9 декември — Ново небо и нова земја

Мараната — Господ доаѓа

Ново небо и нова земја

9 декември

„И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат? Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда.“ (2 Петрово 3:11,12,13) {МАР 351.1}

„Стапалата на грешниците никогаш нема да ја обесчестат обновената Земја. Од Небото, од Бога, ќе слезе оган и ќе ги уништи — ќе изгорат и коренот и гранките. Сатаната е коренот, а неговите деца се гранките.“ (Рани списи, стр. 52) {МАР 351.2}

„Истиот оган што слезе од Бога и ги проголта непокајаните, истовремено ја очисти и целата Земја. Откинатите, распарчени карпи се стопија од силната жештина и се распаднаа, исто така и атмосферата, а сета стрнишка изгоре. Тогаш пред нас се појави нашето наследство, славно и прекрасно, и ја наследивме целата новосоздадена Земја.“ (Рани списи, стр. 54) {МАР 351.3}

„’И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина‘ (Откровение 21:1). Огнот кој ги уништува грешниците ја прочистува земјата. Секоја трага на проклетството е отстранета. Никаков вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот.“ (Големата борба, стр. 674) {МАР 351.4}

„Морето ги разделува пријателите. Тоа создава пречка меѓу нас и оние што ги сакаме. Широкиот, пространиот океан го спречува нашето дружење. На новата Земја повеќе нема да има море; ’таму нема да влезе ниедна лаѓа со весла‘. Во минатото мнозина што Го љубеле Бога и Му служеле биле со синџири приковани за своите седишта на галиите, принудени да им служат на намерите на свирепи и бездушни луѓе. Господ со љубов и со најдлабоко сожалување ги гледал нивните страдања. Фала Му на Бога што на обновената Земја нема да има ни диви порои, ни бездни на океани, ниту разбранувани, немирни бранови.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 988) {МАР 351.5}

„Сè што е убаво во нашиот земен дом нека нè потсетува на кристалната река и зелените полиња, на дрвјата што се нишаат, на живите извори, на блескавиот град и пејачите во бели облеки во нашиот небесен дом — на светот на убавина кој ниту еден уметник не може да го наслика, ниту еден смртен јазик да го опише. ’Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат‘.“ (Review and Herald, 11. јули 1882.) {МАР 351.6}