9 февруари — Има ли тука идоли?

Мараната — Господ доаѓа

Има ли тука идоли?

9 февруари

„Чеда, пазете се од идолите. Амин!“ (1 Јованово 5:21) {МАР 48.1}

„Секое вистинско Божјо дете ќе биде решетано како пченица. Во тој процес мора да се жртвува секое задоволство што ги одвраќа мислите од Бога. Во многу семејства полиците над огништата, шкафовите и масите се полни со украси и слики. … Поради тоа мислите што треба да бидат насочени кон Бога и кон небесните нешта се свртуваат кон обични предмети. Зар тоа не е идолопоклонство? Зар парите потрошени така не би требало да послужат за благослов на луѓето, да го олеснат страдањето, да ги облечат голите и да ги нахранат гладните? Зар не би требало да се внесат во Господовата ризница за напредување на Неговото дело и за градење на Неговото небесно царство на Земјата? {МАР 48.2}

Ова прашање е многу важно. Ви се поставува за да се избавите од гревот на идолопоклонството. Вашите души ќе добијат благослов ако го послушате зборот на Светецот Израелов: ’Немој да имаш други богови освен Мене!‘ (Исход 20:3). Мнозина непотребно се грижат и се вознемируваат, посветувајќи им време и мисли на непотребните украси со кои ги полнат домовите. Потребна е Божјата сила за да ги ослободи, зашто сето тоа, по својата намера и цел, станало идолопоклонство. {МАР 48.3}

Оној што ги испитува срцата сака да го одвои Својот народ од секој вид идолопоклонство. Божјото слово, благословената книга на животот, нека заземе место на масите каде што сега стојат бескорисни украси. Трошете ги парите за книги што ќе го просветлуваат умот за вистината на сегашното време. … Држете се цврсто за Господовото слово како за ризница на бескрајна мудрост и љубов. Таа книга е водич што го покажува патот кон небото. … {МАР 48.4}

О, кога би го истражувале Светото писмо со молитвено срце и со дух предаден на Бога! Кога би ги испитале своите срца како со запалена светилка и би ја прекинале и најтенката нишка што ве врзува со световните навики кои го одвраќаат умот од Бога! Молете Го да ви покаже сè што ги оддалечува вашите мисли и чувства од Него. Бог му го дал на човекот Својот свет закон како мерило за карактерот. Тој закон ќе ви помогне да го согледате и да го победите секој недостаток во својот карактер. Можете да се одвоите од секој идол и со златниот синџир на благодатта и вистината да се поврзете со Божјиот престол.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 317–318) {МАР 48.5}