18 јуни — На празнувачите на саботата им е потребна мудрост

Мараната — Господ доаѓа
На празнувачите на саботата им е потребна мудрост
18 јуни
„Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби.“ (Матеј 10:16) {МАР 177.1}
„Кога практичниот живот на луѓето не доаѓа во судир со Божјиот закон, можете да се усогласите со нив. Ако работниците не постапат така, не само што ќе ја забават својата работа, туку ќе постават и камења на сопнување на патот на оние за кои работат и ќе им пречат да ја прифатат вистината. Неделата е добра можност кога мисионерите можат да држат неделна школа, да ги посетуваат луѓето и на што поненаметлив начин да им зборуваат за Исусовата љубов кон грешниците и да ги поучуваат од Светото писмо. … {МАР 177.2}
Денес празнувањето на неделата не е испит. Ќе дојде време кога луѓето не само што ќе забранат работа во недела, туку ќе се обидат да ги принудат другите да работат во сабота и да потпишат дека ќе ја празнуваат неделата, или ќе ги загубат слободата и животот. Но времето кога ова ќе се случува сè уште не дошло, зашто вистината мора поцелосно да им биде изнесена на луѓето како сведоштво. … {МАР 177.3}
Добив светлина дека Божјите слуги треба тивко да ја вршат работата, проповедајќи ги големите, драгоцени библиски вистини — Христос, и тоа распнатиот, Неговата љубов и неизмерната жртва — покажувајќи дека Христос умрел затоа што Божјиот закон е непроменлив и вечен. За саботата мораме јасно да поучуваме, но бидете внимателни како се однесувате кон незнабожечката недела. На мудриот му е доволен и еден збор. … {МАР 177.4}
Воздржувањето од работа во недела не значи примање на жигот на ѕверот. Кога таквото воздржување придонесува за напредокот на делото, треба да се применува. Не треба намерно да бараме повод да работиме во недела. … {МАР 177.5}
Кога оние што ја слушаат и гледаат светлината за саботата ќе застанат во одбрана на празнувањето на Божјиот свет ден, ќе се појават тешкотии. Против нив ќе бидат вложени напори и мажите и жените ќе бидат принудувани да го кршат Божјиот закон. Тогаш мораат да останат цврсти за да не го прекршат Божјиот закон. Ако противењето и прогонството одлучно продолжат, нека обрнат внимание на Христовите зборови: ’Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг‘.“ (Review and Herald, 6 април 1911) {МАР 177.6}
