16 декември — Победата на Црквата

Мараната — Господ доаѓа
Победата на Црквата
16 декември
„И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; и оние што го победија ѕверот и неговата биста, неговиот белег и бројот на неговото име, стоеја на тоа стаклено море и имаа харфи Божји.“ (Откровение 15:2) {МАР 358.1}
„Сега Црквата војува. Се судираме со светот на темнината, кој речиси целосно му се предал на идолопоклонството. Но доаѓа ден кога битката ќе биде извојувана и победата здобиена. Божјата волја ќе се исполнува на Земјата, како што се исполнува на Небото. Спасените народи нема да познаваат друг закон освен Небесниот. Сите ќе бидат едно среќно, обединето семејство, облечени во наметки на пофалба и благодарност – облека на Христовата праведност. Целата природа, во својата ненадминлива убавина ќе му оддава на Бога пофалба и обожување. Светот ќе се капе во Небесна светлина. Месечевата светлина ќе биде како онаа на сонцето, а сончевата светлина ќе биде седум пати посилна од сегашната. Годините ќе поминуваат во задоволство. Над оваа сцена, утринските ѕвезди заедно ќе пеат, а Божјите синови ќе воскликнуваат од радост, додека Бог и Христос заедно објавуваат: ’Нема да има веќе грев, ниту пак ќе има смрт‘. … {МАР 358.2}
Застанете на прагот на вечноста и слушнете го прекрасното добредојде упатено до оние што во овој живот соработувале со Христа и страдањето за Него го сметале за предимство и чест. Заедно со ангелите, тие ги положуваат своите круни пред нозете на Откупителот, воскликнувајќи: ’Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов! … На Оној Кој седи на престолот, и на Јагнето – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!‘. (Откровение 5:12,13) {МАР 358.3}
Таму откупените ги поздравуваат оние, кои ги упатиле кон вознесениот Спасител. Тие заедно го слават Оној, Кој умрел, за да можат човечките суштества да имаат живот, кој според должината може да се спореди со Божјиот живот. Борбата е завршена. Сите маки и судири се зад нив. Песни на победа го исполнуваат целото Небо, додека откупените стојат околу Божјиот престол. Сите со радост пеат: ’Достојно е Јагнето што беше заклано‘ и нè откупи за Бога.“ (Здравје и среќа, стр. 504–507) {МАР 358.4}
