6 септември — Започнува армагедонската битка

Мараната — Господ доаѓа
Започнува армагедонската битка
6 септември
„Тие ќе војуваат против Јагнето, и Јагнето ќе ги победи, зашто Тој е Господар над господарите и Цар над царевите, и оние, што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни.“ (Откровение 17:14) {МАР 257.1}
„Треба да го проучуваме излевањето на седмата чаша на Божјиот гнев. Силите на злото нема да се предадат без отпор во последниот судир. Но Провидението ќе ја одигра својата улога во армагедонската битка. Кога земјата ќе биде осветлена од славата на ангелот од осумнаесеттата глава на Јовановото Откровение, тоа ќе ги разбуди од сон сите верски сили, и на доброто и на злото, и војските на живиот Бог ќе излезат на боиштето.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 983) {МАР 257.2}
„Четири моќни ангели ги задржуваат силите на овој свет додека Божјите слуги не го примат печатот на своите чела. Народите на светот незапирливо се подготвуваат за судир, но овие ангели сè уште ги задржуваат. Кога ќе се отстрани таа воздржувачка сила, ќе настане време на неволја и страшна душевна мака. Ќе биде измислено смртоносно воено оружје. Бродови, заедно со својот жив товар, ќе бидат погребани во големите длабочини. Сите што не ги води Духот на вистината ќе се обединат под водството на сатанските помошници. Но сето тоа ќе биде задржувано додека не дојде времето за големата армагедонска битка.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 967) {МАР 257.3}
„Злото во сите можни облици е подготвено за силна активност. Злите ангели ги здружуваат своите сили со злите луѓе и, бидејќи во повеќевековниот судир стекнале искуство во најлукаво измамување и борби, очајнички ќе се борат и во големата последна битка. Целиот свет ќе биде на едната или на другата страна. Ќе дојде до армагедонската битка, а тој ден никого од нас не смее да го затече заспан. Мораме да бидеме сосема будни и, како мудрите девојки, да имаме масло во своите светилки. … {МАР 257.4}
Врз нас мора да се излее силата на Светиот Дух, а Војсководецот на Господовата војска ќе стои на чело на небесните ангели за да раководи со таа битка. Сериозните настани што се пред нас допрва треба да се одиграат. Трубите треба да одекнат една по друга, чашите на гневот треба една по друга да се излеат врз жителите на земјата. Пред нас се одигруваат сцени од огромно значење.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 982) {МАР 257.5}
