17 јуни — Божјиот народ е обвинет за несреќите

Мараната — Господ доаѓа

Божјиот народ е обвинет за несреќите

17 јуни

„Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:12) {МАР 176.1}

„Додека човекот сè повеќе се оддалечува од Бога, на сатаната му е дозволено да има власт над непослушните деца. Тој предизвикува уништување меѓу луѓето. Се случуваат несреќи на морето и на копното. Имотот и животите ги уништуваат пожари и поплави.

Сатаната решава за ова да ги обвини оние што одбиваат да му се поклонат на идолот што го поставил. Неговите слуги посочуваат на адвентистите на седмиот ден како на причина за несреќите. ’Овие луѓе му се спротивставуваат на законот‘, велат тие. ’Тие ја обесветуваат неделата. Ако бидат принудени да го почитуваат законот за неделата, ќе престанат овие страшни судови.‘“ (Review and Herald, 16 јули 1901) {МАР 176.2}

„Ќе дојдат најстрашни и најмалку очекувани несреќи; овие пустошења ќе се нижат едно по друго. Ако луѓето ги послушаат опомените што Бог ги дал, а црквите се покаат и се вратат на својата верност, другите градови ќе бидат поштедени уште извесно време. Но ако оние што биле заведени продолжат по патот по кој оделе, не обѕирајќи се на Божјиот закон и изнесувајќи им заблуди на другите, Бог ќе дозволи врз нив да дојдат неволји за да се разбудат нивните сетила.“ (Evangelism, стр. 27) {МАР 176.3}

„Судовите ќе бидат соодветни на грешноста на народот и на познавањето на вистината што го имал. Ако ја имале вистината, и казната ќе биде во согласност со тоа знаење.“ (Manuscript 173, 1902) {МАР 176.4}

„Сатаната изнесува свое толкување на настаните и тие [водечките луѓе] мислат, како што сака тој, дека несреќите што ја пустошат земјата се последица од кршењето на неделата. Мислејќи дека ќе го смират Божјиот гнев, овие влијателни луѓе создаваат закони што принудуваат на празнување на неделата. Тие мислат дека со издигањето на овој лажен ден за одмор, на лажната сабота, Му служат на Бога. На оние што Го прославуваат Бога празнувајќи ја вистинската сабота се гледа како на луѓе што не Му се верни на Бога, а токму такви се оние што така ги оценуваат: самите се неверни, зашто ја газат со своите нозе саботата што потекнува уште од Едем.“ (Manuscript 85, 1899) {МАР 176.5}