2 март — Лек за душите заболени од грев

Мараната — Господ доаѓа
Лек за душите заболени од грев
2 март
„Каде уште да ве бијат вас, кои сѐ уште се противставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено. Од главата до петите нема во тој народ здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло.“ (Исаија 1:5,6) {МАР 69.1}
„За душата заболена од гревот постои лек. Тој лек се наоѓа во Исус Христос, драгиот Спасител. Неговата благодат е доволна и за најслабиот; но и најсилните без неа ќе мора да пропаднат. {МАР 69.2}
Покажано ми е како може да се добие оваа благодат. Влезете во својата ’тајна соба‘ и кога сте сами, молете се на Господа: ’Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене‘. Бидете сесрдни и искрени. … Борете се истрајно во молитва како Јаков. Борете се. … Морате да ги вложите сите свои сили. … {МАР 69.3}
Барајте го Бога со сето свое срце! Доближете се до Него најсесрдно и кога ќе станете свесни дека без Негова помош сигурно ќе пропаднете, кога ќе копнеете по Него како што еленот копнее по студен извор, тогаш Тој брзо ќе ви притекне во помош и ќе ве засили. Ќе го пронајдете мирот ’што надвишува секој ум‘. Ако навистина сакате да бидете спасени, мора да се молите. Најдете време за тоа. Не брзајте, не бидете површни и невнимателни во своите молитви. Молете се на Бога да изврши во вас потполна промена за да можете да носите духовни родови и да блескате како запалени светилки во овој свет. Не станувајте пречка и проклетство за Божјото дело кога можете да бидете од помош и на благослов. Ако сатаната ви шепоти дека не можете да бидете спасени, не му верувајте. {МАР 69.4}
Видов дека секој христијанин има предност да биде длабоко трогнат со делувањето на Светиот Дух. Тогаш сладок небесен мир ги обзема мислите и вие со љубов размислувате за Бога и за небото. Насладувајте се со величествените ветувања на Неговото Слово. … {МАР 69.5}
Оние христијани што го сакаат Христос повеќе отколку овој свет, со задоволство и зборуваат за Него како за свој најдобар Пријател на кого му ги подаруваат своите највозвишени чувства. Тој им помогнал кога се чувствувале загубени и беспомошни. Кога уморни и обременети од гревот Му се обратија за помош, Тој го отстрани товарот на нивната вина и гревот, … и сите нивни чувства ги насочи по нов тек. Тие сега го мразат она што некогаш го сакале, а го сакаат она што некогаш го мразеле. {МАР 69.6}
Дали оваа голема промена се случила и во тебе?“ (1. Сведоштво, стр. 158–160) {МАР 69.7}
