20 јуни — Божјиот закон укинат во Америка

Мараната — Господ доаѓа

Божјиот закон укинат во Америка

20 јуни

„Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го осквернија.“ (Псалми 119:126) {МАР 179.1}

„Доаѓа време кога Божјиот закон, во посебна смисла, ќе биде укинат во нашата земја [Соединетите Држави]. Водачите на нашата нација со законски одредби ќе го наметнат законот за неделата и така Божјиот народ ќе биде доведен во голема опасност. Кога нашата нација во своите законодавни совети ќе пропише закони за да ја присили совеста на луѓето во врска со нивните верски права, наметнувајќи празнување на неделата и воспоставувајќи угнетувачка сила против оние што ја празнуваат саботата, Божјиот закон целосно ќе биде укинат во нашата земја.“ (Review and Herald, 18 декември 1888) {МАР 179.2}

„Кога земјата што Господ ја подготвил како прибежиште за Својот народ за тој да може да Го слави според сопствената совест, земјата над која многу години бил штитот на Семоќниот, земјата на која Бог ѝ покажал наклоност правејќи ја место на чистата Христова религија — кога таа земја преку своите законодавци ќе се откаже од начелата на протестантизмот и ќе му даде поддршка на римското отпадништво во извршувањето на неовластените промени во Божјиот закон, тогаш ќе биде откриено завршното дело на човекот на гревот. Протестантите во целост ќе го употребат своето влијание и својата сила во полза на папството. Со државниот закон што ја наметнува лажната сабота ќе ѝ дадат живот и сила на расипаната римска вера, прифаќајќи ја нејзината тиранија и угнетувањето на совеста. Тоа ќе биде време кога Бог ќе дејствува со моќна сила за да ја одбрани Својата вистина. {МАР 179.3}

Пророкот вели: ’А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот. И извика силно, зборувајќи со висок глас: ‘Падна, падна великиот Вавилон’… И чув друг глас од небото како вели: ‘Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини; бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини’‘.

Кога нејзините гревови ќе стигнат до небото? Кога Божјиот закон конечно ќе биде укинат од законодавците, очајната состојба на Божјиот народ ќе биде можност Бог да покаже кој е владетел на небото и земјата. Кога сатанската сила ќе ги придвижи силите од подземјето, Бог ќе му испрати светлина и сила на Својот народ, за веста на вистината да може да му се објави на целиот свет.“ (Signs of the Times, 12 јуни 1893) {МАР 179.4}