радуваат кога тие ќе завршат и речиси е невозможно да се ослободиме од студенилото и темнината кои тие ги носат со себе на состанокот со своите молитви и охрабрувања. Според светлината која ми е дадена, нашите состаноци треба да бидат духовни и друштвени, а не премногу долги. Треба да се остават дома резервираноста, гордоста, суетата и стравот од човекот. Не треба да ги носиме со нас на овие состаноци ситните разидувања и предрасуди. Како во обединето семејство, меѓу браќата и сестрите кои тука се состануваат за да се освежат и зајакнат со зближување на нивната светлина, треба да владеат едноставност, кротост, доверба и љубов.” — 2. Сведоштво, 578.
ТАЈНА МОЛИТВА
„Семејната или јавна молитва не е доволна. Тајната молитва е многу важна; во самотија душата гола се излева пред Божјото испитувачко око, и секоја побуда е под лупа. Тајна молитва! Колку драгоцено! Душата општи со Бог! Тајната молитва треба да ја слушне само Бог кој ги слуша молитвите. Ниедно љубопитно уво не треба да го прими товарот на таквото пекање. Во тајната молитва душата е слободна од околните влијанија, слободна од возбуда. Смирено, но жарко ќе достигне до Бога. Тајната молитва е често нарушена, нејзината мила природа изгубена, од гласната молитва. Наместо мирната, тивка доверба и вера во Бог, излевањето на душата во ниски, скромни тонови, гласот се крева високо, поттикната е возбуда, а тајната молитва го губи омекнувачкото, свето влијание. Бурата од чувства и зборови оневозможува распознавање на мирниот, тивок глас кој и зборува на душата која е во тајна, вистинска, искрена посветеност. Тајната молитва, правилно изнесена, произнесува големи добра. Но молитвата пред целото семејство и соседство не е тајна молитва иако така се смета, и од неа не се прима божествена сила. Слатко и трајно ќе биде влијанието што ќе произлезе од Оној што гледа во тајност, чие уво е отворено да одговори на молитвата што произлегува од срцето. Преку смирена, едноставна вера душата одржува врска со Бога и собира божествени зраци на светлина за да зајакне и опстане за да ги надмине сатанските пречки. Бог е нашата кула на силата.” — 2. Сведоштво, 189.
„На тајното место за молитва, каде што никој не може да нè види освен Божјото око, да не чуе само Неговото уво, можеме своите најскриени желби и копнежи да ги излееме пред Отецот полн со сожалување; и во тишина и мир на душата, оној кој никогаш не пропуштил да одговори на лелекањата на човечката беда, ќе проговори во нашето срце.
Оние кои во тајност копнеат за Бога, ги изнесуваат пред Него своите потреби и Му се молат за помош, нема залудно да бараат.” — Мисли од Гората на блаженствата, 84,85.
ПРИМЕР ЗА МОЛИТВА
„Небесен Татко, доаѓаме сега пред Тебе какви што сме сиромашни, со потреба и беспомошни — освен ако не го преземеш нашиот случај. Си рекол: „Освен, ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене.
Нека молитвата на ова собрание излезе сега пред Тебе како сила пред Твојот престол. Ние знаеме дека нашиот Спасител ги покажува рацете пред Тебе велејќи: ‘На Своите дланки ги врежав. ‘ О, Боже, те молам, заради Христа, прими ги нашите молитви за оние кои заминуваат. Тие не знаат што ги очекува; но тие го имаат Твоето ветување дека твојата праведност ќе оди пред нив, и дека славата Господова ќе ги придружува.
Те љубиме, Спасителу наш; и посакуваме да ја видиме секоја душа која е можно да се спаси во Твоето трло. Инспирирај го, Те молиме, целото ова собрание со Твојата светост во овој саботен ден. О, нека небесната светлина го просветли Твојот народ овде. Светиот Дух нека почива врз оние кои нè напуштат. Ние им кажавме, Господи, дека ќе се молиме за нив; и сега ги принесуваме нашите молитви во нивно име, молејќи се да им помогнеш да се облечат во сето оружје Божјо. Води ги Господе, и подготви ги овој ден за служба. О, Господи мој, те молам да им ги отвориш вратите каде што ќе можат да влезат. Тука се некои кои се подготвуваат да заминат за Кина наскоро. Подготви ги за служба, Господи; дај им храброст; подготви го патот пред нив. Тие научија како да им ја претстават Божјата вистина на нивните сонародници; и дали ќе им помогнеш Татко мој?
Те молам, Господи, да ја пробудиш црквата како никогаш досега. О, разбрани ги нивните срца Господи. Многумина од нив сега се во парализирана состојба, затоа што направиле толку малку; но кога ќе почнат да ги користат нивните способности за Тебе; знаеме дека ќе им ја дадеш Својата оживувачка сила. О, мој небесен Татко, те замолувам заради Исус од Назарет, да Го благословиш целото ова собрание. Нека грешниците во Сион ја почувствуваат осудувачката Божја сила врз нив. Нека треперат пред Тебе, за да не занемарат да Те бараат додека не биде доцна. Те молам, Господи, да ги отвориш нивните срца да го примат Спасителот кој чука, чука, чука за да влезе, додека косата на Неговата глава е влажна од ноќната роса. О, мој Оче, Оче мој, ќе го покренеш ли, заради Христа, секое срце внатре во ова собрание!
Те молам, Исусе, да се открие спасението Божјо, и оние од нашиот народ кои со своите донации толку благородно помогнаа да ја извршуваат работата, нема да се изморат во доброто работење. Знаеме дека до нив доаѓа повик по повик; но, Оче мој, ти им даваш дар по дар и им даваш да ги имаат благословите на росата, сончевата светлина и дождовите, правејќи ги нивните полиња плодни.
Те молам, Татко небесен, богатиот небесен благослов да падне врз ова собрание кога, откако ќе се вратат во своите домови, ќе се обидат на свој скромен начин да ги посетат своите соседи, да им помогнат на болните и да мисионираат каде и да се.
О, Оче мој, Оче мој, гледам право кон Тебе. Толку пати си ги слушнал моите молби. Верувам во Тебе, се радувам на Тебе, и знам дека Твојот збор ќе се исполни.
Благослови ги грешниците овде. Благослови ги младите овде. Кога одат во нашите училишта да ги едуцираат, подготви ги, така што тие можат да станат мисионери за Бога. Земи ги такви какви што се. Прегрни ги во прегратките на Твојата милост, љуби ги безусловно, и твоето благословено Име ќе ја има сета слава кога човечкото семејство ќе се собере дома од Тебе — кога ќе се обединиме како членови на царското семејство, деца на небесниот Цар.
О, ти благодарам што имаме Бог кој ја слуша молитвата; што имаме Спасител кој е допрен со чувството на нашата немоќ; и што имаме привилегија да работиме за спасение на душите. Благослови ги нашите проповедници; исполни ги со Твојата сила. Светиот Дух нека дојде врз нив. О, нека се отвори небото, и нека се открие светлината на Твојата слава, и нека се знае дека има Бог во Израел кој слуша и одговара на молитвата.
И сега препуштаме сè на Тебе. Знаеме дека овие мисионери ќе бидат чувани со Твојата сила; зашто само Ти можеш да ги чуваш; и Твоето благословено име ќе ја има сета пофалба, сета слава, сега и секогаш. Амин!” — Manuscript Releases, vol. 4, pp. 294—296.

Знаење кое убива
КРИЗАТА ВО ЕДЕМ
Во Едемската градина, имало две посебни дрвја, секое засадено од Бога за одредена цел. Првото беше дрвото на животот, со лековити својства — извор на младост и бесмртност, додека второто беше дрвото на спознанието на доброто и злото. Ева јадела од плодот на ова второ дрво кога била „измамена од змијата да помисли дека има нешто скриено што ќе ги направи ‘мудри’ како Бог. Наместо да верува и да има доверба во Бога, таа во основа не верувала во Неговата добрина и ги негувала зборовите на сатаната.” — The Spirit of Prophecy, vol. 1, р. 40.
„Овде таткото на лагата го изнесува своето тврдење во директна спротивност со изговорениот Божји збор. Сатаната ја уверил Ева дека е создадена бесмртна, и дека не може да умре. Тој ѝ рекол на Ева дека Бог знаел дека ако таа и нејзиниот сопруг јадат од дрвото на знаењето, нивното разбирање ќе биде просветлено, проширено, и облагородено, правејќи ги еднакви со Него.” — Confrontation, р. 13.
„По престапот на Адам му се чинело како да се преселил на ново, повисоко ниво на развој. Но, набргу помислата за неговиот престап го преплашила. Воздухот кој беше со блага и изедначена температура се чинеше како да ги лади. Виновниот пар имал чувство за грев. Тие чувствувале страв од иднината, чувство на потреба, голотија на душата. Слатката љубов, мирот и среќното, задоволно блаженство, се чинело дека се отстранети од нив, а на нивно место ги обземала желбата за нешто што никогаш порано не го доживеале. Тие тогаш за прв пат го свртеа своето внимание кон надворешното. Тие не беа облечени, туку беа обвиени во светлина како и небесните ангели. Оваа светлина што ги опкружуваше замина. За да го ублажат чувството на недостаток и голотија кое ги обземало, нивното внимание беше насочено кон барање покривка за нивните тела; зашто како можеа да се сретнат со Божјото око и со ангелите необлечени?
Нивното злосторство сега е пред нив во неговото вистинско светло. Нивниот престап на нагласената Божја заповед добива појасен карактер. Адам ја осудил лудоријата на Ева што го напуштила и била измамена од змијата. И двајцата си ласкале себеси дека Бог, кој им дал сè за да ги направи среќни, сепак може да ја оправда нивната непослушност, поради Неговата голема љубов кон нив, и дека нивната казна сепак нема да биде толку страшна.” — The Spirit of Prophecy, vol. 1, р. 41.
Сега во нивното битие се појави нова склоност. Се формираше склоност кон злото — склоност која сега ги поробила. Тие испробаа нови нивоа на грев. Нови височини на знаење како да прават зло.
„Така на Адам и Ева делуваше сатаната сè додека Божјите врски не беа скинати, и тие почнаа да се воспитуваат под учителот на лагите за да стекнат знаење што Бог одбил да им го даде — да ги знаат последиците од престапот.” — The SDA Bible Commentary [E. G. White Commentary], vol. 1, р. 1083.
ПРЕД ПОТОПОТ
„Човечкиот род сè уште имал многу од својата првобитна сила… Во тоа време имало многу џинови, луѓе со висок раст и сила, прочуени по својата мудрост, остроумни да пронајдат и да реализираат најразновидни и најчудесни изуми. Меѓутоа, и нивната вина што не го зауздувале ширењето на беззаконието била исто толку голема колку и нивниот талент и нивните умни способности.
На тие претпотопни луѓе Бог им дал многу и богати дарови, но тие ги искористиле за да се прослават себеси и истите ги претвориле во проклетство, обожавајќи ги даровите наместо Дародавецот… Бидејќи не се труделе да го сочуваат Бога во својата свест, набргу почнале да го откажуваат и неговото постоење. Ја обожавале природата наместо Бога кој ја создал природата. Ја обожавале човековата генијалност, им се молеле на делата на своите сопствени раце и ги учеле своите деца да се клањаат на кипови.
Луѓето го заборавиле Бога и се молеле на измислици што самите ги создале, и поради тоа сè подлабоко тонеле во зло… Ако умот никогаш не се издигне над она што е само човечко, ако тој не се издигне со вера до рамниште на длабоко размислување за бесконечната мудрост и љубов, човекот постојано ќе паѓа сè подлабоко и подлабоко… Бог на човекот му дал заповеди да му служат како патоказ во животот, но неговиот закон е погазен, а последица на тоа е појава на сите можни гревови. Расипаноста и беззаконието, на кои луѓето отворено им се предавале, надминале секоја мера; правдата е погазена и фрлена во прав, а до небото се издигнувало пекање на угнетените.” — Патријарси и пророци, 90,91.
Подоцна луѓето се посветиле на забранетото знаење за грешните брачни односи:
„Наспроти забраната што ја дал Господ уште на почетокот, многуженството било рано воведено. Господ на Адама му дал една жена и со тоа ја покажал својата волја во тој поглед. Меѓутоа, човекот по паѓањето во грев се раководел од своите грешни страсти и желби и поради тоа брзо се ширеле беззаконието, расипаноста и бедата. Не се почитувала ниту брачната врска ниту правото на своина. Секој што би ја посакал жената или имотот на својот ближен, би го отимал тоа насилно, и луѓето триумфирале во своите насилнички постапки и постапки на сквернавење. Се насладувале убивајќи ги животните, а употребата на месо како храна ги правела уште посвирепи и покрволочни додека еден ден не станале вчудовидувачки рамнодушни и кон човечкиот живот.” — Патријарси и пророци, 91.
Истражувањето на ова забрането знаење за сексуалноста не заврши само со полигамија.
„Ако имало еден грев, кој повеќе од било кој друг повикувал на уништување на човечкиот род со потопот, тоа било грозоморното злосторство на спојување на човекот и животното што го нагрди Божјиот лик и предизвика конфузија насекаде. Бог решил со потоп да ја уништи таа силна, долговечна раса која ги расипала своите патишта пред Него” — The Spirit of Prophecy 1, 69.
Потрагата за ново напредно знаење продолжила. Меѓутоа, знаењето по кое трагале било измислено од таткото на лагата. Набрзо сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време.
„И му рече Бог на Ное: ‘Крајот на секое суштество дојде пред очите Мои, зашто земјата се исполни со нивните злодела; и, еве, Јас ќе ги истребам од земјата’“ (Создавање 6:13).
Никој не ги избегнал последиците на своето погрешно користење на знаењето. Сите загинале освен Ное и неговото семејство.
ВАВИЛОНСКАТА КУЛА
Кога потопните води стивнале, „оние што сакале да го заборават својот Творец и да ги отфрлат ограничувањата наметнати со неговиот закон, постојано чувствувале дека им пречи учењето и примерот на нивните богобојазливи соплеменици, и по извесно време конечно решиле да се изделат од оние што му служеле на Бога…
Решиле тука да подигнат град и во него кула со вчудовидувачка височина, бидејќи таа требало да претставува вистинско светско чудо. Тој потфат е преземен со цел да се спречи раселувањето на народите по населби. Бог на луѓето им наредил да се разотидат по сета земја, повторно да ја наполнат и да завладеат со неа. Меѓутоа, овие градители на Вавилон решиле својата заедница да ја сторат единствена и да основат монархија која подоцна ќе ја покори сета земја…
Жителите на низината Сенар не верувале во Божјиот завет дека нема веќе да пушти потоп на земјата. Мнозина од нив тврделе дека Бог и не постои, а потопот го поврзувале со последиците на природните појави и причини. Други пак верувале во некое надмоќно суштество кое, според нивното осведочување, уништило претпотопниот свет, но нивното срце, како и некогаш срцето на Каина, се бунело против него. Една од целите што си ја поставиле себеси при градењето на кулата била да си осигурат лична безбедност во случај на повторен потоп. Со тоа што имале намера кулата да ја изградат многу повисоко од нивото до кое допрела водата на потопот, мислеле дека ќе избегнат секоја можна опасност.” — Патријарси и пророци, 118,119.
Беше измислено ново знаење за архитектурата и градежништвото. Развиено беше и знаењето како да се организираат и водат огромен број луѓе да ја градат оваа масивна кула. Наскоро беше воведен нов стил на монархиско владеење, каде што една личност владеела како цар, а нивниот град претставуваше метропола на вселената во пркос на Бога.
„Одненадеж во работата што напредувала толку успешно настанал застој. Биле пратени ангели да ги попречат намерите на градителите. Кулата веќе достигнала завидна височина, па на работниците при врвот им било неможно непосредно да општат со оние во подножјето; поради тоа на разни места биле поставени луѓе чијашто задача била верижно да ги пренесуваат од еден до друг налозите за тоа кој материјал е потребен и разни упатства во врска со изведбите на работите. Додека пораките на тој начин се пренесувани од еден до друг, јазикот им бил побркан, така што, наместо потребниот доставуван е материјал кој воопшто не одговарал. Настанала забуна и вчудовиденост. Во целокупната работа настанал застој. Секоја натамошна соработка била оневозможена. Градителите никако не можеле да си го објаснат себеси ова необично недоразбирање и, во својата бркотија и бес, почнале вината да си ја префрлаат еден на друг. Така нивниот сојуз завршил со караници и со крвопролевање. За доказ на Божјото негодување, молњи од небото го разурнале горниот дел на кулата и го струполиле на земја. Така морале да почувствуваат и да увидат дека на небото постои Бог кој владее со целата вселена.” — Патријарси и пророци, 119.
ВО ПУСТИНАТА
Кога Бог го избавил Својот народ од Египет, Египќаните вклучувајќи го и фараонот — сфатиле дека Израелевиот Бог е моќен и жив Бог. Израелците биле избавени на чудесен начин од ропство за да ги направат слободни, среќни и здрави луѓе кои само Нему ќе му служат. Тој им дал закони за да управуваат со нив и уредби за да ги водат на нивниот духовен пат. Тој ги водел низ пустината четириесет години наместо да ги одведе директно во Ханаан за две седмици, за да го тестира нивниот карактер и да им помогне што повеќе да го запознаат Неговиот карактер.
Пристигнувајќи на планината Синај, Господ му ги дал на Мојсеј Десете заповеди. Додека чекале Мојсеј да се врати од планината, Израелците станале немирни и нервозни поради доцнењето на доаѓањето на Мојсеј. Биле одлучни да не продолжат кон ветената земја, туку да се вратат назад во Египет и конечно решиле да направат статуа на златно теле како нивен бог кој ќе ги води. Бидејќи Арон беше втор по ранг, луѓето побараа тој да го направи тоа.
„Арон се плашел за својата безбедност; и наместо благородно да се залага за Божјата чест, тој попуштил на барањата на мноштвото…. Тој истопил теле, имитирајќи ги боговите на Египет. Народот прогласил: ‘Еве го, Израеле, твојот бог, кој те изведе од земјата египетска’. А Арон безобразно ја дозволил оваа навреда на Јехова. И не застанал тука. Гледајќи со какво задоволство бил примен златниот бог, изградил жртвеник пред него и објавил: ‘Утре е празник на Господ’ … Под изговорот дека приредуваат ‘празник на Господа’, тие се предале на ненаситност и непристојна веселба.” — Conflict and Courage, р. 97.
Наместо да ја насочат својата вера кон знаењето и верноста кон вистинскиот Бог, во овој период на чекање, тие се свртеле кон добивање на знаење за лажниот бог. Направиле гозба која завршила со забранетото познавање за ненаситноста, развратот и веселбата. Љубовта кон задоволството прикриена во „облик на побожност”! Религијата што им дозволува на луѓето да се впуштат на себично или сензуално задоволување, следејќи ги обредите на обожавање, беше пријатна за мноштвото во деновите на Израел. И таму беше послушниот Арон кој додека имаше авторитетни позиции во црквата, попуштил на желбите на неосветените, поттикнувајќи ги на тој начин на грев.
Во екот на нивната дива, бурна прослава, во логорот пристигнал Мојсеј со двете камени плочи и го видел Израел како му се поклонува на златното теле. Неговиот гнев многу се разгорел, и ги фрлил камените плочи, ги скршил, го запалил златното теле, го сомел во прав, го истурил во поток и ги натерал луѓето да пијат од него за да ја покаже целосната безвредност на лажниот бог на кој му се поклонувале.
Повторно и повторно се повторува тенденцијата да се прифати знаењето дадено од таткото на лагите. Во овој случај, луѓето го игнорирале семоќниот Бог и избрале на Негово место да ја прифатат извртената идеја дека немиот, неподвижен, стопено извајан египетски бог може да ги одведе назад во Египет. Овде можеме да видиме дека таквото знаење завршило со уништување.
ПРИ ДОАЃАЊЕТО НА МЕСИЈАТА
Евреите беа Божјиот избран народ. Нивната заедничка надеж беше дека Месијата ќе дојде да ги ослободи од ропството на римската моќ. Меѓутоа, вистинската цел на мисијата на Спасителот беше откриена преку службите во светилиштето. Секој жртвен принос го претставувал доаѓањето на Спасителот. Пасхалното јагне и службите укажувале на Христа. Во одржувањето на овие служби, оние кои копнееле по вистинското познавање на Бога ќе сфатат дека Тој дошол да го спаси Својот народ од нивните гревови.
Пророците откриле многу детали за ова низ вековите, а еврејските водачи не биле игнорирани за чудесното Христово раѓање. Тие ја слушнале веста за овчарите и посебното доаѓање на мудреците. Тие го сретнале Исуса во синагогата кога имал дванаесет години и биле зачудени од Неговото знаење за пророштвото и покрај тоа што Тој не ги посетувал ниту една рабинска школа. Тие ја виделе Неговата служба обележана со божествено исцелување и натприродна моќ. Го слушаа како тврди дека е големиот Јас Сум и дека двапати го исчистил храмот со голема власт. Навистина, Месијата дојде, но тие не успеаја да Го примат затоа што го прифатиле знаењето измислено од таткото на лагите. Ја сочувале идејата дека Месијата мора да дојде од богато семејство и да биде од царска лоза и високо образован. Во нивните умови, Исус не изгледал како да се квалификувал за сите овие барања. Го презирале, Го отфрлиле и Го мразеле до срж. Тоа ја забрзало нивната одлука да Го распнат. Нивните сатански извици, „крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца” одекнувале во ужасната несреќа која дошла на нивниот град и храм четири децении подоцна — сето тоа поради погрешното и фаталистички претпоставеното знаење за погрешно идентификување на Месијата!
ВО НАШИТЕ ДЕНОВИ
Денес, потрагата по деструктивно знаење стана уште пораспространета. Господ во Својата милост ги испратил трите ангелски пораки за да се прогласи вечното евангелие пред да настапи големиот Господов ден. Една од нивните посебни пораки е:
„Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори” (Откровение 14:7).
Набргу по првичното објавување на оваа порака, сатаната испратил емисар да се обиде да го уништи сознанието дека Бог е Творец на универзумот. Во 1859. година, Чарлс Дарвин, англиски научник, напишал книга „За потеклото на видовите со помош на природна селекција или зачувување на омилените раси во борбата за живот”, која ги поставила темелите на теоријата на еволуција која тврди дека сите видови еволуирале, и не биле создадени. За жал, повеќето образовни институции денес, од основните училишта до универзитетите, се придржуваат до оваа идеја.
Сатаната, исто така, измислил друга школа која целосно го негира постоењето на Бог – атеизмот е отсуство на верување во кое било божество или дури и во постоењето на божества. Оваа филозофија беше промовирана во 18-от век за време на таканаречената „Ера на просветителството”. Политичкото движење кое го прифати овој концепт кулминираше со беззаконието на Француската револуција. Сепак, околу 450-500 милиони луѓе сè уште исповедаат атеизам денес.
Сатаната сè уште не бил задоволен со своите изуми, туку ја вовел во светот идејата за пантеизам, верување дека реалноста и целиот познат и непознат универзум и всушност претставуваат божество и дека тоа, како врвно натприродно божествено битие или ентитет, продолжува да се шири и создава уште од почетокот на времето, или дека сите нешта сочинуваат сеопфатен, суштински бог или божица, при што е опфатен и самиот универзум и сите астрономски објекти во него. Оваа идеја се вовлекла во раната адвентистичка заедница преку д-р Џон Харви Келог, предизвикувајќи над 4.000 членови на црквата да ја напуштат верата, вклучително и многу проповедници и учители.
Друга школа измислена од сатаната се нарекува хиперјанизам. Тој учи дека „вие имате божествени својства. Ти стануваш бог. Не постои бог творец на кого треба да му се поклониме. Надвор од материјата постои нематеријална сфера: изворната реалност. Можете да фатите скршени погледи на овој свет во психоделични состојби, состојби на фреквенција,… Со опуштање на вентилите на мозокот, можете да ги истражите внатрешните сфери на умот и внатрешниот бог.” — https://www. iamhyperian.com/youaregod/ Освен паганството, сатаната измислил многу посуптилни форми на религии за да се обиде да ги измами ако е можно дури и избраните. Тој знае дека последната црква на остатокот е единствената Божја црква на оваа планета Земја. Тој ги поттикнува овие верници да формираат различни, посебни групи за да ги збуни чесните Божји луѓе. Меѓутоа, Бог ни дал јасна идентификација на Неговата црква во времето на крајот.
„Секоја од разните групи адвентисти по вероисповед имаат малку вистина, но сите тие вистини им ги дал Бог на Своите деца кои се подготвуваат за Неговиот ден. Освен тоа, Тој им дал вистина која што ниедна од тие групи не ја познава ниту ја разбира.” — Рани списи, 124.
ЗАКЛУЧОК
Од времето на Адам па до сега, сатаната отсекогаш му наметнувал на човештвото изопачени видови знаења велејќи дека нема да умреш, ќе станеш бог, ти си бог, природата е бог и дека ѓаволот не постои. Неверојатно е да се забележи дека многу учени луѓе всушност го прифаќаат ова. Дали сте подложни да прифатите такво нешто? Оние кои веруваат во лагите на сатаната ќе добијат и поголеми заблуди и ако го прифатиме знаењето измислено од сатаната, тогаш на крајот ќе го пожнееме сигурниот резултат на уништувањето. (Види Малахија 4:1).
„Жалосен ќе биде погледот во минатото оној ден кога луѓето ќе се соочат со вечноста. Пред очите ќе им се прикаже целиот живот токму онака како што поминал. Световните уживања, богатството и честа нема веќе да им изгледаат толку важни. Дури тогаш ќе увидат дека праведноста што ја презреле била единственото нешто што вреди. Тогаш ќе сфатат дека својот карактер го обликувале според измамите на сатаната. Облеката што ја одбрале претставувала знак на нивната преданост кон првиот голем отпадник. И тогаш ќе ги видат последиците на својот избор. Тогаш ќе разберат што значи да се престапуваат Божјите заповеди” — Христовите поуки, 318.
Но, наместо тоа, Господ сака да Го запознаеме лично. Псалмистот вели:
„Вкусете и видете колку е добар Господ” (Псалм 34:8).
Тој сака да му се поклонуваме само на нашиот Творец, кој изјавува:
„Немој да имаш други богови освен Мене!” (Излез 20:3).
Постапувајќи така можеме да имаме вечен живот. Исус објаснил дека „а животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос” (Јован 17:3).
Како што нашето знаење за Него расте подлабоко, така ќе можеме да ја цениме Неговата љубов кон нас и да Му се предадеме во безрезервна служба. Еден ден Тој ќе нè повика да влеземе низ портата на градот за да ни го понуди плодот на дрвото на животот и да ни подари вистинско знаење.
„Сите богатства на универзумот ќе бидат отворени за проучување на Божјите откупеници… На сè, од најмало до најголемо, е напишано името на Создателот, и во сè е прикажано богатството на Неговата моќ.
И години во вечноста, како што напредуваат, ќе донесат побогати и уште пославни откритија за Бога и Христа. Како што ќе напредува нивното знаење, нивната љубов и почит кон Бога ќе се зголемуваат. Колку повеќе луѓето учат за Бога, толку поголемо ќе биде нивното восхитување на Неговиот карактер. ” — God’s Amazing Grace, р. 368.
Нека Господ прекрасно ве благослови во текот на оваа молитвена седмица! Амин.

Дали Бог те познава?
БОГ ЗНАЕ СÈ:
Вдахновението ни кажува дека Бог знае сè, дека е „сезнаен“.
„Бидејќи, ако срцето наше нè осуди, Бог е поголем од нашето срце и знае сè“ (1 Јованово 3:20).
Ова значи дека Тој има совршено познавање на сè. Тој не мора ништо да учи ниту да ги резонира работите. Бог знае сè што ќе се случи и што се случило. Неговото сезнаење значи дека Тој има совршено знаење, совршено разбирање и совршена мудрост. Бидејќи Бог е изворот на разбирливоста на целото создание, по својата природа Тој е целото знаење. Ние сме создадени според Неговиот лик, па Тој сигурно нè познава. Бог го набљудува секој од нас.
„Зашто Тој гледа до крајот на земјата и гледа под целото небо“ (Јов 28:24).
БОГ НÈ ПОЗНАВАЛ ПРЕД ДА СЕ ПОЗНАЕМЕ:
Царот Давид рекол:
„Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сè е запишано за мене; дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден” (Псалм 139:16).
Бог му рекол на Еремија:
„Пред да те обликувам во утробата, Јас те познавав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите” (Еремија 1:5).
Исто така читаме во 1 Летописи 22:9 дека животните околности на царот Соломон му биле однапред познати на Бога.
Господ му го дал името на Јосиј 32 години пред неговото раѓање и пророкувал за неговиот живот дека ќе биде еден од ретките цареви кои ќе му бидат послушни на Бога и ќе го прават она што е исправно во Неговите очи (1 Царевите 13:2).
Бог му ветил на Авраам дека народи ќе произлезат од него, а во тоа време тој немал деца; неговата жена Сара била неплодна. Чекале 25 години да се роди ветеното дете Исак. Сара сакала да „помогне” да се исполни Божјото пророштво со тоа што ќе му ја даде на Авраам својата слугинка Агара да зачне дете. Иако тоа не беше Божјиот план. во Неговата милост, Тој сепак ја утешил Агара со пророштво кое се исполнило (Создавање 16:12).
Кога Авраам имал 99 години, Бог му го ветил своето долгоочекувано дете.
„А Бог рече: ‘Навистина. Сара, жената твоја. Ќе ти роди син и ќе го наречеш со името Исак; и ќе направам заветот Мој со него да биде завет вечен, и на потомството негово по него”’ (Создавање 17:19).
Раѓањето на Јован Крстител било исто така пророкувано (Лука 1:13).
Христовото раѓање било однапред најавено кога ангелот Господов ѝ се јавил на Марија:
„И ѝ рече ангелот: ‘Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид”’ (Лука 1:30-32).
Господ кој ги познаваше сите пред да се родат, го познава секој еден од нас.
БОГ ГИ ЗНАЕ НАШИТЕ МИСЛИ:
Бог знае сè што некогаш сме направиле, но исто така знае сè и што сме помислиле. Бог знае апсолутно сè за нас. Псалмистот рекол:
„Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои” (Псалм 139:2).
Можеме да ги сокриеме нашите мисли од другите или дури да ги измамиме за нашите мисли со намерно лажење. Но, ништо не можеме да сокриеме од Бога. Библијата вели:
„И нема создание сокриено за Него, туку сè е голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме” (Евреите 4:13).
БОГ Е БОГ НА ЗНАЕЊЕТО:
Во својата молитва Ана, мајката на Самоил, изјавила:
„Не зборувајте повеќе толку горделиво! Зборови дрски нека не излегуваат од вашата уста; зашто Господ е Бог на знаењето, и постапките Негови се одмерени” (1 Самоилова 2:3).
Царот Давид рекол:
„Ти ме опкружуваш, зад мене си, пред мене си; раката Твоја е положена над мене. Се восхитувам на Твоето знаење, — тоа е превисоко, не можам да му пријдам” (Псалм 139:5,6).
БОГ ЈА ЗНАЕ ИДНИНАТА:
Бог знае сè што ќе се случи. Господ рекол:
„Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: ‘Мојата одлука ќе се изврши, и сè што Ми е угодно — ќе го направам”’ (Исаија 46:10).
Бог прорекол за иднината на Авраам во Создавање 18:18, за Венадад, арамејскиот цар (2 Царевите 8:9), Езекиел (2 Царевите 20:1) и Соломон (1 Царевите 5:5). Господ кој ја знае иднината на овие луѓе сигурно ја знае и нашата иднина. Значи, да се покориме на Неговата мудрост.
БОГ ГИ СЛУША НАШИТЕ МОЛИТВИ:
„И се обрати Мојсеј кон Господ, велејќи: ‘Боже, Ти се молам, исцели ја”’ (Броеви 12:13).
Господ ја слушнал молитвата на Мојсеј и Мирјам била излечена од лепра. Кога царот Езекија бил смртно болен, пророкот Исаија потврдил дека тој ќе умре, царот му се помолил на Господа, кој се сожалил над него и му го продолжил животот (2 Царевите 20:3-6). Сонцето стоело мирно и месечината застанала (Исус Навин 10: 12-14) како одговор на молитвата на Исус Навин. Бог кој ги слушнал молитвите на овие верни луѓе ќе ги слушне и нашите молитви.
Во време на опасна по живот криза, Бог ги слушнал молитвите на Естира и го избавува Својот народ.
БОГ НÈ ПОЗНАВА ПО ИМЕ:
Бог во Списите ги нарекувал луѓето по име. Има примери кога зборувал со Јаков, Мојсеј, Исус Навин, Самоил и Савле од Тарс (Исаја 43:1; Излез 3:4; 1 Самоилова 3:10; дела 9:4).
БОГ ДАВАЛ ИМИЊА НА ЛУЃЕ:
Тој му рекол на еден познат патријарх:
„Затоа повеќе нема да се викаш Аврам, туку името ќе ти биде Авраам” (Создавање 17:5).
САРА:Авраам не бил единствен член на семејството кој добил промена на името од Бога. Неговата сопругата исто така.
„И му рече уште Бог на Авраам: ‘А Сараја, жената твоја, не ја викај повеќе Сараја, туку името нека ѝ биде Сара”’ (Создавање 17:15).
Ќе биде мајка на многу народи и цареви ќе се родат од неа.
ЈАКОВ : И Јаков добил ново име од Господ. Ангелот рекол:
„Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израел; зашто се бореше со Бога, и со луѓето и ги победи” (Создавање 32:28).
Махер-Шалал-Хаш-Баз: Пророкот Исаија имал син именуван од Бога — име кое исто било дел од едно пророштво. Кога жената на Исаија родила син „Господ ми рече: ‘Дај му име: Махер—Шалал—Хаш—Баз”’ (Исаија 8:3).
ЈИЗРЕЕЛ: На првородениот син на пророкот Осија Бог му дал значајно име:
„Тогаш Господ му рече: ‘Стави му име Јизреел, зашто уште малку и Јас ќе му се одмаздам на Јехуевиот дом за крвта пролеана во Јизреел и ќе го укинам царството на Израел”’ (Осија 1:4).
ЛО-РУХАМА: ќерката на пророкот Осија беше уште една која доби симболично име од Господа:
„И Тој му рече: ‘Именувај ја Ло-Рухама, зашто Јас веќе нема да го помилувам домот Израелов, и да им проштевам”’ (Осија 1:4).
ЛО-АМИ: Вториот син на пророкот Осија бил именуван од Бога:
„И Тој му рече: ‘Наречи го со името Ло-Ами, зашто вие не сте Мој народ, и Јас нема да бидам ваш Бог”’ (Осија 1:9).
Бог има цел за секој еден од нас со тоа што ни дава име’.
БОГ НИ ЗБОРУВА НА МНОГУ НАЧИНИ:
Бог е семоќен. Тој е сеприсутен. Тој е владетел. Библијата е полна со извештаи како Бог им зборува на поединци, семејства и нации. Во минатото Тој зборувал на многу различни начини, а тоа важи и денес. Бог им зборува на сите луѓе преку своите дела.
„И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела, па така тие немаат изговор” (Римјаните 1:20).
„Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен. Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива” (Псалм 19:1,2).
Во минатото Бог комуницирал со Својот народ преку ангели, пророци, соништа, визии, чуда, па дури и преку магарица. Магарицата ја отворила устата и му зборувала на Валаам (Броеви 22:28).
БОГ НИ ЗБОРУВА ПРЕКУ СВОЕТО СЛОВО:
Исус е словото Божјо (Јован 1:1). Тоа е еден начин на кој Бог ни зборува лично и моќно дури и денес. Не само што треба да имаме однос со Бога преку Неговото слово, туку треба и да дадеме одговор на секого кога е потребно со кротост и страхопочит (1 Петрово 3:15). Кога ѓаволот го искушувал Исуса во пустината, Господ одговорил на неговите искушенија цитирајќи ја вистината од Божјото слово (Матеј 4:1-11). Мораме да ја научиме вистината која се наоѓа во Божјото слово, мечот на Духот со кој можеме да го победиме непријателот на нашите души. Додека се наоружуваме со сето оружје Божјо, можеме да застанеме против ѓаволското лукавство (Ефесјаните 6: 11). Почитувањето и послушноста на Божјото слово е клучно за слушање на Божјиот глас. (Види Јован 14:21,23).
БОГ ЗБОРУВА СО МИРЕН, ТИВОК ГЛАС:
Кога пророкот Илија бил обесхрабрен и депресивен, Бог му зборувал на неочекуван начин. Понекогаш Бог ќе зборува преку ветрот, земјотресот или огнот, но најчесто Тој зборува со мирен тивок глас, така што мора да бидеме внимателни. (Види 1 Царевите 19:11-13).
БОГ ЗБОРУВАЛ ПРЕКУ СВОЈОТ СИН ИСУС:
Бог целосно се открил преку личноста, карактерот, зборовите, однесувањето и делата на Својот Син. Исус му го открива Бога на човекот преку целата Своја личност. Тој го поучувал народот со параболи, приказни, очигледни поуки, а особено преку Својот сопствен пример како да се живее побожен живот. (Прочитај Евреите 1:1,2; Марко 4:34; Матеј 7:3-5; Јован 13:3-7).
БОГ ЗБОРУВА ПРЕКУ СВЕТИОТ ДУХ:
Додека Исус бил на оваа земја, Бог му зборувал на човештвото преку Него, а кога Исус се вратил кај Отецот, Светиот Дух бил испратен да нè води во сета вистина, за да биде наш Утешител од Бога (Јован 14:26). Божјиот Свет Дух се излева врз сите кои веруваат и го прифаќаат Исуса како личен Спасител и Тој ќе нè води во целата вистина. Затоа, да се предадеме на волјата на Отецот, Синот и Светиот дух.
БОГ ГО ИСПИТУВА СЕКОЕ СРЦЕ:
Давид му се обратил на својот син:
„И ти, сине Соломоне, познај Го Бога на твојот тато, и служи Му од сè срце и со сета душа своја, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите мисли и намери. Ако Го бараш, ќе Го најдеш; ако Го оставиш, Тој ќе те отфрли засекогаш” (1 Летописи 28:9).
Овој совет до царот Соломон јасно му открива на секој еден од нас дека Бог ги знае нашите замисли. Да бидеме многу внимателни во сите наши дела и мисли.
ГОСПОД БОГ ГЛЕДА НА СРЦЕТО:
Бог му рекол на пророкот Самоил да го помаже Давида за цар, објаснувајќи дека надворешниот изглед не е најважен; туку срцето кое само Тој го гледа (1 Самоилова 16:7).
БОЖЈИТЕ ОЧИ ГЛЕДААТ СÈ
Списите симболично зборуваат за Божјите очи кои гледаат сè:
„Зашто очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на оние, чие срце наполно Му е предадено Нему” (2 Летописи 16:9).
„Зашто очите Мои се врз сите нивни патишта; тие не се сокриени од лицето Мое, и нивната неправда не е сокриена од очите Мои” (Еремија 16:17).
„оној, кој го насадил увото, нема ли да чуе, и Оној што го поставил окото, нема ли да види?” (Псалм 94:9).
БОГ ЗНАЕ ШТО МИСЛАТ ЗЛИТЕ ЛУЃЕ
„Зашто Тој ги знае нивните дела; кога ќе настане ноќ — веќе ги нема” (Јов 34:25).
Царот Навуходоносор бил горд што го изградил градот Вавилон со својата сила. Додека зборовите сè уште му биле во уста, глас од небото рекол дека тој нема да биде цар седум години и дека ќе живее со диви животни и ќе јаде трева како вол (Прочитај Даниел 4:17-37). Подоцна го сфатил својот грев и се обратил кон Бога.
БОГ ГИ ЗНАЕ ЗБИДНУВАЊАТА НА ЗЕМЈАТА:
Господ Бог му зборувал на Мојсеј од грмушката која горела и му рекол да го изведе Неговиот народ од Египет и да ги избави од ропство.
„И Господ рече: ‘Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова”’ (Излез 3:7).
Бог гледа сè што се случува на земјата. Да не се грижиме и да се надеваме на Господа.
ГОСПОД ГИ ЗНАЕ НЕШТАТА ОД МИНАТОТО:
Апостолот потврдува:
„Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов” (Дела 15:18).
БОГ Е СОВРШЕН ВО СУДОТ:
Само Бог кој е совршен во знаењето е компетентен да го суди човештвото (2 Петрово 3:7). Кога луѓето ќе разберат дека еден ден ќе мора да застанат пред сезнајниот Бог, тоа треба да ги поттикне да го проценат начинот на кој го живеат својот живот. Исус вели:
„Зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден” (Матеј 12:37).
БОГ ГО ОДРЖУВА СВОЕТО ВЕТУВАЊЕ:
Бог му го дал ова ветување на Својот народ.
„ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сè срце” (Еремија 29:13).
Ако го бараме со сето свое срце ќе го слушнеме Неговиот глас. Бог знае што точно има во срцето на секој човек. Ако Бог нè познава, тогаш Тој знае низ што поминуваме во животот. Не сме сами ниту заборавени. Бог ги познава борбите со кои се соочуваме во животот. Тој ги знае нашите искушенија и состојбата во семејството и Тој ни ветил дека никогаш нема да нè напушти или заборави (Второзаконие 31 :6; Јован 3:16).
БОГ Е СЕКОГАШ СО СВОИТЕ ДЕЦА ВО ПОТРЕБА:
Царот Дариј владеел над Вавилон и го поставил Даниел за управител. Даниел му верувал на Бога и ги следел Господовите заповеди. Љубоморните ривали го убедиле царот да донесе закон кој бара од сите да го слават само него и ако некој слави било кој друг бог, ќе биде фрлен во лавовска јама. Бидејќи Даниел се молел трипати дневно со прозорите отворени кон Бога, тој беше фрлен во лавовската јама. Но Господ Бог беше со него и Тој ги затворил устите на лавовите заштитувајќи го Даниел (Даниел 6:21,22).
Царот Навуходоносор направил златен кип во провинцијата Вавилон и авторитативно ги повикал сите од власта да дојдат на посветувањето на кипот. Кој не би се поклонил и би го прославил кипот ќе биде фрлен во вжарена огнена печка. Тројца млади Евреи кои не се поклониле на кипот биле фрлени во вжарената огнена печка. Господ Бог беше со нив во вжарената печка и тие не изгореле; огнот немал моќ над нив (Даниел 3 поглавје).
Бог бил со Мојсеј додека ги водел Израелците од египетското ропство. Тој на чудесен начин ги снабдил луѓето со вода од карпата и мана од небото. Господ Бог го разделил морето и луѓето поминале по сува земја (Излез 14:16).
Овој ист Бог потоа го потопил непријателот во длабочините на истото море и Му донел спасение на Својот народ. Тој е истиот Бог кој работи за нас денес. тој е ист вчера, денес и засекогаш (Прочитај Излез 14 поглавје).
По смртта на Мојсеј, Бог го превел Својот народ преку реката Јордан по сува почва. Свештениците кои го носеле ковчегот на заветот Господов стоеле цврсто на суво среде Јордан (Прочитај Исус Навин 3 поглавје).
Бог беше со Ное и неговото семејство и ги сочувал од потопот, затоа што сите тие Му се покорувале на Бога.
„И му рече Господ на Ное: ‘Влезете во ковчегот ти и целото твое семејство, бидејќи ти си единствениот праведен пред Мене во овој род”’ (Создавање 7:1).
Потопот бил четириесет дена над земјата и сè живо умрело и секоја жива материја уништена, но Бог го сочувал Ное и неговото семејство. Господ беше со нив.
Авраам бил повикан од Бога да го напушти Ур Халдејски. тој несомнено ја послушал заповедта Божја и поверувал во Неговото заветно ветување дека од неговото потомство ќе произлезе нова нација (Види Создавање 12 поглавје). Исто како што Бог го дал и одржал Неговото ветување на Авраам, Бог ни дава ветувања и нам денес.
Во Создавање 39:1-6, Јосиф бил продаден во ропство од своите браќа. Господ Бог беше со Јосиф во непознатата земја, каде ја задобил довербата на Потифар, кој го поставил над целото домаќинство. На крајот Бог ги насочувал околностите да го направи Јосиф втор по команда над Египет, особено да направи подготовки за претстојниот глад. (Прочитајте Создавање 41:37-45). Јосиф знаел дека Господ беше со него.
Бог беше со Јона во стомакот на џиновската риба. Господ го сочувал таму и ја слушнал неговата молитва во неговата мака. Рибата потоа го исплукала Јона, кој се согласил да оди во Ниневија и да го убеди целиот град да се покае. Иако на почетокот не послушал, тој, исто се покајал што ја избегнал својата должност. Треба да му се покоруваме на Бога во сите околности што и да побара да направиме; не смееме да се колебаме да го послушаме Неговиот глас.
БОЖЈИОТ ПОВИК ДО СЕКОЈ ЕДЕН ОД НАС:
Господ Бог не бара ништо од нас. Тој го бара нашето срце:
„Синко, дај го мене срцето твое и очите твои да ги гледаат патиштата мои” (Изреки 23:26).
И господ бара од нас да ги следиме Неговите заповеди и зборовите на Светото писмо за да го слушнеме Божјиот глас. Мора да поминеме време со Него. Колку повеќе сме со Него, толку подобро ќе го познаваме Неговиот глас.
„Вашите, пак, очи се блажени, бидејќи гледаат и ушите ваши — бидејќи слушаат” (Матеј 13:16).
Додека растеме во верата, ќе научиме да го слушаме Божјиот глас. Исус рекол:
„Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене” (Јован 10:27).
Мора да бараме од Бога да ни открие сè што ја попречува нашата врска со Него и тогаш да Му се потчиниме. За таа цел треба да бдееме над списите. Мораме да се ставиме на располагање на Бога преку молитва и служење. Да бидеме мирни во Негово присуство. Господ вели:
„Застанете и разберете дека Јас сум Бог, возвишен над народите, возвишен над Земјата” (Псалм 46:10).
Да останеме чисти, верни и цврсти, и да не заборавиме дека нашиот карактер се запишува во небесните книги. Амин.

Вистинска причина за неволји
„Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот” (Јован 16:33).
Можете ли да замислите живот без никакви проблеми? Па, тешко ни е да замислиме такво нешто, родени како што сме во светот на гревот. Но, за мене, од моментот кога почнав поблиску да го познавам Богот на љубовта, ме фасцинираше да откријам дека светот без проблеми не е бајка, туку проект кој навистина Бог го реализира.
КОРЕНОТ НА ПРОБЛЕМОТ
Кога зборуваме за неволји, мислиме на горчина, тага, страдање, огорченост, незадоволство, болка итн. Овие неволји често се предизвикани од грешните постапки на луѓето, намерни или ненамерни. Нивните постапки, засновани на гревот како доминантна сила во нивните животи, предизвикуваат голем дел од несреќата во нашиот свет. Еден вдахновен пасус во книгата „Мисли од Гората на блаженствата“ добро го објаснува ова:
„Со тоа што се осмелиле само во една точка да се оглушат на Божјата волја, нашите прародители му отвориле брани на злото кое го преплавило целиот свет. И кој и да го следи нивниот пример, ќе пожнее слични резултати. Божјата љубов е во основата на секоја одредба на законот и оној кој отстапува од заповедите, ја причинува сопствената пропаст.” — Мисли од Гората на блаженствата, 72.
Значи, гревот не е само правен термин што значи престапување на законот. Тој е и исто така почеток на сложен процес кој предизвикува бројни неволји не само за личноста која го започнала, туку и за оние кои се поврзани со делото.
ГРЕВОТ НЕ Е БОЖЈИ РАЗУМ
Се чини дека повеќето луѓе мислат дека Бог е одговорен за појавата на гревот во универзумот. Следниве погрешни идеи се дадени како аргументи во случајов:
Гревот е кршење на законот. Бог е Авторот на законот. Значи, ако не постоеше законот, немаше да има ниту грев.
Бог го создал Луцифер, кој бил првиот што згрешил. да не постоеше Луцифер, немаше да има ниту грев.
Ваквите идеи се погрешни. Вдахновението јасно открива:
„Бог не го создаде злото. Тој го создаде само добро, кое беше слично на Него… Злото, гревот и смртта… се резултат на непослушноста, која потекнува од сатаната.” — The Review and Herald, August 4, 1910.
Ако го разбереме правилно, можеме да ја разбереме вистинската цел на Божјиот закон и неговата вредност за нас, бидејќи законот ни е даден за да можеме да го откриеме или препознаеме гревот и да се справиме со него. Како што споменавме погоре, Божјиот закон го дефинира гревот како термин, но неговиот процес може да постои и надвор од законот. Само да дадеме пример. Шестата заповед вели:
„Не убивај”
А седмата заповед вели:
„Не врши прељуба”.
Ако овие две заповеди не беа вклучени во законот, тоа не би значело дека е добро да се убива и да се врши прељуба — така што луѓето не би биле посреќни ако ги прават овие работи.
Од ова разбираме зошто Бог, сакајќи да нè сочува од неволји, ни предлага да живееме според Неговиот свет закон. Можеме да видиме зошто Светото писмо ни го дава ова водство за да го прекинеме синџирот на гревот и да го избегнеме.
„Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба” (Евреите 12:1).
Но, врвот на нашата човечка глупост е во тоа што ги избегнуваме проблемите по секоја цена и се жалиме на непријатната ситуација што ја имаме – додека во исто време продолжуваме да го сакаме гревот и да ги активираме самите процеси кои предизвикуваат неволји на нас и на оние околу нас.
СЕБИЧНОСТ
Бог е љубов. Ова целосно го дефинира нашиот Создател. Бог не е себичен. Човекот е создаден според Божјиот лик, според Божјото подобие. Но, првата промена што се случи кога дојде гревот беше замената на љубовта со себичност:
„Човекот првобитно бил надарен со благородни способности и добро урамнотежен ум. Тој бил совршен во своето битие и во хармонија со Бога. Неговите мисли биле чисти, неговите цели свети. Но, непослушноста ги изопачила неговите способности и наместо љубов, се појавила себичност.” — Патот кон Христа, 17.
Коренот на повеќето проблеми е себичноста. Таа прави човекот да се чувствува дека тој е сè и дека сè е само за него. Како резултат на тоа, ваквиот став го претвора во потрошувач и угнетувач. Кога внимателно ги проучуваме библиските записи, го откриваме овој начин на дејствување. По престапот, Адам и Ева биле склони да обвинат некој друг за да се обидат да ја избегнат нивната сигурна осуда. Каин, исто така, го убил Авел поради оваа причина. Јуда создаде неред меѓу учениците, па дури и го предаде Спасителот од себични причини. Во денешно време, себичноста сè уште е проблем во светот во целина — и таа не е ограничена само на неа. Дури и црквата е парализирана поради себичност. Без оглед на положбата, потеклото, верата или возраста, толку многу се врти околу задоволството и желбите на развратното срце. Онаму каде што живее себичноста; исчезнуваат љубовта, мирот, простувањето, разбирањето, понизноста и кротоста — и како резултат на тоа се појавува љубовта кон задоволството, желбата за добивка, алчноста, омразата, недоразбирањето, вознемиреноста и незадоволството. Таквиот себичен начин на дејствување е предодреден на самоуништување.
Но, во целосна спротивност, можеме да разбереме колку е Бог полн со љубов и каков прекрасен пример ни дал преку личноста на Господ Исус Христос! Параграфот подолу го опишува:
„’Христос не си угоди на Себе Самиот’ (Римјаните 15:3). Тој ништо не правел за себе; Неговото дело било во корист на паднатиот човек. Себичноста била посрамена во Негово присуство. Тој ја зел на Себе нашата природа за да страда наместо ние. Себичноста, гревот на овој свет, стана главен грев на црквата. Жртвувајќи се Себе заради доброто на човекот, Христос удрил во коренот на себичноста. Тој ништо не оставил за себе, дури ниту Својата чест и небесната слава. Тој очекува соодветно самоодрекување и пожртвување од страна на оние кои дошол да ги благослови и спаси.” — 5. Сведоштво, 204.
ЗЛОТО САМО СЕ НАМЕТНУВА
Друг забележителен проблем со гревот е како тој успева да се размножува и шири без да ни даде никакво предупредување. Читајќи ги горенаведените параграфи видовме дека Бог е љубов и дека оваа љубов се заменува со себичност преку гревот. Значи, знаејќи дека Бог е исто така и живот, можеме да видиме дека животот во овој случај е заменет со смрт. Животот е свесен избор, но првиот грев што бил направен на земјата вклучувал смрт во него.
„Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите преку еден човек, зашто сите згрешија” (Римјаните 5:12).
Ова се случува со секој грев. Злото се размножува против наша волја, без наша желба. Од моментот кога сме заразени со болеста на гревот, во исто време станавме негови носители и пренесувачи. Тоа е прилично разочарувачки. Но, фала му на Бога што не нè остави без надеж! Во Божјиот план на спасение постои можност да се разбудиме од смртната летаргија.
ДВЕ КАТЕГОРИИ
Сите се грешници, но не секој сака да продолжи да греши. Тука постои разлика. 2 Солунјаните 2:3 изразот „човекот на гревот” се користи за личноста која избира да живее во грев и поставува одредени барања — а едно од барањата е да се принудат сите да го прават она што „човекот на гревот” смета дека е добро да се направи. Кого сака да присили „човекот на гревот”? Секако оние кои се разбудени од Светиот Дух, кои ја сфатиле цената што невиниот Творец ја платил за последиците од гревот. Во овој случај „човекот на гревот” бил и ќе остане извор на неволји низ вековите. Еве што ни вели вдахновението:
„Римокатоличката црква, која го соединила многубоштвото со христијанството, и слично на многубоштвото, погрешно го претставила Божјиот карактер, исто така прибегнувала кон не помалку свирепи и грозоморни постапки. Во времето на превласта на папскиот Рим постоеле разни средства за мачење со чија помош луѓето биле присилувани да се согласат со неговите учења. Оние што не се согласиле со неговите барања биле осудувани на клада. Имало многу колежи за кои никогаш нема да се дознае додека не бидат откриени на судниот Ден.” — Големата борба, 592.
Историјата се повторува. „Големата неволја” низ кои треба да помине Божјиот народ, ќе биде од иста природа бидејќи ќе биде водена од „човекот на гревот”.
„Великодостоинствениците на црквата и државата ќе се обединат за да ги поткупат, убедат или принудат сите класи да ја почитуваат неделата. Недостигот на божествен авторитет ќе се надомести преку угнетувачки акти. Политичката корупција ја уништува љубовта кон правдата и почитта кон вистината; па дури и во слободната Америка, владетелите и законодавците, за да обезбедат јавна наклонетост, ќе попуштат на народното барање за почитување на неделниот закон. Слободата на совеста, која чинеше толку голема жртва, нема повеќе да се почитува. Во скорешниот конфликт ќе видиме пример за зборовите на пророкот: ‘И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос”’ — Големата борба, 592.
Горенаведените пасуси одговараат на прашањето што многу луѓе си го поставуваат: „Ако повеќе не сакам ништо да имам со гревот, зарем нема да имам проблеми? Секако дека ќе имам.” Сè додека постои гревот, ќе има проблеми. Ова е причината зошто многу луѓе се обесхрабрени. Но, јас претпочитам да бидам меѓу оние неколку луѓе споменати погоре и избирам да не бидам извор на неволја за никој друг повеќе. Ниту за Бога, ниту за луѓето.
ВОЗНЕМИРУВАЧИ НА СИОН, ПОКАЈТЕ СЕ!!
Да проучиме еден вдахновен пасус напишан во книгата Евангелизам:
„Во нашите цркви има такви кои ја исповедаат вистината, а кои се само пречка за реформа во работата. Тие се кочница на колата на спасот. Често запаѓаат во неволја. Сомнежите, зависта и недовербата се плод на себичноста и се чини дека се вткаени во самата нивна природа. Оваа класа ќе ја именувам како хронични црквени бунтовници. Тие нанесуваат повеќе штета во црквата отколку што можат двајца пастори да поправат. Тие се товар за црквата и голем товар за Христовите слуги. Тие живеат во атмосфера на недоверба, завист и сомнеж. За да се надомести штетата предизвикана од нивното злобно однесување и да се врати хармонијата и единството во црквата, Христовите претставници мора да жртвуваат многу време и труд. Тоа ја намалува храброста и силата на Божјите слуги и ги оневозможува за работата што Тој им ја доверил, за спасување на душите од уништување. Бог ќе ги награди овие вознемирувачи на Сион според нивните дела.” — Evangelism, р. 370.
Тука имаме опис на категорија на луѓе, на која може да припаѓа секој од нас, па дури и јас, како автор на оваа статија. Тоа се луѓе кои го запознале Бога, Му го посветиле својот живот, ги напуштиле редовите на злото и им се придружиле на оние кои не сакаат да имаат ништо заедничко со гревот. Но, и покрај ова, зависта и сомнежот сè уште постојат во нивните животи. Всушност, можеби овие работи не ги класифицираме како значајни гревови против Божјиот закон, но тие сепак се сатански оружја со кои тој ја обесхрабрува и уништува Неговата црква и го попречува делото на Светиот Дух. Сведоштвото ни го кажува следново:
„Злобата, зависта, злите претпоставки и озборувањето му припаѓаат на сатаната и го попречуваат делувањето на Светиот Дух. Ништо на овој свет не му е толку драго на Бога како Неговата црква. Тој ништо не чува со толкава заштитничка грижливост. Ништо толку не го навредува Бога како постапката која нанесува штета на угледот на оние кои ја вршат Неговата служба. Тој ќе бара сметка од сите оние кои му помагаат на сатаната во неговото дело на критикување и обесхрабрување.” — 6. Сведоштво, 42.
Можам да тврдам дека ова е грев. Можеби тој не се наоѓа под јасно истакнатата надлежност на Десетте заповеди но, како што рековме претходно, иако немаме прецизна заповед против ова, тоа неизбежно ќе доведе до обесхрабрување и грев. Бог нема да добие ништо добро од таквите постапки, а нема ниту ние.
Го нарекуваме Бога наш Татко.
„Дали оние чии имиња се во црквените книги, кои тврдат дека се Божји синови и ќерки, ќе размислат за својот однос со Бога и своите ближни? Ние мора целосно да зависиме од милоста на Спасителот што ги простува гревовите; ќе дозволиме ли нашите срца да останат тврди и нечувствителни? Можеме ли поради некаква провокација да си дозволиме да негуваме непријатни и зли чувства и да бараме одмазда? Можеме ли да го фрлиме првиот камен за да го осудиме нашиот брат, кога Бог ја продолжува Својата милост кон нас и ни ги простува нашите престапи што сме ги направиле против Него? Кога Бог би се судел со нас, нашиот долг би се покажал огромен, а сепак нашиот небесен Татко е спремен да ни прости. Бог ќе ги суди луѓето, не според она што го мислат за себе, не според нивната самодоверба, туку според духот кој го покажуваат кон нивните заблудени браќа.
Духот на суровост и строгост е духот на сатаната. Ако негуваме гордост во нашите срца, тоа ќе доведе до завист и зли претпоставки што дополнително води кон одмазда. Постои опасност да ги преувеличуваме обичните зборови или постапки за намерни навреди, верувајќи дека некој ни направил неправда и поради тоа ја заслужува нашата ладнокрвност, рамнодушност или презир. Сепак, Бог се грижи и за оние што ги обвинуваме; Божјите ангели им служат. Оној што ги чита срцата може да види повеќе добрина во нив отколку оној кој негува лоши чувства кон нив поради наводна грешка. ‘Ако згреши против тебе братот твој, укори го, и ако се покае — прости му’. Однесувајте се кон него и неговите грешки како што би сакале Бог да се однесува со вас кога ќе Го навредите. Љубовта не се радува на злото; злото се радува на одмаздата. Потрудете се во ревноста своја да ги покажете, преку доброто живеење, делата свои во кротост и премудрост. Избегнувајте го секој збор на огорченост, секоја нељубезна постапка. Љубете ги ближните како браќа, бидете добронамерни, бидете љубезни. Не ја обесчестувајте вистината покажувајќи горчлива завист и презир; зашто тоа е духот на овој свет. Не дозволувајте овие несвети особини да се појават меѓу вас.” — The Signs of the Times, February 14, 1895.
ДА ЈА НАСОЧИМЕ СЕКИРАТА КОН КОРЕНОТ
Подготвувајќи се за Божјото Царство, Јован Крстител, Христовиот претходник, објаснува една посебна реалност:
„Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган” (Матеј 3:10).
Понатаму апостол Павле нè предупредува за важноста да се отстрани смртоносниот, груб корен:
„Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат, да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина” (Евреите 12:14,15).
„Црквата како целина никогаш нема да го прими доцниот дожд доколку не ја искорени сета завист, злите претпоставки и лошите зборови. Оние кои негуваат омраза во своето срце сè додека тоа не зајакнало и не станало дел од нивниот карактер, мора да доживеат поинакво искуство ако сакаат да учествуваат во доцниот дожд.” — The Home Missionary, August 1, 1896.
„Господ нè повикува од своите срца да ја искорениме себичноста, која е корен на отуѓувањето. Тој копнее обилно да го излее на нас својот Свет Дух и бара од нас преку самооткажување да го израмниме патот за остварување на тоа. Кога сопственото ‘јас’ ќе му се потчини на Бога, тогаш нашите очи ќе се отворат и ќе го видиме каменот на сопнувањето кој, со своето нехристијанско однесување, сме го ставиле на патот на другите. Господ бара од нас сето тоа да го отстраниме. Тој кажува: ‘Исповедајте си ги грешките еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите’ (Јаков 5:16). Тогаш можеме да го чувствуваме она уверување кое го чувствувал Давид, кога по исповедањето на своите гревови, се молел: ‘Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и поткрепи ме со слободен дух. Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат’ (Псалм 51:12,13). Кога Божјата благодат владее во душата, таа ќе биде опкружена со атмосфера на вера, храброст и Христова љубов, атмосфера која дава животна сила на духовниот живот на сите оние кои ја вдишуваат.” — 6. Сведоштво, 43.
Христос вели:
„Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:18-20).
„Еве ја вашата мисија. Каков одговор ќе му дадете на Христа за вашиот начин на живот, ако наместо да работите за спасение на ближните, им ги полните нивните уши со вашите неволји, сомнежи, па дури и поплаки против своите браќа? Честопати може да најдете олеснување од вашите неволји ако им зборувате на другите за Христа и им ја кажувате драгоцената вистина. Меѓутоа, не изговарајте зборови поттикнати од љубомора, зли претпоставки и сомнеж. Не ширете лоши гласини за вашите браќа. Поради такви работи, Бог не може да биде присутен во црквата дури и да сака. Зарем нема да го расчистите патот пред Царот? Во ова зло дело не учествуваат сите, но оние кои учествуваат, сега нека се доведат во ред.” — Letters and Manuscripts, vol. 22, Ms 71, 1907.
ЗАКЛУЧОК
Бог сака да бидеме среќни, Тој сè уште работи на обновување на среќата во нас. Иако луѓето можат да бидат фактор на нашите неволји, сепак главната причина на сите неволји лежи во силата на гревот во нашето срце. Сепак, никој не е обврзан да и се потчини на оваа сила. Перото на вдахновението го разјаснува вистинскиот проблем.
„и најсилните искушенија не се изговор за гревот. Без оглед на тоа колку е силен притисокот, гревот е резултат на сопствениот избор. Изворот на тешкотиите е непрепороденото срце” — Адвентен дом, 331.
Бог направил сè што е во Негова моќ за да ни го разјасни ова, и преку Исуса ни овозможил да бидеме спасени од ропството на гревот. Тој сака да ја зграбиме оваа можност. Ајде да избереме да бидеме на Божјата страна, бидејќи многу брзо, по времето на големата неволја, зачетникот на гревот и самиот грев ќе бидат уништени, а оние кои одлучиле да останат грешници ќе бидат уништени заедно со гревот. Наскоро ќе дојде време кога неволјите засекогаш ќе завршат. Со нетрпение го очекуваме денот за кој ни раскажува книгата Големата борба:
„Големата борба е завршена. Нема веќе грев и грешници. Целата вселена е чиста. Сè што создал Бог во бескрајната вселена, повторно чука со единствен пулс на хармонија и радост. Од Оној кој создал сè тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечниот простор. Од најмалиот атом, до најголемиот свет, сè што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост изјавува дека Бог е љубов.“ — Големата борба, 678.
Амин!

Средба со Спасителот
Во летото 2021 година, ја запознав најсреќната личност што сум ја видел во животот. Бев во посета на новоформирана група во Мекален, Тексас, еден од најјужните градови во САД, на само неколку минути од границата со Мексико. Еден брат започна радио програма, проповедајќи го Евангелието преку локална радио станица, а многу луѓе се јавија сакајќи да го посетат или да ја проучуваат Библијата со него. Еден од нив беше г-дин Гвадалупе, човек на околу шеесет години, со мексиканско потекло. Во времето на мојата посета, г-дин Гвадалупе веќе беше редовен посетител на нашите служби и целосно го промени својот живот. Тој со задоволство ја прифатил саботата и неговиот нов начин на живот го одразуваше неговото ново, подлабоко разбирање на Библијата. Секогаш имаше насмевка на лицето и радоста со која зборуваше за Исус беше заразна. Никогаш не слушнав ниту збор на тага или загриженост од него, и според сите можни стандарди тој беше навистина среќен човек.
Сега во нашите секојдневни средби гледаме луѓе кои постојано изгледаат среќни и не мислиме дека нема ништо необично во тоа. Не е нешто сензационално ако сме среќни што имаме добро здравје, семејство кое нè сака, или живееме убав живот.
Кога би правеле листа на најсреќни луѓе, би можеле да паднеме во искушение да ги ставиме луѓето кои можат да си дозволат сè што можат да купат со пари на врвот на листата. Исто така, ќе има и такви кои водат навидум совршен живот без никакви болести, без финансиски или семејни проблеми или оние чии животи изгледаат совршени во секој поглед.
Меѓутоа, изворот на среќата на г-дин Гвадалупе не беше тоа што тој имаше совршен живот; бил среќен и покрај големите искушенија и маки. Умираше од рак. Лекарите му рекоа дека тој требаше да умре пред една година; сега живееше со позајмено време. Имаше торба за колостомија закачена на стомакот и тумор со големина на цитрон што штрчи од вратот. Тој дишеше низ трахеална цевка, туба во отворот на вратот, која мораше да ја покрие со прстот за да може да зборува. Живееше сам во скромна гарсоњера и немаше семејство да го посети. Бидејќи не беше во состојба да работи, зависеше од дарежливоста на другите луѓе за да има леб на трпезата и да ја плати киријата.
Од човечка гледна точка, тој немаше апсолутно ништо на овој свет што ќе му даде удобност и сигурност, а сепак на сите им кажуваше дека не е тажен, туку среќен. Сепак, тој не мораше да им кажува на другите дека е среќен, за тие да забележат. Тоа се гледаше на неговото лице, во неговите разговори, во неговото однесување.
Повеќето луѓе чувствуваат некој вид на среќа кога сè во нивниот живот оди според планот, но брат Гвадалупе имаше среќа која ги надминуваше неговите телесни и земни искушенија. Имајќи слично искуство, апостол Павле рекол:
„Затоа уживам во слабости, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен” (2 Коринтјаните 12:10).
КАКО?
Како е можно да се има таков мир, среде бурите на искушенија? Како е можно „секогаш да се радуваме” (1 Солунјаните 5:16), дури и кога ќе нè снајдат очигледно лоши работи? Брат Гвадалупе имаше тајна, која радосно им ја раскажуваше на сите. Исто како апостол Павле, тој се сретнал со својот Спасител, и тоа била пресвртница во неговиот живот, по која никогаш не бил истиот.
НАШАТА НАЈГОЛЕМА ПОТРЕБА
Пред славната средба со Спасителот, апостол Павле беше на пат. Вистината е тоа што секој од нас има свој пат, бидејќи среќата и исполнетоста ја бараме на различни места. Некои ќе се свртат кон светот барајќи световни задоволства, испробувајќи сè што светот има да понуди. Параболата за изгубениот син се открива и се повторува во животите на многу млади луѓе на кои им е преку глава од верските „ограничувања”. Други, како апостол Павле, ќе го бараат Бога во разни доктрини и системи на верување, а сепак се наоѓаат исто толку далеку од Бога како човек што се опива во кафеана. Каков пат и да избереме, одвоени од Бога, на крајот ќе нè доведе до истите последици. Целиот труд што го вложуваме во потрага по земните задоволства и задоволствата на патиштата што самите ги создадовме ќе се покажат како двојна трагедија:
„Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода” (Еремија 2:13).
Ние сме создадени да бидеме исполнети со небесен мир, сè додека живееме во совршена хармонија со Создателот. Кога ќе се прекине оваа врска, ништо друго на овој свет не може да ја задоволи жедта на душата. Вистинскиот мир и среќа не можат да се постигнат со ништо што може да го понуди овој свет. Од друга страна, кога ќе се сретнеме со нашиот Спасител и ќе го обновиме нашиот однос со Семоќниот, ништо на овој свет не може да ни го одземе небесниот мир кој го надминува секое разбирање.
„Кој ќе нè одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотијата? Или погибелта? Или мечот?” (Римјаните 8:35).
Поради тоа Бог ја претставува најголемата човечка потреба.
Колку ни е потребен Бог, а што сме без Него? Што е најдоброто што можеме да го направиме сами, без Бога, и колку длабоко Тој треба да се наведне за да допре до нас и да нè обнови, да ги „зацврсти стапалата мои”? (Псалм 40:2).
Животот и искуството на апостол Павле е добар пример за тоа што се случува пред и по средбата со Спасителот.
РАБОТА ЗА НЕПРИЈАТЕЛОТ
Нема многу подобри примери на злоупотребената доверба. Земјите од овој свет строго ги казнуваат предавниците. Чинот на Јуда во предавството на Исус довел до тоа името на предавникот насекаде во светот да предизвикува одбојност. Кога размислуваме за луѓето кои се во служба на сатаната, најпрво можеме да помислиме на сатанисти, демонизирани и останати очигледно зли суштества. Меѓутоа, секогаш кога правиме нешто што е спротивно на Божјиот карактер, ние сме во служба на непријателот и сме исто толку безнадежно изгубени како што бил и Јуда за време на предавничкиот целив. Пред неговото преобраќање апостол Павле работел против вечното Царство. Уште појасно „сега Савле увидел дека, прогонувајќи ги Исусовите следбеници, всушност извршува дело на сатаната” — Делата на апостолите, 115.
Ако не сме припадници на Божјата војска, не сме на неутрален терен, бидејќи такво нешто не постои во духовното царство. Тоа всушност значи борба на страната на големиот непријател, да се биде меѓу неговите поданици. По неговото преобраќање, апостол Павле напишал за старите патеки по кои одел:
„И вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бога, и непријатели поради помислите кон лоши дела…” (Колосјаните 1:21).
Нашата состојба е уште помизерна ако, како Павле, мислиме дека му служиме на Бога бидејќи: „никој не е толку безнадежно заробен како оној кој е во заблуда дека е слободен” (Johann Wolfgang von Goethe: https://www.goodreads.com/ quotes/528301), а бедната состојба на Лаодикеецот е нагласена со мислењето дека е „богат и се збогатил и ништо не му треба”, и не знае дека всушност е „беден, проколнат, сиромав, слеп и гол” (Откровение 3:17).
Без Бога, сите наши напори се залудни. Пред да се сретне со Исус, Павле ги вложил најдобрите напори да му служи на Бога за што се каеше цел живот:
„А по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква” (1 Коринтјаните 15:8,9).
Павле бил во заблуда, но не од зла намера. Тој не работел против Бога намерно или свесно, туку напротив мислел дека му служи на Бога. Меѓутоа, тоа не го менува фактот дека бил точно таму каде сатаната сакал да биде и така делувал. Неговата ревност за строга и легалистичка религија го навела да казнува и повредува луѓе користејќи сила и заплашување како средство за евангелизација. Таквите методи доаѓаат токму од сатанската кутија со алатки и немаат место во унапредувањето на Божјото царство.
ОТКАЖУВАЊЕ ОД НАШИТЕ „ДОБИВКИ“
Савле од Тарс бил ревносен Евреин кој сакал да го прави она што е добро.
„Кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј, по ревност — гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот беспрекорен” (Филипјаните 3:5,6).
Во свои очи, бил во вистинската верска заедница, ја посетувал вистинската црква, ги извршувал вистинските обреди, ја имал вистинската доктрина и бил многу ревносен. Тој ги имал сите светски причини да се гордее од своите достигнувања, но сепак според него овие „придобивки” (Филипјаните 3:7) биле неспоредливи со Христа. Иако овие „придобивки” би го направиле секој Евреин горд, Павле подоцна сфатил дека единственото нешто со кое вреди да се пофали е Исусовиот крст:
„А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот” (Галатјаните 6:14).
Иако сите овие работи не беа нужно лоши, сè додека се потпираше на нив за своето спасение, тој не можеше да го има Христа. Бог прифаќа само служба и послушност мотивирани од љубов — сè друго е само „бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи“ (1 Коринтјаните 13:1).
Ако овие работи целосно нè спречуваат да го прифатиме Спасителот и да се надеваме на Него, тогаш дефинитивно „сметаме дека и сè друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ” (Филипјаните 3:8).
„Сè друго е загуба” апостол Павле не сметал дека тоа е жртва. Кога еднаш вкусил и видел дека Господ е добар, сите негови претходни „придобивки” во споредба со тоа избледеле. Да се послужиме со Павловите зборови, тоа за него станало
„отпад” (Филипјаните 3:8).
Човекот што го нашол скриеното богатство во полето не жалел што морал да продаде „сè што имал” за да ја купи таа нива, бидејќи неговата радост што го нашол богатството била преголема (Матеј 13:44).
Од што треба да се откажеме за Христа? Само од оние работи што нè прават „бедни, проколнати, сиромашни, слепи и голи” (Откровение 3:17) и кои ја прават нашата „правда” толку вредна како и „извалканата облека” (Исаија 64:6).
ЖЕЛБАТА ДА СЕ ПРАВИ ДОБРО
Желбата да се прави добро е важна. Но „желбата” не е доволна, зашто има природен закон во нас кој нè држи под ропство на гревот исто како што законот на гравитацијата нè држи на земјата:
„И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото ми е близу” (Римјаните 7:21).
Живо се сеќавам на едно искуство што го имав како тинејџер. Бев кај моите баба и дедо во североисточна Романија и ме испратија кај соседите да позајмам градинарски алат. Кога пристигнав до портата на соседот, беше утро, а соседот само што ги пушташе своите две прасиња да излезат од кочината во големиот двор полн со зелена трева. Само што излегоа малите прасиња почнаа да трчаат во една насока најбрзо што можат и не застанаа додека не стигнаа до локва кал во аголот од дворот. Легнаа во таа кал и почнаа да се превртуваат во неа со неопислива возбуда додека целосно не станаа калливи, а потоа го направија тоа одново! Ова не потраја повеќе од 20 секунди, а кога завршија, целосно задоволни од постигнатото, отидоа да јадат.
Гревот е исто толку длабоко вкоренет во нашата природа како желбата на овие мали прасиња во калта. Библијата нè повикува да размислуваме:
„Може ли Етиопјанец да ја смени кожата своја и леопардот дамките свои? Па така и вие, можете ли да правите добро, кога сте свикнати да вршите зло?” (Еремија 13:23).
Гревот го проникнува нашето битие до таа мера што ослободувањето од неговите синџири бара многу повеќе од човечка сила — бара сила од самиот Бог. Ова Павле го открил во Евангелието:
„Зашто јас не се срамам од Евангелието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин” (Римјаните 1:16).
СРЕДБА
Убавината на евангелието е во тоа што Бог ја знае нашата состојба и сепак нè сака. Тој го испратил Својот Син на овој свет за и зависникот од дрога и самоправедниот верник, оној што оди во црква, можат да бидат спасени од нивните смртоносни замки и да бидат доведени во царството на милоста, каде што Бог „извршува сè во сите” (1 Коринтјаните 12:6).
Покрај нашето непријателство кон Него „уште кога бевме слаби, Христос во одреденото време умре за безбожниците” (Римјаните 5:6).
Исус не умре за нас кога почнавме да се подобруваме, или кога виде дека правиме барем некои напори да Му бидеме послушни, туку „уште додека бевме непријатели се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле” (Римјаните 5:10).
Средбата со Исус е многу повеќе од обична, случајна средба. Тоа е, од Божја страна, намерна средба. Тој нè бара, нè наоѓа и тропа на вратата на нашето срце, обидувајќи се да го привлече нашето внимание. Тој понекогаш ни зборува преку библиски стих, преку пријател, или преку трактат. Во друг случај, тој може да ни зборува преку некој настан, без разлика дали го доживуваме како позитивен или негативен. Му зборуваше со звучен глас на Савле од Тарс на патот за Дамаск; Господ му зборувал дури и преку неговото слепило, и ова е тоа што го научил:
„СÈ ИМ СОДЕЈСТВУВА ЗА ДОБРО“
„А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сè им содејствува за добро” (Римјаните 8:28).
Лесно е да се разбере и прифати дека добрите работи содејствуваат за наше добро. Но, во ова нема ништо извонредно, нашиот Бог е извонреден Бог, кој може да прави необични нешта. Апостол Павле овде напишал дека не само добрите работи содејствуваат за наше добро, туку и сите работи, а тоа ги вклучува и тие „лоши” работи. Кога првпат го сретнал Спасителот, Павле ослепел. Каква трагедија — си можел да гледаш, а потоа да бидеш во целосен мрак. А сепак, иако слеп, го имал најдобриот вид досега во животот. И покрај неговата надворешна „послушност”, тој видел дека има очајна потреба од Спасител. Забележете ја промената што ја донесе ова искуство. Тој повеќе не е жесток прогонител на црквата; сега тој е благ ученик, подготвен да учи и да го спознае Бога во Неговата убавина.
Понекогаш христијаните ќе имаат искуства кои ќе изгледаат како „лоши”. Меѓутоа, од обична дупната гума па до болест опасна по живот, Бог може да направи сите работи да содејствуваат за наше вечно добро. Она што ни останува да направиме е да Му се заблагодариме за СЕ што дозволува да ни се случи во животот и да веруваме дека Тој има сè под контрола.
„Благодарете за сè, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас!” (1 Солунјаните 5:18).
Средбата со Спасителот претставува процес на осветување, што Бог го прави кога ги отвораме нашите срца за топлите зраци на Неговата љубов.
„А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во се, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!” (1 Солунјаните 5:23).
Тоа е секојдневно предавање и потчинување на целото наше битие на владеењето на љубовта. Тоа е секојдневно откривање сè повеќе и повеќе за величественоста на Божјата љубов, која ја претставува Негова природа (1 Јованово 4:7). Тоа значи да научиме да Му веруваме преку нашите секојдневните борби и тешкотии, знаејќи дека ако сме се довериле во Негови раце, Тој има целосна контрола над сите случувања во нашиот живот. Да се сретнеме со Спасителот значи да Го познаваме сè повеќе и повеќе до моментот кога ќе можеме да имаме мир и радост дури и во тешкотии.
„Но Тој ми рече: ‘Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила се покажува потполно во слабоста.’ Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите слабости за да се всели во мене силата Христова. Затоа уживам во слабости, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен” (2 Коринтјаните 12:9,10).
„Постои сигурен лек за малодушните а тоа се: вера, молитва и работа. Верата и работата даваат на човекот сигурност и задоволство кое јакне од ден во ден. Дали лесно подлегнувате на мрачни чувства и малодушност? Немојте да стравувате ни во најцрните денови кога се изгледа изгубено. Имајте вера во Бога. Нему се познати сите ваши потреби. Тој е семоќен. Неговата безгранична љубов и милосрдност никогаш не се отсутни. Немојте да стравувате дека нема да го исполни своето ветување. Тој е вечна вистина. Тој никогаш нема да го измени заветот кој го направил со оние кои Го љубат. Бог им дава на своите верни слуги онолку сила колку што е потребно.” — Пророци и цареви, 164.
„Не плашете се ниту во најцрните денови, кога сè ќе изгледа толку страшно. Имајте вера во Бога. Тој ја остварува Својата волја правејќи сè да биде на добро на Неговиот народ. Силата на оние кои Му служат и кои Го љубат ќе се обновува секој ден. Тој им го дава Својот разум во нивната служба, за да не грешат во остварувањето на Неговите цели.“ — 8. Сведоштво, 11.
Без разлика низ што ќе поминеме, ние го имаме Неговото сигурно ветување:
„Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам” (Евреите 13:5) и „вашата вера испитана да излезе подрагоцена од нетрајното злато, кое сепак се испробува преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос” (1 Петрово 1:7).
Наша привилегија е да се сретнеме со нашиот Спасител денес. Тој е достапен за секој од нас, без разлика колку сме далеку од Него во нашиот бунт. Денес тој ја подава Својата рака кон нас, плаќајќи ја целосната откупнина за нашите беззаконија. Ако го прифатиме, Тој ќе ја искорени од нас секоја трага на грев и ќе го замени нашето камено срце со срце исполнето со Неговата љубов. Нашиот живот никогаш повеќе нема да биде ист, и секој ден од нашиот откупен живот ќе бидеме среќни во службата на нашиот Цар.
„Вам ви е потребен мир — небесно простување и мир и љубов во душата. Тоа не може да се купи со пари, да се постигне со разум, до тоа не се доаѓа со мудрост; не можете да се надевате дека кога и да е, тоа ќе го обезбедите со своите лични напори. Но, Бог тоа ви го нуди како подарок, ‘без пари и без плаќање’ (Исаија 55:1). Сето тоа е ваше само ако ја подадете раката да го земете. Господ вели: ‘Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур — како волна ќе станат бели’ (Исаија 1:18). ‘ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам” (Езекиел 36:26).” — Патот кон Христа, 49.

Познавање на Бога овде и сега
МОЖЕМЕ ЛИ ДА ГО ПОЗНАВАМЕ БОГА?
Дел од човековата природа е стремеж за подлабоко разбирање и поврзување со повисока сила. За христијаните, тоа значи стремеж по Бога. Оваа желба не е нешто ново, нешто резервирано за постмодерниот човек. Тоа е желба која е присутна во нас уште од создавањето. Дури и кога Христос одеше на оваа земја, оние што беа блиски со Него сакаа да Му се приближат на Бога.
Во својата желба уште поблиску да го запознае Бога, Филип му рекол на Исус:
„Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!” (Јован 14:8).
Но, како да почнеме да го спознаваме Бога и дали воопшто е можно да го познаваме овде и сега, каде што сме? Зарем не треба да чекаме да бидеме променети од смртни во бесмртни суштества?
Еден од пријателите на Јов, Софар, прашал:
„Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш? Можеш ли да го достигнеш совршенството на Седржителот?” (Јов 11:7).
Вдахновението одговара:
„Не можеме да го спознаеме Бога преку истражување, но Тој се открил во Својот Син, кој е сјај на славата на Отецот и образ на Неговото битие. Ако сакаме да го стекнеме знаењето за Бога, мора да станеме како Христос… Живеејќи чист живот преку вера во Христа како личен Спасител, верникот ќе го запознае Бога на појасен и повозвишен начин.” — That I May Know Him, p. 9.
Исус му одговори на Филип:
„Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, па како ти велиш: ‘Покажи ни Го Отецот?’“ (Јован 14:9).
Можеме да го бараме цел живот и никогаш да не Го најдеме, но Тој нам ни се откри. Бог сака да Го најдеме. Тој го сака тоа толку многу што ни понуди многу начини да се сретнеме со Него.
НА КОИ СÈ НАЧИНИ МОЖЕМЕ ДА ГО ПРОНАЈДЕМЕ БОГА?
Преку пророкот Еремија, Бог ни дава услов што мора да го исполниме пред да Го сретнеме овде и сега:
„Ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сè срце“ (Еремија 29:13).
Не треба да ја ограничуваме нашата потрага по Бога само на теорија. Ние мора активно да Го бараме секој ден. Во Својата милост Бог ни обезбеди средства преку кои можеме да се доближиме до Него и уште поблиску да Го познаеме:
1. БИБЛИЈАТА
Ако во разговорот се споменува личност за која никогаш порано не сте слушнале и ја разбуди вашата љубопитност, веројатно ќе поминете некое време истражувајќи ја таа личност за да дознаете повеќе за неа. Незадоволувајќи се само со краткото спомнување на таа личност во разговорот, може да пребарувате на интернет што другите кажале за неа или што таа самата кажала за себе. Ќе ги прашате блиските луѓе што тие слушнале и што мислат за неа.
Бог подготвил многу информации за оние кои сакаат да дознаат повеќе за Него. Не смееме да се задоволиме само со површно знаење. Христос ни рекол:
„прегледајте го писмото” (Јован 5:39).
Тој сака лично да Го познаваме; поради оваа причина Тој ни ја дал Библијата како откровение за Него самиот:
„Благословената Библија нè запознава со големиот план за спасение и ни покажува како секој поединец може да добие вечен живот. Кој е авторот на Книгата? — Исус Христос. Тој е верен Сведок и на Своите им вели: ‘И Јас ќе им дадам вечен живот; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги истргне од раката Моја’. Библијата ни го покажува патот до Христа, а во Христа е откриен вечниот живот.” — The Atlantic Union Gleaner, June 9, 1909.
Нашиот став и нашите намери кога ја отвораме Библијата одредуваат што ќе видиме на нејзините страници. Божјото Слово ќе нè води да Го запознаеме подлабоко ако го проучуваме со отворено срце. Ќе можеме поблиску да го запознаеме Бога ако дозволиме Светиот Дух да нè воодушеви со чистите вистини на Светото писмо.
„Евреите имале свети списи кои сведочеле за Христа, но не успеале да Го препознаат Христа во тие списи. Тие ги мешале вистините од Стариот Завет со човечки идеи толку многу што тие учења биле прикажани во лажно светло, а Божјата волја скриена за човекот. Христовата беседа на гората практично им се спротивставила на самоправедните книжници и фарисеи. Тие го прикажувале Бога толку погрешно што на Него гледале како на строг судија, на кој сочувството, милосрдието и љубовта му беа целосно туѓи. На народот му претставиле безброј учења и традиции кои за авторитет го немале она „Така вели Господ”. Иако тврделе дека го познаваат и му служат на вистинскиот жив Бог, тие целосно погрешно го претставиле Него и Неговиот карактер откриени во Неговиот Син. Христос постојано макотрпно работел да ги отстрани овие лажни заблуди за Бога, за да ја врати довербата на луѓето во Божјата љубов. Ги поучувал да Му се обраќаат на врховниот Владетел со ново име „Оче Наш”. Ова име го прикажува нашиот вистински однос со Него, и кога искрено ќе излезе од човечките усни, тоа е музика за Божјите уши. Христос нè води до Божјиот престол по нов и жив пат.” — The Atlantic Union Gleaner, June 9, 1909.
Дали си подготвен да ја читаш и проучуваш својата Библија со отворено срце, да учиш и да дозволиш да се трансформираш? Тогаш ќе го познаеш Бога и ќе ја искусиш Неговата моќ во твојот живот како никогаш порано. Ќе видиш промена кај себе и кај своите ближни.
2. МОЛИТВАТА
Ако личноста што сте ја пребарувале на интернет е донекаде позната, веројатно нема да можете да ја контактирате преку електронска пошта или телефон. Можеби постои телефонски број од нејзината канцеларија, но вие нема да можете да ја добиете лично.
Меѓутоа, до Бога можеме да дојдеме кога ќе ги наведнеме главите и склопиме рацете. Молитвата е директен пат до Бога. Таа го продлабочува нашиот однос со Него и така подобро ќе го разбереме нашиот небесен Татко. Молитвата ни помага да станеме свесни за Божјото присуство во нашиот живот; таа ја зајакнува нашата поврзаност со Него.
Преку молитвата можеме да изразиме благодарност, да бараме Божјо водство, да ги исповедаме гревовите и да бараме простување. Молитвата исто така ни дава можност за тивко преиспитување, овозможувајќи да го слушнеме гласот на Светиот Дух, овозможувајќи ни подлабоко разбирање на сопствените потреби и Божјата подготвеност да нè благослови и да ни даде сила да победиме.
„Библијата не ни го прикажува Бога на Неговото возвишено и свето место во состојба на неактивност, молчење и осаменост, туку опкружен од десет илјади по десет илјади и со илјада илјади свети суштества кои чекаат да ја вршат Неговата волја. Преку каналите што ние не ги забележуваме, Тој е во активна комуникација со секој дел од Своето царство. Меѓутоа, Неговото внимание и интересот на целото Небо е сконцентрирано на овој малечок свет, на душите заради чие спасение го дал Својот единороден Син. Бог се наведнува од Својот престол, за да го слушне плачот на угнетените. Секому што искрено се моли, Тој му одговара: ‘Еве ме.’ Тој ги подига оние кои се во неволја и угнетените. Сите наши страдања го погодуваат и Него. Во секое искушение и во секоја неволја Ангелот на Неговата присутност е близу за да избави.
Ниту еден врабец не паѓа на земјата, а Таткото да не го види тоа. Омразата против Бога го наведува сатаната да го мрази сето она за што Спасителот се грижи. Тој се обидува да го наруши Божјото дело и ужива кога ги уништува дури и немите созданија. Благодарение единствено на Божјата заштита птиците се сочувани за да не развеселуваат со својата радосна песна. ‘Не плашете се; вие вредите повеќе од многу врапчиња. ”’ — Копнежот на вековите, 341, 342.
„Секојдневната молитва е исто така неопходна за растење во благодата и за духовниот живот, колку што е потребна храната за физичкото здравје. Треба да се навикнеме често да ги воздигнуваме нашите мисли кон Бога во молитва. Ако мислата талка, да ја вратиме назад. Истрајните напори ќе го олеснат тоа. Не е безбедно ниту за еден момент да се оддалечиме од Христа. Ние можеме да се увериме во Негово присуство на секој чекор, ако ги исполниме условите кои Тој Самиот ги поставил.” — Messages to Young People, p. 115.
„Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори” (Матеј 7:7).
„Што можат да мислат небесните ангели за бедните беспомошни човечки суштества кои се соочуваат со искушенија, за суштествата кон кои Божјото срце чувствува безгранична љубов и е готово да подари повеќе отколку што можат да побараат или замислат, а кои толку малку се молат и имаат толку малку вера! На ангелите е мило да се поклонуваат пред Бога; тие сакаат да бидат блиску до Него. Тие разговорот со Бога го сметаат за најголема радост; но сепак синовите на оваа Земја, на кои толку многу треба помош, која само Бог може да им ја даде, како да се задоволни што одат без светлината на Неговиот Дух, без придружба на Неговото присуство.” — Патот кон Христа, 94.
„Вратата на срцето треба постојано да биде отворена и нашата покана да се издига за Исус да може да дојде и да престојува во душата како небесен гостин.
Иако можеби нè опкружува извалкана, расипана атмосфера, не мораме да ја дишеме нејзината реа, можеме да живееме во чистиот воздух на небото. Можеме да ја затвориме секоја врата на нечисти фантазии и несвети мисли преку воздигнување на душата во Божјо присуство преку искрена молитва. Оние чии срца се отворени да примат поткрепа и благослов Божји ќе одат во посвета атмосфера од земната и ќе бидат во постојана комуникација со небото.” — Патот кон Христа, 94.
„Ние можеме да разговараме со Исус. Можеме да разговараме со Исус како што и Енох разговарал со Бога. Тој на својот Господ можел сè да каже за своите искушенија. Така одел Енох со Бога, и кога светлината ќе ја просветлела неговата патека, тој не рекол: ‘Чекај, што ќе кажат моите пријатели и роднини ако тргнам по овој пат?’ Не, тој го правел она што е правилно без оглед на последиците.
Енох се стремел да биде поврзан со Бога, а оние кои не се поврзани со Бога, поврзани се со некој друг, некој што ќе ги одведе настрана од сè што е добро. Сите ние треба да изградиме карактер. Енох изградил праведен карактер, и како резултат на тоа бил пренесен на небото без да види смрт. Кога Господ ќе дојде по втор пат, некои ќе бидат пренесени на небото без да видат смрт, а ние сакаме да знаеме дали ќе бидеме во тој број. Сакаме да знаеме дали сме целосно на страната на Господа — учесници во божествената природа, откако ја избегнавме расипаноста што е во светот во телесните похоти не со обидот да направиме јасен пат за нашите нозе каде што нема да се сретнеме со искушенија или тешкотии, туку со тоа што ќе се ставиме себеси во правилен однос со Бога дозволувајќи Нему да се погрижи за последиците.” — Manuscript Releases, vol. 9, pp. 256, 257.
Дали отсега повеќе ќе се молиш?
3. ОДНОСИТЕ
Можеби во вашето истражување за необјаснива, позната личност сте запознале некој кој лично ја запознал таа личност. Го слушате неговото искуство и го споредувате со искуството на некој друг и наскоро ќе создадете поцелосна, појасна слика за карактерот на таа личност.
Славењето на Бога во заедницата го збогатува нашето искуство со Него. Преку заеднички искуства откриваме нови аспекти на Божјата благодат и Неговиот карактер кои можеме да ги поврземе со нашето лично искуство за да добиеме уште поцелосна слика за Бога.
Да се биде дел од Божјото семејство ја отвора можноста за развивање на Божјите карактерни црти во нашите животи, што ќе ни даде подлабок увид во Неговата љубов и благодат кон нас.
Светото писмо ни објаснува дека секој од нас треба да го користи секој талент што го примил во служба на другите, како верни управители на различните Божји благодати. Треба да се поднесуваме еден со друг и да си простуваме еден на друг, ако некој има поплака против некого, како што Господ нам ни простил (1 Петрово 4:10; Колосјаните 3:13).
„Една машина може да биде совршена во сите свои делови, а сепак во нејзините движења има премногу триење и абење; но кога ќе се подмачка со масло, ќе работи правилно и тивко. Така е и кај нас. Потребно е да го имаме маслото на благодатта во нашето срце, за да спречиме триење меѓу нас и нашите ближни за кои работиме. Тогаш, имајќи не само аргументи во корист на вистината, туку и маслото на благодатта, ќе можеме да ја пренесеме пораката со голема сила. Предрасудите ќе бидат срушени и ќе се изврши големо дело….
Оние кои се ангажирани во големото и свечено дело во предупредувањето на светот, не само што треба да имаат лично искуство со Бога, туку и да негуваат љубов меѓусебно, да работат на едномисленост, исто да расудуваат, и да имаат исти ставови. Отсуството на оваа љубов многу го радува нашиот лукав непријател. Тој е зачетник на завист, љубомора, омраза и раздор; тој се радува кога гледа како овие гнасни плевели ја задушуваат љубовта, тоа нежно растение од небесно потекло…
Треба да го зачуваме угледот на нашиот соработник во светост. Ако некој забележи одредени мани кај ближниот, не треба да ги преувеличува пред другите и да прави тешки гревови од нив. Тоа можат да бидат грешки во расудувањето, за кои Бог ќе ни даде божествена благодат за да ги надминеме. Ако Тој видел дека ангелите, кои се совршени, подобро ќе го завршат делото за паднатото човештво од луѓето, ним ќе им ја доверил таа работа. Меѓутоа, наместо тоа, Тој ја испраќа потребната помош преку сиромашни, слаби, грешни смртници, кои, поради тоа што ги имаат истите слабости како нивните ближни, се најпогодни да им помогнат.” — Historical Sketches, pp. 119, 120.
„Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов” (1 Јованово 4:7,8).
4. РЕЛИГИЈАТА
Религијата што Христос ја покажал со пример е практична религија. Таа не се наоѓа во книгите и законите, колку во активното дејствување и служба.
„Апостолот покажал дека религијата не се состои од обреди и церемонии, од изјави за верување или од теории. Кога би било така, тогаш и световниот човек со помош на истражување би можел да го долови Бога, исто како и земните проблеми што ги решава со истражување. Павле учел дека верата е нешто практично, сила која спасува, начело кое целосно произлегува од Бога, лично доживување на дејствувањето на Божјата сила којашто ја обновува душата. ” — Делата на апостолите, 451.
Луѓето по природа се ситничари. Броиме колку дела сме направиле за другите за да пресметаме колку наводно ни должат. Се сеќаваме на неправдите што другите ги направиле против нас. „Погледнете колку сум направил. Кутриот јас. Морам да направам сè за секого”. Ваквите мисли само нè оддалечуваат од Христа.
За вистински да го запознаеме Бога, мора да бидеме како Него. Со Неговата благодат и силата на Светиот Дух, ние треба да им служиме на нашите ближни без да размислуваме за тоа што заслужуваат, а што не заслужуваат. Мора да простуваме без ограничување и неуморно да помагаме:
„Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме” (Галатјаните 6:9).
Кога го правиме ова, ќе почнеме да го разбираме Божјиот карактер. Добиваме поглед за Неговата љубов кон нас, ќе разбереме како Тој ни простува и нè благословува без мерка, и покрај нашата недостојност. Тоа е моќен начин вистински да се запознае Бог овде и сега.
ЗОШТО ТРЕБА ДА ГО ПОЗНАВАМЕ БОГА?
Еден ден едно момче си играло со другарчињата. Решиле да играат на друга ливада и додека оделе натаму стигнале до еден поток кој морале да го поминат преку еден трупец. Сите поминале на другата страна освен тоа момче. Другарчињата му довикувале: „Ајде помини!” Но момчето одбило да помине.
Едно од другарчињата се вратило до трупецот и му ја подало раката: „Држи ме за раката. Нема да ти дозволам да паднеш”. Сепак, момчето не отстапувало.
Во тој момент пристигнал таткото на момчето и го прашал: „Зошто не сакаш да го поминеш потокот?” „Се плашам, тато”, одговорило момчето. Неговиот татко го фатил за рака и рекол: „Ајде да одиме!” Држејќи го татко му за рака, момчето без страв го поминало потокот.
Можеби ќе треба да поминете низ поток или нестабилен трупец во одреден момент следната година. Браќа мои и сестри, познавањето на вашиот небесен Татко ќе ви овозможи да верувате во Неговото провидение и да уживате во мир додека Тој се грижи за вас, и покрај тешкотиите и искушенијата што се појавуваат на вашиот пат.
„Затоа, да не ја заборавиме Божјата милост, туку да ја чуваме во нашите срца како скапоцени камења. Кога силите на темнината нè опкружуваат, кога непријателот ни шепоти сомнеж за Божјата љубов и грижа за нас, да имаме доверба во светлината со која Бог милосрдно ги осветлил нашите претходни животни искуства.” — The Youth Instructor, July 15, 1897.
Не треба да ги знаеме сите детали за иднината; ние само треба да го познаваме Бога овде и сега. Тогаш со вера можеме да ја фатиме Неговата рака. Тој ја знае иднината и нема да нè напушти.
„Зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака, ти велам: ‘Не плаши се, Јас ти помагам”’ (Исаија 41 : 13).
ЗАКЛУЧОК
Познавањето на Бога не значи учење за системот или правилата на верување. Тоа значи разбирање на големата Божја љубов кон нас откриена во Исус Христос и на тој начин развивање на подлабока поврзаност со Него преку духовниот живот. Тоа значи да се има отворено срце и ум за да се разбере и препознае Божјото присуство во нашите животи и во светот околу нас.
„Суштината и сржта на целата христијанската благодат и искуство се содржани во верата во Исуса, во познавањето на Бога и Неговиот Син, кого Тој го испратил. Меѓутоа, тука мнозина паѓаат бидејќи им недостига вера во Бога. Наместо да сакаат да учествуваат со Христа во Неговото самооткажување и понизност, тие постојано се стремат кон издигнување на своето ‘јас’… О, кога повеќе би ја ценеле Божјата љубов, колку повеќе би биле срдечни, нашето ограничено сочувство би се зголемило, би ги отстраниле ледените пречки на себичност и нашето разбирање би било подлабоко отколку што е сега…
Токму затоа што не Го познаваме Бога и што немаме доверба во Христа, ние не сме длабоко трогнати од понижувањето што Тој го претрпел заради нас, токму затоа Неговото понижување нè наведува да се понижиме, а да Го воздигнеме Исус.” — That I May Know Him, p. 104.
Без разлика дали сте искусен, духовен верник или штотуку го започнувате своето патување, мојата молитва за вас е да го запознаете Бога – овде и сега.
Следат неколку прашањата за кои можете да разговарате додека се собирате за време на молитвената седмица:
1. Дали е можно да се пронајде БОГ?
2. Како Бог ни се открива?
3. Кои се некои од благословите кои Бог ви ги подарил оваа година, без разлика дали сте ги заслужиле или не?
4. Како односите со другите ни помагаат поблиску да го запознаеме Бога?

Познавање на вечниот Бог
Не толку одамна, имаше еден млад човек кој пораснал во мало островско село опкружено со огромниот Тихи Океан. Тој станал висококвалификуван столар и набрзо отворил сопствена столарска работилница, која се занимавала со различни активности, од изработка на мебел до изградба на скромни куќи. Младиот човек имал и вреден помлад брат кој се обучил и подоцна дипломирал како учител. И двајцата станале многу успешни во своите професии и беа голем извор на гордост за нивното семејство. Меѓутоа, нивниот успех предизвикал љубомора кај селаните. Неколку љубоморни луѓе ширеле злонамерни гласини низ селото дека успехот на браќата и сестрите произлегува од нивна вмешаност во некаков вид на маѓепништво.
Во текот на решавањето на оваа мистерија, животот на младиот човек бил изложен на злобни демонски влијанија. Постојано бил малтретиран и прогонуван од впечатлив „човек” облечен во црна облека кој постојано го следел. Истовремено почнала да го мачи чудна болест поради која целосно го загубил видот на левото око. Чувствувајќи дека страдањето на младиот човек е очигледна Божја казна (а исто така и поради претходни силни чувства на љубомора, огорченост и завист), селаните ги нападнале младите луѓе и им ја запалиле семејната куќа до темел. Тие изгубиле сè што имале, а тој млад човек беше протеран од селото. И покрај тоа што беше протеран, лошиот дух го следел каде и да одел.
Во својот очај да се ослободи од тој сатански дух, младиот човек извикал кон Господ за избавување.
Потоа случајно се сретнал со еден стар познаник, за кого подоцна дознал дека е старешина во една од најстарите цркви на Адвентистите на седмиот ден во главниот град. Неговиот пријател ја споделил вистината за саботата и другите библиски вистини со младиот човек. Бидејќи биле поддржани од Библијата овие објаснувања го осведочиле и го навеле на длабоко преиспитување во врска со христијанските верувања што ги имал претходно. Ова довело и до негово конечно крштевање и редовно присуство во црквата на неговиот пријател во градот.
Демонскиот дух — а ова можеме да го припишеме само на неговиот бес и длабоко вкоренетото непријателство кон ваквиот развој на настаните ги удвоил своите напади врз младиот човек, а сега и кон неговото семејство. Ова продолжило и покрај неговото петгодишно членство во црквата, станувајќи дури и ѓакон. Неговата ситуација беше толку сериозна што демонот, понекогаш, седел на последната клупа и го набљудувал секое негово движење додека проповедал од напред. Никој не можел да го види застрашувачкиот посетител освен самиот тој. Ова исцрпувачко искуство дополнително ја продлабочи срдечната желба за избавување од овие демонски средби и го натера младиот човек да оствари уште подлабок однос со Бога. Тој повеќето од своето време го поминувал во редовен пост, молитва и проучување на Библијата.
Како резултат на тоа, тој постепено почнал да менува различни навики во својот живот. Една од значајните работи беше промената на исхраната во целосно растителна откако беше поучен од еден мисионер во сон. Не признавајќи ништо друго освен Божјата промисла, младиот човек слушнал дека има слична црква на само пет минути пешачење од неговата куќа. Единствената разлика беше тоа што тие се нарекуваа себеси „Реформно движење на адвентистите на седмиот ден” (РДАСД), и дека некои од нивните фундаментални верувања не биле 100% усогласени со сегашните позиции на црквата во која тој беше ѓакон. Сепак, тој одлучил да ја посети таа црква следната сабота.
Чувствувајќи ја оваа одлука, демонот уште почесто и поинтензивно го напаѓал младиот човек, особено за време на денот на подготовката (петок) и сабота наутро. Она што требаше да биде само пет минутно пешачење до оваа црква беше едно од најтешките периоди во животот на овој човек, бидејќи демонот направил сè што било во неговата ограничена моќ со цел да го доведе до нервен слом, за да се откаже од својата намера. Но, пред заматениот вид на младиот човек се појавила главната порта на црквата и тој, молејќи се како Јаков, успеал да ја помине…
Неговото срце било преплавено со дотогаш непознато чувство на слобода кога ја видел патеката што води до отворената врата на црквата, додека траел саботниот училишен час. Глетката на децата и младите во нивните посебни училници и звукот на познатите песни ја направиле оваа сабота посебна. Додека одел напред, слушнал како еден познат глас го повикува неговото име. Слушајќи ги зборовите ладни како срце лишено од Божјата љубов и злобни како некој убиец, младиот човек се свртел за да види од каде доаѓа овој глас. Тоа беше тоа злобно суштество. Неговите зборови беа ладни и едноставни. Стоејќи надвор од портата како воздржано куче, но со темни очи кои како длабоко да продирале во душата на младиот човек, злиот дух рекол: „Ова е вистинската црква. Ќе заминам оттука и ако некогаш ја напуштиш оваа црква, повторно ќе те сретнам” Без оглед на тоа што кажал овој зол дух, младиот човек влегол во црквата. Младиот човек не го сфатил ова сериозно бидејќи тој демонски дух секогаш го следел, дури и во неговата претходна црква. Неколку минути подоцна, љубопитен каде е неговиот непожелен придружник, се свртел да го види последниот ред во малата црква на РДАСД. Секако, тој дух никаде го немаше.
Од тој ден одлучил да ја напушти својата претходна црква и да се приклучи на црквата на РДАСД. Дури и по враќањето дома по завршетокот на саботните богослужби, од демонскиот дух немало ниту трага. После толку години, тој можел да ужива во најосвежителниот сон-ослободен од демонско вознемирување. По понатамошно проучување на Библијата, запознавајќи се со основните верувања на црквата, тој се крстил и сега е ѓакон во неговата локална црква на РДАСД. Ова животно искуство, вели тој, го навело повеќе да ја цени Божјата љубов и провидението и подобро да Го запознае. Тоа го навело да види дека само преку подлабок однос со Христа и преку предавање на Неговото провидение човекот може да стане победник. Дека само преку Христа може да се има живот – и во овој и во идниот свет. Сето ова, верувал тој, е отелотворено во еден посебен стих:
„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос” (Јован 17:3).
Во оваа статија ќе нурнеме во значењето на овој стих, и што за верникот значи да се „познава вечниот Бог“.
ДА ПОЗНАВАШ
Фразата „да познаваш” се користи во контекст на мисла или реченица за да се покаже или изрази идејата дека постои одредена идеја или вистина што е многу применлива за одредена ситуација. На пример, „да познаваш” како да сецкаш кромид без да плачеш е корисна вештина — особено ако не сакате зеленчукот да биде причина за вашите солзи. Овде гледаме дека тоа е конкретно знаење применливо за таа конкретна ситуација.
Имајќи го ова на ум, може да си го поставиме следното прашање од два дела: „Што сака Христос да знаеме?” и „На што тоа се однесува?”
Врз основа на Јован 17:3, одговорот е прилично едноставен.
Аспект на знаење: Познајте го Бога и Исуса Христа.
Аспект на резултат: Стекни вечен живот.
Разбирајќи го сега резултатот од стекнувањето на тоа знаење, односно познавањето на Бога, тогаш мораме да се фокусираме на коментарот од Библијата и Духот на пророштвото.
ВЕЧНИОТ БОГ
Кога познаваме некого, од нас се очекува да знаеме сè што можеме за таа личност, освен вообичаените работи. На пример, кои се неговите афинитети, кои се неговите позиции за одредени прашања, кои се неговите „миленичиња” и каков е неговиот темперамент. Во суштина, од нас се очекува да бидеме повеќе запознаени со проблемите со срцето на таа личност отколку со површното знаење што некој друг може да го има.
Има толку многу заблуди и погрешни идеи поврзани со правилното разбирање на Бога и кој е Тој, што многумина се изгубени. Меѓутоа, игнорирајќи ја поплавата од заблуди во врска со ова основно знаење, Библијата ни дава јасен одговор за ова прашање.
Тогаш, какво знаење може да ни даде Библијата во врска со работите што интимно се однесуваат на Бога?
Еден од првите библиски примери што ни го разјаснува ова доаѓа директно од Божјата уста и се наоѓа во Излез 34. Тој ни вели:
„Потоа Господ помина покрај лицето на Мојсеј и извика: ‘Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив, и верен! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, но Кој виновни не остава неказнети, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата, дури и внуците до третото и четвртото колено“’ (Излез 34:6,7).
Овде можеме да ги видиме особините на Божјиот карактер — интимни аспекти на Божјиот живот кои Го чинат поинаков од сите други богови. Размислувајте за ова, неверојатно е, па дури и интелектуално неправедно дека Бесконечниот, Вечниот Творец на универзумот сумира сè што може да се знае за Него во само неколку редови — а сепак Тој го направил тоа, така што ограничениот, грешен човек, во најдобар случај може да стекне барем површно знаење за Него.
Исто така, интересно е, за да стекнеме правилно знаење за Бога и кој е Тој, ние, како Мојсеј, треба да бидеме сокриени во „пукнатината на карпата“ (Излез 33:22).
Што се однесува до тој симбол „карпата” во друго Мојсеево искуство за Христа се вели дека „таа Карпа беше Христос” (1 Коринтјаните 10:4).
Овде гледаме дека „не толку очигледниот” услов да го запознаеме и почитуваме Бога е прво да бидеме доведени кај Христа. Само тогаш можеме всушност да го „видиме” Бога.
Самиот Христос го објаснува ова во Евангелието по Јован 14:6 каде јасно тврди:
„Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене” (Јован 14:6).
Тој јасно им зборува и на самоправедните Евреи кои се обидувале да пронајдат некој свој пат до небото преку нивното погрешно толкување на Божјото Слово:
„Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене“ (Јован 5:39).
Духот на пророштвото вели:
„Кога Мојсеј бил сокриен во расцепот на карпата ја видел Славата Божја. Кога ќе се скриеме во расцепената Карпа, Христос ќе нè покрие со Својата прободена рака и ќе слушнеме што им вели Господ на Своите слуги. Нам како и на Мојсеј, Бог ќе ни се открие како: ‘милостив, долготрпелив, многумилостив и верен, Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови”’ (Излез 34:6,7).” — Христовите поуки, 133.
Како што спомнавме претходно, за да се добие ова знаење за Бога е нешто за кое би било потребна цела вечност за да се открие. Сепак, Бог, во Својата милост, ни го дава она што ни треба токму сега за нашето спасение. Тој јасно ни кажува:
„Она што е тајно, му припаѓа на Господа, нашиот Бог, а она што е јавно — нам и на синовите наши довека, за да ги извршуваме сите зборови на овој закон“ (Второзаконие 29:29)
– особено во Христовиот пример.
ПИШУВАЊЕТО ВО ПЕСОКОТ
Верувам дека еден посебен пример, кој ја заокружува оваа приказна, е искуството на Исус и жената која фарисеите ја довеле пред Него како би ја осудил, што го пронаоѓаме во Евангелието според Јован 8. поглавје.
Поглавјето започнува со извештајот дека Исус, откако отишол на Маслиновата Гора, се вратил во храмот и таму се сретнал со лукавите фарисеи кои се надевале дека со своите прашања ќе го „фатат” во замка.
„Тогаш книжниците и фарисеите доведоа кај Него жена фатена во прељубодејство; ја поставија насреде и Му рекоа: ‘Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство. А Мојсеј во Законот заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?“’ (Јован 8:3-5).
Во споредба со некои претходни ситуации каде што се среќавал со слични обиди за клевета, Неговиот одговор бил мошне јасен.
„Тоа го рекоа за да Го искушаат и да го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува во земјата, не гледајќи ги“ (Јован 8:6).
Многу веројатно во сè поголемиот бес, обвинувачите повторно Го притиснале со низа прашања додека Христос не одговорил со едноставен одговор кој сепак успеал да допре до нивната душа, кога повторно клекнал и продолжил со своето мистериозно пишување.
„Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!” (Јован 8:7).
Влијанието на Христовите зборови длабоко ги потресе и укори сите присутни, бидејќи Јован пишува дека:
„А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните: останаа само Исус и жената, која стоеше насреде” (Јован 8:9).
Најпосле, Христос откако завршил со авторитативното пишување на песочните страници, „се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: ‘Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?”’ (Јован 8:10).
Што пишувал Тој? Можеби нема да го дознаеме тоа додека не влеземе во вечноста со Неговата благодат. Сепак, она што следно ни е откриено го сумира целиот овој настан.
Одговарајќи на Неговото прашање „А таа рече: ‘Никој, Господи.’ Тогаш Исус ѝ рече: ‘Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш”’ (Јован 8:11).
Јас верувам дека оваа приказна е една од многуте кои ни покажуваат сè што треба да знаеме за Бога и Христа во врска со вечниот живот (Јован 17:3).
ВЕЧНИОТ ЖИВОТ
Уште од падот на човечкиот род, ние ја негуваме ветената надеж во поглед на нашето спасение. Измамата на змијата беше укорена со зборовите:
„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата” (Создавање 3:15).
Ова „семе” за кое се зборува овде — Христос, го извршил тоа дело во Својата земна служба и таму можеме да ја видиме искупителната љубов која Бог, колку и да сме недостојни, бесплатно ни ја дал.
Во директна смисла, целото човештво е претставено со осудената жена од Јован 8. поглавје. Обвинети за гревот од таткото на гревот, ѓаволот, ние со право заслужуваме да ја платиме казната за гревот — смрт (Римјаните 6:23), но сепак, Бог нашол решение. Само преку познавање на Неговиот план за откуп, поединецот може да избере или да прифати и да се спаси или да одбие и на крај да биде засекогаш изгубен.
Сепак, знаејќи ја откриената Божја волја во Неговото Слово, знаеме дека Тој не сака некој да биде изгубен.
Молејќи ги Израелците Бог вели:
„Отфрлете ги од себе сите свои гревови… зошто да умирате, доме Израелов? Зашто Јас не сакам никој да умре, вели Господ Бог; но поправете се — и живејте!” (Езекиел 18:31,32).
За да ни даде знаење за Бога и Неговата бескрајна љубов кон нас, Христос дошол на овој свет, умрел и воскреснал. Преку службата на Светиот Дух ние сме опремени да бидеме доведени во сета вистина — тогаш да имаме шанса да направиме избор за живот.
„’А животот вечен е тоа’, рекол Христос, ‘да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос’ (Јован 17:3). И пророк Еремија објавил: ‘Господ зборува вака: Мудрите нека не се фалат со мудроста, ни јунакот нека не се фали со смелоста, ни богатиот нека не се фали со богатството. А кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене. Зашто Јас Сум Господ Кој ги твори милоста, судот и правдата на земјата, зашто тоа Ми е мило,’ зборува Господ’ (Еремија 9:23,24). Човечкиот ум одвај може да ја сфати ширината, длабината и висината на духовниот дострел на оној што ќе се здобие со тоа сознание.” — Делата на апостолите, 531.
„Давајќи ни ја својата Реч, Бог ни ги дал сите вистини неопходни за нашето спасение. Илјадници веќе зафаќале од овие извори на животот, па сепак нивното изобилство не се намалило. Илјадници го гледале Христа пред себе и, гледајќи го, се промениле, станале слични со Него. Нивниот дух гори во нив додека зборуваат за Неговиот карактер, додека го објавуваат она што Христос станал за нив и што тие станале за Христа. Но тие истражувачи не ги исцрпеле овие големи и свети теми. Илјадници други можат да се вклучат во истражувањето на тајните на спасението. Кога се занимаваме со Христовиот живот и со карактерот на Неговата мисија, при секој обид да ја откриеме висината, нејзините зраци ќе светат појасно. Секое ново истражување ќе открие нешто ново и многу поинтересно од она што било познато до тогаш. Оваа тема е неисцрпна. Проучувањето на Христовото воплотување, Неговата жртва на помирување и Неговата посредничка служба ќе ги окупира умовите на трудољубивите истражувачи и во вечноста; и гледајќи кон небото и кон неговите неброени години, тие ќе извикнат: ‘Голема е тајната на побожноста”’ — Христовите поуки, 133.
„Поучувајте ги на познавањето на Бога. — Да се познава Бог значи да се има вечен живот. Дали ги учите на тоа вашите деца, или пак ги учите да ги достигнат световните мерила? Дали се подготвувате за домот кој Бог ви Го подготвува?… Учете ги своите деца за животот, смртта и воскресението на Спасителот. Поучете ги да ја проучуваат Библијата… Поучете ги да градат карактер кој ќе опстојува во цела вечност. Мораме да се молиме како никогаш досега Бог да ги чува и благослови нашите деца“ — Совети за детето, 494.
ЗАКЛУЧОК
Давид размислувал за верноста на Господа низ сите генерации и извикува во Псалм 100:5:
„Зашто добар е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата верност е од род во род”
И уште еднаш како последна книга во Библијата, Откровението, повторно се потсетуваме на Божјата вечност.
„Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај — вели Господ, Кој е, Кој беше, и Кој иде, Седржителот” (Откровение 1:8).
Преку Исуса можеме да имаме вечен живот. Тој умре, Неговата крв ги очисти нашите гревови и преку овој дар, познавајќи Го, можеме да имаме вечен живот.
„Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ” (Римјаните 6:23).
„Кога среброто и златото би биле доволни за откуп на луѓето, колку лесно би можел да го постигне тоа Оној кој кажува: ‘Мое е среброто и мое е златото’ (Агеј 2:8). Но грешникот можел да биде откупен само со драгоцената крв на Божјиот Син. Планот на спасението е основан на жртвата. Апостол Павле пишува: ‘Позната ви е благодатта на нашиот Господ Исус Христос како, заради вас, од богат стана сиромав за да се збогатите вие преку Неговата сиромаштија’ (2 Коринтјаните 8:9). Христос себеси се жртвувал за да нè откупи нас од секоја неправда. А круна во благодатта на спасението претставува ‘вечниот живот’ како Дар од Бога во нашиот Господ Исус Христос” (Римјаните 6:23).” — Делата на апостолите, 519.
„А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен Премудар Бог — нека е чест и слава во сите векови. Амин!” (1 Тимотеј 1:17)

