21 декември — Училиштето во иднината

Мараната — Господ доаѓа

Училиштето во иднината

21 декември

„И чув висок глас од небото како зборува: ’Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог.‘“ (Откровение 21:3) {МАР 363.1}

„Помеѓу училиштето воспоставено во Едем во почетокот и училиштето во вечноста се протега целиот тек на историјата на овој свет – историја на човечки престапи и страдања, божествена жртва и победа над смртта и гревот. Училиштето во идниот живот нема да биде исто во сѐ како првото училиште во Едем. Никакво дрво за познавање на доброто и злото нема да дава можност за искушение. Таму нема никаков искушувач, никаква можност за зло. Секој карактер го издржал искушението со зло, и ниту еден не е веќе подложен на неговата моќ. …

Кога ќе биде вратен во Божјата близина, човекот, како и во почетокот, повторно ќе биде поучуван од Бога.“ (Воспитување, стр. 301,302) {МАР 363.2}

„Нашето животно дело тука е подготовка за вечниот живот. Образованието што сме го започнале овде нема да го завршиме во овој живот. Тоа ќе продолжи низ целата вечност — секогаш ќе напредува и никогаш нема да заврши.“ (Здравје и среќа, стр. 466) {МАР 363.3}

„Секое исправно начело и секоја вистина научени во земното училиште ќе нè унапредат за исто толку во небесното училиште. Како што Христос, одејќи и разговарајќи, ги поучувал Своите ученици за време на Својата мисија на Земјата, така ќе нè поучува и нас во небесното училиште; ќе нè води покрај реката на животот, откривајќи ни вистини што во овој живот мора да останат тајна поради ограниченоста на човечкиот ум осакатен од гревот.“ (Counsels to Parents, Teachers, and Students, стр. 208,209) {МАР 363.4}

„Историјата за постанокот на гревот; смртоносните измами во неговото изопачено делување; историјата на вистината која, … ја победила заблудата – сето тоа ќе биде објавено. Велот што бил ставен помеѓу видливиот и невидливиот свет ќе биде повлечен настрана и ќе му бидат дадени прекрасни откровенија.“ (Воспитување, стр. 304) {МАР 363.5}

„Секоја дарба ќе се развива, секоја способност ќе се зголемува. Учењето нема да го заморува умот ниту да ја исцрпува енергијата. Таму можат да се извршат најголемите потфати, да се постигнат највисоките стремежи, да се исполнат најпосакуваните желби, и сè уште ќе постојат нови цели да се постигнат, нови чуда за восхитување, нови вистини за разбирање, нови предмети да ги поттикнат на развој силите на умот, душата и телото.“ (Големата борба, стр. 677) {МАР 363.6}