5 септември — Доаѓа втора Педесетница!

Мараната — Господ доаѓа

Доаѓа втора Педесетница!

5 септември

„Ќе ги благословам нив и сѐ што е околу ридот Мој и ќе им праќам навреме дожд; тоа ќе бидат дождови благословени.“ (Езекиел 34:26) {МАР 256.1}

„Со симболичната претстава на раниот и позниот дожд, кој во источните земји паѓа за време на сеидбата и жетвата, еврејските пророци претскажале излевање на духовна благодат врз Божјата црква во извонредна мера. Излевањето на Духот во времето на апостолите претставувало почеток на раниот или првиот дожд и тоа донело величествени резултати. …

Но пред крајот на земната жетва е ветено посебно излевање на духовна благодат со цел црквата да се приготви за доаѓањето на Синот човечки. Тоа излевање на Духот се споредува со позниот дожд. …“ (Делата на апостолите, стр. 54,55) {МАР 256.2}

„Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на евангелието пак ќе се исполнат со позниот дожд и при неговото завршување. … {МАР 256.3}

Божјите слуги, со лица осветлени од свето помазание, ќе брзаат од едно до друго место да ја објават небесната вест. Илјадници гласови низ целата земја ќе ја објавуваат опомената. Ќе се прават чуда, болни ќе оздравуваат, а верните ќе ги придружуваат знаци и чуда. И сатаната ќе прави лажни чуда; ќе стори и оган да падне од небото пред луѓето (Откровение 13:13). На овој начин жителите на земјата ќе бидат присилени да се решат за кого ќе се определат. {МАР 256.4}

Веста ќе се шири не толку со докажување колку со длабоко осведочување на Божјиот Дух. Доказите се изнесени. Семето е посеано и сега ќе никне и ќе донесе плод. … Меѓутоа, сега зраците на светлината проникнуваат насекаде и вистината се гледа кристално јасна, а искрените Божји деца ги кинат врските што ги задржувале досега. Семејните и црковните врски сега се немоќни да ги задржат. Вистината им е подрагоцена од сè друго. И покрај силите што се здружиле против вистината, голем е бројот на оние што ќе застанат на Господова страна.“ (Големата борба, стр. 611,612) {МАР 256.5}