7 октомври — Зраци на светлина од златното утро

Мараната — Господ доаѓа
Зраци на светлина од златното утро
7 октомври
„Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.“ (Матеј 24:27) {МАР 288.1}
„Додека целиот свет ќе биде обвиен во темнина, во секое живеалиште на светиите ќе свети светлина. Тие ќе ги видат првите зраци на Неговото доаѓање.“ (Пророци и цареви, стр. 720) {МАР 288.2}
„Наскоро на исток се појавува мал темен облак, со големина на половина човечка дланка. Тоа е облак кој го опкружува Спасителот и кој оддалеку изгледа како да е обвиткан во мрак. Божјиот народ знае дека тоа е знакот на Синот човечки и во свечена тишина тие внимателно гледаат како тој се приближува кон земјата и станува сè посветол и повеличествен, додека не прерасне во голем бел облак, чијашто основа личи на оган кој проголтува, а над него се надвива виножитото на заветот. Исус оди напред како моќен победник. Тој сега не доаѓа како ’човек на болки‘ (Исаија 53:3), да ја пие горчливата чаша на срам и јад, туку како победник на небото и на земјата, да им суди на живите и мртвите. ’Тој се вика Верен и Вистинит; и Тој праведно суди и војува‘. ’А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи‘ (Откровение 19:11,14). Со мелодии на небесни химни, светите ангели, огромно и безбројно мноштво, го придружуваат на Неговиот пат. Небесниот свод изгледа како да е преполн со блескави суштества, ’илјадници и милиони‘. Ниту едно човечко перо не може да ја опише оваа сцена; ниту еден ум на смртен човек не е способен да го сфати тој сјај. ’Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина‘ (Авакум 3:3,4). Бидејќи живиот облак се приближува, секое око го гледа Кнезот на животот. Неговата света глава не ја нагрдува веќе трнов венец; на Неговото свето чело почива славен венец. Неговото лице свети посилно од заслепувачкиот сјај на пладневното сонце. ’На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: ‘Цар над царевите’ и ‘Господар над господарите’‘ (Откровение 19:16).“ (Големата борба, стр. 640,641) {МАР 288.3}
„Со подигнати глави, осветлени од светлите зраци на Сонцето на праведноста, радосни што нивното избавување е близу, тие [живите светии] излегуваат во пресрет на Младоженецот, велејќи: ’Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нѐ спаси!‘.“ (Our High Calling, стр. 367) {МАР 288.4}
