25 декември — Вселената — наше поле на истражување

Мараната — Господ доаѓа

Вселената — наше поле на истражување

25 декември

„Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија.“ (Псалми 104:24) {МАР 367.1}

„Со стекнување на знаење за Божјите дела и Неговите патишта можеме да започнеме на овој свет; тоа проучување ќе продолжи низ бескрајните времиња на вечноста. Бог им дал за размислување на луѓето такви предмети кои ги активираат сите способности на умот. Карактерот на Творецот можеме да го читаме во Неговите дела и на небото и на земјата, така што нашето срце секогаш ќе биде исполнето со благодарност. Секој наш нерв и секое сетило треба да одговараат на изразите на Божјата љубов во Неговите чудесни дела.“ (4. Сведоштво, стр. 581) {МАР 367.2}

„Какво ли подрачје за истражување ќе се отвори пред нас кога ќе биде отстранет велот што сега го замрачува нашиот видик, кога нашите очи ќе го здогледаат светот на убавина кој сега само делумно го гледаме со микроскоп; кога ќе ја гледаме славата на небесата која сега оддалеку ја набљудуваме со телескоп; кога ќе биде отстрането злокобното влијание на гревот, кога врз целата Земја ќе се покаже ’благоволението на нашиот Господ Бог‘? Тогаш секој истражувач на науката ќе може да ги чита извештаите за создавањето и да не открие ништо што би го потсетило на законот на злото. Ќе може да ја слуша музиката на гласовите на природата и да не открие ниту една нота на тагување, ниту еден призвук на жалост; во сѐ што е создадено ќе може да следи само еден ракопис – во бесконечната вселена ќе го гледа Божјото име напишано со големи букви, а ниту на земјата, ниту во морето, ниту на небото нема да види ниту една заостаната трага од злото.“ (Воспитување, стр. 303) {МАР 367.3}

„Откупените ќе патуваат од планета на планета и голем дел од своето време ќе посветуваат на истражувањето на тајните на откупувањето. Низ бескрајната вечност оваа тема постојано ќе биде нов поттик за нивните истражувања. Предностите на оние што победуваат ’со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво‘ ја надминуваат моќта на нашето сегашно разбирање.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 990) {МАР 367.4}

„Божјите деца ќе можат да ги истражуваат сите сокровишта на вселената. Ние, со неискажано уживање, ќе учествуваме во радоста и мудроста на безгрешните суштества. На располагање ќе ни стојат богатствата стекнати во текот на многуте векови на размислување за делата на Божјите раце. А годините на вечноста, додека поминуваат, и понатаму ќе донесуваат сѐ пославни откровенија. ’изобилно сѐ што ќе побараме или помислиме‘ (Ефесјаните 3:20), ќе ни биде вечно дарувано како Божји дарови.“ (Воспитување, стр. 307) {МАР 367.5}