24 декември — Неисцрпни теми

Мараната — Господ доаѓа
Неисцрпни теми
24 декември
„Тоа спасение го бараа и испитуваа пророците што прорекоа за вашата благодат. Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив; ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, туку за вас со она што ви се јави сега вам преку оние кои го проповедаа Евангелието од небото преку Светиот Дух, и во кое копнеат да ѕирнат ангелите.“ (1 Петрово 1:10,11,12) {МАР 366.1}
„Во овој живот можеме само да почнеме да ја сфаќаме прекрасната тема за откупот на нашиот род. Со нашиот ограничен ум можеме најискрено да размислуваме за срамот и славата, животот и смртта, праведноста и милоста што се сретнале на крстот, па сепак, ниту со најголемиот напор на нашите духовни сили не можеме да го сфатиме неговото целосно значење. Должината и ширината, височината и длабочината на спасоносната љубов, човекот може само донекаде да ги разбере. Планот на спасението нема да биде потполно сфатен дури ниту тогаш кога откупените ќе го видат неговото остварување со свои очи и кога ќе познаваат како што се познати; низ вечните времиња пред нивниот восхитен ум постојано ќе се откриваат нови вистини. И покрај тоа што земните грижи, страдања и искушенија се завршени и причината е отстранета, Божјиот народ секогаш ќе има јасна претстава за високата цена со која е платено нивното спасение. … {МАР 366.2}
Тајната на крстот ги објаснува сите други тајни. Во светлината која свети од Голгота, Божјите особини кои нè исполнуваат со страв и стравопочит изгледаат убави и привлечни. Милоста, нежноста и родителската љубов се соединуваат со светоста, со праведноста и со моќта. Додека го посматраме Величеството на Неговиот престол, висок и возвишен, го гледаме Неговиот карактер во Неговите милостиви постапки, и како никогаш порано, го сфаќаме значењето на она љубезно ословување: ’Оче наш!‘ {МАР 366.3}
Ќе се види дека Оној, кој е бесконечен во мудроста, не можел да смисли ниеден друг план за нашето спасение освен да го жртвува Својот Син. Награда за оваа жртва е радоста што земјата ќе ја населат откупени, свети, среќни и бесмртни суштества. Исходот на борбата на нашиот Спасител со силите на темнината е радоста на откупените која на Божја слава ќе продолжи низ сета вечност. Вредноста на само една човечка душа е толку голема, што Отецот е задоволен со цената што е платена, а и самиот Христос, гледајќи ги плодовите на Својата голема жртва, е задоволен.“ (Големата борба, стр. 651,652) {МАР 366.4}
„Низ целата вечност мноштвото откупени ќе биде Негова најголема слава.“ (The Spirit of Prophecy, том 3, стр. 261) {МАР 366.5}
