26 декември — Световите што ќе ги посетуваме

Мараната — Господ доаѓа

Световите што ќе ги посетуваме

26 декември

„Вака вели Господ, Светецот Израелов и неговиот Творец: ’Зар вие ќе Ме испрашувате за синовите Мои и ќе сакате ли да Ми се мешате во делото на рацете Мои? Јас ја создадов земјата и го создадов на неа човекот; Јас – Моите раце ги простреа небесата; и на сета нивна војска Јас им заповедам.‘“ (Исаија 45:11,12) {МАР 368.1}

„Мнозина мислат дека овој свет и небесните дворови ја сочинуваат вселената. Не е така.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 990) {МАР 368.2}

„Бог има светови и светови кои се послушни на Неговиот закон. Овие светови се управуваат во согласност со славата на Творецот. Кога жителите на тие светови ќе видат колкава откупнина е платена за човекот, се исполнуваат со восхит.“ (Review and Herald, 25. септември 1900.) {МАР 368.3}

„Господ ми овозможи да видам и други светови. Ми беа дадени крилја и еден ангел ме придружуваше од Градот до едно блескаво, величествено место. Тревата тука беше свежо зелена, додека птиците црцореа милна песна. Жителите на тоа место беа од сите големини; благородни, величествени и прекрасни. Во нивните црти во потполност се согледува Исусовиот лик, а лицата им зрачеа со света радост, која ја изразуваше слободата и среќата на тој свет. Запрашав еден од нив зошто се тие толку многу попрекрасни од жителите на земјата. Одговорот гласеше: ’Ние сме живееле во потполна послушност кон Божјите заповеди; не сме паднале во непокорност како оние на земјата‘. Потоа забележав две дрвја; едното изгледаше многу слично на дрвото на животот во Градот. Плодовите на обете дрвја изгледаа прекрасно; меѓутоа, од едно им беше забрането да јадат. Тогаш ангелот придружник ми рече: ’Никој од овдешните жители не вкусил од плодот од забранетото дрво; да вкусиле, и тие би паднале‘. Потоа бев пренесена на една планета којашто имаше седум месечини. Таму го видов добриот, стар Енох кој беше земен на небото преобразен. … Го прашав дали е тоа неговото постојано живеалиште откако се вознел од земјата. ’Не‘, одговори тој, ’Градот е моето живеалиште; овде дојдов само во посета‘. Сепак тој и тука толку слободно се движеше како да е во својот дом. Го замолив мојот ангел придружник да ми дозволи тука да останам. Не можев да ја поднесам помислата повторно да се вратам во овој мрачен свет. Но ангелот ми рече: ’Мораш да се вратиш и ако останеш верна, ќе имаш предимство заедно со 144.000-те да ги посетуваш сите светови и да ги набљудуваш делата на Божјите раце‘.“ (Рани списи, стр. 39,40) {МАР 368.4} {МАР 368.5} {МАР 368.6} {МАР 368.7}