11 септември — Бог станува во одбрана на Својот народ

Мараната — Господ доаѓа

Бог станува во одбрана на Својот народ

11 септември

„Чујте, сите народи, внимавај, земјо, и сѐ што те исполнува! Сведок нека е против вас Господ Бог, Господ од Својот свет храм! Зашто Господ, ете, излегува од Своето место, ќе слезе и ќе оди по земните височини,“ (Михеј 1:2,3) {МАР 262.1}

„Карактерот на секој човек се открива дури кога ќе настапи криза…. Голема конечна проверка ќе настапи дури при крајот од времето на милоста за човечкиот род, и тогаш навистина не ќе има веќе можност да се задоволат незадоволените потреби на човечката душа.“ (Христовите параболи, стр. 412) {МАР 262.2}

„Бог ќе се пресмета со народите. Преку сите векови на светската историја, злите луѓе натрупувале гнев за денот на гневот. И кога ќе дојде денот кога неправдата ќе ги премине границите на Божјата милост, Неговото трпение ќе заврши. Кога небесните книги ќе покажат дека престапите го достигнале врвот, Божјиот гнев ќе се излие, непомешан со милост и тогаш ќе се види колку е страшно да се злоупотребува божественото трпение. Таа криза ќе наиде кога народите ќе се обединат за Божјиот закон да го фрлат под нозете. {МАР 262.3}

Доаѓаат денови кога праведните поревно ќе се залагаат за Бога заради сѐ поголемото преовладување на беззаконието. Само божествената сила може да се спротивстави на сатанската дрскост соединета со злите луѓе. Меѓутоа, во миговите на најголема опасност за црквата, верниот остаток сесрдно ќе се моли за неа, и Бог ќе ги слушне и ќе ги услиши токму во моментот кога вината на престапниците ќе го достигне врвот. Тој ’ќе ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе‘ (Лука 18:7).“ (5. Сведоштво, стр. 524) {МАР 262.4}

„Заменувањето на вистината со лага е последниот чин на драмата. Кога оваа замена ќе стане сеопшта, Бог ќе се открие. Кога човечките закони ќе бидат издигнати над божествените, кога земните сили ќе се обидат да ги принудат луѓето да го празнуваат првиот ден во седмицата, знајте дека дошло времето Бог да дејствува. Ќе стане во Своето величество и земјата страшно ќе се затресе. Ќе слезе од Своето место за да ги казни жителите на земјата поради нивната расипаност. Земјата ’ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени‘.“ (Review and Herald, 23. април 1901.) {МАР 262.5}