20 мај — И сатаната може да лекува

Мараната — Господ доаѓа
И сатаната може да лекува
20 мај
„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта;“ (1 Петрово 5:8) {МАР 148.1}
„Сатанските измами сега се умножуваат толку многу што оние што ќе се оддалечат од патеката на вистината ќе го загубат правецот. Без ништо на кое би го насочиле погледот и за кое би се фатиле, ќе бидат носени од една заблуда кон друга, додека ветровите на непознати и чудни учења ќе ги фрлаат наваму-натаму. Сатаната слегол со голема сила. Мнозина ќе бидат заведени од неговите чуда.“ (Evangelism, стр. 362) {МАР 148.2}
„Наложено ми е да кажам дека во иднина ќе биде потребно многу бдеење. Меѓу Божјиот народ не смее да има духовно незнаење. Злите духови активно се вклучени во обидите да завладеат со човечкиот ум. Луѓето се врзуваат во снопови, подготвени да ги проголта огнот на последните денови. Оние што ги отфрлаат Христос и Неговата праведност ќе ги прифатат мудрувањата што го преплавуваат светот. Христијаните треба да бидат разумни и претпазливи, истрајно одбивајќи го својот непријател ѓаволот, кој обиколува како лав што рика, барајќи некого да проголта. Под влијание на зли духови луѓето ќе прават чуда. … {МАР 148.3}
Нема потреба да бидеме измамени. Наскоро ќе се одиграат восхитувачки сцени зад кои ќе стои сатаната. Божјата Реч зборува дека сатаната ќе прави чуда. Ќе направи луѓето да се разболат, а потоа ненадејно ќе ја повлече од нив својата сатанска сила. Тогаш ќе се смета дека се исцелени. Овие случаи на привидно исцелување ќе ги стават адвентистите на седмиот ден на проверка. … {МАР 148.4}
Ако оние преку кои се случуваат исцелувања го оправдуваат своето отфрлање на Божјиот закон со овие појави и продолжуваат во непослушноста, тоа не значи дека поседуваат Божја сила, колку и да изгледа неограничена нивната сила. Напротив, тоа е чудотворната моќ на големиот измамник. Тој го прекршил моралниот Закон и го употребува секое средство што може за да ги заслепи луѓето да не го видат вистинскиот карактер на Законот. Предупредени сме дека во последните денови ќе прави знаци и лажни чуда. И ќе ги прави тие чуда сè до крајот на времето на проверката, како доказ дека е ангел на светлината, а не на темнината.“ (Revival and Beyond, стр. 48, 49) {МАР 148.5}
