23 мај — Ѕвездите паѓаат од небото

Мараната — Господ доаѓа

Ѕвездите паѓаат од небото

23 мај

„И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат.“ (Матеј 24:29) {МАР 151.1}

„Во 1833 година … се појави последниот знак што го претскажал Исус за Своето второ доаѓање. Исус рекол: ’Ѕвезди ќе паѓаат од небото‘ (Матеј 24:29). И Јован, гледајќи ги во визија сцените што ќе му претходат на денот Господов, пишува: ’ѕвездите, пак, небесни паднаа на земјата, како што смоквата лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои‘ (Откровение 6:13). Ова пророштво се исполни на видлив и необичен начин со метеорскиот дожд на 13. ноември 1833. година. Тоа беше величествена сцена на паѓање на ѕвезди каква што историјата никогаш порано не забележала. ’Целиот небесен свод над Соединетите Држави со часови беше во огнено движење. Никогаш во таа земја, откако била населена, не се појавил природен феномен кој бил набљудуван со толкав восхит од едни, а во исто време со страв и возбуда од други луѓе‘. ’Мнозина уште живо се сеќаваат на таа величествена и свечена глетка… Никогаш не постоел толку густ пороен дожд каков што беше паѓањето на метеори тој ден. На исток, на запад, на север и на југ насекаде се гледаше иста слика. Со еден збор, целото небо беше во движење… Таа сцена, како што ја опишува професорот Силиман во своите весници, можеше да се види над цела Северна Америка… Почнувајќи во два часот изутрината, па сѐ до јасна дневна светлина, небото беше ведро и без облак и на него можеше да се набљудува постојана игра на блескотни тела‘. {МАР 151.2}

Така се исполни последниот од знаците на Неговото доаѓање за кои Исус им рекол на Своите ученици: ’Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата‘ (Матеј 24:33). По овие знаци Јован видел како ’и небото исчезна како свиткана хартија, и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои‘, а грешниците со страв се обидувале да побегнат пред доаѓањето на Синот Човечки (Откровение 6:12-17).“ (Големата борба, стр. 333, 334) {МАР 151.3}

„Но Христос не го открил денот и часот на Своето доаѓање. … Точното време на второто доаѓање на Синот Човечки е Божја тајна.“ (The Faith I Live By, стр. 344) {МАР 151.4}