17 декември — Неочекувана награда

Мараната — Господ доаѓа
Неочекувана награда
17 декември
„Знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господ според доброто, што го направил.“ (Ефесјаните 6:8) {МАР 359.1}
„Нашата работа за Бога во овој живот често изгледа речиси бесплодна. Нашите напори за добро можат да бидат сесрдни и истрајни, а сепак можеби нема да ни биде дозволено да ги видиме нивните резултати. Можеби ќе ни се чини дека тие напори се залудни. Но, Спасителот нè уверува дека нашата работа е забележана на небото и дека наградата нема да изостане.“ (6. Сведоштво, стр. 305) {МАР 359.2}
„Сиротата вдовица која дала две лепти во Господовата ризница малку знаела што направила со тоа. Нејзиниот пример на самопожртвување влијаел на илјадници срца во сите земји и сите векови. Тој донел во Божјата ризница дарови од мали и големи, богати и сиромашни. Тој придонел за одржување на мисии, основање на болници, хранење на гладни, облекување на голи, лекување на болни и проповедање на евангелието на сиромашните. Нејзиното несебично дело донело благослови на многумина. И неа на Божјиот ден ќе ѝ биде дозволено да го види дејството на сите тие добри дела. Тоа се однесува и на драгоцениот дар на Марија за Спасителот. Споменот на скршеното шише од алабастер поттикнал многумина на служба со љубов! Колку ќе се радува Марија кога ќе го види сето тоа!“ (6. Сведоштво, стр. 310) {МАР 359.3}
„’Вистина, ви велам‘, изјавил Христос, ’каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен‘. Гледајќи во иднината, Спасителот зборувал со сигурност за Своето евангелие. Тоа требало да се проповеда по целиот свет. Секаде каде што ќе се проповеда евангелието, дарот на Марија ќе го шири својот мирис и нејзината спонтана постапка ќе благослови многу срца. Царства ќе се создаваат и ќе пропаѓаат, имињата на владетелите и освојувачите ќе паѓаат во заборав, но делото на оваа жена ќе остане бесмртно на страниците на светата историја. Сè додека времето постои, скршениот алабастерски сад ќе ја раскажува приказната за огромната Божја љубов кон паднатиот човечки род.“ (Копнежот на вековите, стр. 563) {МАР 359.4}
„Секој поттик на Светиот Дух кој ги наведува луѓето на добро и ги приближува кон Бога се бележи во небесните книги, и на Божјиот ден ќе му се дозволи на секој кој бил орудие на Светиот Дух да види што е постигнато во неговиот живот.“ (6. Сведоштво, стр. 310) {МАР 359.5}
