10 септември — Божјото дело е завршено

Мараната — Господ доаѓа

Божјото дело е завршено

10 септември

„И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“ (Матеј 24:14) {МАР 261.1}

„Свечената, света порака на предупредување мора да биде објавена во најнепристапните краишта и во градовите закоравени во гревот, на секое место каде што сè уште не засветила светлината на значајната тројна евангелска порака. Секој треба да го чуе последниот повик за свадбената вечера на Јагнето. Пораката на сегашната вистина треба да се носи од град во град, од село во село, од земја во земја, и тоа со силата на Духот, без надворешно покажување.“ (Gospel Workers, стр. 27) {МАР 261.2}

„Веста за силата на Божјата благодат што обновува ќе се носи во секоја земја и секој крај, сè додека вистината не го опфати целиот свет. Меѓу запечатените ќе има луѓе од секој народ, племе и јазик. Од секоја земја ќе се соберат мажи и жени што ќе стојат пред Божјиот престол и пред Јагнето, извикувајќи: ’За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!‘ (Откровение 7,10)“ (Counsels to Parents, Teachers, and Students, стр. 532) {МАР 261.3}

„Целата земја треба да биде осветлена со славата на Божјата вистина. Светлината треба да блеска во сите земји и меѓу сите народи, и таа треба да се шири преку оние кои ја примиле. Ѕвездата Деница се родила во нашите срца и со нејзината светлина ние треба да го осветлиме патот на оние кои се наоѓаат во темнина. {МАР 261.4}

Кризата е пред нас. Со силата на Светиот Дух мораме сега да ги проповедаме големите вистини во овие последни денови. За кратко време секој ќе ја чуе опомената и ќе донесе своја одлука. Тогаш ќе дојде крајот.“ (6. Сведоштво, стр. 24) {МАР 261.5}

„Вистината содржана во првата, втората и третата ангелска вест мора да допре до секој народ, племе и јазик. Таа мора да ја осветли темнината на секој континент и да се прошири до морските острови. Во ова дело не смее да има одлагање. {МАР 261.6}

Нашата лозинка треба да биде: Напред, секогаш напред! Небесните ангели ќе одат пред нас за да го подготват патот. Својата одговорност за оддалечените краишта не можеме да ја оставиме настрана сè додека целата земја не заблеска со Господовата слава.“ (Gospel Workers, стр. 470) {МАР 261.7}