21 мај — Земјата пред уништување

Мараната — Господ доаѓа

Земјата пред уништување

21 мај

„И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв;“ (Откровение 6:12) {МАР 149.1}

„Пророштвото не зборува само за начинот и целта на Христовото доаѓање, туку ги дава и знаците со кои луѓето можат да знаат дека тој настан е близу. … А Јован во Откровението, првите знаци што ќе му претходат на второто Христово доаѓање ги опишува вака: ’настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв‘ (Откровение 6:12). {МАР 149.2}

Овие знаци се забележани пред почетокот на деветнаесеттиот век. Како исполнување на ова пророштво (Откровение 6:12) во 1755. година се случил најстрашниот земјотрес кој кога и да е, е забележан. Иако е познат како лисабонски земјотрес, тој се проширил и на поголемиот дел од Европа, Африка и Америка. Се почувствувал во Гренланд, во Западна Индија, на островот Мадеира, во Норвешка и Шведска, Велика Британија и Ирска. Опфатил површина поголема од десет милиони квадратни километри. Во Африка земјотресот се почувствувал речиси исто толку силно како во Европа. Голем дел од Алжир бил уништен, а недалеку од Мароко едно гратче кое имало околу осум до десет илјади жители било проголтано. Огромен бран го зафатил брегот на Шпанија и Африка, поплавувајќи градови и предизвикувајќи голема пустош. {МАР 149.3}

Во Шпанија и Португалија потресот бил најразорен. Во Кадис еден бран, велат очевидците, достигнал речиси осумнаесет метри. ’Некои од највисоките планини во Португалија се потресле речиси до темел…‘

’Земјотресот се случил на денот на еден празник, кога црквите и манастирите биле полни со посетители; и малку луѓе се спасиле‘. Се проценува дека околу деведесет илјади луѓе ги загубиле своите животи во тој кобен ден.“ (Големата борба, стр. 304, 305) {МАР 149.4}

„Колку често слушаме за земјотреси и урагани, за пожари и поплави кои нанесуваат големи загуби во имотите и животите! Наизглед тие несреќи се само изблици на непостојани, неорганизирани и несредени природни сили, сосема надвор од човечката контрола; но во сето тоа се наѕира Божјата намера. Тие спаѓаат во средства со помош на кои Бог настојува во луѓето да разбуди свест за лична опасност.“ (Пророци и цареви, стр. 277) {МАР 149.5}