3 август — Карактерот — особина на душата

Мараната — Господ доаѓа
Карактерот — особина на душата
3 август
„А за корал и бисер нема што ни да се спомнува, зашто здобивање со мудрост чини повеќе од скапоцен камен.“ (Јов 28:18) {МАР 223.1}
„Карактерот, обликуван според божествениот лик е единственото богатство што ќе можеме да го понесеме од овој свет на небото. Сите кои во овој свет биле во Христовата школа, ќе ги понесат сите свои духовни достигнувања во своите небесни станови. Но и на небото ќе продолжат да се усовршуваат…. {МАР 223.2}
Умствената способност и генијалноста не претставуваат карактер, затоа што нив честопати ги поседуваат оние кои поседуваат карактер спротивен на добриот. Репутацијата исто така не е карактер. Вистинскиот карактер е квалитет на душата што се открива преку однесувањето. {МАР 223.3}
Добриот карактер е капитал со многу поголема вредност од златото или среброто. На него не влијаат паниките на берзата и падовите. Во денот кога земните добра ќе бидат збришани, тој ќе донесе богата добивка. Чистотата, цврстината и постојаноста се особини што секој треба сериозно да ги бара и негува. Тие му даваат на оној што ги поседува неодолива сила — сила што го прави моќен да прави добро, решителен да му се спротивстави на злото и силен да ги поднесе неволјите. {МАР 223.4}
Силата на карактерот се состои од две работи: силата на волјата и силата на самоконтрола. Многу млади мислат погрешно дека неконтролираните страсти ја составуваат силата на карактерот; меѓутоа, вистината е дека оној со кого господарат неговите страсти е вистински слабак. Вистинската големина и благородност на еден човек се мерат според силата на чувствата кои тој може да ги совлада, а не според силата на чувствата кои него го совладуваат. Најсилен е оној човек, кој иако е чувствителен на неправда, може да се совлада себеси и да им прости на своите непријатели. {МАР 223.5}
Кога би се сметало како исто толку важно младите да поседуваат прекрасен карактер и наклонетост кон љубезност како што се смета дека е важно имитирањето на модата на светот во облеката и однесувањето, денес, наместо еден, би виделе стотици млади што стапуваат во активен живот, подготвени да вршат благородно влијание врз општеството.“ (Совети за детето, стр. 161,162) {МАР 223.6}
