10 февруари — Испитувајте го своето срце

Мараната — Господ доаѓа
Испитувајте го своето срце
10 февруари
„Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами проверувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни.“ (2 Коринтјаните 13:5) {МАР 49.1}
„Ништо не е поподмолно од измамливоста на гревот. Богот на овој свет измамува, заслепува и води во пропаст. Сатаната не настапува со сите свои искушенија одеднаш. Тој ги прикрива искушенијата со привид на добрина. … Кога измамените души ќе го направат првиот чекор, веќе се подготвени и за следниот. … О, со какво внимание сатаната набљудува колку лесно ќе ја загризаат неговата мамка, тргнувајќи токму по патеката што тој им ја подготвил! … {МАР 49.2}
Мора темелно да се испитуваме во светлината на Божјото слово. Дали моето срце е здраво или расипано? Дали сум обновен во Христос или срцето сè уште ми е телесно, а само однадвор носам нова облека? Застанете пред Божјиот суд и во Неговата светлина погледнете дали во вас има скриен грев, некое беззаконие или идол од кој не сте се откажале. Молете се … како никогаш досега, за сатанските орудија да не ве измамат и за да не им се предадете на непромисленоста, безгрижноста и суетата. … {МАР 49.3}
Еден од гревовите, кој воедно е знак на последното време, е што оние кои се нарекуваат христијани ги сакаат задоволствата повеќе од Бога. Искрено испитувајте ги своите души. Внимателно истражувајте. Колку малку луѓе по искрено испитување можат да погледнат кон небото и да кажат дека Го сакаат Бога повеќе од задоволствата! Колку малкумина можат да кажат дека се мртви за светот и дека, кога ќе се појави Оној што е нивниот живот, и тие ќе се појават со Него во слава! {МАР 49.4}
Каква Божја љубов и милост! Колку е драгоцена благодатта! Таа вреди повеќе од најчистото злато. Го воздигнува и го облагородува духот над сите други начела. Срцето и чувствата ги насочува кон небото. Додека луѓето околу нас можеби се зафатени со световна суета, со барање задоволства и со безумства, нашиот живот е на небесата, од каде што Го очекуваме Спасителот. Душата се издигнува кон Бога и бара мир и простување, праведност и вистинска светост. Разговорот со Бога и размислувањето за небесните нешта ја преобразуваат душата според Христовиот лик.“ (Messages to Young People, стр. 83–84) {МАР 49.5}
