20 октомври — Тајните на воскресението

Мараната — Господ доаѓа
Тајните на воскресението
20 октомври
„Но јас знам: Заштитникот мој е жив; Тој го има последниот збор на оваа земја. И кога ќе се распадне кожата моја, во телото мое ќе Го видам Бога. Јас сам ќе Го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат Него. Срцето ми се топи во градите мои!“ (Јов 19:25,26,27) {МАР 301.1}
„При воскресението ќе биде зачуван нашиот личен идентитет, иако не истите честички на материјата или материјалната супстанција што била положена во гробот. Чудесните Божји дела се тајна за човекот. Духот, човечкиот карактер, се враќа кај Бога за Тој да го зачува. При воскресението секој поединец ќе го има својот сопствен карактер. Бог во Свое време ќе ги подигне умрените, повторно ќе им вдахне животен здив и ќе ги оживее сувите коски. Воскреснатите ќе станат од гробот во истиот облик, но без болести и недостатоци. Повторно живеат, носејќи ја истата индивидуалност во цртите на лицето, така што пријателот ќе го препознае пријателот. Во природата нема Божји закони што покажуваат дека Бог ги враќа истите, идентични честички на материјата што го сочинувала телото пред смртта. На воскреснатите праведници Бог ќе им даде тело според Неговата волја. {МАР 301.2}
Павле го илустрира ова со сеењето семе во земјата. Посеаното зрно изгнива, но од земјата излегува ново зрно. Никогаш не се појавува истата материја на зрното што изгнило во природата, но Бог му дава тело какво што сака. Човечкото тело ќе биде составено од многу посовршена материја, зашто тоа ќе биде ново создавање, ново раѓање. ’Се сее тело душевно – воскреснува тело духовно‘.“ (The SDA Bible Commentary, том 6, стр. 1093) {МАР 301.3}
„Верникот може да умре како што умрел и Христос, но во него е животот на Спасителот. Неговиот живот е скриен со Христа во Бога. ’Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.‘ Тој ги води верниците низ голем процес во кој стануваат едно со Него во овој сегашен живот, за да бидат едно со Него низ целата вечност. … {МАР 301.4}
Во последниот ден Тој ќе ги воскресне како дел од Себеси. … Христос станал едно со нас за ние да можеме да станеме едно со Него во божеството.“ (Review and Herald, 18. јуни 1901.) {МАР 301.5}
