8 октомври — Второто Христово доаѓање

Мараната — Господ доаѓа
Второто Христово доаѓање
8 октомври
„Доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура. Тој ќе ги повика небото горе и земјата, за да му суди на Својот народ:“ (Псалми 50:3,4) {МАР 289.1}
„Набргу нашите очи беа привлечени од појавата на еден мал црн облак со големина отприлика колку половина од една човечка тупаница, за кој сите ние знаевме дека е тоа знакот на Синот човечки. Сите во свечена тишина гледаме како облакот се приближува и станува сè посветол и повеличествен, за конечно да се претвори во голем бел облак. Долната страна му изгледаше како пламен; над него се издигаше виножито, додека околу него се наоѓаа десетици илјади ангели кои пееја најубава песна; и врз облакот седеше Синот човечки.“ (Рани списи, стр. 15,16) {МАР 289.2}
„Кога на почетокот се појави во далечина, овој облак изгледаше многу мал. Ангелот рече дека тоа е знакот на Синот човечки. Кога се приближи до земјата, ние можевме да ја гледаме прекрасната слава и величество Исусово како Тој јаваше како победник.“ (Рани списи, стр. 286) {МАР 289.3}
„Неговата коса беше бела и кадрава, спуштајќи му се до раменици, а на главата имаше многу круни. Неговите стапала изгледаа како оган, во Неговата десна рака имаше остар срп, а во левата сребрена труба. Неговите очи беа како огнен пламен, кои ги испитуваат Неговите деца до дното на душата. На сите насобрани лицата им побледеа, а на оние кои Бог ги отфрли им беа поцрнети. Тогаш сите гласно извикавме: ’Кој може да опстане? Дали облеката ми е беспрекорно чиста?‘ Ангелите престанаа да пеат и за момент владееше ужасна тишина, кога Исус прозборе: ’Ќе опстанат само оние кои имаат чисти раце и чисто срце; Мојата благодат е доволна за вас‘. На тие зборови нашите лица повторно се облеаја во сјај и радост го исполни секое срце. И ангелите запеаја повторно еден тон повисоко, додека облакот се приближуваше сè поблиску до земјата.“ (Рани списи, стр. 16) {МАР 289.4}
„Земјата трепереше пред Него, небото го снема како свиток кога се смотува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места. ’И царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пештери и горски камењари‘.“ (Рани списи, стр. 286,287) {МАР 289.5}
