7 септември — Настаните се одвиваат по ред

Мараната — Господ доаѓа
Настаните се одвиваат по ред
7 септември
„Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец.“ (1 Солунјаните 5:4) {МАР 258.1}
„Во таа прилика ми беше покажано дека Исус нема да ја напушти светињата над светињите сè додека случајот на секоја душа не се реши, за избавување или пропаст, и дека Божјиот гнев нема да дојде сè додека Исус не го заврши своето дело во светињата над светињите, додека не ја соблече Својата свештеничка облека и додека не облече одмаздничка облека. Тогаш Исус ќе го напушти местото на посредник помеѓу Отецот и човекот и Бог нема повеќе да молчи, туку ќе го излее Својот гнев врз оние кои ја отфрлиле Неговата вистина. Видов дека гневот на незнабошците, гневот Божји и времето на судењето на мртвите се различни и одвоени настани кои следат еден по друг, како и тоа дека Михаил, големиот Кнез сè уште не се подигнал и дека времето на неволјите какво што никогаш порано не било, сè уште не започнало. Народите веќе се гневат, но кога нашиот Првосвештеник ќе го заврши Своето дело во светилиштето, Тој ќе стане, ќе ја облече одмаздничката облека и тогаш ќе бидат излеани седумте последни зла. {МАР 258.2}
Видов дека ангелите ќе ги држат четирите ветра сè додека Исусовото дело во светилиштето не биде завршено, а потоа ќе следат седумте последни зла. Овие зла го разгоруваат гневот на злите против праведниците, затоа што тие сметаат дека ние сме ги навлекле Божјите казни врз нив и дека неволјите ќе престанат ако нѐ истребат од земјата. Па така издаваат декрет светиите да бидат погубени, што верните ги тера дење и ноќе да викаат кон Господа за избавување. Тоа е време на ’Јакововите маки‘. Тогаш сите светии извикнаа во душевни маки и беа избавени од Божјиот глас.“ (Рани списи, стр. 36,37) {МАР 258.3}
„Пред Своето распнување Спасителот им објаснил на Своите ученици дека ќе биде погубен и дека ќе воскресне од гробот. … Но учениците очекувале слобода од римскиот јарем и не можеле да ја поднесат помислата дека Оној, во Кого се надевале, ќе мора да претрпи толку срамна смрт. … Така и нам во пророштвата ни е откриена иднината исто толку јасно како што им била откриена на учениците со Христовите зборови. Настаните што се поврзани со крајот на времето на милоста и со делото на подготовката за времето на неволјата јасно ни се изнесени. Но постојат илјадници такви кои не ги сфаќаат овие важни вистини, како никогаш да не им биле откриени. Сатаната будно внимава за да спречи секакво влијание кое би можело да ги вразуми на спасение; и така времето на неволјата ќе ги најде неподготвени.“ (Големата борба, стр. 594) {МАР 258.4}
