8 декември — Работа што донесува задоволство

Мараната — Господ доаѓа
Работа што донесува задоволство
8 декември
„А Исус им одговараше: ’Мојот Отец досега работи, и Јас работам.‘“ (Јован 5:17) {МАР 350.1}
„Небото е место на интересна дејност; за изнемоштените и обременетите кои се бореле во добрата борба на верата тоа ќе биде славен одмор, зашто ќе ги имаат младоста и силата на бесмртноста и повеќе нема да се борат против гревот и сатаната. За овие работници полни со сила состојбата на вечна неактивност би била заморна. Тоа за нив не би било Небо.“ (Совети за детето, стр. 354) {МАР 350.2}
„На жителите на Едем им била дадена задача да се грижат за градината. За Адам е кажано: ’да ја обработува и да ја чува‘. Нивната работа не била заморна, туку пријатна и освежувачка. Работата Бог ја определил за човекот, и таа за него претставува вистинска благодат: го занимава, му ги проникнува мислите, го засилува телото и ги развива способностите. Во духовната и во телесната работа Адам наоѓал едно од најголемите задоволства на својот свет живот. … Во голема заблуда се оние кои работата ја сметаат за проклетство, па макар таа да е заморна и тешка. Богатите често со презир ја гледаат работничката класа. Меѓутоа, таквото однесување е наполно спротивно на намерата што ја имал Бог кога го создал човекот. Што се имотите на најголемите богаташи во споредба со наследството дадено на возвишениот Адам? Па сепак, Адам не го поминувал животот во безделничење. Премудриот Творец, кој најдобро знае што ја зголемува среќата на човекот, му определил на Адама што треба да прави. Само работливите мажи и жени наоѓаат вистинска животна радост.“ (Патријарси и пророци, стр. 50) {МАР 350.3} {МАР 350.4}
„На Небото постојано се работи. Таму нема безделници. ’Мојот Отец досега работи, и Јас работам‘, рекол Христос. Не можеме да си замислуваме дека, кога конечно ќе победиме и ќе ги добиеме домовите приготвени за нас, времето ќе го поминуваме во безделничење и блажено одморање, не правејќи ништо.“ (Review and Herald, 17. мај 1898.) {МАР 350.5}
„Божјата намера е сите да бидат работници. Дури и домашните животни што како товарен добиток им служат на луѓето повеќе одговараат на целта на своето создавање отколку мрзливиот и немарен човек. И Самиот Бог непрестајно работи. Ангелите се исто така работници; како Божји слуги, непрестајно се залагаат за човечките синови. Оние што очекуваат Небо во кое нема да се работи ќе се разочараат, зашто во небесниот поредок нема место за мрзливост. Одмор и мир им се ветени само на уморните и натоварените. Само верниот и добар слуга, по својата работа, ќе биде повикан со добредојде во радоста на својот Господар.“ (Counsels to Parents, Teachers, and Students, стр. 280) {МАР 350.6}
