30 јуни — Збрка од многу гласови

Мараната — Господ доаѓа

Збрка од многу гласови

30 јуни

„И чув друг глас од небото како вели: ’Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини;‘“ (Откровение 18:4) {МАР 189.1}

„Во последната опомена на светот, на црквите им се упатуваат два различни повика. Пораката на вториот ангел гласи: ’Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство‘. Во гласниот вик на третиот ангел од небото се слуша еден глас: ’Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини; бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини‘.“ (Review and Herald, 6 декември 1892) {МАР 189.2}

„Како што Бог ги повикал Израеловите деца да излезат од Египет за да можат да ја празнуваат Неговата сабота, така го повикува и Својот народ да излезе од Вавилон, за да не му се поклонува на ѕверот и на неговиот лик. … {МАР 189.3}

Откако вистината ќе биде објавена како сведоштво на сите народи, сите сили на злото ќе дејствуваат, а умовите на луѓето ќе бидат збунети од многуте гласови што ќе велат: ’Погледнете, Христос е овде; гледајте, Христос е таму. Ова е вистината, јас имам порака од Бога. Тој ме испрати со голема светлина.‘ Тогаш ќе дојде до отстранување на граничните камења и до обид да се урнат столбовите на нашата вера. Уште поодлучен ќе биде напорот да се издигне лажната сабота и да се презре самиот Бог со отстранување на денот што Тој го благословил и посветил. Оваа лажна сабота треба да биде наметната со тирански закон. …

Но додека сатаната ги прави своите лажни чуда, ќе се исполни времето претскажано во Откровение и моќниот ангел што ја осветлуваше земјата со својата светлина ќе го објави падот на Вавилон и ќе го повика Божјиот народ да излезе од него.“ (Review and Herald, 13 декември 1892) {МАР 189.4}

„Кога нејзините гревови ќе стигнат до небото? Кога Божјиот закон конечно ќе биде укинат од законодавците. Тогаш очајната состојба на Божјиот народ ќе биде можност Бог да покаже кој е владетел на небото и земјата. Кога сатанската сила ќе ги придвижи силите од подземјето, Бог ќе му испрати светлина и сила на Својот народ, за веста на вистината да може да му се објави на целиот свет.“ (Signs of the Times, 12 јуни 1893) {МАР 189.5}