Каин стои вознемирен покрај неподвижниот Авел во полето, по првото братоубиство.

„Каин скокна на својот брат Авел, и го уби“ (Создавање 4:8)

Сподели го ова:

Продолжуваме да ја истражуваме 4. глава од Создавање, приказната за двајцата браќа, Каин и Авел:

„И му рече Каин на својот брат Авел: ’Да појдеме в поле!’ А кога беа во полето, Каин скокна на својот брат Авел, и го уби. Тогаш Господ (Бог) му рече на Каин: ’Каде е братот твој, Авел?’ А тој одговори: ’Не знам; зарем јас сум чувар на брат ми?’ А (Господ) рече: ’Што направи? Чуј! Крвта на братот твој вика од земјата кон Мене. Затоа да си проклет на земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја. Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти дава изобилен род; ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!’“ (Создавање 4:8–12).

За да го разбереме овој одломок, треба да го видиме контекстот на случувањата. Ситуацијата изгледа вака: Каин е постариот брат, личноста од која се очекувало дека ќе биде Месија. Иако се родил и Авел, неговиот брат близнак, тоа укажувало дека луѓето ќе треба да живеат на земјата и да се размножуваат. Сепак, надежта дека нема долго да живеат надвор од рајот и дека наскоро ќе се вратат таму не ги напуштала.

Затоа Каин, како првенец, се сметал за посебно дете: кон него имало посебен однос, а неговото мислење се прифаќало како авторитетно. Авел, како помлад брат, требало да му биде послушен на постариот.

А еве ја сликата при принесувањето жртва: жртвата на Каин не е примена од Бог, а жртвата на Авел е примена. Каков пораз за егото на првенецот! Ако против Бог можеш да се буниш, но реално ништо не можеш да направиш, тогаш против братот, и тоа помладиот, имаш широко поле да ја истуриш својата завист и омраза.

До тој момент Авел се однесувал послушно кон Каин како кон постар брат. Бидејќи Каин уживал авторитет кај него, дарот на Авел го сметал за наивен и затоа не го сфаќал сериозно, уверен дека токму тој правилно постапува со својот дар пред Бога. Но односот на Бога кон нивните дарови силно го погодил егото на Каин. Не само што неговиот дар не бил прифатен, што било тежок удар за неговата гордост, туку бил прифатен дарот на помладиот брат, а тоа за Каин било уште поболно. Зашто за гордиот грешник полесно е да прифати дека греши отколку да признае дека постои некој друг кој, за разлика од него, е во право.

Тоа е духот на гревот, духот на ѓаволот. Кога сатаната кренал бунт на небото, не го вознемирувало толку тоа што неговите гледишта не биле прифатени, колку што го вознемирувало постоењето на ангели кои, за разлика од него, постапувале правилно:

„Отфрлајќи ги со презир аргументите и сесрдните молби на ангелите што му останале предани на Бога, тој (Луцифер) ги прогласил за прелажани робови“

(Патријарси и пророци, 40).

Кога се побунил против Бога, Луцифер не се обвинувал себеси ниту имал забелешки кон сопственото однесување, туку кон ангелите што му останале верни на Бога. Со истиот тој дух ги заразил и сите свои следбеници. Тоа особено јасно се гледа во постапките на верските водачи против Божјиот Син, Исус. Неговата чистота и верност кон Бога кај нив предизвикувале гнев и раздразнетост, па затоа на секој начин настојувале да Го оцрнат, обвинувајќи Го за она што не го направил, токму како што било претскажано во Божјото пророштво:

„Се кренаа против мене злобни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат;
 ми враќаат зло за добро, и душата моја запаѓа во осаменост
…“
(Псалм 35:11,12).

„И сето мноштво се крена, па Го поведоа кај Пилат, и почнаа да Го обвинуваат, говорејќи: ’Го најдовме Овој како го одвраќа народот наш и забранува да се дава данок на царот, и вели за Себе дека е Тој Христос и Цар’“ (Лука 23:1,2).

„А првосвештениците и книжниците стоеја и непрекинато Го обвинуваа“ (Лука 23:10).

Ова го наведувам за да го разбереме духот што се пренесува во Писмото: имињата на луѓето можат да се менуваат, се менуваат времињата и државите, но духот се манифестира непроменливо во сите времиња.

Божјиот Дух се покажува во делата на Божјите деца, а духот на ѓаволот – во делата на неговите деца. Токму затоа Христос им рече на верските водачи, кои сакаа да Го убијат, дека нивниот татко е ѓаволот и дека неговите деца ќе одговараат за своите дела уште од времето на Авел, кого го уби Каин – кој беше од ѓаволот:

„’Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а и вие го правите она што сте го виделе кај вашиот татко.’ Му одговорија и рекоа: ’Наш татко е Авраам.’ Исус им рече: ’Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови. А сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот Кој ви ја кажа вистината што ја чу од Бога. Авраам така не правеше. Вие ги вршите делата на својот татко.’ А тие Му рекоа: ’Ние не сме родени од блудство; еден Отец имаме – Бог’… Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:38-41,44).

„за да се побара од овој род крвта на сите пророци, пролеана од постанокот на светот; од крвта на Авел…“ (Лука 11:50,51).

„…Каин… беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни“ (1 Јованово 3:12).

Ете зошто во двајцата браќа, во минијатура, го гледаме целото човештво, поделено на оние што Му служат на Бога и на оние што му служат на ѓаволот. Каин, дете на ѓаволот, постапил со Авел така како што подоцна, во сите времиња, постапувале децата на ѓаволот со Божјите деца.

Враќајќи се на пасусот што го проучуваме, гледаме дека Каин силно се разгневил на Бога и на својот брат. Неговиот гнев произлегол од тоа што Бог го признал Авел за исправен, а неговите дела за праведни.

Луцифер, кревајќи бунт на небото, не сакал да ги промени своите ставови, исто како што не сакаат да се менуваат ни грешниците водени од неговиот дух. Тој верувал дека, ако ги придобие Божјите ангели на своја страна, на Бога нема да Му преостане ништо друго освен да попушти и да ги признае неговите барања:

„Поласкан со поддршката што му била укажана, се понадевал дека ќе ги придобие сите ангели на своја страна, ќе се изедначи со Бога и ќе завладее со сите небесни војски.“ — Патријарси и пророци, 40.

Откако го исполнил Каин со својот дух, сатаната почнал да дејствува преку него исто како што дејствувал на небото: настојувал да го убеди Авел да ги отфрли Божјите начела и да застане на негова страна, на страната на постариот брат. Токму на тоа укажува Писмото кога, во стихот што го проучуваме, вели:

„И му рече Каин на својот брат Авел…“

Подоцнежните постапки на Каин покажуваат дека Авел не му се покорил на братот и не подлегнал на неговите наговарања. Криејќи навреда и носејќи во себе желба за одмазда, Каин чекал погоден миг да му се одмазди поради неговата непоколебливост.

За да се разбере духовната паралела што Писмото ја открива, потребно е да се има предвид дека истата борба меѓу вистинското и лажното богослужение ќе се повтори и во последните денови. Според пророчкото сведоштво, ќе дојде време кога верноста кон Божјиот закон повторно ќе стане причина за поделба меѓу луѓето.

Декретот за празнување на неделата, во Писмото наречен „белег (жиг) на ѕверот“, ќе претставува лажно жртвопринесување пред Бога од страна на верниците што отстапиле и што се наоѓаат под влијание на ѓаволскиот дух.

Најпрво отпадниците ќе се обидат да ги наговорат оние што му остануваат верни на Бога да им се придружат во кршењето на саботата, заповедана од Бога, и во празнувањето на неделата, лажниот ден за поклонување што самоволно го избрале. Тоа наликува на постапката на Каин, кој самиот си избрал дар за Бога, таков каков што нему му одговарал.

И кога Божјите деца, слично на праведниот Авел, ќе одбијат да го сторат тоа, отпадниците, исполнети со духот на ѓаволот, како Каин, ќе посакаат да ги убијат. Тогаш ќе биде издаден декрет за истребување на оние што му остануваат верни на Бога:

„И му се даде да вложи дух во бистата на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред бистата на ѕверот“ (Откровение 13:15).

„Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето. И ако за нешто се рече: ’Види, ете, тоа е ново’; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас“ (Проповедник 1:9,10).

„…А кога беа во полето, Каин скокна на својот брат Авел, и го уби…“

Можел ли Бог да го спречи тоа? Секако дека можел. Има ли нешто невозможно за Бог? Нема. Тогаш зошто не го спречил?

Ќе се обидам да објаснам со еден пример. Еднаш на телевизија прикажаа фотографија од мило дете, старо околу две години, и ги прашаа гледачите дали им се допаѓа. Секако дека им се допаѓа, секое дете изгледа нежно и невино. Потоа фотографијата беше свртена, а на задната страна стоеше името на детето: Адолф Хитлер.

Денес знаеме каков човек станал, но во моментот кога бил фотографиран никој не можел да го види тоа. Човекот се разоткрива преку своите дела. Затоа Писмото вели дека на сите ќе им се суди според делата, затоа што само делата покажуваат што навистина има во човекот, како што дрвото се познава по плодот.

Бог знае сè уште пред созданието да направи какво било дело, но созданието тоа не го знае. Дури ни човекот самиот не се познава целосно себеси. Кога ги гледаме своите детски фотографии, можевме ли тогаш да знаеме какви ќе станеме и што ќе направиме во животот?

Знаеле ли апостолите дека ќе го остават Христа таа ноќ во Гетсиманија? Знаел ли Петар дека трипати ќе се одрече од Него? Не знаел. Ако му се суди во горната соба, кога се колнеше во верност, тогаш е ревносен ученик. Ако му се суди во дворот на првосвештеникот, кога се одрекува, изгледа како предавник.

Тогаш зошто Петар да не биде спасен уште во горната соба, додека е ревносен? Затоа што со криењето на слабоста проблемот не исчезнува. Одрекувањето во момент на испитување ја разоткрива скриената слабост, слабост од која човек мора да се ослободи. Но човек не може да се ослободи од нешто ако прво не види дека тоа навистина постои во него. Затоа мора да се допушти она што ќе ја направи слабоста видлива.

Сè што Бог допушта во човечкиот живот не е случајност; во тоа има длабока намера. Преку она што Тој го допушта станува видливо она што Бог отсекогаш го знаел, но созданието не го знаело, ниту ние, ниту луѓето околу нас, ниту сатаната, ниту непаднатата вселена.

Така созданието, на своето ограничено ниво, стекнува сознанија што му помагаат да ги разбере и прифати Божјите постапки.

Бидејќи Бог не го спречил Каин, а тој го убил Авел, ние денес јасно ги гледаме последиците од гревот. Го гледаме духот на оние со кои управува ѓаволот и разбираме каде води тој дух. Сфаќаме дека верноста кон Бога понекогаш мора да се брани и по цена на живот.

Преку првото убиство разбираме што ќе прави ѓаволот преку своите следбеници со Божјите деца. Истовремено разбираме зошто гревот нема право на живот и мора да биде уништен заедно со оние што свесно се врзале за него.

И уште многу нешта ни се откриваат преку тој настан. Колку и да ни е жал за Авел, злото поинаку не можело целосно да се разоткрие. Утешно е што смртта на праведникот не е крај, туку „бесознателен сон“ до денот на воскресението. Затоа треба со доверба и понизност да го прифатиме она што Бог го допушта во нашиот живот, да го носиме својот крст со трпение, по примерот на нашиот Спасител.

Штом Каин се покажал како убиец, Бог започнал разговор со него. Тоа не е обичен разговор, туку судска постапка, како и по падот на Адам и Ева, што сведочи за Божјата правда и непроменливост. Бог започнува со прашање упатено до грешникот, прашање чија цел е да го повика виновникот на покајание:

„Каде е братот твој, Авел?“

Прашање што погодува право во целта! Бидејќи Каин, и само Каин, знаел каде во тој момент бил неговиот брат Авел и што се случило со него. Ова покажува дека Бог, во Својата пресуда, не го прашува човекот за нешто за што тој нема сознание, туку само за она што човекот лично го знае и за што лично е одговорен.

Ова го нагласувам затоа што има луѓе кои тврдат: „Ако си купил нешто што е украдено, тогаш си соучесник во кражбата.“ Но дали секогаш е така? Да, ако си знаел дека е украдено, а сепак си го купил, тогаш си соучесник. Но ако не си знаел, тогаш не си.

Еве едноставен пример: купувате намирници во продавница или на пазар. Дали го знаете нивното потекло и патот по кој стигнале таму? Не ги знаете сите заднински игри и неправди со кои е оптоварен современиот бизнис. Вие плаќате за стоката; не крадете и не можете секогаш да го знаете нејзиното потекло. Затоа Бог, во таков случај, нема да бара одговорност од вас како од крадци или соучесници во можно злосторство.

Истото начело го гледаме и тука: Бог не побарал одговорност од Адам за убиството што го извршил Каин, како од наводен соучесник кој, како татко, наводно не го воспитaл правилно својот син. Адам не е виновен за убиството на Авел – тоа е личен избор на Каин.

Ако Каин сакал да се покае, требало искрено да го признае стореното пред Бога. Но тој избрал друг пат, пат на закоравување во гревот:

„Не знам; зарем јас сум чувар на брат ми?“

Со својот одговор Каин на убиството му додава и лага, и тоа лага пред Бога, Кој знае сè. Со тоа како да се обидува да ја намали Божјата власт и да Го понижи Владетелот на вселената.

Освен тоа, му се обраќа на Бога со сарказам, недопустлива дрскост:

„Зошто ме прашуваш за мојот брат? Зарем сум јас негов чувар? Дали некој ме поставил на таа должност?“

Каин покажува дрскост кон Бога, а таа дрскост станува уште поодвратна ако се има предвид дека, прво, Го излажал Бога и, второ, го убил сопствениот брат. Зарем тоа што не му е чувар значи дека има право да го убие? Секако дека не.

Тој ги прекршил не само заповедите што повикуваат на љубов и грижа за ближниот, туку и јасните Божји забрани: „Не убивај“ и „Не лажи“, последната заштитна бариера пред бездната на моралната пропаст. И праведната Божја пресуда за овој човек, потонат во грев, не задоцнила:

„… А (Господ) рече: ’Што направи? Чуј! Крвта на братот твој вика од земјата кон Мене…’“

Во овој пасус најчесто употребуваниот збор е „брат“:

„И му рече Каин на својот брат Авел: ’Да појдеме в поле!’ А кога беа во полето, Каин скокна на својот брат Авел, и го уби. Тогаш Господ (Бог) му рече на Каин: ’Каде е братот твој, Авел?’ А тој одговори: ’Не знам; зарем јас сум чувар на брат ми?’ А (Господ) рече: ’Што направи? Чуј! Крвта на братот твој вика од земјата кон Мене. Затоа да си проклет на земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја.’“ (Создавање 4:8-11).

Зборот „брат“ е клучот за да се разберат и Божјите зборови и зборовите на Каин. Токму тој збор особено ја нагласува гнасноста на злосторството: Каин се кренал против својот најблизок, против својот брат, против оној што ништо лошо не му направил. Затоа Бог вели:

„Крвта на братот твој вика од земјата кон Мене.“

Зборот „крв“ е употребен во множина и за тоа можат да се наведат барем две објаснувања:

  1. Убивајќи го Авел, Каин не го убил само него, туку, во извесна смисла, и сите поколенија што можеле да произлезат од него.
  2. Убиството не се случило одеднаш, туку било продолжено насилство. Каин се изживувал над својот брат, пролевајќи ја неговата крв и продолжувајќи да го напаѓа и откако Авел веќе не можел да се брани.

Со овие зборови Бог покажува дека секоја болка нанесена на Авел повикува на праведна одмазда над Каин. Ова е вообичаен библиски начин на изразување: неживите нешта се претставуваат како живи. Во овој случај тоа е „крвта“, која „вика“ за правда над убиецот. Сличен израз се среќава и во Откровението, каде што се зборува за убиените праведници:

„А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имааи викаа со висок глас, велејќи: ’До кога, Севишен, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?’“ (Откровение 6:9,10).

Исто како што крвта на Авел не можела буквално да „вика“ кон Бога, туку станува збор за сликовит израз, така ни мртвите не можат буквално да „викаат“. И овде се работи за фигуративен говор.

Покрај тоа, душите се прикажани под жртвеникот, а под жртвеникот секогаш имало крв од жртвите. Со други зборови, и тука крвта на убиените е претставена како она што „повикува“ на правда над виновните.

Ова целосно се согласува со Писмото, особено ако се има предвид дека во Библијата зборот „крв“ понекогаш се употребува како израз тесно поврзан со „душата“:

„Зашто душата на секое тело е во крвта негова и затоа им реков на синовите на Израел: не јадете крв од никакво тело, бидејќи душата на секое тело е во крвта негова; секој што ќе ја јаде, ќе биде истребен“ (Левитска 17:14).

И понатаму Бог продолжува да му зборува на Каин:

„Затоа да си проклет на земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја…“

Ова е првиот случај во Писмото кога човек е ставен под проклетство. Претходно биле проколнати змијата и земјата: змијата – како соучесник во падот на луѓето, а земјата – за да стане „школа“ во која човекот ќе се воспитува и поправа.

Проклетството е спротивност на благословот. Ако благословот носи радост, мир, напредок и изобилство, тогаш проклетството ги носи спротивните последици: тага, страдање, болести, лишувања и слично:

„Ако, пак, не го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, и не ги пазиш и не ги исполнуваш сите Негови заповеди и наредби, што ти ги заповедам денес, ќе паднат врз тебе и ќе се збиднат сите овие проклетства. Проклет ќе бидеш во градот и проклет ќе бидеш во полето. Проклети ќе бидат твоите кошници и твоите ноќви. Проклет ќе биде плодот на утробата твоја и плодот на земјата твоја, плодот на говедата твои и плодот на овците твои. Проклет ќе бидеш, кога влегуваш, и проклет кога излегуваш. Ќе ти испрати тогаш Господ неволја, ужас и застрашување во секоја работа на рацете твои, каква и да вршиш, додека не те истреби и додека наскоро не те погуби поради твоите лоши дела, зашто си Ме оставил. Господ ќе испрати тогаш врз тебе и помор, додека не те истреби од земјата, во која одиш да ја наследиш. Ќе те порази Господ со истоштување, со треска, воспаление, жед и жолтица, и тие ќе те гонат додека не загинеш“ (Второзаконие 28:15-22).

Веќе размислувавме на оваа тема: проклетството не е дадено од Бога само заради проколнување, туку како казна, лишување од благодати, преку која Бог сака да допре до свеста на виновникот, за тој да дојде до сознание за вината и до покајание.

Бог рекол дека Каин ќе биде проколнат повеќе отколку земјата. Ова се многу значајни зборови. Да се потсетиме на проклетството на змијата:

„На змијата, пак, и рече Господ Бог: ’Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот“ (Создавање 3:14).

Животните биле проколнати поради падот на човекот – за тоа веќе размислувавме во една од претходните теми. Тоа било потребно како поука за луѓето, но и затоа што животните ги понеле врз себе последиците од човечкиот грев: поради гревот на човекот, сè што живее на земјата станало потчинето на смртта.

Змијата, пак, била проколната повеќе од сите други, како соучесник во падот на луѓето. Таа ја изгубила својата поранешна возвишеност; наместо да се движи слободно, почнала да лази по земјата и да „јаде прав“. Наместо восхит кон нејзината убавина, ѝ припаднале омразата и стравот на сите живи суштества.

Земјата била проколната за да служи како средство за воспитување на луѓето, а Каин, како непосреден престапник, бил проколнат слично на змијата, како соучесник во делата на ѓаволот.

Оттука гледаме дека проклетство од проклетство се разликува. Степенот на проклетството се одредува според неговата цел и според степенот на вината: кој е повеќе виновен, тој ќе биде и потешко казнет:

„А оној слуга кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен. Кој, пак, не знаел и направил нешто што заслужува тепање, ќе биде малку тепан. Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него“ (Лука 12:47,48).

Степенот на вина кај оној што знаел, а сепак одел против Божјите заповеди, несомнено е поголем од вината на оној што грешел од незнаење.

Постои уште еден важен аспект во тоа што Каин бил проколнат повеќе од земјата. Земјата е неживо создание; таа не е личност и не ги чувствува душевните маки, дури и кога е подложена на проклетство. Каин, пак, како човек, ќе го чувствува проклетството врз себе и ќе знае дека самиот си го навлекол. Страдањата ќе му ја измачуваат душата, а нема да има кого да обвинува освен самиот себе.

Со други зборови, Каин бил осуден на доживотни душевни маки: поради убиениот брат, прекинатата блискост со Творецот и сознанието дека неговиот труд нема да носи достојна награда. Ќе работи повеќе, а ќе добива помалку; ќе се труди, а плодот ќе биде сиромашен, а таквата залудност секогаш ја исцрпува душата:

„Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти дава изобилен род“

Бидејќи човекот секогаш бара место каде што ќе му биде подобро, постои една стара и вистинита поговорка: „Рибата бара каде е подлабоко, а човекот — каде е подобро.“

Но Каин, постојано соочен со неспокојот како последица на своето проклетство, никаде нема да може да најде место каде што ќе му биде добро. Немирот што го носи во себе ќе го следи насекаде. Затоа Бог рекол:

„ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата“

Проклетството го следело Каин насекаде каде и да се наоѓал. Осуден на скитање, сакал да му покаже на Бога дека ќе му одолее на проклетството, па затоа изградил град, обид да создаде постојаност наместо немирно скитање.

Но уште кога почнал да го гради тој град, веќе бил изгнаник и скитник, човек што живее далеку од Божјото присуство:

„И си отиде Каин од пред лицето на Господ, и се насели како прогонет во земјата Нод, источно од Едем… Потоа соѕида град и го нарече според името на својот син – Енох“ (Создавање 4:16,17).

Овој текст, исто така, открива во што се состоело неговото скитање. Од Божјото лице не може да се избега, а најмалку грешникот, зашто над него постојано тежи Божјата рака:

„Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако се искачам на небото – Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука“ (Псалм 139:7,8).

„Блажени се оние, чии престапи им се простени, и чии гревови се покриени! Блажен е оној човек, кого Господ не го смета за виновен, и во чиј дух нема измама! Додека молчев, се сушеа коските мои од секојдневното мое воздишување, бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја, се сушев како на летен припек. Тогаш го признав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: ’Ќе Му ги исповедам на Господ моите престапи,’ и Ти ми ја прости вината на гревот мој“ (Псалм 32:1-5).

Последниот одломок што го прочитавме е многу важен, бидејќи ни помага да ја разбереме суштината на скитањето на Каин.

Давид сведочи дека мир наоѓа грешникот што се покајал, додека непокајаниот живее под постојан духовен притисок, состојба што ја измачува душата и не ѝ дозволува вистински спокој.

Каин не покажал знаци на покајание. Напротив, станал почеток на една отпадничка линија во човештвото, која подоцна влијаела и врз потомците на Сит, третиот син на Адам и Ева. Тоа отпадништво постепено се ширело сè додека не довело до потопот. Затоа можеме да заклучиме дека Каин не се покајал, барем Писмото не бележи ништо што би укажувало на негово покајание.

„Но не како Каин, кој беше од лукавиот и го уби брата си…“ (1 Јованово 3:12).

„Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат…“ (Јуда 1:11).

Ако Каин се покајал, тогаш не би било исправно да ги симболизира грешниците што пропаѓаат, ниту Писмото би зборувало за оние што одат по неговиот пат. Затоа е најверојатно дека тој не се покајал, премногу му дозволил на злото да завладее со него.

Во тоа има сериозна поука за нас: да се трудиме да се држиме што подалеку од лукавиот. А ако во нешто нè заведе, треба што побрзо да се покаеме и да ги скршиме неговите окови.

И така, што научивме денес?

  1. Каин бил поттикнат да го убие својот брат Авел од повредено самољубие, чувство на надмоќ и завист кон братот.
  2. Преку примерот на Каин и Авел е прикажана поделбата на човештвото на Божји деца и деца на ѓаволот, како и односот на вторите кон првите.
  3. Каин, слично на Луцифер, сакал да го наведе Авел на отпадништво; а кога тоа не му успеало, го убил. Така постапувале децата на ѓаволот во сите времиња и така ќе постапуваат и во последните денови.
  4. Бог не го спречил Каин во неговата намера, за јасно да покаже кон што ги води ѓаволот оние што се раководени од неговиот дух.
  5. Бог го казнил Каин дури по судска постапка и, и покрај неговата упорност, не го лишил од милост.
  6. Казната на Каин била сразмерна на неговото злосторство, а нејзината цел била покајание и поправање.
  7. Човек што не се кае и не се помирува со Бога е осуден на постојано скитање, живот без вистински спокој.

 

Сподели го ова:

Поврзани статии