1 август — „Во ова време на проба“

Мараната — Господ доаѓа
„Во ова време на проба“
1 август
„Зашто се вели: ’Во благопријатно време те услишав и во денот на спасението ти помогнав.‘ Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2 Коринтјаните 6:2) {МАР 221.1}
„Ние веруваме без никакво сомнение дека Исус наскоро ќе дојде. Тоа за нас не е бајка, тоа е реалност. Ние не се сомневаме, ниту сме се сомневале, дека науката која денес ја исповедаме е сегашна вистина и дека ние се ближиме кон страшниот суд. Ние се подготвуваме да го дочекаме Оној Кој во придружба на светите ангели ќе се појави на небесните облаци за да им подари бесмртност на праведните и верните. Кога ќе дојде, Тој нема да нè чисти од гревот, да ги отстранува недостатоците на нашиот карактер ниту ќе нè лекува од нашите слабости и склоности. Ако воопшто тоа дело се изврши за нас, тоа ќе биде завршено пред тоа. Кога Господ ќе дојде, оние кои се свети ќе останат свети. Оние кои го сочувале своето тело и својот дух во светост, ќе добијат бесмртност. Но оние кои се неправедни, непосветени и валкани, ќе останат такви засекогаш. Тогаш за нив нема да се изврши никакво дело за да се отстранат нивните недостатоци и да добијат свет карактер. Пречистувачот нема тогаш да го продолжи Своето дело на прочистување и да ги отстранува нивните гревови и расипаност. Сето тоа треба да се изврши во овие часови на проба. Сега тоа дело мора да се изврши за нас. {МАР 221.2}
Ние ја прифаќаме Божјата вистина такви какви што сме, со различни особини и кога ќе паднеме под влијание на таа вистина, таа за нас ќе го изврши делото кое е потребно за морално да се подготвиме за царството на славата и друштвото на светите ангели. Ние сега се наоѓаме во Божјата работилница. Многумина меѓу нас се груби камења од каменолом. Меѓутоа, кога ќе ја прифатиме вистината, таа влијае на нас. Таа нè издигнува и ја отстранува од нас секоја несовршеност и грев, какви и да се. Така ќе се подготвиме да го здогледаме Царот во сета Негова убавина и конечно да се обединиме со чистите и небесни ангели во царството на славата. Овде тоа дело мора да се изврши за нас; овде нашето тело и дух мораат да се подготват за бесмртност.“ (2. Сведоштво, стр. 355,356) {МАР 221.3}
