20 декември — Најголемата чест на нашиот Спасител

Мараната — Господ доаѓа

Најголемата чест на нашиот Спасител

20 декември

„И ако некој го праша: а од што ти се раните на рацете твои? Тој ќе одговори: ’Раните ги добив од моите пријатели.‘“ (Захарија 13:6) {МАР 362.1}

„’И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина‘ (Откровение 21:1). Огнот кој ги уништува грешниците ја прочистува земјата. Секоја трага на проклетството е отстранета. Никаков вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот. … {МАР 362.2}

Останува само еден споменик: нашиот Откупител секогаш ќе ги носи лузните на Своето распетие. На Неговата ранета глава, на Неговите ребра, на рацете и нозете, се наоѓаат единствените траги на свирепото дело што го предизвикал гревот. Гледајќи го Христа во Неговата слава, пророкот кажува: ’Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила‘ (Авакум 3:4). Прободената страна на Христовото тело, од која течел црвен млаз кој го помирил човекот со Бога – ја претставува славата на Спасителот, таму е ’скривалиштето на Неговата сила‘. ’Силен‘ да спасува преку жртвата за откуп, Тој исто така ќе биде моќен и да им суди на оние кои ја презреле Божјата милост. Знаците на Неговото понижување за Него претставуваат најголема чест; низ целата вечност раните добиени на Голгота ќе ја истакнуваат Неговата слава и ќе ја објавуваат Неговата моќ.“ (Големата борба, стр. 674) {МАР 362.3}

„Христовиот крст ќе биде главен предмет на проучување и песна на откупените низ сета вечност. Во прославениот Христос, ќе го видат распнатиот Христос. Никогаш нема да заборават дека Оној, чијашто моќ ги создала и ги одржува безбројните светови во вселената, Божјиот возљубен Син, небесното Величество, Оној на кого херувимите и сјајните серафими во занес Му се поклонуваат – се понизил Себеси за да го подигне паднатиот човек; дека ги примил на Себе вината и срамот на гревот и доживеал лицето на Отецот да се скрие од Него сѐ додека болката поради еден изгубен свет не го скршила Неговото срце на крстот на Голгота. Сознанието дека Оној кој ги создал сите светови и кој е Судија на сите луѓе, ја напуштил Својата слава и се понизил од љубов кон човекот, секогаш ќе предизвикува чудење и восхит во вселената. Кога спасените ќе го видат својот Избавител и кога ќе ја забележат на Неговото лице вечната слава на Отецот; кога ќе го видат Неговиот престол кој е поставен од вечноста и кога ќе помислат дека Неговото царство нема да има крај, тие воодушевено ќе ја запеат песната: ’Достојно, достојно е Јагнето што е заклано и нè помири со Бога со Својата драгоцена крв!‘“ (Големата борба, стр. 651,652) {МАР 362.4}