12 февруари — Се осмелуваш ли да бидеш поинаков?

Мараната — Господ доаѓа

Се осмелуваш ли да бидеш поинаков?

12 февруари

„Но вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина;“ (1 Петрово 2:9) {МАР 51.1}

„Предупредувањето дека Синот Човечки наскоро ќе дојде обвиткан со небесните облаци за мнозина станало обична приказна. Престанале да чекаат и да бдеат. Себичниот, световен дух што се покажува во животот ги открива чувствата на срцето: ’Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘ … {МАР 51.2}

Во нашите денови постои истиот оној дух на себичност и прилагодување на световните практики како и во Ноевите денови. Мнозина, кои говорат дека се Божји деца, толку ревно се посветуваат на своите земни интереси што со тоа ја порекнуваат својата вера. Тие до последниот момент на своето време на проба (милост) ќе садат и градат, ќе купуваат и продаваат, ќе јадат и пијат, ќе се женат и ќе се мажат. Во таа состојба се наоѓа голем дел на нашиот народ. … {МАР 51.3}

Мојата душа е обременета кога ќе видам голем недостаток на духовност меѓу нас. Модата и обичаите од овој свет, гордоста, љубовта кон забавувањето, љубовта кон покажувањето, претерувањето во облекување, во куќите и имотите – сето ова ја краде Божјата ризница, бидејќи парите кои би требало да се искористат за светлината на вистината да се испрати во светот, луѓето ги употребуваат за задоволување на своите желби. … {МАР 51.4}

Децата на светлината и на денот не треба околу себе да ги собираат сенките на ноќта и на темнината која ги опкружува оние што вршат беззаконие. Напротив, тие мора верно да стојат на стражарското место, како оние кои носат светлина, собирајќи светлина од Бога и праќајќи ја на оние кои се во темнина. Господ бара од Својот народ да го одржува својот интегритет, да не се допира – т.е. да не ги имитира – постапките на безбожниците. {МАР 51.5}

Христијаните во овој свет ќе бидат ’свет народ, луѓе придобиени‘, покажувајќи ја пофалбата на Оној што ги повикал ’од темнина во Својата чудесна светлина‘. Оваа светлина не смее да слабее, туку мора да свети сѐ посилно и посилно, додека не стане целосна како ден. …

Потресната вистина која многу години одѕвонува во нашите уши: ’Господ е близу; бидете подготвени,‘ не е помалку вистинита денес отколку кога ја слушнавме првпат.“ (5. Сведоштво, стр. 9–14) {МАР 51.6}