7 декември — Припаѓаме на царското семејство

Мараната — Господ доаѓа

Припаѓаме на царското семејство

7 декември

„Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е.“ (1 Јованово 3:2) {МАР 349.1}

„Има ли некоја земна титула или чест еднаква на оваа — да се биде Божји син, дете на небесниот Цар, член на царското семејство? … Земното благородништво го сочинуваат само луѓе. Тие умираат и се враќаат во правот. Нема трајно задоволство во пофалбите и почестите што ги добиваат. Но честа што доаѓа од Бога е вечна. Да се биде Божји наследник и сонаследник со Христа значи да се има право на неистражени богатства — богатства со толкава вредност, што во споредба со нив земното злато и сребро, бисерите и скапоцените камења исчезнуваат во својата безначајност.“ (Review and Herald, 10. јуни 1884.) {МАР 349.2}

„Да се биде во заедница со Таткото и Неговиот Син Исус Христос значи постојано да се издигнувате духовно и да бидете соучесници во неискажаните радости и во неминливата слава. Храната, облеката, положбата и богатството можат да имаат своја вредност, но најдрагоцена вредност е да се одржува заедница со Бога и да се биде соучесник во Неговата божествена природа. Нашиот живот треба да биде скриен со Христа во Бога, и тогаш иако ’уште не се покажа што ќе бидеме‘ – кога ќе се појави Христос Кој е наш живот, – ’ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е‘. Царското достоинство на христијанскиот карактер ќе блеска како сонце, а зраците на светлината од Христовото лице ќе се одразуваат јасно на оние кои ќе се очистат од гревовите и ќе бидат чисти како што е Тој. Предноста да станеме Божји синови е евтино платена, дури и ако поради тоа треба да жртвуваме сè што имаме, па и самиот живот.“ (4. Сведоштво, стр. 357) {МАР 349.3}

„Кога Јован во својата смртна состојба ја видел Божјата слава, паднал како мртов бидејќи не можел да ја поднесе таа сцена. Меѓутоа, кога Божјите деца ќе се облечат во бесмртност, за нив ќе се исполни ветувањето: ’ќе Го видиме каков што е‘ (1 Јованово 3:2). Тие ќе стојат пред престолот прифатени од Возљубениот. Сите нивни гревови ќе бидат простени, сите нивни престапи избришани. Тогаш ќе можат да ја гледаат сета слава на Божјиот престол. Тие учествувале со Христа во Неговите маки, соработувале со Него во планот за откупување и затоа со Него ќе ја делат радоста кога во Божјото царство ќе ги видат спасените кои таму ќе Го слават Бога низ целата вечност.“ (9. Сведоштво, стр. 285) {МАР 349.4}