11 февруари — Прашања за преиспитување

Мараната — Господ доаѓа

Прашања за преиспитување

11 февруари

„Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место? Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не си ја продава душата своја на лажни работи и не се заколнува лажно.“ (Псалми 24:3,4) {МАР 50.1}

„Душата соединета со Христа … ќе се бори против сите престапи и приближувања на гревот. Таа секој ден станува сè послична на јасна и блескава светлина и победува. Напредува од сила во сила, а не од слабост во слабост. {МАР 50.2}

Никој нека не ја мами својата душа во ова. Ако негувате гордост, самовозвишување, љубов кон висока положба, суета, несвети стремежи, мрморење, незадоволство, горчина, зли зборови, лажење, измама и клеветење, Христос не престојува во вашето срце. … Морате да имате цврст христијански карактер. … {МАР 50.3}

Мора да дојде до целосен пресврт кај оние што велат дека веруваат во вистината, инаку ќе паднат во денот на искушението. Божјиот народ мора да достигне високи мерила. Тој мора да биде свет народ, посебен народ, избран род — ревносен за добри дела. Христос не умрел за вас за да ги негувате страстите, вкусот и навиките на световните луѓе. … {МАР 50.4}

Никој не влегува низ портите на славата освен оној што го насочува своето срце таму. Затоа прашувам: Дали мислите ви се насочени кон земните работи? Чисти ли се вашите мисли? Ја дишете ли небесната атмосфера? Имате ли врз себе некаква нечистотија? … Сериозни ли сте и посветени, служејќи Му на Бога во чистотата и убавината на светоста? Искрено поставете си го прашањето: Божјо дете ли сум или не? … {МАР 50.5}

На сите наши цркви им е потребна темелна промена. Божјата преобразувачка сила мора да дојде во црквата. …

Не го одложувајте денот на подготовката. Не спијте неподготвени, без масло во своите светилки. … Не го оставајте ова прашање во погубна неизвесност. Искрено прашајте се: Дали сум меѓу спасените? Ќе издржам ли? Само оној што ги очистил своите раце и своето срце ќе опстане во тој ден.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 441–443) {МАР 50.6}

„Предност на секое Божјо дете е да биде вистински христијанин од миг во миг; тогаш целото Небо ќе застане на негова страна.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 440,441) {МАР 50.7}