3 март — Нов живот

Мараната — Господ доаѓа

Нов живот

3 март

„А Исус му одговори: ’Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото од тело, е тело; а роденото од Дух, е дух. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора.‘“ (Јован 3:5,6,7) {МАР 70.1}

„Оној што мисли со своите дела и со држење на Законот да го стекне Небото се обидува да направи нешто што е невозможно. Нема безбедност за оној, кој поседува само надворешна вера, облик на побожност. Христијанскиот живот не е преобликување или подобрување на стариот, туку преобразување на природата. Своето ’јас‘ и гревот умираат, и потоа настапува целосно нов живот. Таа промена може да се постигне само со делотворното дејствување на Светиот Дух. … {МАР 70.2}

Човекот можеби не е во состојба точно да го одреди времето и местото или да се сети на сите околности во процесот на обратување, но тоа не значи дека не се обратил. Христос постојано работи врз срцето со сила што исто така е невидлива како ветрот. Малку по малку, можеби несвесно за оној што ги прима, настануваат впечатоци што ја привлекуваат душата кај Христа. … Одненадеж, кога Духот непосредно апелира, душата радосно се предава на Исуса. Многумина тоа го нарекуваат ненадејно обратување, но тоа е последица на долгото додворување на Божјиот Дух — последица на трпелив, долготраен процес. {МАР 70.3}

Иако сам по себе е невидлив, ветрот предизвикува ефекти што се гледаат и чувствуваат. Така и влијанието на Духот врз душата се открива во секоја постапка на оној што ја чувствува неговата спасоносна моќ. Кога Божјиот Дух презема контрола врз срцето, животот се преобразува. Грешните мисли се отфрлаат, злите дела се оставаат; љубовта, понизноста и мирот доаѓаат на местото на гневот, зависта и кавгата. Радоста го зазема местото на тагата, а на лицето се одразува небесна светлина. Никој не ја гледа раката, која го зема товарот, ниту ја забележува светлината, која доаѓа од небесните дворови. Благословот доаѓа, кога душата преку вера Му се предава на Бога. Тогаш таа сила што ниту едно човечко око не може да ја види, создава ново суштество според Божјиот лик. {МАР 70.4}

Невозможно е ограничените умови да го сфатат делото на избавување. Неговата тајна го надминува човечкото сознание, но сепак оној што преминува од смрт во живот, сфаќа дека тоа е божествена стварност. Почетокот на избавувањето можеме да го дознаеме овде, по пат на лично искуство. Неговите последици достигаат до вечни времиња.“ (Копнежот на вековите, стр. 172,173) {МАР 70.5}