22 октомври — Ќе се препознаеме едни со други

Мараната — Господ доаѓа
Ќе се препознаеме едни со други
22 октомври
„Сега гледаме како низ огледало, нејасно, а тогаш – лице в лице; сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознаам совршено како што и сум спознаен.“ (1 Коринтјаните 13:12) {МАР 303.1}
„Ние ќе ги знаеме своите пријатели, како што учениците Го познавале Исуса. Во овој живот подложен на смрт, тие можеби биле изобличени, болни или унакажени, но ќе воскреснат совршено здрави и складни. Меѓутоа, и во тоа совршено тело, целосно ќе ја задржат својата личност. … Во ликовите кои ќе зрачат со светлина од Исусовото лице, ќе ги препознаеме цртите на оние што ги сакаме.“ (Копнежот на вековите, стр. 804) {МАР 303.2}
„Искупените ќе ги сретнат и препознаат оние што нивното внимание им го насочиле кон Спасителот. Каков ли разговор ќе водат со тие души! ’Бев грешник‘, ќе рече еден, ’без Бога и без никаква надеж во светот, а ти дојде и ми го насочи вниманието на Спасителот, како на моја единствена надеж. …‘ Другиот ќе вели: ’Јас бев незнабожец. Ти ги напушти своите и удобноста на својот дом, и дојде да ме научиш како да Го најдам Христа и да поверувам во Него. Ги уништив своите идоли, и одлучив да Му служам на вистинскиот Бог, а сега Го гледам лице в лице. Спасен сум, спасен за вечноста, засекогаш да Го гледам Оној што Го љубам. …‘ Други ќе им изразат благодарност на оние што ги нахраниле гладните и ги облекле голите. {МАР 303.3}
Други, својата благодарност ќе ја изразуваат со зборовите: ’Кога очајот ја опкова мојата душа со неверие, самиот Бог те прати да ми кажеш зборови на утеха и надеж. Носејќи ми храна за да ми ги задоволиш моите телесни потреби, ми го отвори Светото писмо, укажувајќи ми и на моите духовни потреби. Ме прифати како брат. Сочувствуваше со мене во моите страдања, и го поврати животот на мојата скршена и ранета душа, така што можев цврсто да се фатам за Христовата рака, која беше испружена за да ме спаси. Стрпливо во моето незнаење ме учеше дека на небото имам Татко Кој и за мене се грижи. Ми читаше драгоцени ветувања од Божјото слово. Ја разбуди во мене верата дека Бог и мене сака да ме спаси. … Сега сум овде, спасен сум, засекогаш спасен во присуството на Оној Којшто го дал животот заради мене‘. {МАР 303.4}
Каква радост ќе доживеат тие спасени кога ќе се сретнат и ќе се поздрават со оние кои се залагале за нив! А со какво задоволство ќе заиграат срцата на оние кои живееле, не да си угодуваат себеси, туку да бидат благослов за оние коишто во овој живот имале толку малку радост!“ (Мојот живот денес, стр. 353) {МАР 303.5}
