30 март — Длабоко и живо искуство

Мараната — Господ доаѓа

Длабоко и живо искуство

30 март

„Како ли тогаш ќе се извлечеме ако занемариме такво големо спасение кое, најнапред проповедано од Господ, се потврди од оние што го беа чуле од Него,“ (Евреите 2:3) {МАР 97.1}

„Покажано ми е дека доаѓањето на Господ никако не смееме да го одложуваме. ’Бидете подготвени‘, кажа ангелот, ’бидете подготвени за она што скоро доаѓа на земјата. Вашите дела нека бидат во склад со вашата вера‘. Покажано ми е дека сите наши мисли треба да бидат насочени кон Бога, и со сета своја сила и влијание да се заложуваме за ширење на Неговата вистина. Кога сме безгрижни и рамнодушни, ние не придонесуваме да се почитува Божјото име. … Мораме најсесрдно да се заложуваме за своето лично спасение, но исто така и за спасение на другите. Најголема важност треба да се придаде на тоа, а сето останато нека ни биде од второстепено значење. {МАР 97.2}

Јас ја видов убавината на небото. Ги слушнав ангелите како восхитувачки ги пеат своите милозвучни песни, оддавајќи благодарност, чест и слава на Христовото име. Тогаш можев да сфатам нешто за чудесната љубов на Божјиот Син. Тој ја напуштил сета слава и сета чест со кои бил опкружен на небото, и толку се заинтересирал за нашето спасение што трпеливо и кротко ги поднесувал сите потсмевања и навреди кои луѓето му ги нанеле. Бил ранет, изложен на најтешки навредувања, камшикувања и конечно, распнат на крстот на Голгота, умрел со најстрашна смрт за да нѐ спаси нас од смртта, за сите ние, измиени со Неговата крв, да можеме да станеме и повторно да живееме со Него во дворовите што отишол да ги подготви, за да уживаме во светлината и славата на небото, слушајќи ги песните на ангелите и пеејќи заедно со нив. {МАР 97.3}

Видов дека целото небо е заинтересирано за нашето спасение; зар тогаш ние да останеме рамнодушни? Треба ли да бидеме толку безгрижни како да ни е сеедно дали ќе бидеме спасени или пак изгубени? Треба ли така да ја омаловажуваме жртвата што била поднесена поради нас? … {МАР 97.4}

Дадена ни е една книга да ни послужи како водич низ опасностите на овој мрачен свет на нашиот пат кон небото. Таа ни кажува како можеме да го избегнеме Божјиот гнев, а кажува и за сето она што го поднел Христос поради нас, за Неговата голема жртва со која ни е овозможено спасение и живот на непоминлива среќа во Божјото присуство засекогаш. … {МАР 97.5}

Само со обликот на побожноста никој не може да биде спасен. Сите мораат да имаат длабоко и живо верско искуство. Само тоа може да ги спаси во времето на неволја. Тогаш ќе се покаже каков вид материјали биле применети во изградбата на нивното животно дело; ако тие биле злато, сребро и скапоцени камења, тие ќе бидат заштитени како под покривот на Господовиот шатор.“ (1. Сведоштво, стр. 123–125) {МАР 97.6}