23 декември — Нашите истражувања во вековите што доаѓаат

Мараната — Господ доаѓа
Нашите истражувања во вековите што доаѓаат
23 декември
„За да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус.“ (Ефесјаните 2:7) {МАР 365.1}
„Науката за откупувањето е поголема од сите науки; наука што ја проучуваат ангелите и сите разумни суштества од непаднатите светови; наука што го привлекува вниманието на нашиот Господ и Спасител; наука што навлегува во намерата која го занимавала умот на Бесконечниот — ’која била замолкната од вечни времиња‘; наука што ќе биде предмет на проучување на Божјиот откупен народ низ бескрајните векови. Ова проучување, како ниту едно друго, ќе го зајакне умот и ќе ја издигне душата. … {МАР 365.2}
Откупувањето е тема во која и ангелите сакаат да вникнат. Тоа ќе биде тема за проучување и песна на откупените низ бескрајната вечност. Зар не е достојно за нашето внимателно проучување? … {МАР 365.3}
Проучувањето на Христовото воплотување, Неговата жртва за помирување и Неговото посредничко дело ќе го занимава умот на трудољубивиот ученик сè додека постои времето; и гледајќи кон Небото, чии години не можат да се избројат, ќе извика: ’голема е тајната на побожноста‘. {МАР 365.4}
Во вечноста ќе го разбереме она за кое просветлувањето добиено тука на Земјата ни го отвора разбирањето. Темите на откупувањето ќе ги занимаваат срцата, мислите и јазикот на откупените низ бескрајните векови. Тие ќе ги разберат вистините што Христос сакал да им ги открие на Своите ученици, но за кои тие немале вера за да ги прифатат. Постојано ќе се појавуваат нови видици на Христовото совршенство и слава. Низ бескрајните векови верниот Господар ќе изнесува од Своите ризници нови и стари богатства.“ (Мојот живот денес, стр. 360) {МАР 365.5}
„Кога тука би можеле да стигнеме до целосно разбирање на Бога и Неговата вистина, за нас не би имало потреба од натамошно откривање на вистината, поголемо знаење или натамошно усовршување. … Фала Му на Бога што не е така. Бидејќи Бог е бесконечен и во Него се сите ризници на мудроста, ќе можеме низ целата вечност да истражуваме и учиме, а сепак никогаш нема да го исцрпиме богатството на Неговата мудрост, добрина и сила.“ (Signs of the Times, 25. април 1906.) {МАР 365.6}
