21 октомври — Вечниот живот почнува сега

Мараната — Господ доаѓа
Вечниот живот почнува сега
21 октомври
„А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син.“ (1 Јованово 5:11) {МАР 302.1}
„Исусовото воскресение било слика на конечното воскресение на сите што спијат во Него.“ (Signs of the Times, 26. септември 1878.) {МАР 302.2}
„Христијанинот може да умре, но Христовиот живот е во него и при воскресението на праведните ќе стане во нов живот.“ (Review and Herald, 1. октомври 1901.) {МАР 302.3}
„’Во Него [Словото] беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето.‘ Овде не е нагласен физичкиот живот, туку бесмртноста, животот што е исклучиво Божја сопственост. Словото што било кај Бога и што било Бог го имало овој живот. Телесниот живот е нешто што секој поединец го прима. Тој не е вечен или бесмртен, зашто Бог, Дарителот на животот, повторно го зема. Човекот нема власт над својот живот. Но Христовиот живот не бил позајмен. Никој не може да Му го одземе животот. ’Јас Сам од Себе го давам‘, рекол Тој. Во Него бил животот — изворен, непозајмен, непримен од друг. Овој живот не му е својствен на човекот. Може да го поседува само преку Христа.“ (Signs of the Times, 8. април 1897.) {МАР 302.4}
„Додека ја носел човечката природа, Христовиот живот зависел од Семожниот. Во Својата човечка природа се држел за божеството, а во тоа секој член на човечкото семејство има иста предност. … {МАР 302.5}
Ако се покаеме за своите гревови и Го примиме Христа како Животодавец … стануваме едно со Него и нашата волја се усогласува со божествената волја. Стануваме учесници во Христовиот живот, кој е вечен. Бесмртноста ја добиваме од Бога примајќи го Христовиот живот, зашто во Христа живее сета полнота на Божеството. Овој живот е таинствена заедница и соработка на божественото со човечкото.“ (Signs of the Times, 17. јуни 1897.) {МАР 302.6}
„Христос станал едно во телото со нас, за и ние да станеме едно во духот со Него. Благодарение на тоа единство, ние ќе излеземе од гробот, не само затоа што тоа ќе биде манифестирање на Христовата сила, туку и затоа што преку вера, Неговиот живот ќе стане наш живот. Вечен живот имаат оние, кои го гледаат Христа во Неговиот вистински карактер и кои го примаат во своето срце. Христос престојува во нас преку Духот, а Духот Божји, примен во срцето преку вера, претставува почеток на вечниот живот.“ (Копнежот на вековите, стр. 388) {МАР 302.7}
