8 септември — Кратко време на мир

Мараната — Господ доаѓа
Кратко време на мир
8 септември
„И додека уште велат: ’Мир и безбедност!‘, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат.“ (1 Солунјаните 5:3) {МАР 259.1}
„Во тоа време, кога делото на спасување ќе се приближи кон крајот, неволјите ќе наидат на земјата и народите ќе се разгневат, но ќе бидат задржани за да не го попречат делото на Третиот ангел. Во тоа време ќе дојде ’позниот дожд‘ или освежувањето од Господовото лице, за да даде сила на гласниот вик на Третиот ангел и да ги подготви светиите да се одржат во периодот на излевање на седумте последни зла.“ (Рани списи, стр. 85,86) {МАР 259.2}
„Покажани ми се жителите на земјата во најголема збрка. Војни, крвопролевања, скудност, сиромаштија, глад и заразни болести ја преплавуваат Земјата. Опкружени со вакви појави, припадниците на Божјиот народ почнуваат да ги збиваат своите редови, заборавајќи на своите незначителни тешкотии. Длабока понизност го зазема местото на славољубивото истакнување на сопственото ’јас‘. Страдањата, загриженоста и скудноста придонесуваат разумот повторно да го заземе своето владејачко место и избувливите и неразумните стануваат разумни, постапувајќи претпазливо и мудро. {МАР 259.3}
Моето внимание потоа беше оттргнато од оваа сцена. Како да имаше кратко време на мир. Уште еднаш ми беа покажани жителите на Земјата, и повторно сѐ се најде во страшна конфузија. Борби, војни, крвопролевања, пратени со глад и тешки епидемии – беснеат на сите страни. Гледајќи го сето тоа, ’луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот‘ (Лука 21:26).“ (1. Сведоштво, стр. 268) {МАР 259.4}
„Ангелите денес ги задржуваат ветровите на судирите сè додека светот не биде предупреден за пропаста што доаѓа, но се подига бура подготвена да се урне врз земјата. Кога Бог ќе им заповеда на Своите ангели да ги пуштат ветровите, ќе настанат сцени што ниедно перо не може да ги опише. … {МАР 259.5}
Бог во Својата милост ни даде миг на здив. Да ја употребиме секоја сила што ни е дарувана од небото во извршувањето на делото што Господ ни го доверил за оние што пропаѓаат во незнаење.“ (Evangelism, стр. 704) {МАР 259.6}
