19 мај — Пазете се од човечки измислени мерила

Мараната — Господ доаѓа

Пазете се од човечки измислени мерила

19 мај

„Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување, зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото,“ (Филипјаните 3:2,3) {МАР 147.1}

„Има луѓе чии срца треба да бидат допрени од влијанието на божествениот Дух. Тогаш пораката за ова време ќе ја сметаат за своја одговорност. Нема да бараат човечки мерила, ниту нешто ново и необично. Саботата, денот за одмор од четвртата заповед, е мерилото, каменот на проверката за ова време.“ (Evangelism, стр. 213) {МАР 147.2}

„Божјата заповед што речиси насекаде била отфрлена е испит на верноста за ова време. … Доаѓа време кога сите што Му служат на Бога ќе се препознаваат според тој знак. Според ова обележје на верност кон небото ќе се препознаат Божјите слуги. Меѓутоа, сите човечки мерила ќе ги одвраќаат мислите на луѓето од големите и важни факти што ја сочинуваат сегашната вистина. {МАР 147.3}

Желбата и планот на сатаната се меѓу нас да воведе луѓе што одат во големи крајности — луѓе со тесни сфаќања, склони кон критикување и остри зборови, многу упорни во застапувањето на сопствените замисли за тоа што е вистина. Ќе бидат немилосрдни во своите барања и ќе настојуваат со сила да спроведат некои свои груби замисли. Се задржуваат на помалку важни факти, а истовремено ги занемаруваат поважните нешта од Божјиот закон — судот, милоста и Божјата љубов. Поради дејствувањето на неколкумина од ваквите, празнувачите на саботата како целина ќе бидат означени како нетрпеливи … и фанатици. {МАР 147.4}

Бог има посебна работа за луѓето со искуство. Тие треба да го чуваат Божјото дело. Треба да внимаваат Божјото дело да не им се довери на луѓе што сметаат дека имаат право да работат според своето независно расудување, да го проповедаат она што им се допаѓа и да бидат слободни никому да не одговараат за своето учење и работа. Ако дозволиме макар и во еден меѓу нас да завладее овој дух на самозадоволство, ќе исчезнат складното дејствување, единството во духот, сигурноста во работата и здравото напредување на делото. … Христос се молел Неговите следбеници да бидат едно, како што Тој и Отецот се едно. Оние што сакаат да го видат одговорот на таа молитва треба да се спротивстават и на најмалиот стремеж кон разединување и да настојуваат меѓу браќата да го одржат духот на единство и љубов.“ (Evangelism, стр. 212, 213) {МАР 147.5}